Твојата иднина, твоја контрола: пензија за сите

Сè повеќе луѓе ја одбираат „слободата“. Тековно, во Македонија се регистрирани околу 15.000 фриленсери кои соработуваат со клиенти од целиот свет. Дизајнери, инфлуенсери, програмери, претприемачи, луѓе со идеи кои самостојно носат одлуки. Луѓе што го напуштаат работното време од 9 до 5 за да живеат според сопствени правила. И тоа заслужува целосна почит.

Но зад таа слобода често се крие едно прашање што тивко се појавува во позадина:
„Што ќе се случи кога ќе дојде време да се престане со работа? Што со пензијата?“
Митот по кој што сме пораснати звучи познато: „Немам македонска фирма, не сум осигуран… За мене нема пензија.“

Но сепак, вистината е поинаква. Денес, не е потребен сопственик, фирма или систем за да се има пензија. Секој човек без разлика дали работи во компанија, за странски клиенти, како хонорарец или фриленсер, може самостојно да отвори своја доброволна индивидуална сметка во пензиски фонд. Таа сметка е лична, само за него, и никој друг нема пристап до неа, односно до средствата на таа индивидуална сметка. Ова не е бирократија. Ова е контрола и највисока форма на финансиска независност, бидејќи секој сам одлучува кога и колку ќе уплати.

А кога станува збор за пари и лични финансии, времето е најмоќната алатка. Колку порано започнува штедењето, толку повеќе средства ќе се акумулираат. Причината лежи во сложената камата која често ја споменуваме, метафорично позната и како „ефектот на снежна топка“. Сè започнува со мала уплата (мала снежна топка), која со текот на времето расте, собира нови уплати и приноси и создава се поголема вредност, односно се поголема акумулација на средства.

Пензијата не се гради со големи уплати на крајот, туку со мала, постојана навика што трае долго. А, ако го погледнеме растот на средствата во последните 16 години, тогаш ќе видиме дека доколку во 2009 година во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус биле вложени 100 денари, денес би имале околу 257 денари[1]. Направете ја сами истата аналогија со уплата од 100.000 денари или повеќе. Доколку уплатите би биле редовни, ефектот би бил уште поголем.

Токму за луѓето кои самите си ја градат кариерата, доброволното пензиско осигурување е најдобрата опција за пензија. Зошто? Бидејќи нуди флексибилност што не може да се најде на друго место. Фриленсерот има променливи приходи, што значи дека денес може да уплати, а наредниот месец може да паузира. Оваа флексибилност постои кај доброволното пензиско осигурување, бидејќи членот нема обврска за рокови или висина на уплатата. Тоа е како сопствена инвестициска сметка, но со долгорочна инвестициска стратегија и повисоко ниво на сигурност на средствата поради строгата законска регулатива и транспарентноста во работењето на пензиските друштва.

Покрај тоа, тука е и прашањето на ликвидност и пристап до средствата. Иако пензијата е за долгорочно штедење, средствата во доброволниот фонд може да се повлечат 10 години пред стандардната возраст за пензионирање (на 52/54 години). Ова е клучна информација за оние кои го бркаат F.I.R.E. концептот за предвремено пензионирање  или кои едноставно сакаат да престанат со работа пред 64 години. Контролата е двојна: контрола над уплатите и контрола над моментот на повлекување.

На овој начин, доброволниот фонд функционира како стратешки финансиски инструмент кој дава моќ сам да го одредиш крајот на својата работна кариера. Слободата значи избор, сигурноста значи одлука, a изборот за лична финансиска стабилност во иднина секогаш е во ваши раце.


[1] Имајќи ја предвид вредноста на сметководствената единица на Сава пензија плус, личност која вложила 100 денари во доброволниот фонд во јули 2009 година, на 15.10.2025 би имала  257,57 денари. (Извор: https://mapas.mk/mapastat/ )

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.