За да се постигне финансиска дисциплина и да се користат финансиите паметно потребно е да се следат само неколку принципи на личните финансии:
1. Буџетирање
Постојат одредени работи што треба да размислите да ги правите при буџетирање:
Создадете фонд за итни случаи:
Ваквиот фонд се користи за големи или мали непланирани сметки или плаќања кои не се дел од вашите рутински месечни трошоци и трошење, како здравствени трошоци, непланирани поправки во домот или на вашиот автомобил, како и во некои случаи и неочекувана загуба на работното место. Без заштеди, дури и помалиот финансиски шок може да има трајно влијание.
Износот што треба да го имате во итен штеден фонд зависи пред се од вашите примања. Кога го подготвувате размислете за најчестите видови на неочекувани трошоци што сте ги имале во минатото и колку чинат. Ова може да ви помогне да поставите цел за тоа колку сакате да одвоите. Во просек, би требало фондот да ви покрие трошоци за живот за период од 6 месеци.
Следете ги вашите трошоци:
Почнете да ги додавате вашите трошоци секој ден за да можете да ја преземете контролата над трошењето. Може да создадете свој ексел каде што ќе го следите секое купување или ќе преземете апликација за следење на трошоците. На овој начин ќе имате детален преглед за движењето на вашите финансии што понатаму ви овозможува да направите ревизија на истите и да согледате колку одредени добра или услуги ви биле неопходни, а кои непотребни, која потрошувачка треба да се зголеми, а која да се намали.
Следете правило за буџетирање:
Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. 50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци- плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, превоз, осигурување и храна. 30% за несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив ако треба. Тука може да се вклучуваат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување. Останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.
2. План за штедење
Лесно е да кажеме дека сакаме да заштедиме 60.000 денари оваа година, но ни треба начин да ја постигнеме таа цел. Еден од полесните начини е да поставиме подцели, односно како да заштедиме по 5.000 денари секој месец. Тоа може да го направиме или преку зголемување на месечниот доход (прекувремена работа, втора работа) или преку кратење на некои трошоци кои сме утврдиле дека можеме да ги избегнеме.
3. Анализа на задолжувањата
Задолжувањето кое е штетно за личните финансии се сите кредити со високи каматни стапки, како кредитот на кредитните картички, кои се проследуваат од месец во месец. Исто така, треба да се избегнува задолжување за потрошувачка на добра кои лесно ја губат својата вредност, како најнов модел на автомобил, телефон, накит и останати луксузни добра.
Сепак, не секој долг може да се нарече „лош долг“. Задоложување за едукација, започнување на сопствен бизнис или купување на стан/куќа е пример за т.н. „здраво“ задолжување, бидејќи тоа води кон зголемување на идниот доход.
4. Замете го данокот предвид
Пред се, треба да се разбере вашата вистинска заработувачка и како истата се оданочува. Различните извори на доход (плата, инвестирање, наследство и неочекувани-добивки на игра на среќа), различно се оданочуваат и имаат различни даночни олеснувања. Разбирањето како да се искористат даночните олеснувања може да има значително влијание врз вашите финансии.
5. Инвестирај во својата пензија
Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.
Државниот пензиски фонд не ни гарантираг високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.
Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.