Поглед над облаците – споделување на информации со вработените

Ако ги замислиме компаниите како облакодери, вработените се наоѓаат на пониските катови а менаџментот во врвот на облакодерот, односно над облаците. Она што може да го види менаџментот, не можат да го видат вработените. Им пречат облаците. Па дури и во практика, во голем дел од компаниите во минатото, па и денес, на највисокиот кат од деловниот објект е сместен врвниот менаџмент.

Несомнено, преку оваа симболика се прави јасна дистинкција помеѓу улогата, значењето, одговорноста, „погледот“’ на двете страни: менаџментот и вработените.

И, да, несомнено, менаџментот треба да има поглед над облаците, бидејќи една од неговите главни улоги е да ја креира визијата, мисијата, да ги поставува целите на компанијата.

Но, факт е дека оваа позиција на врвот, над облаците, многу менаџери во минатото ја доживуваа како ексклузивитет, нешто што им дава предност во однос на вработените, па дури и можност за себе промовирање, држејќи ги вработените во темнина, незнаење и ограничен „поглед“.

Нештата се менуваат. Сѐ повеќе менаџери се свесни дека и тие и нивните вработени, сите, се наоѓаат во ист облакодер. А, во тој облакодер, треба да има непречен проток на информации од врвот надолу, исто толку колку што и од долу кон врвот.

Вработените треба да бидат запознаени со визијата, мисијата и вредностите на својата компанија. Но, има сѐ повеќе примери на добра практика на споделување информации со вработените и за:

  • Постигнатите резултати на компанијата во одреден временски период;
  • Краткорочни и среднорочни деловни и финансиски планови на компанијата;
  • Поставени и реализирани финансиски и нефинансиски цели,
  • Стратешки активности.

Некои од предностите на споделување на информации со вработените се:

  • Кај вработените се развива свесност за патот по кој оди компанијата и нивната улога во минатото кое завршило и иднината која доаѓа. Иако некои информации треба да се држат во тајност, сепак, со посочување на одредени показатели им помага на вработените да станат свесни за својот придонес во резултатите;
  • Вработените стануваат свесни за своите одговорности, но и за одговорностите на другите членови на тимот и како тие се надополнуваат едни со други;
  • Полесно се идентификуваат со целите на компанијата кога ги знаат;
  • Се создава чувство на заедништво и доверба помеѓу вработените и помеѓу вработените и менаџментот;
  • Менаџментот не се доживува како спротивставена страна во услови кога сите имаат и ја знаат заедничката цел. Менаџментот испраќа порака дека има партнерски однос со своите вработени;
  • На вработените им се овозможува активно да се вклучат во дискусија и да презентираат идеја. Добриот глас не се знае од каде може да дојде, а менаџментот секогаш треба да биде подготвен да ги слушне своите вработени;
  • Се промовира синергија меѓу вработените. Честопати постои меѓу секторски натпревар, кој сектор придонесува повеќе за компанијата и кој работи повеќе. Сознанието за улогата на секој сектор во мозаикот помага да се надмине овој натпревар;
  • Се зголемува продуктивноста и процентот на ангажирани вработени. Чувството дека менаџментот има доверба во вработениот создава лојални, посветени вработени со развиено чувство за припадност кон компанијата.

За мене претставува особено задоволство да работам во компанија каде Визијата и Мисијата на Сава пензиско друштво и пензиските фондови со кои управуваме се постојано комуницирани од врвот кон сите вработени.

Размената на информации во врска со резултатите и активностите е постојана, како вертикално, така и хоризонтално во рамки на компанијата, како и со останатите засегнати страни.

На прво место, во согласност со визијата и вредностите на нашата компанија, членовите на пензиските фондови се континуирано навремено и точно информирани, со поголемо ниво на транспарентност од законски пропишаното.  

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.