Risk management лекции од случајот Silicon Valley Bank

Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.

Што се случи?

Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.

Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.

Промени во монетарната политика на ФЕД

Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:

  1. На пасивата преку зголемен одлив на депозити – од една страна повисоките приноси ги направија обврзниците поатрактивна инвестиција во споредба со депозитите, од друга страна повисоките трошоци за финансирање и прибирање капитал ги принудија дел од компаниите своите финансиски потреби да ги задоволат со користење на своите средства депонирани во банките, дополнително придодавајќи кон притисокот на депозитната база.
  2. На активата преку намалување на вредноста на обврзниците во кои банките имаат вложувања –  имено растот на приносите значи пад на цените на обврзниците и интензивното затегнување на монетарната политика што се случи во текот на 2022 година предизвика значајна корекција на обврзничките пазари.

Банкарска навала

Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.

Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.

Регулаторен одговор

Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.

Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.

(Не)соодветното управување со ризиците

Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.

Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.

Во случајот со СВБ на површина излегоа некои значителни грешки во управувањето со ризиците. Еве неколку risk management лекции од овој случај:

  1. Важноста на проценувањето на ефектите и исходите при различни сцеанрија – кај СВБ е евидентно не земањето предвид на ефектот од промените на каматните стапки врз билансите при донесувањето одлуки од страна на менаџментот;
  2. Важноста на диверзификацијата – СВБ се одликувала со висок концентрациски ризик на депозитната база, односно обврските на банката биле доминантно кон технолошки и биотехнолошки компании, помеѓу кои голем дел стартап компании со сметки во износ кој ги надминува гарантираните 250.000 американски долари од американскиот фонд за заштита на депозитите;
  3. Важноста на употребата на инструменти за заштита – СВБ имала значително намалување на употребата на дериватни инструменти за заштита од каматен ризик во текот на 2022 година – банката ја намалила употребата на каматни свопови во очекување за промени во монетарната политика до крајот на 2022 година;
  4. Важноста на соодветната проценка на ликвидносните потреби – СВБ имала лоша проценка на потребите за ликвидност и класифицирала голем дел од инструментите како инструменти кои се чуваат до доспевање;
  5. Важноста на одржувањето на висока доверба кај клиентите – Кај СВБ се случи материјализирање на репутацискиот ризик на банката кое заврши со банкарска навала.

Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.

Враќање на довербата

Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.

Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.

Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.