Како менаџментот се справува со новиот хибриден модел на работа?

Работата од дома или комбинираната работа, која сè уште е актуелна поради пандемијата со КОВИД-19, претставува предизвик за вработените, а особено за менаџментот, кој треба да излезе надвор од границите на досегашните алатки за следење на вработените и организирање на работниот процес.

Како тоа да се направи во услови кога менаџерите не ги „гледаат“’ своите вработени?

Размислувањата на ова подрачје се дека комбинираната работа ќе бара приспособување на раководните нивоа на новиот начин на организирање на работата, редизајнирање на процесите и изнаоѓање  решенија за да им се помогне на вработените во услови на нови модалитети за работа.

Сава пензиско друштво истражи и ги праша своите менаџери на темата „Комбинирана работа“, а еве ги одговорите:

Врз основа на досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа најчести проблеми со кои се соочил менаџментот се:

  • Поместување на работното време и пролонгирање на работните процеси и по завршување на работното време;
  • Отежната комуникација поради отсуството на повремените непосредни контакти, кое го оптоварува времето и работењето; 
  • Недоволно изградени модели на следење на ефикасност и продуктивност.

Најчести позитивни искуства кои ги посочуваат од досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа, кои воедно би биле и најголема предност зошто да се организира работа од дома или комбинирана работа и во нормални услови се:

  • Флексибилноста на работното место, која дава можност за поголема адаптибилност на вработените;
  • Порационално искористување на времето. Не се губи време за доаѓање и заминување на работа, а воедно секој вработен има повеќе време за своето семејство;
  • Поинтензивна комуникација меѓу членовите во тимот;
  • Штедење на ресурси, како за компанијата (се намалуваат трошоците за греење/ладење, струја, вода…), така и за работникот ( намалени трошоци за гориво, храна, облека, паркинг).

Нашиот менаџмент поддржува комбинирана работа дома-канцеларија, при што за да се надминат предизвиците препорачуваат  формализиран процес и  дефинирани правила за  комбиниран систем на работа, имајќи ги предвид сите аспекти кои се релевантни, а притоа да се постигне соодветен баланс помеѓу барањата за работа и благосостојбата на работникот.

Како аспекти кои треба да се земат предвид во овој процес на формализација ги посочуваат: обезбедување на соодветна техничка опременост и реорганизација на работен простор, категоризација на работните процеси кои се подобни за работа од дома, начин на одобрување и начин на следење на работата од дома, обезбедување на адекватно окружување при работа од дома, дефинирање на начини на одржување на состаноци, формални и неформални, во рамки на секторски тимови или проектни групи, како и канали на комуникација, пристап до информацискиот систем, сигурност и контрола, како и јасна и редовна комуникација со менаџментот.

Сава пензиско друштво со својата навремена реакција, преку човечки инфраструктурни и ИТ ресурси успеа за брзо време да се приспособи на новата состојба, но состојбата ја потврди потребата секој работодавач да ја обликува културата на својата работна сила, која ќе вклучува создавање на системи во кои вработените ќе напредуваат физички и психички.

Оттука Друштвото ја препозна потребата  да изработи сеопфатна, добро дефинирана процедура за комбинирана работа, која ќе биде насочена кон зголемување на транспарентноста, флексибилноста и нов пристап на работа, кој ќе се фокусира на благосостојбата на вработените и поинспиративни форми на лидерство.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.