10 совети како паметно да управуваш со личните финансии

Основа во сите дејства, од најосновните како, на пример, да стигнеш од точка А до точка Б, или најкомплексните, да се развие компјутерски код или проектирање и изградба на објект, е формирање на стратегија. Во управувањето на личните финансии, без разлика колкави биле тие, поставувањето на стратегијата на самиот почеток е од круцијално значење и во голема мера го дефинира успехот или неуспехот во овој процес.

Кај личните финансии една стратегија треба да ги има минимално следните параметри: цел која е изразена во апсолутна вредност или, пак, како очекуван годишен принос на вложените средства, моменталната состојба на средствата што се слободни за инвестирање како и можноста за месечно штедење и зголемување на инвестициското портфолио, временски хоризонт за исполнување на целта, прифатливо ниво на ризик или популарно кажано апетит за ризик, ликвидносните потреби или веројатноста за потрошувачка од инвестициското портфолио, даночните аспекти и управувањето со истите.

Дополнително, стратегијата може да вклучува и специјални околности, како, на пример, избегнување на инвестиции во одредени индустрии или, пак, одредени финансиски инструменти.

Откако ќе ја формулирате својата инвестициска стратегија (за што препорачуваме консултирање на пензиски или инвестициски советник или финансиски аналитичар) доаѓа делот на операционализација на истата. Во оваа фаза најважно е да ги имате сите информации за достапните финансиски продукти преку кои ќе почнете да ја остварувате својата стратегија.

За да направиш соодветна анализа на сите опции, и да донесеш одлука која ти ја сметаш за исправна, секогаш имај ги предвид овие 10 совети:

  1. Истражувај – Информирај се за инвестицискиот продукт пред да ги вложиш средствата во него. Проучи ги сите негови карактеристики, карактеристиките на Друштвото кое го издава или управува со тој инструмент и кои се лицата кои управуваат со тој продукт, нивното искуство, меѓународните лиценци и угледот во инвеститорската фела, разгледај го портфолиото на инвестиции и, секако, остварениот принос кој го има остварено до сега.
  2. Ризик – Секое вложување со себе носи и одреден ризик, кое е изразено како веројатност, за негативна или позитивна промена во неговата вредност. Информациите за вредноста на вложувањето и варијабилноста на неговата вредност во минатото се добар индикатор за неговата ризичност. Свесноста, дека вложувањето во одреден период може да изгуби од својата вредност, е многу важна во носењето на одлуката и значително може да влијае да не се носат лоши одлуки во лошо време, односно да не се продава, односно дезинвестира, во моменти кога финансискиот инструмент бележи пад на вредноста вообичаена за неговата природа.
  3. Внимателност – Чувајте се од изреките „Збогати се брзо“ и „Не можеш да изгубиш“. Ваквите понуди, најчесто, се со висок ризик.
  4. Планирање – Кога ќе го одредите буџетот, кој сакате да го инвестирате, секогаш мислете и на непланираните трошоци и инвестирајте одреден процент од вашето портфолио во ликвидни инструменти (флексибилни депозити, парични фондови и слично) за непредвидени потрошувачки потреби.
  5. Цел – Вложувајте секогаш во склад со своите цели дефинирани во вашата лична инвестициска стратегија.
  6. Доверливост – Информирајте се од доверливи извори и на официјалните страници на институциите. Направете неколку разговори со компетентни и стручни лица кои имаат долгогодишно искуство во оваа област.
  7. Трошоци – Проверете како надоместоците и приносот од инвестирањето  влијаат на резултатите од вложувањето.
  8. Диверзификација – Во превод: не инвестирајте сѐ што имате на едно место! Распоредете ги своите финансии на долгорочни, среднорочни и краткорочни вложувања.
  9. Трпение – Долгорочното и редовно вложување со сигурност ќе донесе резултат. Најголем непријател се вашите емоции и одлуките на кои тие ве наведуваат. Со други зборови, ако знаете дека не можете да бидете трпелив во периодите на пад на финансиските пазари и да не деинвестирате/продавате одреден инвестициски продукт во најлошиот можен момент, тогаш инвестирајте во сигурни инструменти со фискален принос како обврзници или депозити во банка.
  10. „Камата на камата“ – Кај некои финансиски продукти во текот на годината твоите вложени средства се зголемуваат поради „камата на камата“. Информирај се кои се овие продукти и внимателно одбери вложување во нив. Повеќе на темата во следниот блог пост: https://nikogassami.mk/investiranje/8-to-svetsko-chudo-slozhenata-kamatna-stapka/

Во основа, секоја лична инвестициска стратегија треба да почнува со лична пензиска стратегија, а тоа е обезбедување на соодветна заштеда за задржување на посакуваниот стандард на живеење во периодот кога вашиот работен век веќе е завршен. За овој ваш прв чекор кон управувањето со личните финансии на располагање ви се нашите пензиски советници кај  нашите деловни партнери НЛБ Банка и Сава Осигурување, како и достапноста на нашето Друштво преку сите канали на комуникација (телeфонски број 15500, емаил: kontakt@sava-penzisko.mk, web страницата sava-penzisko.mk).

Ве очекуваме за да ви помогнеме да го направите првиот чекор и да ја следите успешноста на вашата лична инвестициска стратегија.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.