Односот кон животната средина, социјалните аспекти и корпоративното управување содржани во кратенката ESG (Environmental, Social and Governance) се збир на критериуми со кои се оценува однесувањето на компаниите од страна на општествено одговорните инвеститори во процесот на проверка/скрининг на потенцијалните инвестиции.
Критериумите за животната средина се однесуваат на мерењето, објавувањето и поставените цели за намалување на негативниот отпечаток на една компанија кон животната средина, вклучувајќи ги и корпоративните политики кои се однесуваат на климатските промени и целите поставени со Парискиот договор.
Социјалните критериуми се однесуваат на системот на управување со односот кон вработените, добавувачите, клиентите и заедниците каде што компанијата функционира, додека оценката на корпоративното управување е насочено кон квалитетот на управувањето од страна на раководството на компанијата, платите и надоместоците на раководството, надворешните ревизии, внатрешните контроли, правата на акционерите итн.
Користењето на ESG критериумите во оценката на потенцијалните инвестиции е во голем пораст бидејќи сè повеќе инвеститори и издавачи ги користат податоците за ESG за да го поддржат нивното одлучување за инвестирање.
Растот делумно произлегува од регулаторните барања насочени кон институционалните инвеститори, како пензиските фондови и банките, но причина за пораст е и зголемената свесност на инвеститорите за одржливиот развој.
Практиката на ESG инвестирање започна во 1960-тите како општествено одговорно инвестирање, при што инвеститорите исклучуваа акции или цели индустрии од нивните портфолија врз основа на деловни активности како што се производството на тутун, алкохолни пијалаци, организирање на игри на среќа или коцкање или вмешаност во режимот на апартхејдот во Јужна Африка.
ESG практиките сега се цврсто инкорпорирани во агендите на институционалните инвеститори и управувачите со средства. Додека некои инвеститори го сметаа ESG како нешто повеќе од вежба со штиклирање пред неколку години, сега овој пристап претставува клучна алка од процесот на инвестирање, а регулаторните тела одиграа клучна улога во ова.
Всушност, усогласувањето со регулаторниот развој е еден од главните двигатели во прифаќањето на ESG, според истражувањето на Барнет Вадингам, спроведено меѓу пензиските фондови и управувачите со средства.
Анкетата покажува дека 91% од испитаниците велат дека еволуирачката регулатива и законските барања се клучен фактор зошто ги земаат предвид ESG размислувањата при нивното одлучување и спроведување на инвестициите.
Други причини вклучуваат управување со ризик (77%), препораки од советници (57%), побарувачка од членовите, корисниците и креаторите на политики (28%) и влијанијата од колегите (17%). (Извор: Barnett Waddingham, Sustainable Investor Insights Survey)
Сава пензиско друштво а.д. Скопје, зазема активен став за примената и почитувањето на ESG стандардите во процесот на инвестициското одлучување, во доменот на инвестиции во странски компании и македонски акционерски друштва.
Активно го следиме развојот на настаните на ова подрачје, особено развојот на регулативата на ова поле на светско ниво, насочена помеѓу другото и кон проблематиката на greenwashing, односно искажувањето на неосновани или погрешни тврдења за карактеристиките на одржливост и придобивките од инвестицискиот продукт.
Одлуките ги носиме критички и на рационална основа, позиционирајќи ги портфолијата на пензиските фондови на начин за кој имаме разумно уверување дека е во најдобар интерес на членовите на фондовите со кои управуваме.
Во однос на нашата изложеност кон странски финансиски инструменти, при разгледување на ESG перформансот на странските компании, во предвид се земаат повеќе показатели, соодветно групирани во трите подгрупи: животна средина, општествена и социјална одговорност и корпоративно управување.
Во отсуство на обврзувачка регулатива, пензиските фондови како институционални инвеститори и засегната страна од практиките на компаниите во кои се инвестирани средствата, играат клучна улога во подобрувањето на практиките на домашните компании.
Сава пензиско друштво а.д. Скопје водејќи се од својата визија за транспарентност и високи морални вредности, како и посветеноста на градење на одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина, како одговорен управувач во низа македонски акционерски друштва, со примена на пристапот на активно сопствеништво (active ownership), за ESG практиките на компаниите зборува директно, преку учество на акционерски собранија, како и директен контакт со менаџментот на акционерските друштва, со цел подобрување на одржливоста на компаниите, како и намалување на економските ризици во иднина.
За учеството и активностите на Сава пензиско друштво а.д. Скопје при застапување на пензиските фондови на акционерските собранија на домашните компании може да се прочита детално на web страната на Друштвото, во делот каде се објавуваат Извештаите од учеството на акционерски собранија.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.