Приливи од дивиденди во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус од MICROSOFT CORP, INTEL CORPORATION, THE ESTEE LAUDER COMPANIES INC

Ве информираме дека во периодот од 31.08.2023–17.09.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 7.098.062,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 18.516.828,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигна приливи од дивиденди во износ од:

–      13.525,96 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC.;

–      10.510,94 САД долари, од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;

–      6.664,00 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP.;

–      11.007,61 САД долари, од инвестираните средства во компанијата THE ESTEE LAUDER COMPANIES INC.;

–      37.587,93 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и

–      92.086,10 евра, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES STOXX EUROPE 600 UCITS ETF (DE).

Ве информираме дека во периодот од 31.08.2023–17.09.2023 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 373.120,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 120.125,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      297,77 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC.;

–      358,75 САД долари, од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;

–      258,47 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP.;

–      411,18 САД долари, од инвестираните средства во компанијата THE ESTEE LAUDER COMPANIES INC.;

–      830,59 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и

–      3.085,85 евра, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES STOXX EUROPE 600 UCITS ETF (DE).

Овие приливи се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на нивната висина.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2023/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Инфлација и можности за заштита од инфлација

Што претставува инфлацијата?

Инфлацијата претставува стапка на раст на генералното ниво на цените на стоките и услугите во една економија за определен временски период. Инфлацијата е широка мерка која вообичаено го опфаќа растот на трошоците за живот во една економија и растот на инфлацијата може да се интерпретира како намалување на куповната моќ на населението. Генерално, инфлацијата може да е предизвикана од фактори на страната на побарувачката, како и фактори на страната на понудата. Исто така, подолготрајните нагорни инфлациски притисоци на определени производи и услуги, може да имаат преносни ефекти врз цените и на останати производи и услуги и да придонесат за дополнително подгревање на инфлациските очекувања. Состојбите на пазарот на труд исто така може да влијае на нивото на цени во една економија.

Зошто дојде до раст на глобалната инфлација?

Стапките на инфлација, како во земјите во развој, така и во развиените земји во текот на 2022 година достигнаа нивоа незабележани неколку декади. Ваквите движења имаа влијание врз финансиските пазари и предизвикаа значителни корекции на обврзничките пазари, ги поттикнаа на брза реакција монетарните власти во голем број земји и влијаеа врз намалување на очекувањата за глобалниот раст.

За време на пандемијата на ковид дојде до појава на неколку трендови кои имаа свој удел во растот на глобалните цени. Како еден фактор кој влијаеше на растот на цените е олабавената фискална и монетарна политика со цел поддршка на економиите за време на пандемијата. Така, владините програми за поддршка кои беа во насока на зголемување на расположливиот доход на населението ја поттикнаа побарувачката која беше поддржана од олабавените финансиски услови во економиите.

Воведувањето на тарифи кое започна уште пред пандемијата и намалениот раст на глобалната трговска размена беа протолкувани како зачеток на деглобализациски процеси со потенцијален среднорочен импакт на синџирите на набавки и потреба од преструктуирање кое ќе значи повисоки трошоци во билансите на компаниите и следствено повисоки цени.

Воениот конфликт во Украина и зголемените геополитички ризици дополнително придонесоа за тесни грла во синцирите на снабдување и понуда која е недоволна да ја задоволи пост-пандемичната зголемена побарувачка. Војната во Украина имаше значајно влијание врз цените на храната и енергенсите. Од аспект на енергенсите, се нотира значајната улога на Русија на пазарот на нафта и гас. Исто така, не помалку значајна е и улогата на Русија и Украина како земји извознички на основни прехрамбени суровини како пченица и пченка. Ваквите состојби резултираа со повисоки цени на енергенсите, перзистентни дисрупции во синџирите на набавка и зголемени производствени трошоци.

Така, врз растот на глобалната инфлација влијаеа фактори на страната на понудата, тесните грла во синџирите на набавка, геополитичките тензии и војната во Украина, но и фактори на страната на побарувачката, односно комбинацијата од фискален стимул како одговор на ковид кризата и бранот на оптимизам со реотворањето на економиите кои имаа стимулативен ефект врз побарувачката кај голем број земји. Дополнително, ценовните притисоци кај платите и затегнувањата на пазарите на труд придонесоа за зголемување и кај базичната инфлација.

