Негативните ефекти од стареењето на населението врз pay-as-you-go пензиските системи

Стареењето на населението негативно влијае на pay‑as‑you‑go (PAYG)пензиските системи со тоа што го намалува соодносот работници-пензионери и ги зголемува фискалните оптоварувања. Оваа демографска промена ги принудува креаторите на политиките да избираат помеѓу низа не-популарни мерки како: намалување на тековните пензии, намалување на идните пензии преку намалување на тековните заменски стапки, повисоки даноци или повисоки придонеси за ПИО, зголемување на возраста за редовно пензионирање и сл. Доколку државата не донесе навремена одлука во овој поглед, извесно е зголемување на тековниот дефицит во пензискиот систем на уште повисоко ниво.

Основниот механизам е едноставен: PAYG системите се потпираат на придонесите на тековните работници за финансирање на пензиите на тековните пензионери. Следствено, кога уделот на повозрасни лица се зголемува во однос на работоспособното население, финансиската состојба на системот се влошува. Негативните демографски промени комбинираат подолг животен век, пониски стапки на наталитет придружени со забрзана динамика на иселување кои неминовно водат до зголемување на односот пензионери-вработени. Како што се зголемува животниот век пензионерите користат бенефиции повеќе години, додека базата на придонесувачи не се зголемува пропорционално, создавајќи структурна нерамнотежа која не може да се поправи само со краткорочни прилагодувања.

Економските модели покажуваат дека процесот на стареење на населението е придружено со пониски пензии или повисоки фискални издатоци за истите. Дополнително, стареењето на населението го намалува одржливото ниво на пензии во PAYG системот и може да ги намали агрегатните заштеди и акумулацијата на капитал доколку тоа намалување не се компензира со реформи. Непосредната последица е притисок за зачувување на ветените пензии, што често доведува до ситуација Државата да го зголеми придонесот за ПИО или да продолжи да остварува дефицити. И двете опции создаваат економски трошоци. Повисоките придонеси можат да ја обесхрабрат понудата на работна сила и формалното вработување што би предизвикало потенцијално зголемување на сивата економија, додека постојаните дефицити го префрлаат товарот врз идните даночни обврзници и без сомнеж ќе го намалат просторот за останати јавни инвестиции како на пример изградба на патишта, нови болници, училишта и слично.

Надвор од фискалните ефекти, стареењето на населението ги засилува дистрибутивните и социјалните тензии. Помладата работна сила се соочува со ситуација да плаќа повисоки придонеси денес за не-сразмерно помали или одложени бенефиции во иднина, еродирајќи ги принципите на меѓугенерациската праведност. Во ваква ситуација, земјите со ограничен фискален простор или слаб институционален капацитет се особено ранливи.

Стареењето на населението во комбинација со низок економски раст и зголемена емиграција може да го направат PAYG системот неодржлив без длабоки структурни реформи. Ранливоста не е униформна. Земјите со робусни пазари на труд, повисок наталитет или имиграција можат да ублажат дел од притисоците, но генералниот негативен демографски тренд може да остане силна пречка.

Политички одговори на проблемот постојат, но секој одговор носи повеќе компромиси со себе:

  • Зголемувањето на законската возраст за пензионирање ги усогласува бенефициите со подолг животен век, но може да биде политички непопуларно и регресивно решение во ситуации кога повозрасните работници не се во можност да ги задржат своите работни места.
  • Зголемувањето на стапките на придонеси за ПИО ги зачувува бенефициите, но ги намалува нето платите и може да ја намали вработеноста. Дефинитивно едно од решенијата е премин кон капитално финансиран повеќестолбен систем кој би ја подобрил долгорочната одржливост и покрај издатокот за транзициски трошоци кој треба да се покрие за пренасочување на придонесите кон приватните сметки на осигурениците. Овие транзиски трошоци значително ќе се ублажат со доспевање на првите исплати од повеќестолбниот пензиски систем.

Од макроекономски аспект, поуката е дека без квалитетна структурна реформа PAYG системите во ситуација на стареење на населението ќе доведат до намалување на сегашните и идни бенефити, ќе наложат зголемување на придонесите за ПИО и/или даноците во земјата или постојано ќе акумулираат јавен долг. Вакви резултати водат до забавување на економскиот раст и долгорочно го намалуваат животниот стандард на граѓаните. Емпириски и теоретски студии потврдуваат дека демографските промени ја еродираат финансиската стабилност на PAYG системите и ги зголемуваат фискалните трошоци за одржување на тековните нивоа на бенефиции, што ги прави навремените и добро осмислени реформи неопходни. Креаторите на политиките мора да комбинираат мерки како: почитување на правилата за индексација на пензиите, постепено прилагодување на возраста за пензионирање, стимулации за подолг работен век како и диверзифицирани извори на финансирање со цел праведно распределување на трошоците и зачувување на одржливоста. Алтернативата е бавна ерозија на адекватноста на пензиите или фискално затегнување што би ги ограничило пошироките јавни приоритети.

Историјата покажува дека капитално финансираниот повеќестолбен пензиски систем е најдобра алтернатива на PAYG системот. Развиени земји како Норвешка која управува со најголемиот пензиски фонд на планетата и Германија која планира одвојување на одредена сума на средства секој месец за своите најмлади жители (https://nikogassami.mk/chlenuvanje/germanska-ide-a-do-site-roditeli/) се доказ за горенаведеното. Единствената против-игра на процесот на стареење на населението е преку „compounding“ (https://nikogassami.mk/investiranje/8-to-svetsko-chudo-slozhenata-kamatna-stapka/) односно воведување на капитално финансиран пензиски систем.

Дополнителни и подетални информации за состојбите во Македонија може да прочитате во следните текстови на блогот Демографски предизвици, социјални дилеми и идни пензии (I дел) и Демографски предизвици, социјални дилеми и идни пензии (II дел)

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.