
Кога се работи за инвестирањето, особено за инвестиции во финансиски инструменти, еден од главните параметри при инвестиционото одлучување е очекуваниот принос. Несомнено, доколку приносот кој го очекуваме од една инвестиција е еднаков или повисок од приносот кој што посакуваме да го оствариме во одреден временски период, тогаш таа инвестиција би била прифатлива за нас како индивидуални инвеститори.
Сепак, ниедно инвестирање не е без ризик. Иако ризиците најчесто не се главен фокус на инвеститорите, сепак истите се неизоставен дел при инвестиционото одлучување. Постојат голем број ризици релевантни при носење на една инвестициона одлука, но подолу ќе издвоиме неколку основни ризици кои секој индивидуален инвеститор би требало да ги има предвид при носење на одлука за инвестирање во одреден финансиски инструмент. Имено, еден индивидуален инвеститор при носењето на одлука за инвестирање треба да има свесност дека цените на финансиските инструменти се нестабилни и дека може да растат, но и да опаѓаат – и тоа со различен интензитет, зависно од видот на инструментот. Исто така, еден индивидуален инвеститор кога одлучува да инвестира средства во одредена инвестиција, треба да има свесност дека во одреден временски период, постои веројатност (која може да биде незначително мала, но и незанемарливо висока), дека може да има значајна загуба на сопствениот вложен капитал. Ултимативно, еден индивидуален инвеститор треба да има свесност дека постои ризик да не ги оствари своите лични финансиски цели врз основа на кои ги донесува своите инвестициски одлуки. Подолу кратко појаснување за секој од овие ризици:
Основна алатка за намалување на влијанието на ризикот од ценовна нестабилност и ризикот од значајно повлекување на капиталот е адекватна диверзификација на инвестициите низ различни класи на инструменти. Иако диверзификацијата не може целосно да ги елиминира овие ризици, со оглед на зголемувањето на корелацијата помеѓу различните класи на инструменти за време на системски корекции, истата може да ги ограничи падовите и да ја намали силината на надолните корекции на ниво на вкупно лично портфолио.
Во однос на последниот ризик, иако по својата природа е долгорочен, сепак важно е да се напомене дека навременото финансиско планирање може да придонесе за намалување на овој ризик. Притоа, имањето на основни финансиски познавања и адекватното управување со личните финансии се основа за остварување на финансиските цели на една индивидуа. Личните финансиски цели може да бидат различни по својата природа, може да бидат краткорочни или долгорочни и инвестициските одлуки поврзани со нив мора адекватно да го рефлектираат временскиот хоризонт на располагање, финансиските приливи на индивидуата, личната аверзија или склоност кон преземање ризик, како и останати фактори како што се возраста на поединецот, даночните аспекти, акумулираниот капитал итн.
За подобро да го илустрираме погоре наведеното на едноставен начин, ќе земеме еден пример за лична финансиска цел: Задржување на стандардот на живеење во периодот на пензионирање преку обезбедување на соодветни финансиски приливи. За еден поединец адекватно и навремено да се позиционира за остварување на оваа финансиска цел, треба да преземе соодветни чекори кои вклучуваат адекватни финансиски и инвестициски одлуки. Имено, треба да има познавање од поставеноста на пензискиот систем во земјата, но и свесност дека износот на идната пензија е тесно поврзан со работниот стаж и нивото на примања. Доколку е член на вториот столб, може лесно да провери колку средства наменети за пензија има акумулирано на својата индивидуална сметка. Исто така, постоењето на трет пензиски столб во нашата земја – доброволно пензиско осигурување му овозможува на поединецот да преземе активни чекори кон остварување на оваа лична финансиска цел преку редовно уплаќање на средства во доброволен пензиски фонд. Овие средства понатаму се инвестираат со што се овозможува зачувување на куповната моќ на истите и остварување на дополнителен принос за поединецот. Возраста на поединецот исто така е важна за адекватно инвестициско одлучување. Имено доколку поединецот има подолг период до пенизонирање, доволен може да биде понизок износ на редовни месечни уплати за остварување на посакуваната цел. Доколку периодот до пензионирање на поединецот е пократок, може да се потребни повисоки износи на уплати за да ја оствари посакуваната финансиска цел.
Мудрите инвестициски одлуки секогаш се резултат на соодветна информираност и финансиско познавање, имајќи ја предвид целосната слика на личните финансии и личните финансиски цели и истите не базираат на ад хок одлуки или ветувања за брза заработка, туку секогаш ги земаат предвид очекуваните приноси, ризиците, очекуваните приливи, временскиот хоризонт, даночните аспекти, личните преференции и останати фактори релевантни за еден поединец.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.