
„Доброволното пензиско штедење е дел од пензијата“. Да, тоа е насловот на овој блог текст, но и вистина која треба да ја разбереме, а потоа и да ја прифатиме. Затоа, во продолжение на кратко ќе ви објаснам што мислам со овој исказ и зошто сметам дека е круцијално секој од нас да разбере дека доброволното пензиско штедење не е обврска, туку е потреба.
Во современите пензиски системи ширум светот, сè појасно станува дека задолжителното пензиско осигурување само по себе не е доволно за одржување на животниот стандард по пензионирањето. Демографските промени, подолгиот животен век и економските предизвици создаваат потреба од дополнителна финансиска сигурност во третата доба од животот. Токму затоа, доброволното пензиско штедење денес не претставува „дополнителна опција“, туку сè повеќе станува составен дел од пензијата, односно се повеќе луѓе делот не прават разлика меѓу пензијата од задолжителните фондови и пензијата од доброволните пензиски фондови, туку ги перцепираат како едно.
Што значи задржување на животниот стандард по пензионирање?
Задржувањето на животниот стандард по пензионирање е „водилка“ за многу компании и поединци низ светот, а тоа значи зголемување на заменската стапка помеѓу последната плата и првата пензија. Тоа би значело, доколку вашата последна плата била 60.000 денари, вашата пензија да биде на што поблиску ниво до тоа, што во примерот ако речеме дека пензијата е 54.000 денари, тогаш заменската стапка е 90%.
Сепак, статистиката вели поинаку. Стапките на замена во многу европски земји се движат помеѓу 50% и 60% од последната плата, што значи дека пензионерот добива значително помалку отколку кога активно работел, а со тоа и се намалува животниот стандард на пензионерот.
Со формирањето на тростолбен пензиски систем, луѓето и економиите низ светот започнаа да гледаат во едноставно решение на оваа разлика во приходите, а тоа е доброволното пензиско осигурување. На тој пат чекориме и ние, а во овој текст на кратко ќе разгледаме како различни економии низ светот направиле „култура на штедење за пензија“ и каков пристап имаат индивидуите и фирмите кои се дел од тие економии.
Доброволното пензиско штедење низ светот
Во САД, државната пензија (Social Security) најчесто не е доволна за одржување на истиот животен стандард по пензионирањето. Поради тоа, најголем дел од работниците штедат преку 401(k) пензиски планови, каде што вработените издвојуваат дел од платата, а многу компании дополнително уплаќаат средства („employer match“). Овој модел создава лична долгорочна заштеда и е еден од главните извори на приходи во пензија.
Во Велика Британија, компаниите имаат законска обврска автоматски да ги вклучат вработените во доброволни пензиски шеми („auto-enrolment“). И вработениот и работодавачот уплаќаат придонеси во приватни пензиски фондови, со што се создава дополнителна пензија покрај државната.
Германија веќе со години го развива корпоративното пензиско осигурување преку моделот „Betriebliche Altersvorsorge“ (bAV), каде компаниите обезбедуваат дополнителни пензиски придонеси за своите вработени. Овој систем е поддржан и со даночни олеснувања, со цел да се стимулира долгорочното штедење.
Во Скандинавија културата на пензиско штедење е на многу повисоко ниво. Покрај државните пензии, професионалните и приватните пензиски шеми се широко распространети и често автоматски вклучени преку работодавачите. Ова резултира со систем во кој дополнителното штедење е стандард, а не исклучок, и значително придонесува за повисока финансиска сигурност во пензија.
Во регионот, Бугарија е еден од подобрите примери за развиено доброволно пензиско осигурување. Според размената на искуства со бугарските пензиски друштва, голем број компании, особено меѓународни и приватни корпорации, редовно уплаќаат доброволни придонеси во приватни пензиски фондови за своите вработени. Со тоа може да увидеме дека одговорноста за кревање на свесноста кај народот, како и грижата за повисоки приходи во пензија и задржување на животниот стандард ја превземаат компаниите.
Сите овие примери покажуваат една заедничка реалност: доброволното пензиско штедење повеќе не е луксуз, туку неопходен дел од современиот пензиски систем. Компаниите кои денес инвестираат во доброволното пензиско осигурување на своите вработени, всушност инвестираат во нивната лојалност, мотивација и долгорочна благосостојба. За вработените, пак, тоа значи поголема финансиска сигурност, независност и можност да го задржат квалитетот на живот и по завршувањето на кариерата. Колку порано започне доброволното штедење, толку е поголем потенцијалот за акумулација на средства и создавање стабилна финансиска иднина.
Каква е состојбата во Македонија?
Во Македонија тековно има регистрирани 4.297 пензиски шеми кои вкупно имаат 17.029 членови. Тоа значи дека свеснота кај овие компании/здруженија е веќе развиена, а нови компании полека, но сигурно го следат овој пример. Организирањето на професионалните пензиски шеми е доста либерален и едноставен процес каде компанијата која ја организира професионалната пензиска шема одлучува за кого ќе уплаќа, колкав износ и колку често. Притоа, средствата на професионалните индивидуални сметки припаѓаат на вработените (членовите), што значи дека и по заминување од таа компанија, средствата остануваат во сопственост на членот. Покрај тоа, уплатите направени во календарската година, по вработен во висина до две просечни бруто плати се признат трошок при пресметка на данокот на добивка.
Сите овие факти и примери низ светот ни докажуваат дека пензијата денес не треба да се гледа само како обврска на државата. Таа сè повеќе станува комбинација од задолжително и доброволно обезбедување средства за иднината. Затоа, доброволното пензиско штедење не е дополнување на пензијата, тоа е дел од пензијата.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.