Човечки наспроти финансиски капитал

Првата лекција при градење на свесност за потребата од управување со личните финансии е разграничувањето помеѓу човечкиот и финансискиот капитал и разбирање на нивната динамика низ животниот и работен век на една индивидуа.

За таа цел првенствено да дефинираме што е капитал. Најбазичната дефиниција за капитал е нешто што генерира парични текови односно  парични приливи во одреден или неодреден иден временски период.

По дефиниција, човечкиот капитал се вештините и знаењата кои еден индивидуалец ги поседува и кои се очекува во иднина да ги претвори во финансиски капитал преку финансиски надоместоци за својот труд како плата, дивиденда од сопствен бизнис, раст на вредноста на својот бизнис или друга форма на финансиска компензација.

Финансискиот капитал од друга страна се сите материјални (стан/куќа, автомобил, банкарски депозит, акции, обврзници и слично) и нематеријални добра (патенти и друга интелектуална сопственост, концесии, лиценци и слично) кои истиот индивидуалец ги поседува, намалени за сите долгови кои тој/таа ги има во моментот.

И двете категории на капитал се мерливи, односно со методи на финансиска математика може точно или приближно да се определи нивната монетарна вредност во сегашноста.

Со одредени исклучоци, сите индивидуи имаат иста динамика на движење на човечкиот капитал и тоа:

  • Човечкиот капитал е највисок на почетокот на работниот век на секој индивидуалец;
  • Човечкиот капитал е најнизок на крајот на работниот век на секој индивидуалец;
  • Доедукација и совладување на нови вештини го зголемува човечкиот капитал (на пример магистратура или специјализација, или курс за совладување на одредена вештина, програмски јазик и слично);
  • Сите фактори кои влијаат негативно на работоспособноста на еден индивидуалец ја намалуваат вредноста на човечкиот капитал (на пример незгода или болест, структурна промена на пазарот на работна сила како роботизација и автоматизација и слично)

За горната динамика има и математичко објаснување кое е валидно и едноставно за разбирање: Ако вашиот човечки капитал е едноставно збир на сите ваши идни примања по основ на вашиот труд, тогаш бројот на години/месеци во работен однос помножен по вредноста на трудот (износот на плата), соодветно сведен на сегашна вредност го дефинира износот на вашиот човечки капитал.

Па така, колку повеќе периоди (месеци) во работен однос пред себе, толку поголем човечки капитал и обратно, што пократок период до пензионирање, толку помал човечки капитал.

На долниот приказ и прикаченото видео се прикажани нивоата на човечки (зелена боја) и финансиски (сива боја) капитал во животниот век на една индивидуалец.

За разлика од човечкиот капитал, финансискиот капитал кај повеќето индивидуи е најнизок на почетокот од работниот век бидејќи на пазарот на труд најчесто влегуваме по завршување на средно училиште или факултет, и неретко, во таа фаза финансискиот капитал е дури негативен поради евентуален долг за финансирање на студиите или потрошувачката во периодот пред вработување. Па така, како одминува времето, намалувањето на човечкиот капитал треба да биде компензирано со соодветно зголемување на финансискиот капитал. Оваа динамика е најдобро објаснета на горниот графички приказ.

Секако, со помош на соодветен пензиски или финансиски советник, вредноста на човечкиот капитал може многу прецизно да се квантифицира, додека со редовно (еднаш годишно) преиспитување на околностите што ја дефинираат вредноста на човечкиот капитал, се управува со промените на вредноста на човечкиот капитал, односно се дефинира потребата за зголемување на човечкиот капитал доколку е тоа можно преку: доедукација, реквалификација, промена на кариера и слично) или се вршат измени врз финансискиот капитал: се зголемува штедењето или се прават измени во портфолиото на финансиски капитал со цел истиот да ги рефлектира ризиците врз човечкиот капитал.

Во основа, ризичноста на човечкиот капитал треба да биде рефлектирана во ризичноста на финансискиот капитал, па така, што понеизвесни парични текови по основ на плата во иднината тоа помалку ризик во финансиското портфолио.

И обратно, колку што се посигурни и поизвесни идните примања по основ на плата, толку е поголема можноста за преземање на ризик во сопствениот финансиски капитал.

Преку соодветно управување и зголемување на финансискиот капитал во текот на работниот век се обезбедува посигурна иднина и поголем приход во пензија, период кога човечкиот капитал е најнизок. Една од можностите за зголемување на финансискиот капитал е преку штедење во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус.

Коста Ивановски, CFA

Финансиски аналитичар и член на Управниот одбор на Сава пензиско друштво ад Скопје

Напомена: Текстот е изработен и објавен во рамки на кампањата за одбележување на Деновите на финансиска писменост чија примарна цел е подигање на свеста за значењето на индивидуалните и лични одлуки во финансиското здравје на индивидуалците но и на финансискиот систем во целина. Сава пензиско друштво преку своите агенти за продажба и деловни партнери НЛБ Банка и Сава Осигурување, како и преку своите дигитални канали за комуникација Ви стои на располагање за презентирање на можноста за зголемување на сопствениот финансиски капитал преку пензиските фондови со кои управува.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Линк youtube.