Зошто е потребно добро да ги разбираме обврзниците?

Дали знаевте дека постои пазар вреден повеќе од 1 трилион долари кој повеќе или помалку влијае на вашата хипотека, вашата работа, вашите инвестиции, па дури и на цената на криптовалутите? Многу луѓе не знаат како функционира овој пазар или дури што претставува. И не, тоа не е берзата. Не е ни пазарот на криптовалути. Тоа е пазарот на обврзници, и тој е најважниот дел од глобалниот финансиски систем.

Па, што е обврзница? Замислете вака. Започнувате бизнис. Имате одлична бизнис идеја, совршен бизнис план. Имате енергија и страст, но немате пари за да започнете. Што правите? Позајмувате од некој што има пари и му ветувате дека не само што ќе му ги вратите, туку и дека ќе му платите малку повеќе. Тоа „малку повеќе“ се нарекува камата, а каналот кој ги поврзува двете страни најчесто се банките. Луѓето и бизнисите често позајмуваат пари. Но, како и луѓето и компаниите, така и владите позајмуваат пари. Кога некоја влада сака да позајми пари, таа тоа го прави преку издавање обврзници. Тоа ги прави позајмувачи или издавачи на обврзници, а инвеститорот е заемодавачот.

Владите секогаш трошат пари на разни работи, од инфраструктура до војска, до здравство. Но државното трошење има и секундарна корист,  односно ја стимулира економијата преку создавање работни места и зголемување на продуктивноста на граѓаните и бизнисите, бидејќи продуктивните граѓани и бизниси создаваат даночни приходи. Најголемиот дел од приходите на владата доаѓаат од даноци и придонеси, но владите обично трошат многу повеќе отколку што собираат во приходи. Разликата помеѓу тоа што трошат и што собираат се нарекува буџетски дефицит. Секоја година кога владата троши повеќе отколку што собира, го зголемува вкупниот државен долг, кој претставува вкупен износ што владата го должи од сите нејзини минати задолжувања.

(Извор: Веб страна на Министерство за финансии https://finance.gov.mk/mk-MK/oblasti/javen-dolg)

Во графиконот е прикажан државниот и јавниот долг на нашата држава. Во вториот квартал од 2025 година, вкупниот државен долг на Република Северна Македонија изнесува 8.5 милијарди евра. Од друга страна пак, вкупниот државен долг на САД изнесува неверојатни 36.7 трилиони долари. Па, од каде доаѓаат тие дополнителни пари?

Владата ги позајмува тие пари од јавноста преку издавање обврзници. Кога Владата има потреба од пари, Министерството за финансии организира аукција, продавајќи обврзници на инвеститори од домашниот и странскиот пазар. Овие обврзници обично ги купуваат пензиски фондови (провери портфолио на Сава пензиски фонд и Сава пензија плус), банки, осигурителни компании, па дури и странски влади. Инвеститорите купуваат обврзници затоа што државните обврзници се сметаат за едни од најбезбедните  финансиски и нефинансиски инвестиции. Зошто е тоа така? Бидејќи, ако Македонија, Обединетото Кралство, а особено САД, некогаш не ги вратат своите долгови, што значи дека би банкротирале и не би можеле да ги отплатат, тоа хипотетички би можело да биде крах системот во кој живееме и дејствуваме.

Што значат поимите поврзани со обврзниците? Главнина (principal) значи износот што се инвестира или позајмува. Купон е каматата или процентот што ќе го добиете на таа обврзница годишно. Рок на достасување (maturity) означува кога заемиот истекува или колку време треба да помине до враќање на парите на инвеститорот. А принос (yield) е добивката (профитот) што инвеститорот ја добива од обврзницата. Последниот поим односно приносот е значаен показател за економскиот циклус и овој аспект ќе биде објаснет во друг текст кој наскоро ќе биде објавен.

Приносот се разликува од купонот затоа што цената на обврзницата може да се промени, што влијае на реалниот профит од купувањето на обврзница. Цената на обврзницата може да варира, но купонот или процентот секогаш остануваат исти. Затоа приносот може да се менува во зависност од цената на обврзницата, која постојано се менува. Ако цената на обврзницата падне, приносот расте, а ако цената расте, приносот паѓа. Може да заклучиме дека цената на обврзницата и приносот (price and yield) се обратнопропорционални, односно се движат обратно.

Па како се определуваат цените на обврзниците? Владата ги продава обврзниците на аукции според утврден распоред, неделно или месечно, зависно од рокот на достасување, и приносот на аукцијата зависи од тоа колку побарувачка има за тие обврзници. Ова се нарекува примарен пазар. Кога новите државни обврзници се продаваат на примарниот пазар, приносот по кој се продаваат станува референтен. Инвеститорите на секундарниот пазар потоа ја користат таа цена за да ја преоценат вредноста на сличните обврзници што веќе се во оптек.

Инвеститорите постојано купуваат и продаваат обврзници на секундарниот пазар врз основа на тоа што мислат дека ќе се случува со каматните стапки, дали ќе растат или ќе паѓаат, дали економијата ќе се забрза или забави, дали инфлацијата ќе расте или ќе опаѓа. Овие прашања го одредуваат приносот што за нив како инвеститори е прифатлив. Тоа значи дека пазарните каматни стапки се всушност приносот што глобалните инвеститори во обврзници го бараат во тој момент. Сето тоа се заснова на нивните очекувања за иднината. Ако пазарните камати се зголемат, тоа значи дека и трошоците за задолжување на владата растат. Тоа значи и дека каматата што владата мора да ја плати на својот долг расте.

Буџетските дефицити до одредена граница се добра финансиска одлука на владите низ светот, се додека нивото на државен долг е на одржливо ниво и не ја премина границата на ризик од солвентност. Владите низ светот, а особено владата на САД која има особено голем државен долг и е добар пример за објаснување на ефектот на каматната стапка на обврзниците, за да може да ги плати јавните услуги и истовремено да го отплаќа долгот и каматите, зема сѐ повеќе заеми. Па како сето ова влијае на берзата? Како што спомнав претходно, обврзниците се многу безбедна инвестиција бидејќи, освен ако владата на САД не банкротира, мора да ви го врати вложеното со камата. Акциите, од друга страна, се поризични. Акција претставува мал дел од сопственост во компанија. Ако цената на акцијата падне поради било која причина, и вашата инвестиција ќе падне со неа. Ако инвеститорот има избор меѓу обврзница со камата од 5%, која е загарантирана, и акција со иста вредност, која е многу поризична, попаметно и побезбедно е да ја избере обврзницата. Таа каматна стапка за државните обврзници се нарекува безризична стапка. Разликата помеѓу очекуваниот принос од берзата (акциите) и каматата на државните обврзници се нарекува премија за ризик на капитал (equity risk premium или ERP). Кога приносите на обврзниците растат, таа премија се намалува и инвеститорите почнуваат да продаваат акции кои стануваат помалку атрактивни од обврзниците. Сличен концепт постои и во самиот пазар на обврзници.

Пазарот на обврзници не е само огледало на економијата, тој исто така ја обликува, бидејќи кога каматните стапки растат, целата економија забавува.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.