Во време кога вториот пензиски столб е предмет на бројни дебати, вреди да погледнеме што навистина значат бројките и каква вредност создава личната пензиска заштеда за секој член.

Многу дебати, а малку објаснувања
Во изминатиот период сè почесто се отвoраат прашања за улогата на вториот пензиски столб, неговите приноси и оправданоста на пензиската реформа. Речиси секојдневно слушаме изјави како „национализација на вториот столб“, „приносите се многу мали“, „реформата не го оствари тоa што беше планирано“ и слични коментари кои често создаваат недоверба кај граѓаните, без притоа да се понуди пошироко објаснување или контекст.
Лично, не се согласувам дека реформата не ги исполнила своите цели и не се согласувам со идејата средствата од вториот столб да бидат национализирани. Но, наместо теоретски да ја бранам реформата, сакам преку еден едноставен пример да покажам зошто сметам дека таа е успешна и зошто вториот столб има реална вредност за секој осигуреник.
Како функционира вториот столб?
Сите знаеме дека во вториот столб се влеваат средства од придонесите кои работодавецот ги уплаќа за своите вработени по основ на плата. До крајот на јуни вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесуваше 18,8% од бруто платата, од кои 12,8% остануваа во првиот столб за исплата на сегашните пензионери, а 6% се издвојуваат на индивидуална сметка на осигуреникот во пензиско друштво кое членот го избрал или бил распределен.
Со последните законски измени, придонесот изнесува 19,9% од бруто платата, од кои 13,9% се насочуваат во првиот столб, а 6% остануваат во вториот столб.
Висината на средствата кои се акумулираат на вашата лична пензиска сметка зависи од висината на платата на која сте пријавени и од континуитетот на уплатите.
Еден едноставен пример
Да земеме пример на лице кое од 2006 година редовно уплаќа во вториот столб, без ниту еден ден прекин во работниот стаж. Ако претпоставиме дека неговата плата во текот на овие години се движела во распон од 25.000 до 50.000 денари месечно, тогаш може да се процени дека на неговата лична сметка се уплатени околу 766.000 денари од придонеси. Денес, вредноста на неговата заштеда изнесува приближно 1.270.000 денари.*
Разликата од 504.000 денари претставува принос остварен преку инвестирањето на средствата од страна на пензискиот фонд.
Секако, ова е поедноставен илустративен пример. Реалната состојба кај секој член зависи од висината на платата, времетраењето на уплатите и остварените приноси во текот на годините. Но суштината останува иста: средствата не само што се акумулираат, туку и создаваат дополнителна вредност.
Зошто приносите треба да се гледаат долгорочно?
Важно е да се разбере дека пензиското штедење е долгорочен процес. Приносите не треба да се оценуваат врз основа на една година или краток временски период, туку низ период од повеќе децении, колку што трае и акумулацијата на средствата за пензија.
И токму тука е тоа за што ние како идни пензионери треба да размислуваме. Ако на ова лице средствата му биле уплаќани само во првиот столб, тие би станале дел од вкупната маса средства која се користи за исплата на тековните пензии и врз нив не би се остварил индивидуален принос.
Ваши пари, ваша лична сметка
Средствата во вториот столб не само што се оплодуваат и нивната вредност расте, туку се евидентирани на лична сметка на членот. Тие претставуваат негова лична пензиска заштеда која во иднина ќе биде искористена за исплата на пензија, а дотогаш ќе продолжи да се надополнува со нови уплати и нови приноси.
Дополнително, средствата на членовите се чуваат одвоено од средствата на пензиското друштво и се наменети исклучиво за членовите на фондот. Тоа значи дека станува збор за лична пензиска заштеда која евидентно се води на име на секој член.
Вториот столб не е само дел од пензискиот систем, туку единствениот дел од задолжителното пензиско осигурување каде што секој член може јасно да види колку средства има на свое име и како тие средства растат со текот на времето.
Наследноста како важна предност
Уште една важна карактеристика е нивната наследност. Во случај на смрт на членот, средствата од вториот столб влегуваат во процесот на оставинска постапка и можат да бидат наследени од неговите наследници.
Доколку лицето е осигурано само во првиот столб, средствата што се уплаќани во текот на работниот век нема да бидат предмет на наследување, туку би останале дел од системот за исплата на пензии.
Затоа, кога зборуваме за вториот столб, суштинското прашање не е дали средствата постојат, туку дали е подобро тие да останат евидентирани на лична сметка и да создаваат принос или да станат дел од општата маса средства без индивидиална евиденција.
Информирајте се за вашата пензиска заштеда
За да имате јасна слика за сопствената пензиска заштеда, користете ги дигиталните алатки кои овозможуваат постојан увид на веќе акумулираните средства, бидејќи тоа се ваши лични средства наменети за вашата иднина.
Симнете ја апликацијата Сава пензиско план и информирајте се за состојбата на вашата сметка во секое време. Исто така, искористете ја можноста да го контактирате вашиот Личен пензиски советник и да добиете одговори на сите прашања поврзани со вашата пензиска сметка.
Пензијата е ваша лична иднина
На крајот, дебатите за вториот столб може да продолжат, но фактите остануваат. Секој денар на вашата лична пензиска сметка е ваша сопственост, се инвестира, носи принос и останува евидентиран на ваше име.
Наместо да дозволиме некој друг да ни ја креира перцепцијата, важно е самите да ги проверуваме фактите и редовно да ја следиме сопствената пензиска заштеда.
Бидејќи пензијата не е туѓа грижа, туку наша лична иднина!
*Дадените вредности се илустративен пример од лична пензиска сметка на еден член. Состојбата на вашата пензиска сметка зависи од редовноста и висината на уплатите, должината на членството и остварениот принос, па затоа потребно е лично да ја проверите вашата пензиска заштеда.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.