Начини на стимулирање на вработените за поголема успешност на компанијата

Дигиталната револуција и постојаниот развој на работната околина во 21 век стојат зад растот на феноменот наречен поврзани вработени. Луѓето се повеќе се потпираат на технологијата и мобилните уреди за извршување на нивните секојдневни задачи и одговорности. Како резултат на тоа, многу компании агресивно инвестираат во дигитални технологии за да воспостават врска со вработените.

Сепак, една од најголемите заблуди за дигиталната трансформација е дека технологијата ја игра главната улога. Технологијата е алатка, но луѓето треба да бидат во фокусот на иновациите.

Не можете да создадете поврзана работна сила освен ако вашите вработени немаат заедничка цел да споделуваат и следат. Оттука, важно е да се промовира визијата на компанијата низ целата организација. Ефективен начин да се направи тоа е споделување на визијата, мисијата и вредностите во лесно достапна платформа.

Следниот чекор е да ги споделите организациските цели со вашите вработени за да можат да ги усогласат нивните индивидуални цели со нив. Овозможете му на секој човек во организацијата да постигне повеќе.

Дајте им глас на вашите вработени – Според Форбс, вработените кои чувствуваат дека се слушнати имаат 4 пати поголема веројатност да бидат мотивирани да дадат се од себе на работа. Погрижете се да поттикнете отворени и значајни разговори во вашата организација. Обезбедете им на вашите вработени достапни канали за внатрешна комуникација за да ги изразат своите мислења и идеи за перформансите на бизнисот.

Слушнете што всушност велат вашите вработени и постапете според тоа – Дали редовно спроведувате анкети за инволвирање на вработените? Дали поттикнувате редовни состаноци еден на еден? Дали слушате, мерите и што е најважно, постапувате според она што вашите вработени имаат да го кажат? Секогаш слушајте ги вашите вработени кои можеби знаат подобро од вас. Едноставно не можете да бидете експерт за сè. Затоа, од витално значење е да се опкружите со луѓе со различни вештини, кои се експерти во она што го прават.

Дополнително, дајте инспирација во вашиот тим на вработените постојано да учат, да прашуваат, и да се поврзуваат со своите колеги и останати тимови. Сава пензиско друштво спроведува анкети и состаноци, со цел да ги слушне мислењата, идеите и предлозите на своите вработени.

Помогнете му на секој вработен да ги постигне своите цели – Инспирирањето на вашите вработени да постават и да постигнат индивидуални цели е одличен начин да ги мотивирате и да им помогнете да се развијат. Поттикнете го личниот и професионалниот развој, погрижете се вашите вработени да се свесни за различните опции за тоа како да напредуваат во нивните кариери во вашата организација.

Вклучете се во секојдневните активности – Разговарајте со вашите вработени. Истражувајте други теми освен работата. Обидете се да ги запознаете луѓето кои работат за вас. Што ги интересира? Што прават надвор од работа?

Запознавањето со вашите вработени не само што ќе покаже дека се грижите за луѓето кои работат за вас, туку исто така може да ве изложи на вештини и знаења што не сте ни знаеле дека ги имате во бизнисот.

Микс од работа и забава преку надворешни активности, тим билдинг и дружењето надвор од работното место значително ќе придонесе луѓето да се поврзат и да создадат врски кои се нераскинливи при извршување на работата, но ќе опстанат понатаму и како пријателства.

Компанијата треба да ја негува визијата и да продолжи да ја пренесува на тимовите преку грижа за најважниот ресурс – луѓето. Покажувањето интерес за своите вработени е најлесниот начин да се развијат вработени кои се поврзани меѓусебе. Најпрво, луѓето треба да бидат на прво место: сите вработени – без разлика на нивната позиција или колку добро ја извршуваат својата работа – сакаат да бидат почитувани и ценети за нивниот придонес.

Почитта доаѓа во многу различни форми: почитување на мислењето, почитување на времето, почитување на културата и многу повеќе. Но, почитта е двонасочна улица. Вработените, исто така, треба да ги почитуваат своите работодавци и сопствената кариера, наместо да ги гледаат своите работни места и плати само како нешто на кое имаат право.

