Вештини за подобрување на комуникација во работна средина – 1 дел

Дали имате фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст?

Со какви предизвици се соочувате на работното место и со работењето во тим? Дали понекогаш се прашувате дали применувате соодветен начин на комуникација со колегите? Како да постигнеме подобри резултати на работното место?

Сите ние понекогаш си ги поставуваме овие прашања. Работењето во тим има свои предности но понекогаш е тешко да се координираат различните темпераменти, навики и преференции. Една од причините може да биде и начинот на размислување (анг: mindset) на учесниците во тимот, односно дали имаат фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст.

Tеоријата познава два типа вработени: fixed mindset и growth mindset. Импровизирано, но точно, првите велат “јас тоа не го знам, друг нека го направи”, вторите велат “ќе научам“.

Како да го утврдиме начинот на размислување на членовите во тимот и зошто тоа е важно?

Лицата со фиксен начин на размислување веруваат дека имаат одредени таленти, квалитети и особини кои се наследени и фиксни. Тие имаат тенденција да веруваат дека не постои начин да се надминат или да се издигнат над своите ограничувања преку учење, обуки или адаптирање.

За разлика од нив, лицата со начин на размислување насочен кон раст веруваат дека нивните најосновни способности можат да се развијат преку посветеност и напорна работа – мозокот и талентот се само почетна точка. Овој аспект креира љубов кон учењето и издржливост што е од суштинско значење за поголеми достигнувања.

Не е едноставно да се препознае дали личноста има фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст. Исти лица може да се однесуваат различно зависно од ситуацијата, на што може да има влијание моменталното лично задоволство од организацијата, лични и приватни причини, соочувањето со согорување (анг: burnout) и сл.

Сепак, би можеле да ни послужат следните индикатори за идентификување на начинот на размислување на нашите соработници:

– Лицата со фиксен начин на размислување покажува поголем отпор да прифати нова задача. Најчесто причината е бидејќи мислат дека не се добри во спроведувањето на задачата. Од друга страна, лицата со начин на размислување насочен кон раст полесно прифаќаат нови задачи, во што препознаваат можност за лично усовршување,

– Лицата со фиксен начин на размислување не се склони кон промени, за разлика од лицата со начин на размислување насочен кон раст, кои полесно ги прифаќа промените,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст инвестира во само-подобрување, за разлика од лицата со фиксен начин на размислување кои генерално не покажуваат иницијатива за стручни обуки,

– Лицата со фиксен начин на размислување не толерираат критика. Од друга страна лицата со начин на размислување насочен кон раст сметаат дека критиката може да им помогне да се подобрат,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст се пофлексибилни и наоѓаат решенија на алтернативен начин,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст помалку се плашат од неуспех бидејќи повеќе се фокусирани кон разбирање на процесот. Постигнувањето на целта им е важно, но исто толку важен е и начинот на кој ќе се постигне целта.

Се надеваме дека овие индикатори ќе ви помогнат за да утврдите дали вашите соработници повеќе тежнеат кон едниот или другиот начин на размислување. Зошто тоа може да биде битно?

Доколку соработуваме со лице со фиксен начин на размислување потребно е да се утврдат причините зошто е тоа така, односно да се утврдат ситуациите кога се чувствуваат несигурни, какви се очекувањата што ги имаат од себе или очекувањата за нивното место во организацијата. На тој начин ќе бидеме во можност да им помогнеме да го надминат фиксниот начин на размислување преку конструктивен feedback и да ги ослободиме од притисокот од евентуален неуспех при спроведувањето на работните задачи. Потребно е да добијат признание за својот труд, да се цени нивниот напредок и да се наградат за нивните постигнувања и подобрувања.

Соработката со лица со начин на размислување насочен кон раст е полесна, бидејќи тие имаат тенденција да работат напорно и постојано сакаат да учат, со што самите целат кон високи резултати. Секако и кон овие лица е потребно да се однесуваме со разбирање и препознавање на постигнатите цели.  

Она што е од исклучителна важност за двете групи на лица е за нив да се обезбеди психолошки безбедна средина во која ќе можат да го остварат својот реален потенцијал.

Комуникацијата со членовите во тимот може да се подобри со употреба на структурирани пораки која ќе биде презентирана во наредниот текст за употреба на вештини за подобрување на комуникација во работна средина.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.