Божиќ е денот кога христијаните од целиот свет го слават Христовото раѓање. Црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 25 декември, додека црквите кои го користат јулијанскиот календар го прославуваат на 7 јануари. Божиќ е празник на раѓање на нов живот, на надеж и радост.
Ниту еден празник нема повеќе народни обичаи, ритуали и обреди кои во голем дел се задржале до денес. Но многу од обичаите се прилагодени на современиот начин на живеење.
Матеја и Ива ни ја пренесуваат традицијата на славење на Божиќ, секоја за својата земја.
Празнување на Божиќ во Словенија
Четири недели пред Божиќ почнува да тече времето на адвентот, коешто во богослужбата е наменето за очекување на доаѓањето на Исус, односно на неговото раѓање. Првата недела од адвентот по правило почнува меѓу 27 ноември и 3 декември. Времето на адвентот завршува по четвртата недела на адвентот, вечерта пред Божиќ. Еден од симболите на адвентот е венецот со четири свеќи. Првата недела од адвентот на него се пали една свеќа, втората недела две свеќи, а третата и четвртата сите четири свеќи.
Порано домаќинките два дена пред Божиќ печеле штрудли со ореви, афион или тарагон. Исто така печеле и медени колачи и божиќен леб. Божиќниот леб е обреден леб, којшто денес е заменет со овошен колач. Празнувањето на Божиќ се одвивало на скромен начин.
На 24 декември, односно на светата вечер, се собирале семејствата и ги поставувале јаслите, коишто ги изработувале од хартија. Јаслите се мали фигури или слики, поставени на избрано место за божиќните празници, како симболичен приказ на раѓањето на Исус. Фигурите во јаслите се најмалку три: Марија, Исус во јаслите и Јозеф. Вообичаено во симболичната штала се поставени овци со овчари, а во малата штала има уште и вол и магаре, како симбол на двата извори на христијанството (јудаизмот и паганството). Речиси секогаш се додаваат и ангели. Честопати над шталата е поставена ѕвезда комета.
Членовите на семејството заедно ја украсувале елката, на којашто закачувале ситни јаболка, домашни колачиња и бонбони. Семејствата потоа се облекувале празнично, земале факели и ги натопувале во смола и се упатувале на полноќната миса. Одејќи по патот пееле божиќни песни, а децата се забавувале во снегот. Полноќната миса е света миса, којашто во црквите традиционално почнува на полноќ, кога божиќната вечер му го отстапува местото на денот на Божиќ.
На 25 декември, на божиќното утро, се сечел лебот и луѓето заминувале на миса. Божиќниот појадок се состоел од леб и чај, а за божиќниот ручек домаќинките подготвувале говедска супа, печено месо, салата од зелка и пржени компири. За божиќната вечер јаделе леб, месо и штрудла.
На 26 декември, односно на денот на Свети Стефан семејствата ги посетувале роднините и пријателите.
Божиќ денес се празнува поинаку, најчесто во кругот на семејството, а елементите на празнувањето се преземени и во некои семејства, чиишто членови не се верници, бидејќи во последните неколку века тие станаа дел од словенечката традиција. Така, на денот пред Божиќ, сè уште се пече штрудла, а на светата вечер членовите на семејството се собираат на вечера, за којашто најчесто со подготвува печено месо, односно некое поубаво јадење. Просторијата е украсена, при што во преден план се светилки, свеќички и шарени украси, а масата може да ја краси и адвентски венец. Согласно со свеченоста на празникот луѓето честопати се облечени во поубава облека. Повеќето од нив најдоцна на ден пред Божиќ поставуваат јасли и божиќна елка, под којашто таа вечер или следното утро се наоѓаат подароците, коишто ги носи Дедо Мраз. Тој е митолошки добар човек од поново време, којшто ги презел цртите на св. Миклавж и ги споил со други ликови. Верниците по вечерата сè уште заминуваат во црквите, на полноќна миса.
Празнување на Божиќ во С. Македонија
Подготовките за Божиќ кај нас, во православието по јулијанскиот календар, започнуваат четириесет дена претходно, пред 7 јануари кога започнува Божиќниот пост кој претставува прочистување на духот и телото.
Денот воочи Божиќ, се нарекува Бадник. Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски, да бидеш буден. На тој ден традиционално се сечат бадникови гранки од дабово дрво и со нив се украсува домот. Бадниковото гранче го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Дабово дрво отсекогаш се сметало за најиздржливо и највековито.
Обичај е рано наутро, на Бадник децата да одат по куќи и да пеат традиционални бадникови песни пред домаќините, со што се симболизира ширењето на веста за Христовото раѓање, а децата добиваат дарови од домаќините како симбол на даровите кои мудреците ги принеле пред Исус Христос.
Со овој ден веќе започнува Божиќното славење. Со вечерата на денот пред Божиќ, на Бадник завршуваат предбожиќните пости.
На Бадник вечерата се одвива во кругот на семејството и се послужува посна вечера, риба, грав, тиква, ореви и суво овошје. Во некои краеви за Бадниковата вечер се меси обредно бадниково лепче кое се дели на онолку делови колку што има членови во семејството и во него се става паричка. По разделување на лепчето помеѓу домашните, за оној кој ќе ја пронајде паричката во своето парче се верува дека во текот на годината ќе биде благословен, ќе го прати среќа и благосостојба.
На првиот ден на Божиќ на 7 јануари, рано наутро ѕвонат црковните ѕвона, луѓето свечено облечени присуствуваат на утринска божиќна литургија во црквите.
Обичај е на Божиќ луѓето да се поздравуваат со „Христос се роди“ , а отпоздравуваат со „Навистина се роди“. Доколку се праќа пишана честитка вообичаено се пишува „Мир Божји, Христос се роди“
Божиќ е празник кога целото семејство е заедно. Со Божиќ е врзана и поговорката „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“ со што се истакнува дека Божиќ се прославува во кругот на семејството.
По некои стари обичаи првиот гостин кој ќе влезе во куќата на Божиќ се нарекува „положајник“. Најчесто тој специјален гостин е однапред договорен, пријател на куќата кој им посакува добро здравје и бериќет на домашните, но може да биде и случаен минувач. Најважно е положајникот да има чиста душа и добри намери. Доколку минатогодишниот положајник донел среќа и благосостојба на семејството, тогаш се повикува истиот да биде првиот гостин во куќата и наредната година.
Обичај е домовите да се красат со божиќни декорации, да се кити елка чие значење се поврзува со симбол на вечен живот и вечна надеж. Се прават венци од гранки од зимзелени дрва, а венецот во форма на круг претставува вечност и бескрајна љубов.
За Божиќ семејството се собира на Божиќен ручек, а трпезата е свечена поставена и богата со храна. Домашните се даруваат меѓу себе со пригодни подароци. Но најважно е чувството на мир, љубов, надеж и радост со семејството.
Важно е да на идните генерации да се пренесе значењето на Божиќ, празнувањето и да се пренесуваат традициите и ритуалите.
Во суштина на празнувањето е споделување на љубов, радост со семејството, со најблиските. Божја љубов за сите. Тоа е вистинското значење на Божиќ.
Празникот е наменет за квалитетно поминување на времето со семејството и задлабочување во самите себе си, што сè почесто забораваме да го правиме, бидејќи „потрошувачкиот дух“ ни ги украде нашите вредности, како што се љубовта, почитувањето, сочувството.
Божиќ нека ви донесе мир, среќа, здравје и радост, а Новата година нека ви ги исполни сите желби што тивко ги посакувате во себе си.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.