Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.
Што се случи?
Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.
Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.
Промени во монетарната политика на ФЕД
Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:
Банкарска навала
Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.
Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.
Регулаторен одговор
Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.
Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.
(Не)соодветното управување со ризиците
Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.
Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.
Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.
Враќање на довербата
Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.
Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.
Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.