Начини на стимулирање на вработените за поголема успешност на компанијата

Дигиталната револуција и постојаниот развој на работната околина во 21 век стојат зад растот на феноменот наречен поврзани вработени. Луѓето се повеќе се потпираат на технологијата и мобилните уреди за извршување на нивните секојдневни задачи и одговорности. Како резултат на тоа, многу компании агресивно инвестираат во дигитални технологии за да воспостават врска со вработените.

Сепак, една од најголемите заблуди за дигиталната трансформација е дека технологијата ја игра главната улога. Технологијата е алатка, но луѓето треба да бидат во фокусот на иновациите.

Не можете да создадете поврзана работна сила освен ако вашите вработени немаат заедничка цел да споделуваат и следат. Оттука, важно е да се промовира визијата на компанијата низ целата организација. Ефективен начин да се направи тоа е споделување на визијата, мисијата и вредностите во лесно достапна платформа.

Следниот чекор е да ги споделите организациските цели со вашите вработени за да можат да ги усогласат нивните индивидуални цели со нив. Овозможете му на секој човек во организацијата да постигне повеќе.

Дајте им глас на вашите вработени – Според Форбс, вработените кои чувствуваат дека се слушнати имаат 4 пати поголема веројатност да бидат мотивирани да дадат се од себе на работа. Погрижете се да поттикнете отворени и значајни разговори во вашата организација. Обезбедете им на вашите вработени достапни канали за внатрешна комуникација за да ги изразат своите мислења и идеи за перформансите на бизнисот.

Слушнете што всушност велат вашите вработени и постапете според тоа – Дали редовно спроведувате анкети за инволвирање на вработените? Дали поттикнувате редовни состаноци еден на еден? Дали слушате, мерите и што е најважно, постапувате според она што вашите вработени имаат да го кажат? Секогаш слушајте ги вашите вработени кои можеби знаат подобро од вас. Едноставно не можете да бидете експерт за сè. Затоа, од витално значење е да се опкружите со луѓе со различни вештини, кои се експерти во она што го прават.

Дополнително, дајте инспирација во вашиот тим на вработените постојано да учат, да прашуваат, и да се поврзуваат со своите колеги и останати тимови. Сава пензиско друштво спроведува анкети и состаноци, со цел да ги слушне мислењата, идеите и предлозите на своите вработени.

Помогнете му на секој вработен да ги постигне своите цели – Инспирирањето на вашите вработени да постават и да постигнат индивидуални цели е одличен начин да ги мотивирате и да им помогнете да се развијат. Поттикнете го личниот и професионалниот развој, погрижете се вашите вработени да се свесни за различните опции за тоа како да напредуваат во нивните кариери во вашата организација.

Вклучете се во секојдневните активности – Разговарајте со вашите вработени. Истражувајте други теми освен работата. Обидете се да ги запознаете луѓето кои работат за вас. Што ги интересира? Што прават надвор од работа?

Запознавањето со вашите вработени не само што ќе покаже дека се грижите за луѓето кои работат за вас, туку исто така може да ве изложи на вештини и знаења што не сте ни знаеле дека ги имате во бизнисот.

Микс од работа и забава преку надворешни активности, тим билдинг и дружењето надвор од работното место значително ќе придонесе луѓето да се поврзат и да создадат врски кои се нераскинливи при извршување на работата, но ќе опстанат понатаму и како пријателства.

Компанијата треба да ја негува визијата и да продолжи да ја пренесува на тимовите преку грижа за најважниот ресурс – луѓето. Покажувањето интерес за своите вработени е најлесниот начин да се развијат вработени кои се поврзани меѓусебе. Најпрво, луѓето треба да бидат на прво место: сите вработени – без разлика на нивната позиција или колку добро ја извршуваат својата работа – сакаат да бидат почитувани и ценети за нивниот придонес.

Почитта доаѓа во многу различни форми: почитување на мислењето, почитување на времето, почитување на културата и многу повеќе. Но, почитта е двонасочна улица. Вработените, исто така, треба да ги почитуваат своите работодавци и сопствената кариера, наместо да ги гледаат своите работни места и плати само како нешто на кое имаат право.

Потоа, бариерите за информации треба да се срушат:информациите се моќ, а работодавците традиционално ја користат оваа моќ со селективно давање информации на вработените или задржување на дел од нив.

Организациите денес повеќе не можат да си дозволат практика на селективна комуникација. Вработените мора да бидат информирани, преку постојана, целосна, транспарентна и неограничена комуникација од нивните соработници, менаџери и клиенти – за тоа што се случува во организацијата и нивното место во неа. Само кога ќе имаат целосни информации вработените можат и ќе дадат се што имаат на нивната организација.