Доброволно пензиско или животно осигурување, што да одбереш?

Македонскиот јазик изобилува со голем број на зборови кои имаат засебно значење и нема потреба од користење на еден ист збор за две различни намени. Па така, во економијата и финансиите користиме зборови кои самите го опишуваат финансискиот производ, состојба, настан…

Сепак, два финансиски производи во најголем дел од случаите се погрешно перцепирани од јавноста, односно погрешно е перцепирана нивната намена и значење, иако нивното име јасно ги опишува. Секако треба да се напомене дека перцепцијата кај јавноста ја прават лицата кои работат со тие финансиски производи, ги претставуваат и продаваат, па таа забуна (намерна или ненамерна) најчесто доаѓа од самите продавачи на производите. Финансиските прозводи за кои станува збор се доброволно пензиско и животно осигурување.

Овој блог пост е започнат на овој начин со цел уште од почеток да сфатиме дека во името на финансискиот производ стои и неговата намена, односно може веднаш да кажеме дека животно осигурување е осигурување на живот, а  доброволно пензиско осигурување е осигурување за пензија. Доколку животното осигурување беше осигурување за пензија, тогаш ќе се викаше пензиско, и обратно.

Во продолжение во кратки црти ќе бидат објаснети двата производи со цел најлесно да се препознаат разликите и бенефициите на двата финансиски производи.

Доброволно пензиско осигурување:

  • Цели да ја поддржи финансиската сигурност во пензионерските денови, односно претставува дополнителен пензиски доход;
  • Секој член има своја индивидуална сметка на која се штедат средства додека работи и уплаќа, односно штеди, а увидот во истите е постојано овозможен;
  • Средствата на индивидуалната сметка на членовите се инвестираат и оплодуваат во периодот на членување, а оплодување продолжува и по започнување на исплатата;
  • Помага за поддршка на животниот стандард и по пензионирањето (научните студии докажаа дека по пензионирање, животниот стандард на човекот се намалува поради намалените приходи);
  • Средствата на индивидуалните сметки во доброволните пензиски фондови се во сопственост на членовите, а не во сопственост на друштвото. Истите се целосно наследни согласно Законот за наследство и не постојат услови кои треба да се исполнат за да се овозможи наследството на средствата.

Животно осигурување:

  • Обезбедува износ на пари (death benefit) за одредени бенефициери (корисници) кои најчесто се членовите во фамилијата, по смртта на осигуреното лице, во случај на негова смрт во осигурениот период;
  • Нуди финансиска заштита на семејството или лицата кои се финансиски зависни од осигуреникот;
  • Се фокусира на финансиска заштита на блиските и саканите во случај на смрт на осигуреникот во периодот на важење на полисата;
  • Нуди поврат на уплатените средства (со или без принос во зависност од продуктот) при доживување по истекот на договорениот период на полисата.

Клучни разлики:

  • Животно осигурувањето се фокусира на обезбедување на финансиска заштита на бенефициерите (корисниците) по смртта на осигурениот доколку дојде до неа во периодот кој го покрива осигурвањето, додека доброволното пензиско осигурување цели да креира  дополнителен прилив на приходи за време на пензија.
  • Пензиското осигурување има изразита штедна компонента и оплодување на средствата со цел одржување на куповната моќ на парите, додека пак ризико-факторот кај животното осигурување ги намалува вкупно вложените средства на осигуреникот (колку постар е осигуреникот, толку ризикот за настанување на смрт е поголем и претставува ризик за друштвото за животно осигурување), со што осигуреникот има помала куповна моќ, а ист или сличен износ на расположливи средства по истек на осигурениот период, поради ефектот на инфлацијата низ годините на осигурување.

Може да заклучиме дека иако различни, сепак животно осигурување и доброволно пензиско осигурување играат клучни улоги во обезбедувањето на финансиската иднина. Разбирањето на овие разлики може да помогне во носење на правилна одлука за долгорочно финансиско планирање за секого. Тоа значи дека при одлучување во кој од овие два финансиски продукти да се вложува, клучен аргумент е целта на вложувањето. Дали целта е дополнителен извор на приходи кога веќе не сме дел од работната сила, или целта е да се обезбеди семејството, односно лицето кое е финансиски зависно од носителот на полисата,  во случај на смрт во осигурениот период. . Оттука, во многу случаи оптимална е одлукта да се избере добар сооднос во инвестирање помеѓу пензиско осигурување и осигурување на живот.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.