Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб

  1. Кои услови се потребни да се стекне право на старосна пензија?

Старосна пензија може да се оствари со исполнување на следните 2 услови:

  • Навршување на возраст од 62 години за жена и 64 години за маж, и
  • Минимум 15 години платен работен стаж
  • Како да се оствари ова право?

Откако ќе ги исполните двата услови погоре, потребно е да се поднесе барање за старосна пензија во најблиската филијала на Фондот на ПИОСМ. Врз основа на ова барање, Фондот на ПИОСМ има обврска да донесе решение за старосна пензија. Следен чекор е со добиеното решение да поднесете барање за старосна пензија од вториот столб во пензиското друштво каде имате индивидуална сметка.

Ова значи дека вие ќе добивате пензија од две места – од првиот столб – Фондот на ПИОСМ и од вториот столб – од пензиско друштво и/или осигурителна компанија за животно осигурување.

  • Од кои фактори зависи висината на пензијата од Фондот на ПИОСМ?

Старосната пензија од Фондот на ПИОСМ зависи од 2 фактори:

  • Висина на нето плата која сте ја добивале, односно на која сте биле осигурани, и
  • Години на платен работен стаж.
  • На кој начин се пресметува висината на старосната пензија од Фондот на ПИОСМ?
  • Околу првиот фактор, се пресметува ваша ревалоризирана нето плата во година на остварување право на старосна пензија. Со други зборови, сите ваши нето плати од целиот работен век се доведуваат во вредност во годината на пензионирање (временска вредност на парите). Оваа ревалозирана нето плата е т.н „пензиска основица“.
  • Околу вториот фактор, за секоја година стаж навршена после 01.01.2006 (датум на почеток на уплата на придонес во вториот столб) се предвидени следните проценти:
    • 1% – за маж
    • 1,14% – за жена.  

Збирот на овие проценти е т.н „заменска стапка“ која се аплицира на „пензиската основица“.

  • Пример на груба пресметка за старосна пензија од Фондот на ПИОСМ, за член на вториот столб

Параметри:

Жена на возраст 62 години

Работен стаж од 30 години, целиот работен стаж е во период после 01.01.2006 година

Пензиска основица во година на пензионирање = 30.000 МКД

Заменска стапка                                              = 30 години * 1,14% = 34,20%

Пензиска основица                                       = 30.000 МКД

Старосна пензија од првиот столб         = 34,20% * 30.000 МКД = 10.260 МКД

Овој износ на пензија е само првиот дел од вашата старосна пензија. Вториот дел ќе го добиете од пензиско друштво или компанија за животно осигурување со избор на пензиски продукт.

  • Старосна пензија од вториот столб – пензиски продукти

Членовите на вториот пензиски столб секоја година добиваат зелено плико со извештај за нивната индивидуална сметка. На предната страна од извештајот стои најбитната информација – а тоа е вкупниот износ на средства на пензиската сметка. Овие средства се основата и служат како капитал за исплата на вашата пензија од вториот столб.

После добивање на решение за старосна пензија од Фондот на ПИОСМ и поднесување на барање за старосна пензија од вториот столб до пензиското друштво каде сте член, вие може да изберете 1 пензиски продукт од следните понудени опции*:

  • Програмирани повлекувања, кои ќе се исплаќаат од пензиско друштво,
  • Доживотен непосреден ануитет, кој ќе се исплаќа од компанија за животно осигурување, и
  • Привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет, кои ќе се исплаќаат и од пензиско друштво и од компанија за животно осигурување.  

Одлуката за избор на пензиски продукт ќе треба да ја донесете многу внимателно во периодот кога ќе се пензионирате, и нашите стручни лица ќе ви помогнат да донесете информирана одлука.

  • Од кои фактори зависи старосната пензија од вториот столб

Висината на пензијата кај сите пензиски продукти се пресметува со актуарски формули и зависи од следните фактори:

  • Висина на пензиска сметка – колку е повисок износот, толку е повисока пензијата;
  • Возраст на пензионирање – доколку подоцна се пензионирате ќе имате и повисока пензија со оглед на намалување на период на користење на пензијата;
  • Пол на пензионерот – жените во просек живеат подолго од мажите што значи период на користење на пензијата во просек е подолг во однос на мажите – следствено жените би имале понизок износ на пензија. 

Ова е прв дел од серија на текстови околу различните права од вториот столб, и доколку имате одредено прашање на кое би сакале да добиете одговор, а не е опфатено претходно, ве молиме пишете ни на kontakt@sava-penzisko.mk.

* Модалитетите кои содржат исплата со ануитети ќе се применуваат откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисниците на пензија.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.