8-то светско чудо – „сложената каматна стапкa“

Кога на познатиот научник Алберт Ајнштајн му поставиле прашање: кое е најголемото достигнување на човештвото, наводно тој одговорил: „сложената каматна стапка“ (или “compound interest”) e осмото светско чудо.

,,Оној кој ќе ја разбере сложената каматна стапка – ќе ја заработува, оној кој нема да ја разбере – ќе ја плаќа“. Она што Ајнштајн го сугерира е дека сложената каматна стапка може да работи за тебе – или против тебе.

  1. Што значи сложена каматна стапка? 

Сложена каматна стапка значи додавање на камата на главницата со тоа што следното вкаматување ќе го вклучува и претходниот додаден износ на камата. Со други зборови, вкаматување – значи камата на камата.

Пример: Имате вложување на депозит во банка од 1.000 евра со камата од 5 %.

На крајот на првата година, акумулираниот износ би бил 1.050 евра, на крајот на втората година – 1.103 евра, а на крајот на третата година акумулираниот износ би бил 1.158 евра итн. 

  • Кога сложената каматна стапка работи за тебе? 

Сложената каматна стапка работи за тебе кога имаш заштеда која ја вложуваш и како резултат на твоето вложување добиваш стапка на принос или поврат на твоите пари. Терминот вложување подразбира сериозно управување со твоите пари, како, на пример:

  • Орочување на депозит во банка,
  • Купување стан со намера за издавање,
  • Вложување во доброволен пензиски фонд,
  • Вложување во инвестициски фонд,
  • Самостојно вложување во хартии од вредност и слично.

Под вложување не се мисли на уплата во кладилница или игра во казино. Овие лоши навики порано или подоцна ќе те доведат до пропаст.

  • Кога сложената каматна стапка работи против тебе? 

Сложената каматна стапка работи против тебе кога имаш долг. Секој долг има и каматна стапка која треба да се врати заедно со главниот долг.

  • Зошто сложената каматна стапка е 8-то светско чудо? 

Сложената каматна стапка е 8-то светско чудо заради ефектот кој го има во зголемување на твоите пари на долг рок. Подолу е презентиран графикон на кој се гледа ефектот на сложената каматна стапка за различни временски периоди. Параметри во нашата пресметка се:

  • Вложување од 1.000 евра,
  • Каматна стапка од 5 %.

Од графиконот може да се забележи дека како одминува времето така остварениот принос во апсолутен износ експоненцијално расте. Со цел да се види ефектот на сложената каматна стапка во табелата подолу се прикажани бројот на години потребни за да биде надмината одредена сума на средства.

Почетен влог (капитал)1.000 евра
Каматна стапка5 %
Број на годиниИзнос (во евра)
152.079
233.072
294.116
335.003
376.081
407.040

Со каматна стапка од 5 % ќе ги удвоиш твоите пари во 15-тата година (ќе надминеш 2.000 евра), додека 3.000 евра ќе надминеш во 23-та година. Како поминува времето, брзината со која ќе заработиш нови 1.000 евра се намалува.

Ако на почеток ти требаат 15 години за првите 1.000 евра заработка, потоа за нови 1.000 евра заработка времето значително се намалува – најпрвин опаѓа на 8 години, понатаму на 6 години, на 4 години, на 3 години итн.

Очигледно е дека времето како фактор дава силен ефект на крајниот резултат. Од тие причини се препорачува да се започне со вложување што е можно порано.

Ова особено важи за планирање на твоите финансии на долг рок – обезбедување на средства за студирање на твоето дете, обезбедување на уште една дополнителна пензија во старост и слично.

Ова е мојот прв текст од серијата на теми кои ќе бидат обработени, а се наменети за подобрување на финансиската писменост на нашите граѓани.

Доколку имате одредени прашања или сугестии, слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.