Како функционира 3 столб?

Верувам дека имате слушнато за 3 столб – доброволното пензиско осигурување, но дали знаете како функционира и кои права ги имате доколку уплаќате придонес во доброволен пензиски фонд?

1. За да може да имате индивидуална сметка од 3 столб, треба да склучите договор со пензиско друштво. Кон договорот може да се приклучи и трето физичко лице-уплаќач, кое би уплатувалo средства во Ваше име доколку Вие не сте во можност. После склучување на договорот, може да вршите уплати на вашата индивидуална сметка – по ваш избор. Може да уплаќате кога сакате и колку сакате и нема никакви пенали или ограничувања. Со оглед на тоа што при исплата на парите, висината на пензискиот надоместок најмногу ќе зависи од износот акумулиран на сметката, мој совет е после склучувањето на договорот да направите траен налог во вашата банка со кој секој месец автоматски ќе се повлекува определен износ од вашата банкарска сметка и истиот ќе се трансферира на вашата индивидуална сметка во 3 столб.

2. Секоја ваша уплата се евидентира на вашата индивидуална сметка која се води на ваш ЕМБГ. Најрано средствата може да ги користите од 52 години за жена и 54 години за маж, а најдоцна на 70 години. Средствата од доброволниот пензиски фонд може да ги повлечете на повеќе начини и во подолг временски период, но може и сите одеднаш – преку еднократна исплата. Во случај на смрт, средствата од индивидуалната сметка заедно со акумулираниот принос се наследни. Во случај на траен инвалидитет, средствата може да ги повлечете без оглед на возраста и пред 52/54 години.

3. Една посебна причина зошто да вложувате во 3 столб е приносот, или народски кажано – каматата која пензиското друштво ќе ја оствари за вас. Имено, задача на пензиското друштво е да ги инвестира пензиските заштеди на сите членови во различни хартии од вредност и приносот од инвестираните средства влијае на висината на Вашата пензиска заштеда.

Остварениот номинален принос на Сава пензија плус може да го следите тековно на следниот линк. За водење на индивидуалните сметки и управување со средствата, пензиските друштва наплаќаат 2 главни вида на провизии:

  • Надоместок од уплатен придонес (влезна провизија), која се пресметува само еднаш при уплата на придонесот, и
  • Месечен надоместок од нето вредност на средствата акумулирани во пензискиот фонд (управувачка провизија), кој се пресметува еднаш месечно. 

Повеќе информации за сите надоместоци кои се наплаќаат кај Доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус имате на следниот линк.

Важно е да се напомене дека управувачката провизија е веќе пресметана во остварениот номинален принос, со тоа што номиналниот принос е во нето износ после платени провизии, трошоци и слично.

4. Во продолжение е наведен начинот на кој се евидентираат уплатените средства на вашата сметка во 3 столб:

ПозицијаИзнос
Бруто уплата на придонес1.000 МКД
Влезна провизија = 2,5%-25 МКД
Нето уплата на придонес975 МКД
  
Вредност на СЕ на даден датум150,25 МКД
Број на СЕ6,489185 СЕ

Пример:

После извршената уплата од 1.000 МКД, Сава пензиско друштво наплаќа влезна провизија од 2,5% или 25 МКД. Остатокот од средствата (1.000 – 25 = 975 МКД) се конвертираат во сметководствени единици (СЕ) на денот на уплатата. Под претпоставка на денот на уплатата 1 СЕ да има вредност 150,25 МКД, вие на тој датум ќе купите 6,489185 СЕ. Овие СЕ ќе бидат додадени на вашата индивидуална сметка.

5. Остварениот принос на доброволниот пензиски фонд се изразува преку порастот на СЕ. Со почетокот на доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус во 2009 година, 1 СЕ изнесуваше 100,00 МКД. Денес во 2023 година истата изнесува над 200 МКД што практично значи дуплирање на вложените средства на членовите кои вршеле уплати во 2009 година. Со други зборови, вие на денот на вашето пензионирање ќе имате вкупни средства кои директно ќе зависат од бројот на СЕ кои сте ги купиле. Со секоја нова уплата, на вашата сметка се додаваат нови СЕ во зависност од вредноста на СЕ на датумот на уплата. Во меѓувреме со остварување на позитивен принос на фондот сите членови имаат бенефит од повисоката вредност на СЕ.

6. Околу сигурноста на средствата, со доверба може да се каже дека пензиското осигурување е високо регулиран сегмент со редовни ревизии од страна на МАПАС и надворешни ревизорски друштва. Пензиските друштва речиси 20 години функционираат на македонскиот пазар, имаат фидуцијарна одговорност и се грижат за парите на членовите исто како за свои пари.

После направена прва уплата, вие секоја година ќе добивате годишен извештај во кој се презентирани детали за сите ваши уплати, вкупна состојба на сметка, во кои инструменти сме ги вложиле средствата од фондот и сл. На дното од извештајот може да се забележи корисничко име и лозинка со кои можете да ја проверите вашата сметка во било кое време на интернет страната на Друштвото www.sava-penzisko.mk.

Ова е мојот прв текст од серија на текстови на тема 3 столб со кој јас и моите колеги се надеваме дека ќе го доближиме овој продукт до нашите сограѓани. Доколку имате одредени прашања, ве молам слободно обратете се до колегите кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)  (02) 3224 229, www.mapas.mk

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.