Подари крв, подари живот

Секоја година на 14ти јуни ја славиме несебичноста и дарежливоста на луѓето кои го даваат најскапоцениот дар, денот на луѓето кои даруваат надеж, на луѓето кои даруваат живот. На 14ти јуни секоја година го прославуваме денот на крводарителите.

Крводарителите играат клучна улога во здравствениот систем, бидејќи нивните донации помагаат да се спасат безброј животи секој ден. Секоја единица крв што се дарува може да се користи за лекување на пациенти со широк спектар на медицински состојби, вклучувајќи рак, анемија и повреди од траума…

Овој ден е можност да изразиме срдечна благодарност до сите крводарители ширум светот за нивните вредни придонеси. Да ја подигнеме свеста за важноста на редовното дарување крв, што може да помогне да се осигураме дека болниците и медицинските центри имаат соодветно снабдување со крв за пациентите на кои им е потребна.

Несебичните дела на крводарителите, нивните донации кои им дадоа надеж и втора шанса за живот на безброј поединци и семејства ширум светот ми беа мотивација и мене пред многу години да станам дел од ова хумано семејство. Непроценливоста на чувството дека можеби на некого си му дал нова шанса за живот ме водеше повеќе од 10 пати да ја дарувам оваа скапоцена течност.

Освен што земам учество во организираните крводарителски акции се трудам и самоиницијативно да дарувам. Особено сум горд што мојот скромен придонес неретко низ годините беше причина и за други луѓе да се одлучат да даруваат крв. Сигурен сум дека заедно, можеме да помогнеме да секој има пристап до крвта што му е потребна за да остане здрав и да напредува.

Од тие причини мотивирањето на луѓето околу нас за доброволно дарување  крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарителството. Денес, само 60 земји можат да обезбедат снабдување со крв преку 100% доброволно неплатени донатори, при што 42 земји сè уште зависат од семејството и платените донатори. 

Светскиот ден на крводарителството е годишен настан кој обично се обележува на истиот датум секоја година во спомен на Карл Ландштајнер, но со цел да им се оддаде почит и признание на доброволните крводарители и да се поттикне крводарителството и новите дарители.

Земја домаќин на глобалниот настан на Светскиот ден на крводарителите 2023 година е Алжир* преку нејзината Национална служба за трансфузија на крв. Слоганот за кампањата за Светскиот ден на крводарителството во 2023 година е „Дајте крв, давајте плазма, споделувајте живот, споделувајте често“.  

Се фокусира на пациентите на кои им е потребна доживотна поддршка за трансфузија и ја нагласува улогата што секој поединец може да ја игра, давајќи го вредниот подарок крв или плазма. 

Исто така, ја нагласува важноста од редовно давање крв или плазма за да се создаде безбедно и одржливо снабдување со крв и крвни продукти кои можат да бидат секогаш достапни, насекаде низ светот, за да можат сите пациенти на кои им е потребна навремена терапија.

Една од целите на денот е да се охрабрат младите луѓе да почнат да даруваат крв. Исто така, треба да се истакне потребата донациите да бидат редовни за да се одржуваат високи залихите и квалитетот на крводарувањата.

Црвениот крст на Република Северна Македонија и Институтот за трансфузиона медицина преку мотивација и анимација на доброволното крводарителство преку планска, масовна и континуирана активност ги обезбедуваат потребните количини  крв и крвни продукти (55.000 единици крв), ја поттикнуваат јавната свест кај граѓаните за важноста и значењето на крводарителството и вршат правилна и насочена здравствено-едукативна и мотивациска активност. *

За да станете крводарител, потребна е желба и мал дел од Вашето време. Да се спаси нечиј живот е многу хуман гест.

Со само една дарувана ќеса крв и постапка која трае десетина минути, може да се спасат 3 до 4 човечки животи. Количината на дарувана крв изнесува 450 мл и тоа не го загрозува здравјето земајќи во предвид дека човек со тежина околу 70 кг, има околу 5 литри крв.*

Крводарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 65 години со добра општа здравствена состојба. Според критериумите за крводарување, мажите може да даруваат крв на секои 3, а жените на секои 4 месеци. Едно крводарување може да спаси 3 до 4 човечки животи. Тоа е затоа што од една единица полна крв се прават повеќе производи.*

И после сите овие статистички податоци, во пресрет на овој важен ден би сакал да истакнам дека сум особено горд што и Сава пензиско друштво како општествено одговорна компанија во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија редовно организира крводарителски акции во која несебично земаат учество голем број на колеги.

„ПОДАРИ КРВ, ПОДАРИ ЖИВОТ„

*Извор: Црвен крст на Република Северна Македонија

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.