Концептот на циркуларна економија за ефикасно намалување на отпадот кој го создаваме

Современата парадигма за одржлив развој, која води кон воспоставување на рамнотежа помеѓу одржлив општествен развој и заштита на животната средина преку рационално управување со природните ресурси, низ децении гласно и успешно ја промовира потребата за менување на навиките и начинот на размислување. Успешно го артикулира напуштањето на моделот на линеарна економија и премин кон моделот на циркуларна т.н. зелена или кружна економија со главен фокус на заштитата на животната средина, заштедува природни ресурси кои се ограничени и го намалува количеството на отпад кој го создаваме.

Актуелно сеуште присутниот модел на линеарна економија, кој се темели на принципот „земи – употреби – фрли“ и со него поврзаната неконтролирана експлоатација на природните ресурси неопходни за производство на нови производи, генерира големи количества отпад со негативно влијание врз квалитетот на животната средина. Наспроти него, моделот на циркуларна економија го промовира концептот на одржлив развој, преку минимално создавање на отпад, максимално искористување на создадениот отпад со негово трансформирање во ресурси и ефикасно управување со отпадот за да се зачува квалитетот на животната средина.

Циркуларната економија е регенеративен систем кој донесува нов концепциски пристап кон отпадот како ресурс, бидејќи отпадот (излез) од еден процес може да биде ресурс (влез) во некој друг процес.

Првата земја која формално го прифатила овој концепт и го инкорпорирала во своето законодавство е Германија во 1996 година, кога е донесен Законот за затворен циклус на управување со отпад.

Најголемо количество отпад доаѓа од домаќинствата. Овој вид на отпад по својот состав е хетероген, односно содржи содржи пластична амбалажа, алуминиумски лименки, хартија, картонска амбалажа и остатоци од храна.

Пластиката, секако претставува најголемиот проблем во одговор на потребата за ефикасно управување со создадениот отпад. Проблемот со пластиката е нејзината еднократна употреба и долгиот животен век (пластичната амбалажа се фрла и се меша со друг комунален отпад и генерално завршува на депонија или во диви депонии во природата).

Циркуларната економија ја нуди можноста отпадот кој го создаваме да го рециклираме и трасформираме во нешто корисно за сите – инспирира навики за рециклирање. Рециклирањето придонесува за намалувањето на количината на отпадот кој завршува во депониите. Рециклирањето помага во зачувување на природните ресурси кои се користат за производство, со тоа што веќе искористените материјали се употребуваат повеќекратно. Рециклирањето на пластиката штеди двојно повеќе енергија од онаа која се троши за таа да изгори во депониите.

Циркуларната економија инспирира креативнен пристап и иновации во потрага кон решенија за одржлив развој, во последно време се повеќе се зборува за потенцијалот на хемиското рециклирање на пластиката т.н. пиролиза, процес низ кој е можно е да се искористи 71% од материјалот на мешан пластичен отпад за производство на нова квалитетна пластика.

Концептот на циркуларната економија (зелена, кружна економија) донесува јасна визија за намалување на отпадот и одржлива иднина на нашата планета, модел кој води кон обнова на екосистемите и се грижи за потребите на идните генерации.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.