Три начини да процените колку вашите колеги ви веруваат

Доверба – именка од женски род што значи верба, сигурност, увереност во искреноста, чесноста, добронамерноста и  способностите на некого.

Но, како да ја изградиме или стекнеме довербата? Дали, само ако работам многу колегите ќе имаат доверба во мене? Дали почитувањето е еднакво на довербата? Ова се само дел од многуте прашања кои една личност може да си ги постави сам на себе во потрага по вистинскиот одговор.

На почетокот да разграничиме дека, да имаш доверба во некој или да почитуваш некого се два различни поими. Кога станува збор за компанија, вработените најчесто ги почитуваат своите колеги и претпоставени. Почитувањето на тимот не секогаш резултира со доверба во реалниот деловен свет. Луѓето во своите компании меѓусебно се почитуваат и спроведувајќи ги редовните работни задачи ги остваруваат зацртаните цели на таа компанија.

Кога станува збор за довербата, тука веќе зборуваме за нешто што е поголемо и поинтимно. Како да дојдеме до моментот, колегите да ни веруваат во процесот на работење?

Прво, насила не се постигнува ништо. Довербата е процес кој трае, се гради и се стекнува.

Ако сте на висока позиција во една компанија дали некогаш сте си го поставиле прашањето: Дали и колку моите колеги ми веруваат? Одговорот ќе го добиете на едноставен начин. Земете лист хартија и запишете ги имињата на сите на кои во изминатиот месец им подадовте „рака за помош“, им кажавте убав збор, им бевте поддршка во процесот на реализација на активностите. Потрудете се да се присетите на сите добри работи кои ги направивте за нив.

Ако кругот на колеги кои се наоѓаат на оваа листа е разновиден и е долг, тогаш можете да бидете спокојни бидејќи колегите ја имаат вашата доверба. Но, ако листата на имиња е кратка и ако во нив се повторуваат имиња на најблиски соработници или колеги од вашиот сектор, тогаш можеби е време да почнете да работите на себе. Вас колегите ве почитуваат поради позицијата што ја имате во моментот, но за жал поголемиот дел не ви верува.

Исто е и со оние што немаат висока работна позиција во компанијата. И најчесто луѓето што не се обременети со функцијата раководител, директор, член на Управен одбор, имаат поголема доверба кај своите колеги.

Вториот начин за да го проверите ова е тимската работа. Разгледајте еден ваш работен ден и направете анализа на работните задачи. Колку активности сте делегирале или префрлиле на вашиот колега, а колку сте ги сработиле заедно? Дали во текот на денот му понудивте помош на колегата во некој дел од неговата работа или дополнително му префрливте уште задачи?

Луѓето што се свесни за кратките рокови, обемот на работа и интензитетот да се заврши еден процес, секогаш ќе имаат поголема доверба кај своите колеги, бидејќи тие се подготвени да пружат помош, подготвени се „да му се најдат“ на својот колега кога има краток рок или поголем обем на работа.

И третиот начин е самокритичноста. Доколку сте свесни за одредени пропусти во тековното работење ваше  или на секторот (ако сте на позиција) и имате доблест да ја признаете грешката, а да не барате виновник во некој друг, тогаш со сигурност вашите колеги ќе чувствуваат дека вие сте личноста со која сакаат да работат и на која можат да и веруваат.

Животот е релативно краток период во кој луѓето како социјални битија треба да бидат насочени кон градење на искрени, отворени и стабилни врски со своите колеги. Затоа, опуштете се од притисокот кој понекогаш самите си го наметнувате. Бидете природни и бидете искрени со сите. Градете позитивен имиџ што ќе биде потврден од вашите колеги, затоа што сè што е вештачко и наметнато брзо излегува на површина. Искрениот однос заснован на меѓусебна почит и доверба помеѓу колегите може значајно да придонесе за работниот амбиент зголемувајќи го задоволството на сите и поттикнувајќи ја продуктивноста и ефикасноста во работењето.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.