Акционерски активизам: Зајакнување на позицијата на инвеститорите и подобрување на корпоративното управување

Акционерскиот активизам ги опфаќа напорите на инвеститорите, особено големите институционални инвеститори, да влијаат врз однесувањето на компаниите. Постојат низа активности од овој домен, од директни разговори со менаџментот до предлагање на промени на акционерски собранија. Иако постојат различни критики, акционерскиот активизам може да обезбеди значајно подобрување на корпоративното управување и создавање на долгорочна додадена вредност.

1. Зајакнување на корпоративното управување

Една од примарните придобивки од акционерскиот активизам е подобрување на корпоративното управување. Активистите најчесто се борат за промени кои ќе доведат до подобар надзор и зголемена одговорност во компаниите. Тие може да бараат поголем број на независни директори во одборите, зголемена транспарентност во финансиското известување, како и за подобрување на контролите во повеќе сфери на управувањето. Преку зголемување на одговорноста на менаџментот и одржување на интересите на акционерите како приоритет, активистите играат значајна улога во градењето на етичко и ефективно корпоративно управување.

2. Настојување за стратешки промени

Акционерите-активисти често се залагаат за стратешки промени кои можат да ги зајакнат конкурентноста и профитабилноста на компаниите. Ова може да вклучува настојување за дезинвестирање на одредени сегменти кои повеќе не се дел од основната дејност на компанијата, спојувања и преземања или промени во бизнис стратегијата кои би ја прилагодиле на променетите пазарни услови. Ваквите стратешки промени можат да имаат значајна додадена вредност за акционерите и да ја насочат компанијата кон долгорочен успех. Со тоа што активистите го предизвикуваат менаџментот да размислува критички за своите стратешки определби, тие придонесуваат кон тоа компанијата да остане агилна и прилагодлива на пазарната динамика.

3. Подобрување на финансиските резултати

Повеќе студии укажуваат на тоа дека акционерскиот активизам има позитивно влијание врз финансиските резултати. Активноста на акционерите често води до подобра алокација на ресурси, имплементација на мерки за намалување на трошоци, и зголемување на ефикасноста во оперативните активности. Со преиспитување на одлуките на менаџментот и настојување за поголема ефикасност, активистите можат да придонесат кон зголемена профитабилност на компаниите и повисоки стапки на поврат на инвестициите. Следствено, корист од ваквите промени имаат сите акционери преку зголемување на цените на акциите и зголемување на дивидендите.

4. Поттик за создавање долгорочна додадена вредност

Иако одредени критичари стојат на ставот дека акционерскиот активизам поттикнува само краткорочни промени, многу активности се фокусирани на создавањето на долгорочна

додадена вредност. Преку предлози за имплементирање на одржливи бизнис-практики, ESG иницијативи, и долгорочно стратешко планирање, активистите помагаат компаниите да изградат отпорен и одржлив бизнис модел. Фокусот на создавање додадена вредност ги усогласува интересите на акционерите со стејкхолдерите, вклучувајќи ги вработените, клиентите и пошироката заедница.

5. Поттикнување иновативност

Акционерскиот активизам служи и како инкубатор за иновации во самите компании. Активистите често се залагаат за зголемување на буџетите за истражување и развој, имплементирање на нови технологии и градење на иновативни бизнис модели. Преку настојување менаџментот да размислува outside the box и да изнаоѓа нови можности за раст, активистите помагаат во градење на култура за иновации која ќе има позитивен придонес кон долгорочен успех. Иновативниот начин на размислување води до развој на нови производи, услуги, и откривање на пазарни можности од кои корист ќе имаат компанијата и акционерите.

Заклучок

Акционерскиот активизам игра витална улога во зајакнување на корпоративното управување, настојување за стратешки промени, подобрување на финансиските резултати, поттик за создавање на долгорочна додадена вредност и поттикнување иновативност. Иако се соочува со повеќе предизвици, позитивниот ефект од акционерскиот активизам врз целокупното корпоративно управување, како и врз поширокото окружување не смее да биде потценет. Колку повеќе инвеститорите бараат зголемување на одговорност и транспарентност од компаниите, толку повеќе ќе се зголемува влијанието на акционерскиот активизам.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје, во име на ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус присуствува на акционерските собранија на сите компании во Македонија во кои фондовите имаат инвестирано дел од своите средства. Преку активно вклучување во дискусиите на самите собранија, во разговори, состаноци со менаџментот и активности надвор од истите, Друштвото настојува на зголемена транспарентност, подобрување на квалитетот на финансиско известување и имплементирање на ESG практики. Се тоа е во примарен интерес на членството и пензионираното членство, како и пошироко во интерес на целото окружување.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Објавените содржини се сопственост на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Преземањето на содржини е дозволено само во целина, со задолжително наведување на изворот (Извор: www.nikogassami.mk - Сава пензиско друштво а.д. Скопје) и линк до наведената преземена содржина. Секое делумно преземање и/или коментирање се смета за преработка на авторското дело, менување и негово скрнавење што подлежи на законска одговорност.