Како пазарните флуктуации влијаат на вашето пензиско штедење?

Вестите за конфликти, како неодамнешните тензии меѓу САД и Иран, често ги „бојат“ светските берзи во црвено. Во такви моменти, сосема е нормално да се запрашате: „Што се случува со мојата пензија и дали моите пари се сигурни?“ 

​Прво и најважно: Вашите средства не се „целосно исчезнати“. Ако видите дека вредноста на вашата сметка малку опаднала во текот на годината, тоа не значи дека парите физички се одлеале некаде. Пензиското штедење е збир од две работи: вашите редовни уплати и приносот од инвестициите. Тој принос е променлив – во некои години е позитивен, во други може да биде негативен, зависно од тоа како се движат цените на пазарот. 

​За да биде појасно, ајде да замислиме еден пример со сопственик на овоштарник. 

​Сопственикот купил 100 дрвја круши и планира да ги чува 40 години. Неговата цел е едноставна: да заработува од продажба на круши секоја година, а на крајот да го продаде целиот овоштарник како капитал. 

​Што ако економијата забави и луѓето почнат да купуваат помалку круши? На прв поглед, сопственикот е во загуба бидејќи цената паѓа. Но, не секогаш се јавува загуба во ваква ситуација.1  

​Но, дали неговите 100 дрвја исчезнале? 

​Секако дека не. Дрвјата се сè уште таму. Вистинска загуба би претрпел само ако панично ги продаде дрвјата токму сега, кога цената е најниска. Ако остане смирен, тој не само што ги задржува дрвјата, туку кога економијата ќе се стабилизира, неговиот овоштарник ќе вреди многу повеќе. Дури, во времиња кога цените се ниски, сопственикот може да купи уште повеќе нови садници. 

​Истото се случува и со пензиските фондови. 

​Ние сме сопственици на „сметководствени единици“. Не треба да не плаши нивната моментална вредност, бидејќи ние не ги продаваме нашите „дрвја“ денес. Управувањето со ризици во фондовите помага токму во вакви „лоши денови“. Парите не се ставени само на едно место, туку се диверзифицирани во акции, обврзници и депозити. Така, дури и ако еден дел од пазарот паѓа, другиот е тука да ја одржи рамнотежата или да донесе раст. 

Најважно е приносот да остане позитивен на долг рок – во оној период од 40 години додека го чувате „овоштарникот“. И домашната и светската економија секогаш ќе минуваат низ фази на подеми и падови. Сепак, сите историски податоци потврдуваат една работа: на долги патеки, пазарите секогаш растат. 

​Токму затоа, кога станува збор за пензиските фондови, фокусот мора да биде насочен кон иднината. Успехот не треба да се мери само низ една лоша година со негативни приноси, ниту пак само низ една исклучително добра година. Вистинската слика се гледа само ако го набљудуваме целиот временски период во кој штедиме. 

[1] Имено, ако тој е вешт и се „хеџирал“ (се заштитил со договор за идна продажба по фиксна цена), тој ќе ги продаде крушите по старата, повисока цена и воопшто нема да го почувствува пазарниот пад. Ако пак немал таква заштита, тогаш навистина е оставен на милост и немилост на пазарот.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.