Потоа, бариерите за информации треба да се срушат:информациите се моќ, а работодавците традиционално ја користат оваа моќ со селективно давање информации на вработените или задржување на дел од нив.

Организациите денес повеќе не можат да си дозволат практика на селективна комуникација. Вработените мора да бидат информирани, преку постојана, целосна, транспарентна и неограничена комуникација од нивните соработници, менаџери и клиенти – за тоа што се случува во организацијата и нивното место во неа. Само кога ќе имаат целосни информации вработените можат и ќе дадат се што имаат на нивната организација.

Како компаниите да се поврзат со своите вработени?

Отвореното комуницирање со вработените, препознавањето на добро завршената работа и давањето простор за раст значително ќе го подобри нивниот ангажман и патеката по која треба да се движи една компанија.

Каква разлика би направила една компанија која може да го предизвика секој од вработените да решава проблеми, да дава препораки, да ги изразува своите нови идеи и да се грижи за клиентите? Одговорот е едноставен – неизмерно многу.

Секоја компанија денес има потреба од вработени кои се ентузијасти и кои го даваат најдоброто од себе на работа. На компаниите им е потребно тоа не само од најдобрите вработени, туку и од секој вработен, за да бидат конкурентни на пазарот, да опстанат, да напредуваат.

Единствениот елемент што ја разликува една компанија од друга, повеќе од било што друго се луѓето и напорот што го вложуваат.

Поврзувањето на вработените е повеќе од обичен социјален ангажман. Тоа е заедничка визија, мисија и вредности на една компанија. Поврзувањето на вработените создава компаниска култура која не само што е инклузивна, туку и обезбедува вистинско чувство на припадност и промовира прогресивни идеи, иновации, а со тоа и раст на бизнисот.

Таквата компаниска култура е заразна и развива вработени кои уживаат во својата работа, пристапуваат кон работата со итност, ентузијазам и на проактивен начин.

Како се создава една таква работна сила? Првиот чекор е да се проценат нивоата на поврзаност на вработените едни со други, како и со вашиот бизнис. Тоа може да се дознае доколку одговорите на следните прашања:

  1. Дали вашите вработени одат над своите можности и чекор подалеку за да им помогнат на своите соработници?
  2. Дали се тука еден за друг и си помагаат?
  3. Дали вашите вработени се посветени на компанијата и го имаат на ум нејзиниот најдобар интерес?
  4. Дали вашите вработени се трудат да се подобрат себеси и да го подобрат својот квалитет на работа?

Компаниите сè повеќе се свесни за важноста на тоа да имаат добра организациска клима, задоволни и ангажирани вработени, кои со страст и ентузијазам ќе ја извршуваат својата работа. Во овој контекст се повеќе компании преку посебно креирани анкети го осознаваат мислењето на своите вработени за организациската клима, нивното задоволство и нивниот ангажман.

Во Сава пензиско друштво направивме вакво истражување од кое произлегоа одлични резултати од кои може да се заклучи дека:

  • Во однос на организациската клима, вработените меѓусебно си помагаат во заедничкото создавање и се задоволни од работната средина, а просечната оценка согласно утврдената анкета е 4,21 (на скала од 1 до 5);
  • Во однос на задоволство на вработените, тие се изјаснуваат дека се целосно задоволни од нивната моментална работа, па така утврдената просечна оценка изнесува 4,32 (на скала од 1 до 5);
  • Дури 75% од анкетираните вработени се изјасниле дека својата работа ја извршуваат енергично и со страст, што значи дека имаме висок процент на ангажирани вработени. Куриозитет во резултатите од нашето истражување е дека неангажирани вработени нема, односно ниту еден наш вработен не изразува незадоволство од извршување на работата.

Резултатите кои ги добивме во нашето мерење се споредуваат со индекси и просечни резултати на група компании и со задоволство можевме да констатираме дека оценките кои ги даваат нашите вработени се значително повисоки, што ја позиционира нашата компанија како компанија со добра организациска клима и задоволство на вработените.