International plastic free day / Меѓународен ден без пластика

International Plastic Free Day (Меѓународниот ден без пластика) е релативно нова иницијатива на светско ниво, која се одбележува на 25 мај секоја година, со цел да се привлече вниманието на секој индивидуалец за пластиката која ја користиме секој ден. Ова се должи на потребата да се подигне свеста за негативното влијание на пластиката врз животната средина, особено употребата на еднократната пластика, како и да се поттикнат луѓето, компаниите, организациите и заедницата да преминат кон поодржливи решенија на долг рок.

Меѓународниот ден без пластика праќа порака за тоа колку пластика употребуваме секојдневно и како можеме да ја намалиме нејзината употреба. Загадувањето со пластика е еден од најважните предизвици за одржливоста со кои се соочуваат луѓето, предизвикувајќи голема штета на нашето здравје, животната средина и снабдувањето со храна, бидејќи дури над 380 милиони тони пластика[1] се произведуваат секоја година, од кои околу половина е за еднократна употреба, што би значело дека се фрла по само една употреба, а само околу 9% од целата пластика се рециклира, додека поголемиот дел од неа завршува во депониите, природата и води кон загадување на водите.

Имено согласно United Nations Environment Programme (Програмата на Обединетите нации за животна средина)[2] предвидено е дека до 2040 година загадувањето со пластика на земјата ќе биде до 1,3 милијарди тони, што е енормно загрижувачка бројка. Во самиот извештај се предлагаат промени на системот за секој земја да може да се справи со причините за загадување со пластика, на начин што ќе се започне со намалување на проблематичната и непотребна употреба на пластика, редизајнирање на производите и нивното пакување, односно одбегнување на пластични амбалажи, како и рециклирање и акции за справување со загадувањето со пластика. Како и на светско ниво, така и во нашата држава се соочуваме со голема употреба на пластиката, недоволно рециклирање од страна на луѓето и компаниите, како и недоволна едукација за одржливоста, односно штетноста од пластиката и како да се одбегне нејзиното користење.

Постојат иницијативи во делот на одржливата потрошувачка, која вклучува едукација за штетноста од пластиката и нејзина намалена употреба, но тоа во најголем дел е поттикнато од еколошките невладини организации.
Можеме да кажеме и дека компаниите од нашата групација Sava Re, како и нашата компанија Сава пензиско друштво а.д. Скопје ја промовираат културата на одржливост преку различни канали на комуникација и преку подигање на свеста кај вработените за еколошките прашања и за целите за одржлив развој. Тие во голема мера ја вклучуваат и употребата на пластиката и намалување на отпадот од пластика, како и поттикот да се преземаат иницијативи од самите компании да се намалат пластичните производи во секојдневното работење на компаниите. Ова е еден од елементите содржани во  Стратегијата за одржлив развој на Сава Осигурителна Групацијата за 2023-2027 година (Sustainable development strategy of the Sava Insurance Group for 2023-2027)[3]. И надвор од корпоративните практики,  и ние како индивидуалци преку нашето однесување, нашата култура и нашите навики треба да се насочиме кон намалување на користењето на пластиката и целосна замена на пластичните производи, особено производите за еднократна употреба со поодржливи производи, како што се производите од компостирачки материјали, дрво, стакло и сл. Од таа причина ве повикуваме сите заедно да ја подигнеме заеднички свеста за штетноста на пластиката, да се охрабриме себе си и другите да не користиме пластика за еднократна употреба во текот на денот, односно да не користиме пластички сламки, чаши, шишиња, кеси и истите да ги замениме со амбалажи за повеќекратна употреба. На овој начин заеднички да допринесеме кон намалување на користење на пластиката и секако оваа практика да ни премине во навика во секојдневниот живот.


[1] https://cinea.ec.europa.eu/news-events/news/life-plastic-its-not-fantastic-2024-04-22_en

[2] //www.unep.org/resources/turning-off-tap-end-plastic-pollution-create-circular-economy

[3] SAVA-Strategija-ANG_SAJ-v17-1-23-24-54_1.pdf

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.