Инфлацијата во Р.С. Македонија

Домашната стапка на инфлација ги следеше глобалните движења и под влијание на надворешни и внатрешни фактори забележа значително високо ниво, принудувајќи ја Народната банка да започне затегнување на монетарната политика.

Влијанието на порастот на трошоците на живот вообичаено е посилно изразено кај ниско-доходните земји, односно кај економиите во развој, каде голем дел од потрошувачката на домаќинствата е за храна и основни добра.

Како земја со највисок степен на трговска отвореност помеѓу земјите од Западен Балкан, увозната компонента има значителен удел во движењето на цените во Р.С. Македонија. Народната банка повеќекратно нотираше дека ценовните притисоци во нашата земја главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари. Сепак, храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, со што во услови на перзистентен раст кај храната и енергенсите, растот на цените стана пошироко распространет зголемувајќи ја динамиката и кај базичната инфлација.

Исто така, брзото прелевање на подолготрајните притисоци од цените на храната и енергијата врз цените на останатите производи и услуги значеше дополнително зголемување на инфлациските очекувања кај економските субјекти.

Заштита од инфлација на портфолијата на пензиските фондови

Стапките на инфлација, како на глобално ниво, така и во земјава бележат тренд на намалување во текот на годинава. Спроведените фискални и монетарни мерки исто така имаат придонес во стабилизација на цените и инфлациските очекувања. Очекувањата се за понатамошно намалување на инфлацијата и стабилизирање на истата на пониски нивоа од тековните во наредниот период.

Сава пензиско друштво во поглед на управувањето со средствата на фондот е насочено кон остварување соодветен долгорочен принос на средствата на фондот имајќи ја пред сè предвид суштинската улога на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, стапката на пораст на трошоците на живот и останатите основни системски параметри на пензиското осигурување. Активниот пристап при инвестирањето на Сава пензиско друштво овозможува изложеност кон компании со квалитетни биланси и силна пазарна позиција кои релативно се помалку погодени во услови на економско окружување со повисока. Зголемувањето на можностите за инвестирање во вложувања кои се високо корелирани со стапката на инфлација е континуирана заложба на Друштвото.

Инвестирањето во обврзници индексирани со инфлацијата е ефикасен начин за зашитита на портфолијата од нагорните инфлациски движења, што ја истакнува потребата од зголемување на понудата на македонскиот пазар на капитал со ваков тип на инструмент. Исто така, во економски амбиент на повисока инфлација, уште повеќе доаѓа до израз потребата од зголемување на можностите за инвестирање во класи на инструменти со традиционално повисоки приноси. Гледано низ долгорочна призма, акциските пазари историски генерирале приноси кои ја победувале инфлацијата. Така, секое зголемување на можноста за инвестирање во ризична актива би значело и зголемени можности за реализација на повисоки реални приноси на пензиските фондови на долг рок.

Диверзификацијата на вложувањата е еден од основните начини за управување со ризиците при инвестирањето. Сепак, инфлациските стравови во текот на 2022 година ги придвижија и акциските и обврзничките изложености во иста насока, намалувајќи ги диверзификациските бенефити на обврзниците. Ваквите движења покажуваат дека алтернативните инвестиции може да бидат силна алатка за диверзификација на портфолијата во услови на раст на инфлацијата и зголемена корелација помеѓу движењата на цените на акциските и обврзничките инструменти.

Законските ограничувања во капитално финансираното пензиско осигурување значат неможност за директна изложеност на пензиските фондови кон некои инструменти за кои традиционално се смета дека нудат заштита од инфлацијата, како недвижности или скапоцени метали. Изложувањето кон овие инструменти може да биде посредно преку удели во инвестициони фондови кои содржат инструменти издадени од компании кои се изложени кон злато или недвижен имот.

Релативно високите стапки на инфлација во изминатиот период повторно ја истакнуваат потребата од законски измени кои на пензиските фондови во земјата ќе им овозможат поширок инвестициски универзум, односно можност за насочување на инвестициите кон инструменти со повисок очекуван принос на долг рок, кој ќе компензира за зголемените долгорочни инфлациски очекувања, што во крајна линија би придонело за реализација на повисоки реални приноси на пензиските фондови на долг рок.