Концептот на мултифондови

Портфолијата на пензиските фондови во нашата земја имаат средна ризичност која во голема мера е дефинирана од законската и регулаторната рамка во која функционираат. Така, средствата на пензиските фондови во висок процент можат да бидат инвестирани во ниско ризични инструменти како државни обврзници, додека максималната изложеност кон поризични инструменти како акции и инвестициски фондови издадени надвор од земјата е ограничена на 30% од вкупното портфолио. Притоа, издавачите на акции и управувачите со инвестициски фондови, како и самите фондови треба да доаѓаат од развиени земји (земји-членки на ЕУ или ОЕЦД) и да исполнуваат високи услови за квалитет, како висок кредитен рејтинг или високи нивоа на пазарна капитализација или средства под управување.

Како да се оствари повисок принос за идните пензионери а истовремено соодветно да се управува со ризичноста на портфолијата на пензиските фондови, односно да не се презема превисок ризик? Одговорот на ова прашање се наоѓа во концептот на мултифондови, односно фондови поврзани со животниот циклус.

Мултифонд е инвестициска структура која нуди повеќе основни фондови во рамките на еден производ. Притоа, инвеститорите можат да ги распределат своите средства во различни подфондови  врз основа на нивната толеранција на ризик и цели.

Мултифондот комбинира различни подфондови со цел распределување на ризикот. Притоа, инвеститорите можат да изберат подфонд чија инвестициска стратегија е најадекватна согласно нивната подготвеност за преземање ризик или да се префрлаат помеѓу подфондовите. Во однос на нивоата на ризик, овие подфондови вообичаено се категоризираат во конзервативни, балансирани и агресивни фондови.

Тесно поврзани со концептот на мултифондови претставуваат т.н. фондови поврзани со животниот циклус (анг.life cycle funds). Кај овие фондови, распределбата на средства се прилагодува автоматски со текот на времето врз основа на возраста на инвеститорот.

За да се разбере идејата позади фондовите поврзани со животниот циклус, важно е да се разбере концептот на временска диверзификација на парите.

Временската диверзификација се однесува на верувањето дека колку подолго држите една инвестиција, толку помалку ризична станува, бидејќи краткорочната нестабилност на приносите има тенденција да се измазнува со текот на времето.

Односно, во кратки временски периоди, приносите на инструментите можат силно да флуктуираат. Но, низ долг временски период, на пример повеќе декади, просечниот принос на една инвестиција има тенденција да конвергира кон долгорочниот очекуван принос. Дополнително, ефектот на сложена каматна стапка (compound interest rate), односно вкаматување на каматата дополнително овозможува да се  компензираат краткорочните загуби.

Временската диверзификација и фондовите поврзани со животниот циклус се тесно конектирани бидејќи фондовите поврзани со животниот циклус се дизајнирани околу принципот дека ризикот треба да се намалува со намалувањето на инвестицискиот хоризонт на членот. Ова апликативно значи дека кога еден член на пензиски фонд е помлад (има подолг инвестициски хоризонт), тој може да преземе поголем ризик (да биде дел од фонд со поголема изложеност кон акции и акциски инвестициски фондови), а како што членот се приближува кон пензионирање (намалување на инвестицискиот хоризонт), тој треба да ја намали изложеноста кон ризик (да биде дел од фонд со поголема изложеност кон обврзници или готовина).

Фондовите поврзани со животниот циклус ја операционализираат временската диверзификација преку усогласување на ризикот со временскиот хоризонт на членот:

  • Подолг инвестициски хоризонт => Повеќе време => поголема толеранција на ризик
  • Пократок инвестициски хоризонт => Помалку време => помала толеранција на ризик

Генерално, фондовите поврзани со животниот циклус можат да се поделат во три главни подфондови:

  1. Растечки/агресивен фонд – се поврзува со рана фаза на членовите. Помлади членови со подолг инвестициски хоризонт. Кај овој подфонд алокацијата кон акции е повисока и истиот има повисока ризичност, односно поголема нестабилност на приносите, но и повисоки очекувани приноси. Временската диверзификација го прави ова прифатливо бидејќи временскиот период е доволен за средствата на еден член да се опорават од потенцијални значајни падови.
  2. Балансиран фонд – се поврзува со средна фаза на членовите. Овој подфонд има членови кои имаат пократок инвестициски хоризонт од членовите во агресивниот фонд и истиот има поумерен пристап во својата инвестициска политика, односно поголема изложеност кон понеризични инструменти (обврзници) и помала изложеност кон поризични инструменти (акции).
  3. Конзервативен фонд – се поврзува со доцна фаза на членовите (период кој е близу пензионирањето). Кај овој подфонд алокацијата кон обврзници и готовина е висока и истиот има ниска ризичност, односно мала нестабилност на приносите, но и пониски очекувани приноси. Целта е да се зачува куповната моќ на средствата истовремено избегнувајќи го ризикот од потенцијални значајни падови на нивната вредност.

Во услови на постоење на повеќестолбен пензиски систем и капитално финансирано пензиско осигурување, концептот на мултифондови, односно фондови поврзани со животниот циклус, е логичен понатамошен чекор во градењето на стабилен и одржлив систем бидејќи овозможува поголеми приноси, односно поголем раст на средствата на идните пензионери истовремено водејќи сметка за ризичноста на портфолијата на пензиските фондови.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.