Како преку здрави навики и адекватно финансиско планирање до стабилна и сигурна пензионерска иднина

Пензионирањето не е само крај на работниот век, тоа е ново поглавје од нашиот живот исполнето со многу можности. Но, за да уживаме во новата ера од нашиот живот мора уште сега, кога сме работоспособни и кога енергијата ни е на највисоко ниво, да водиме сметка за нашата физичка и финансиска благосостојба. Замислете имаме време на претек, но немаме енергија или здравје да уживаме во него. Преку здравите навики и паметното финансиско планирање си го отвораме патот кон динамичен и повисок животен стандард во пензионерските денови. Всушност се работи за градење одржливи навики што ќе ја задржат нашата агилност и отпорност.

Здрави навики за здрав и квалитетен живот

Во пошироката јавност можат да сретнат разни препораки за здрави навики кои го храната и одржуваат нашето тело и дух. Голем дел од нив веќе ни се познати, но поради нашиот динамичен живот со многубројни обврски често забораваме да ги практикуваме или не им обрнуваме внимание. Тука би ги издвоил следниве:

  • Хранете се квалитетно: Ова секако не е нешто ново, но она што го јадеме и те како има длабоко влијание на тоа како се чувствуваме. Исхраната богата со овошје, зеленчук, здрави протеини, интегрални житарки, се издвојува како посакувана храна која го одржува нашето тело во здрава кондиција и ни помага да ја задржиме енергијата на повисоко ниво. Секако треба да водиме сметка и за нашата хидратација, и колку што можете да избегнуваме преработена храна, храна богата со шеќери, газирани пијалаци, нездрави масти и разни засладувачи.
  • Физичка активност: Редовната физичка активност не е само за да изгледаме добро, туку и да се чувствуваме добро и да ја одржиме нашата виталност. Тоа не значи дека треба да правиме тешки физички вежби за да бидеме активни. Туку едноставно со комбинација од умерени аеробни активности како: брзо одење, пливање, планинарење или танцување, кои се одлични за физичка рамнотежа и флексибилност.
  • Вежби со умот: Одржувајте ги вашите когнитивни функции преку учење нови вештини, решавање на крстозбори, читање, ако можете пронајдете хоби кое истовремено ќе ве расположува и интелектуално ќе ве издигнува. Новата технологија, интернетот и разните електронски уред се наше секојдневие и не можеме да ги избегнеме, но за да го задржиме нашето ментално здравје пожелно е што е можно помалку да се изложуваме на нив.
  • Социјална поврзаност: Изолираноста може да биде значаен ризик по здравјето и нашето севкупно задоволство. Не треба да заборавиме дека социјалната поврзаност го збогатува нашиот живот и го подобрува нашето расположение. Треба да останеме социјално активни, да поминуваме повеќе време со семејството и пријателите, да учествуваме во заеднички настани во општеството, да си помагаме меѓу себе.
  • Редовна здравствени прегледи: Редовните прегледи и контроли се од витално значење за раното откривање и справување со било какви здравствени заболувања. Колку и да се чувствуваме здраво, проактивниот пристап може да нè заштити од многу наследни, но и не наследни болести кои имаат тенденција да се развиваат како старееме.
  • Управување со стресот: Ова е мошне тешка задача за сите нас. Иако препораките се едноставни, но нивната примена кога ќе се најдеме во стресна ситуација е навистина предизвикувачка и ретко придружена со самоконтрола. Медитацијата, вежби за длабоко дишење, поминување повеќе време во природа или занимавање со хобија што носат мир и радост се едни од често препорачаните техники и навики за ефикасно управување со стресот.

Ќе нагласам дека овие здрави навики не само што ќе ни овозможат да живееле подолго, туку би ни го подобриле квалитетот на нашиот живот особено во деновите на пензионирање. Годините треба да ги гледаме само како бројка, и да сфатиме дека никогаш не е предоцна да се прифатат здрави навики и да се направи значително подобрување на здравјето.

