Карактеристиките на Пензискиот систем во Македонија и придобивки од повеќе столбен пензиски систем

Пензискиот систем во Македонија се темели на три столба кои имаат клучна улога за постигнување на финансиска сигурност и задржување на животниот стандард по завршување на работниот век. Повеќестолбниот пензиски систем е широко прифатен низ светот, а неговото правилно разбирање е мошне важна основа при креирање на нашите цели и потреби во деновите на заслужена пензија, особено во услови на влошени демографски движења.

Прв пензиски столб: Задолжително јавно пензиско осигурување                                         

Овој столб има генерациски солидарен карактер и е управуван од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ). Во него задолжително членуваат сите вработени лица кои преку придонеси го полнат буџетот на ПИОСМ, од кој пак се исплаќаат тековните пензии. Всушност првиот пензиски столб функционира на принципот (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за исплата на пензиите на сегашните пензионери. Висината на пензијата од овој столб зависи од два фактори: од должината на работниот стаж и просекот на платите остварени во текот на целиот работен век. Првиот столб гарантира минимална пензија, и ги пропишува условите за остварување права од пензиското и инвалидското осигурување. Зад овој столб стои државата со своите финансиски капацитети, а неговата основна цел е да обезбеди социјална заштита во периодот на пензионирање.

Услови за остварување старосна пензија од првиот столб се возраст и минимален број години на работен стаж:

  • За мажи, минималната возраст е 64 години, додека за жени е 62 години.
  • Вториот услов е подеднаков за сите т.е. минимум 15 години платен работен стаж.

Втор пензиски столб: Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување

Вториот столб претставува индивидуална пензиска заштеда, и во него членуваат сите осигуреници кои се родени после 01.01.1967 година, како и други осигуреници кои избрале да се приклучат на вториот столб во периодот на зачленување на крај на 2005 година. Акумулацијата на средства на индивидуалните пензиски сметки се постигнува со пренасочување кон приватните пензиски фондови на 6% од бруто платата на осигуреникот, како и преку приносот остварен од инвестирање. Средствата од вториот столб се сопственост на членовите, а висината на пензијата зависи од вредноста на уплатените придонеси, временскиот период на уплата и остварените приноси од инвестирање. Со пензиските фондови управуваат пензиски друштва со висок бонитет и експертиза во делот на инвестирањето, управување со ризиците, и грижа за членовите. Средствата се инвестираат според утврдени законски прописи, со што се обезбедува висока заштита на интересите на членовите и на нивните средства. Преку градење на портфолио од финансиски инструменти, овие фондови генерираат акумулација која овозможува посигурна пензиска иднина и задржување на животниот стандард. Овој столб го надополнува првиот пензиски столб, и има за цел да му овозможи на поединецот сам да си ја гради својата финансиска сигурност.

Постојат неколку можности за користење на средствата од вториот пензиски столб:

  • Остварување на старосна пензија:
  • доживотен непосреден ануитет;
  • програмирани повлекувања,
  • привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет. 

Во случај на неисполнување на услови за старосна пензија поради стаж пократок од 15 години, членот може да избере и еднократна исплата на средствата по навршување на возраст од 65 години.

  • Семејна и инвалидска пензија: Во случај на остварување право на семејна пензија од членовите на семејството на починатиот осигуреник или утврдена трајна инвалидска пензија без контролен преглед од ФПИОСМ, семејството/членот има право да избере пензија од вториот столб – ако пресметаната пензија од вториот столб е повисока отколку пензијата од ФПИОСМ. Во случај кога пресметаната пензија од вториот столб е пониска отколку пензијата од ФПИОСМ, средствата се трансферираат кон ФПИОСМ кој понатаму ќе исплаќа семејна/инвалидска пензија.
  • Наследување: Доколку починатиот член нема членови на семејството со право на семејна пензија, средствата од сметката стануваат дел од оставинската маса и се наследуваат.

Трет пензиски столб: Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување

Третиот столб претставува доброволна уплата на средства во доброволен пензиски фонд. Членството во доброволните пензиски фондови е на доброволна основа, и има за цел да обезбеди поголема материјална сигурност на членот преку издвојување на дополнителни средства за пензија. Во него можат да членуваат и лица кои не се опфатени со задолжителното осигурување т.е. не се членови во првиот и вториот столб. Уплатата е флексибилна и по желба, а членството може да се оствари преку индивидуална пензиска сметка и/или преку пензиска шема договорена од страна на работодавачот со пензиското друштво. Всушност секој член може да има една индивидуална сметка, и една професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Висината на пензијата од третиот столб зависи од висината на уплатените средства, периодот на уплата, и приносот остварен од инвестирање. Колку е поголема уплатата и подолг периодот, толку е поголем акумулираниот износ и приносот од инвестирање. Вложените средства се инвестираат според утврдени законски прописи, со што се обезбедува висока заштита на интересите на членовите и на нивните средства. Средствата се сопственост на членовите и можат најрано да се користат 10 години пред остварување право на старосна пензија (на 52 години за жени и 54 години за мажи). Улогата на третиот столб е да ги надополни првите два столба, обезбедувајќи повисока финансиска сигурност и повисок животен стандард во пензионерските години.

За користење на средствата од третиот столб може да се одбере еден од подолу наведените начини на исплата кој најдобро одговара на твоите потреби:

  • Еднократна или повеќекратна исплата: Повлекување на целиот износ одеднаш или на рати;
  • Пензиски ануитет: Доживотна месечна исплата од друштво за осигурување;
  • Програмирани повлекувања: Редовни месечни исплати директно од пензискиот фонд;
  • Комбинација од овие опции;
  • Наследување: Средствата од третиот столб се наследни и во случај на смрт тие стануваат дел од оставинската маса и се исплаќаат еднократно на законски утврдениот наследник/наследници.

Разбирањето на овие опции е важно за да ја планираме нашата финансиска иднина и да си обезбедиме посигурни пензионерски денови.

Сумирајќи ги погоре споменатите карактеристики на секој поединечен пензиски столб би можел да заклучам дека вака поставениот пензиски систем гарантира финансиска сигурност и стабилност, овозможувајќи диверзификација на финансиските приливи и намалување на зависноста од финансиската стабилност на државата и висината на пензијата исплатена само од првиот столб. Преку уплатите во вториот и третиот пензиски столб, граѓаните уште во текот на работниот век го трасираат патот кон финансиската независност и одржување на животниот стандард во годините на пензионирање. Тука би додал и дека резултатите се највидливи доколку сите три столба ги вклучиме во планирањето на нашата финансиска иднина, бидејќи секој си има свое значење во системот како целина.

На пензионирањето не треба да гледаме како на достигнување на одредена возраст и пасивно чекање да истече животната сила, туку како период кој нуди многу можности за постигнување на цели и остварување на желби за кои сме немале време или пак ни изгледале како невозможни. Во работниот век може да имаме финансии и енергија, но да немаме време за да си ги оствариме посакуваните желби. Да имаме хоби, но да немаме доволно време да го практикуваме. Кога тој недостаток повеќе не преставува ограничување и кога паметно сме ги испланирале финансиите и сме се придржувале барем на основни здрави навики, пензионерските денови и тоа како ќе претставуваат златни години исполнети со самодоверба и возбуда. Со внимателна грижа за нашата физичка и финансиска благосостојба, ние не само што се подготвуваме за пензионирање – туку се подготвуваме и да напредуваме.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.