Идентификување на уникатни конкурентски предности на големи компании

Во динамичниот пејзаж на глобалната економија, големите компании со нивните обемни ресурси и значајно пазарно учество, постојано се стремат да создаваат и одржуваат уникатни конкурентски предности. Овие предности се критични бидејќи ја разликуваат компанијата од нејзините конкуренти и придонесуваат кон одржување на растот и профитабилноста на долг рок. Идентификувањето на овие уникатни конкурентски предности од страна на инвеститорите вклучува повеќестран пристап, кој зема предвид различни внатрешни и надворешни фактори. Во продолжение на овој текст разгледуваме дел од потенцијалните конкурентски предности, како и практични примери преку дел од компаниите во кои се инвестирани средствата на пензиските фондови.

Во делот на интерните фактори, најчесто фокус се става на различните капацитети на самата компанија, економијата од обем и силниот бренд.

Големите компании обично поседуваат уникатни способности или ресурси што ги издвојуваат од конкурентите. Ваквите капацитети може да вклучуваат напредни технолошки способности, супериорно управување со таленти, процеси за развој на иновативни производи или сопствени системи и процеси кои ја подобруваат оперативната ефикасност. На пример, компаниите како Apple Inc. се познати по нивниот напреден дизајн и иновативни способности, кои претставуваат значајна конкурентна предност.

Друга предност на големите компании е нивната способност да постигнат економии од обем. Ова им овозможува да ги намалат трошоците по единица производ преку масовно производство, ефикасно управување со синџирот на снабдување и силна преговарачка моќ со добавувачите. Практичен пример е Nestle, чија глобална мрежа на производствени операции и супериорни логистички способности му овозможуваат да нуди производи по релативно пониски цени во споредба со конкурентите.

Моќниот и добро препознатлив бренд може да биде една од најзначајните конкурентски предности. Големите компании константно инвестираат во активности за градење на силен бренд во насока на поттикнување лојалност и довербата на клиентите. Брендовите како Louis Vuitton и Tom Ford (во сопственост на LVMH и The Estee Lauder Companies, соодветно) се добро етаблирани, препознатливи и почитувани од страна на потрошувачите, и претставуваат силна конкурентска предност на матичните компании.

Во делот на екстерните фактори, фокус се става на релативната позиција на компанијата на соодветниот пазар, мрежата, регулаторното окружување, бариерите за влез и стратешките сојузништва.

Доминантната позиција на пазарот и широката мрежа може да бидат клучни конкурентски предности на големите компании. Практичен пример во овој дел е Amazon.com, компанија со силна мрежа гледано од мултидимензионален аспект, каде што вредноста на услугите кои ги нуди се зголемува паралелно со приклучувањето на повеќе клиенти и продавачи/партнери во нејзиниот екосистем. Ова создава самозајакнувачки циклус кој ја зацврстува лидерската позиција на пазарот и ги зголемува бариерите за влез на нови и помали конкуренти.

Високо ниво на регулаторни барања и критериуми исто така создава конкурентска предност на големите компании. Овие компании најчесто ги имаат потребните ресурси да се справат со сложените регулаторни барања или да лобираат за промени на политиката во нивна корист. Дополнително, овие компании може да имаат корист и од големи бариери за влез кои спречуваат лесен влез на нови учесници на пазарот. Пример за ваква индустрија со високо ниво на регулација, капитална интензивност и други бариери за влез е авионската индустрија. Како практичен пример за ваква компанија од нашите портфолија би ја издвоиле Airbus, која остварува значителна корист од оваа конкурентска предност.

Формирањето стратешки сојузништва и партнерства е уште еден начин на кој големите компании можат да ги подобрат своите конкурентски предности. Соработката со други фирми, истражувачки институции или стопански комори може да доведе до споделување на знаење, оптимизација на ресурсите, различни синергии и отворање на нови пазарни можности. Како практичен пример од нашите портфолија го издвојуваме Google (Alphabet Inc.), кој преку стратешкото партнерство со Samsung успеа да го направи Android најкористен оперативен систем на смартфони на глобално ниво.

Секако, во процесот на идентификување на конкурентски предности, мора да се земат предвид и други аспекти, покрај горенаведените.

Анализата на финансиските извештаи и перформансот на компанијата, преку различни показатели како стапка на поврат на капиталот, профитните маржи, стапките на раст на приходите и добивките, може да открие многу за оперативната ефикасност и пазарната позиција. Големите компании кои поседуваат силни конкурентски предности е многу веројатно константно да остваруваат подобри финансиски резултати од конкурентите.

Потоа, разбирањето на перцепцијата на потрошувачите и тековните пазарни трендови преку фидбек и различни потрошувачки анкети и други истражувања, како и анализи на перцепцијата за поединечни брендови, се клучни аспекти во анализирањето на релативната конкурентска позиција на соодветната компанија. Преку ова може да се детектираат сегментите во кои компанијата има лидерска позиција и различни заклучоци во форма на очекувања за задржување на истата во иднина.

За крај, но не помалку важна, е и анализата на достапните податоци за инвестициите во иновации и истражување и развој. Компаниите кои континуирано инвестираат во овој сегмент и претставуваат нови иновативни производи, услуги и решенија се во најдобра позиција за одржување на конкурентските предности на долг рок.

Идентификацијата на уникатни конкурентски предности кај големите компании вклучува сеопфатна анализа на интерните капацитети, пазарната динамика, регулаторни фактори, стратешки иницијативи и други фактори. Преку соодветно и ефикасно искористување на сопствените способности, постигнувањето на економии од обем, градењето на силни брендови и стратешките соработки, се зајакнува конкурентската позиција на компанијата и од истата се очекува да биде двигател на успехот на долг рок.

Сава пензиски фонд и Сава пензија плус се изложени кон поголемиот дел од компаниите кои се земени како практични примери во овој текст, преку инвестирање на дел од средствата во акции издадени од истите. Деталните податоци за инвестициите на фондовите можат да се најдат во најновите неревидирани финансиски извештаи заклучно со 30.09.2024 година. Овој текст е од информативен карактер и не претставува финансиски совет.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.