Во овој блог пост ќе зборуваме за нешто што често делува како далечно и апстрактно, но е длабоко вкоренето во секојдневието на човекот, а тоа е статистиката. Поточно, ќе зборуваме за улогата што статистиката ја има во пензискиот систем, но и во сите делови од нашето живеење. Затоа, и оваа тема ја отвораме со истиот пристап како кај другите животни прашања, со „игра на зборови“ која се обидува да ја доближи суштината до реалноста на човекот.
На прв поглед, статистиката изгледа како наука на броеви, проценти, табели и графици. Но, кога ќе ја погледнеме низ призмата на животниот тек, таа е многу повеќе од тоа. Таа е приказна за луѓето, нивните навики, очекувања, надежи и стравови. Ако пензиското осигурување е дискретен придружник кој нè следи 35-40 години, тогаш статистиката е она што стои зад сцената, ги следи нашите чекори и во тишина ја води приказната напред.
Статистиката како наука ни дава одговор на неколку битни прашања како што се: Колку години живее човекот? Колку време работи? Колкава пензија ќе добие? Одговорите на овие прашања не се интуитивни, тие се статистички пресметани. Просечната возраст на пензионирање, очекуваниот животен век по пензионирање, колку време човекот ќе прима пензија, колку треба да штеди месечно за да има достоен живот… сето тоа е статистика. И секој од тие податоци не е само број, туку носи директни последици по финансиската безбедност на секој поединец.
Одбележување на Денот на статистиката е важен бидејќи е ден кога треба да се потсетиме дека бројките не се само бројки, тие се основата врз која се градат здравствените политики, економските стратегии, пензиските модели и секојдневните животни одлуки. Статистиката го овозможува она што изгледа едноставно: да знаеш колку да вложиш денес за да имаш утре. Таа стои зад формулите со кои се калкулира колку ќе биде твојата пензија, врз неа се базираат и законските измени за старосната граница, а преку неа се пресметуваат и очекуваните приноси на инвестициите.
Еден од најголемите парадокси е што луѓето често го занемаруваат она што ги следи секој ден. Како што пензиското осигурување е присутно 40 години во нашиот живот без да го забележиме, така и статистиката е присутна секој ден во вестите, прогнозите, рекламите, мобилните апликации, но сепак таа останува невидлива. И токму таа невидливост прави помалку да ја цениме.
Кога ќе одлучите да уплатите средства во доброволен пензиски фонд, вие се потпирате на статистика. На проценки за принос, на проекции за инфлација, на податоци за старосна структура, на анализи за движење на пазарите. Тоа не се пусти бројки, тоа се алатки со кои градиш иднина. Статистиката е, на некој начин, животен сојузник кој знае што следува, дури и кога ние не размислуваме за тоа.
Колку се 33 денари на ден?
Би рекле едно кафе помалку, но дури ни во домашни услови не е таа цената на кафето, па ни на пакетче гуми за џвакање. Но, ако погледнеме статистички, тоа се преку 12.000 денари годишно, или преку Калкулатор за пензиска заштеда пресметај самиот колку е тоа заштеда во денари во период од 40 години. Тоа е моќта на бројките, кога ги користиме свесно, тие работат за нас. И тука не зборуваме за сложени анализи. Зборуваме за секојдневна математика која прави животна разлика.
Затоа, да не дозволиме статистиката да остане нем сведок на нашите животи. Да ја направиме дел од нашето одлучување, дел од нашето штедење во доброволен пензиски фонд и дел од нашето разбирање за пензијата, не како крај, туку како логично продолжение на една подготвена животна приказна.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.