Преку соодветно финансиско планирање до стабилна и сигурна пензионерска иднина

Пензионирањето носи промена во приходот, и бара прилагодување на навиките на трошење и начинот на живот. Ова е често извор на вознемиреност за пензионерите. Затоа, за подобар и поквалитетен живот исполнет со благосостојба, нашата финансиска кондиција има клучна улога. Само преку проактивен и адекватен пристап во финансиското планирање можеме да стигнеме до повисок животен стандард, и да бидеме спокојни во пензионерските денови. Заминување во пензија во добра физичка кондиција, без финансиски средства за уживање може да биде фрустрирачко. Би напоменал дека финансиското планирање не претставува само штедење, туку е стратешко управување со средствата за да се обезбеди и одржи посакуваниот животен стил.

Како позначајните препораки и практики во финансиското планирање би ги издвоил следниве:

  • Со финансиско планирање на пензијата започнете што е можно порано: Колку порано почнеме со издвојување на средства за пензија, толку повеќе акумулацијата би била повисока и можноста за нивно оплодување. Дури и при мали, но редовни уплати средствата акумулирани на нашата сметка можат значително да се зголемат во текот на годините.
  • Дефинирајте ги животните потреби: Погледот на тоа што е повисок животен стандард не е ист за сите. За некого тоа е патување и посета на егзотични места, за други е поддршка на семејството или едноставно душевен мир, за трети е комбинација од двете или пак сосема друго како остварување на некое хоби или замислена желба. Преку јасно дефинирање на нашата животна цел, притоа ставена во некоја временска рамка не мотивира за поефикасно планирање на финансиите и преземање на конкретни чекори.
  • Успешно владеење со личните приходи и расходи: Ако правилно ги проектираме  нашите приходи и водиме сметка за расходните потреба, ние создаваме простор за заштеди и можност удобно да трошиме. Во ова насока е и создавањето на одредена акумулација на средства за непредвидливи настани, која може да биде корисна во заштитата на нашите долгорочни цели од непредвидени шокови. Животот е непредвидлив пропратен со низа предизвици, и добро е кога се има средства на страна за апсорбирање на тие неочекувани трошоци.
  • Инвестирајте мудро: Инвестирањето не е штеден влог, тоа е многу повеќе од само издвојување на средства на штедна сметка и бара финансиско познавање и разбирање на ризиците. Преку инвестирање во различни финансиски инструменти ние вршиме диверзификација и балансирање на ризикот и го дефинираме потенцијалот за раст. За луѓето кои не се доволно упатено во ова најдобро е да се консултираат со финансиски советник при креирање на своето портфолио на финансиски инструменти во согласно со прифатливиот ризик.
  • Оптимизација на пензиските заштеди: Максимизирајте ги придонесите кон пензиските фондови во текот на вашиот работен век, и користете ги придобивките од повеќе столбниот пензиски систем. Нашиот пензиски систем ни нуди можност за дополнително издвојување на средства за пензија, со флексибилни уплати во доброволниот пензиски фонд во зависност од нашите потреби и можности. Овие средства ќе претставуваат значителна финансиска поддршка во деновите на пензионирање.
  • Осигурај го животниот труд: Сеопфатниот пристап на осигурување како што е: поседување на здравственото осигурување, животното осигурување и осигурувањето на имотот има важна улога во заштитата на нашата животна цел. Преку овој пристап ние ги заштитуваме и нашите најблиски од непредвидени штетни настани по нас или нашиот имот.

На крајот би додал дека финансиското планирање не е затворен документ кој не подлежи на промени, тука како животните потреби се менуваат така и животните цели еволуираат. Финансиското планирање е динамичен процес, и бара континуиран и систематски пристап за адекватно прилагодување на потребите и поставување на целите.  За соодветно финансиско планирање корисна е помошта од финансискиот советник, но и преку користење на придобивките од нашиот повеќе столбен пензиски систем може да си обезбедиме стабилна пензионерска иднина и да го задржиме нашиот животен стандард.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.