Пензискиот систем во Република Северна Македонија

Демографските фактори како стареењето на населението, забавувањето на економскиот раст и затегнатите владини буџети на крајот на изминатиот век доведоа до раст на трошоците за пензии и пад на ресурсите со кои владите ги финансираат пензиските обврски. На ваквите промени се одговара на различни начини. Промени во стапките на придонеси, промени во возраста на пензионирање, понатаму структурни промени и воведување на приватно-управувани пензиски фондови, односно повеќестолбен пензиски систем. Голем број земји во светот пристапија кон реформи на своите пензиски системи и процеси чија цел е да одговорат на предизвиците и да осигураат одржливост на самите системи.

Неодржливата состојба во пензискиот систем во првата декада по осамостојувањето на нашата земја била причина за реформа на пензискиот систем и стапување на сила на повеќестолбен пензиски систем. Така, Р. С. Македонија започна реформа на пензискиот систем иницирана во 1997 година со проект на Министерството за труд и социјална политика. Во 2002 година, македонскиот парламент донесе Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Реформата вклучуваше воведување на втор и трет столб, односно приватно капитално-финансирано пензиско осигурување. Така, веќе во 2005 година започнаа со работа Друштвата за управување со пензиски фондови.

Демографските трендови, тековните состојби на пазарот на труд и во економијата, како и промените во стапките на придонес за пензиско осигурување во минатото се доминантни фактори кои имаат влијание врз одржливоста на пензискиот систем.

Демографските трендови во Р. С. Македонија се неповолни. Просечната возраст на населението се зголемува, додека стапката на фертилитет е под просекот на европските земји. Коефициентот на старосна зависност бележи влошување. Индексот на стареење кој се смета за еден од најдобрите показатели за староста на популацијата според пописот од 2021 година, бележи вредност повисока од 100 што подразбира поголемо учество на лицата од 65 и повеќе години во вкупното население во споредба со лицата до 14 години. Демографскиот проблем во Р.С. Македонија е значаен ризик фактор за одржливоста на пензискиот систем.

Неповолните економски состојби влијаат негативно на пазарот на труд. Состојбите на пазарот на труд во земјава прикажуваат сè уште релативно висока стапка на невработеност, особено кај помладата популација, што не оди во прилог на обезбедувањето на одржливост на пензискиот систем. Покрај високата невработеност, пазарот на труд се соочува и со недостиг на квалификувана работна сила, особено во одредени сектори. Политиките со цел зголемување на вработеноста, а со тоа и зголемување на уплата на придонеси се аспект кој е од голема важност во обезбедувањето долгорочна одржливост на пензискиот систем. Сепак, овој аспект, без координирани политики за подобрување кај останатите аспекти, не може да придонесе за целосна одржливост на пензискиот систем.

Во однос на функционирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Р.С. Македонија (ФПИОСМ), неговото ефикасно функционирање е загрозено доколку нема дотации од Буџетот на Р. С. Македонија. Во 2022 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, покривал 33,6% од своите вкупни расходи со средства од Буџетот. Овие средства претставуваат 3,4% од БДП.

Вториот столб започна да функционира во 2006 година. Капитално финансираното пензиско осигурување се разликува од системот на генерациска солидарност во однос на третманот и евиденцијата на уплатените придонеси и во однос на утврдување и исплатата на пензијата. Во ваквиот модел, секој член има сопствена сметка на која се евидентираат неговите уплатени придонеси. Овие средства се акумулираат и понатаму се инвестираат, а приносот од инвестициите намален за трошоците на работење на системот, се додава на средствата акумулирани на сметките. На овој начин се обезбедува поврзаност помеѓу средствата акумулирани на индивидуалните сметки и идните пензии што ќе ги остваруваат лицата вклучени во капитално финансираното пензиско осигурување.

Приносот кој приватните пензиски фондови во Р. С. Македонија го остваруваат е на задоволително ниво. Според податоците објавени од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, , од почетокот на функционирање на фондовите, заклучно со 31.12.2023 кај задолжителните фондови бил остварен просечен номинален годишен принос од 5,23%, додека кај доброволните фондови бил остварен просечен номинален годишен принос од 5,87%. Солидните приноси не значат и екстремна ризичност. Напротив, доколку ја погледнеме структурата на средствата на приватните пензиски фондови, односно ризичниот профил на пензиските фондови ќе забележиме дека фондовите се одликуваат со средна ризичност, односно учеството на вложувања во ризични инструменти се движи во рамки од 20% – 50% од вкупните средства.

Законската рамка во која е регулирано функционирањето на приватните пензиски фондови со цел намалување на ризичноста, пред се поради социјалните аспекти на овие фондови, поставува ограничувања во однос на видот и ризичноста на инструментите. Сепак, треба да се истакне дека постои потреба од унапредување на законската рамка во делот на инвестиционите ограничувања кои приватните пензиски фондови ги имаат во насока на поголеми можности за управување со ризиците како и за поголема диверзификација на портфолијата на приватните пензиски фондови преку можност за инвестирање на одреден процент од средствата во недвижности, инфраструктура, берзански стоки и други алтернативни инвестиции следејќи го примерот на голем број развиени пензиски системи низ светот.

Во однос на идните перспективи во капитално финансираното пензиско осигурување, воведувањето на мултифондови е концепт кој е применет во голем број земји. Мултифондовите подразбираат создавање на повеќе портфолија со различна ризичност при што осигурениците самите ќе имаат избор каде да се вложат нивните средства. Генерално во фондовите со поголема ризичност е препорачливо да се инвестираат средствата на помладите членови, додека средствата на постарите членови препорачливо е да се инвестираат во поконзервативни фондови, поради приближувањето на времето до пензионирање.

За време на изминатите декади е направен голем прогрес во спроведувањето на реформите во пензискиот систем во Република Северна Македонија. Но сè уште остануваат многу предизвици кои треба да бидат решени. Неповолноста на демографските трендови продолжува, а обврските за пензии на државата сè уште се високи.

Дел од предложените решенија за надминување на неповолните состојби вклучуваат:

  • Преквалификација на дел од работната сила во земјата со цел намалување на невработеноста и надополнување на недостигот од работна сила во одредени сектори. на пазарот на труд;
  • Потреба од увоз на работна сила од странство (поради недостиг на работници во одредени дејности каде што има недостиг на работна сила). Оваа мерка вклучува либерализација на пазарот на труд и зголемување на квотите за странските работници;
  • Етапно зголемување на вкупната стапка на придонес за пензиско осигурување;
  • Постепено зголемување на стапката на придонес во вториот столб;
  • Финансирање на трансферите од Буџетот на Република Северна Македонија кон Фонд на ПИОСМ со индиректни даноци (или со воведување на нови акцизи, пример: акциза на производи кои имаат штетни ефекти врз здравјето на луѓето, како што се производи кои содржат сода, производи кои содржат големи количини шеќер и сл.);
  • Зајакнување на III столб со колективни договори преку преговарање со синдикати и државата (вклучување на вработените во приватниот сектор во трет столб и издвојување на процент како придонес во ППШ, по примерот на К-15).

Следењето на состојбите и континуираното унапредување на пензискиот систем во Република Северна Македонија во насока на одржливост се неопходност. Одржувањето на стабилноста на пензискиот систем е главна цел на реформите кои се спроведуваат и креирањето на идни решенија и препораки секогаш треба да биде во насока на креирање одржлив и стабилен пензиски систем.

Целосната анализа може да ја преземете тука.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.