Финансиски институции, PISA тестови, идни пензии и селективност

Веќе извесно време внимание на јавност предизвикуваат неповолните резултати од PISA тестирањето на учениците од средните училишта. Притоа, далеку помала популарност имаат резултатите од истражувањата за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови, кои укажуваат на релативно неповолно ниво на познавања на членовите на пензиските фондови за капитално финансираното пензиско осигурување.

Зошто е ова важно? Затоа што станува збор за сегмент од домашниот финансиски систем кој се однесува на идните пензии, па оттука, заради социјалната димензија, има посебна улога во домашниот финансиски систем и суштински се разликува од останатите чинители на истиот.

Имајќи го предвид ова, кај друштвата кои управуваат со пензиските фондови, како и кај Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), покрај високото ниво на транспарентност во работењето, се преземаат и низа активности за едукација на членството, што е особено видливо на веб страницата https://penzija.mk/edukacija/.

Сава пензиско друштво вложува дополнителни напори за едукација на јавноста, преку објава на едукативни текстови со кои се настојува на поблизок начин да се појасни не само начинот на работа на Друштвото, туку и поставеноста на капитално финансираниот пензиски систем во целина.

Впечатокот за потребата од интензивирање на едукативните активности се засилува во периоди на ценовни корекции на пазарите на капитал, кои имаат влијание врз вредноста на сметководствената единица, која претставува пропорционален удел на членот во нето вредноста на фондот.

Во години на солидни приноси и раст на вредноста на сметководствената единица, во кои во суштина се акумулира одредена „резерва“, интересот на јавноста за перформансот на фондовите вообичаено е низок.

Но, при неповолни движења, на социјалните мрежи па дури и во одредени медуми, се коментираат краткорочните движења на сметководствената единица, без да се земе предвид фактот дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори и како такви средствата ги инвестираат на долг рок, низ повеќе деловни циклуси кои опфаќаат фази на раст, но и на пад на економската активност, факти познати на секој дипломиран економист и присутни отсекогаш.

Целта на пензиските фондови е да се обезбеди оптимален принос на долг рок, до моментот на пензионирање на членот на задолжителниот фонд, односно до моментот во кој член на доброволниот фонд кој има право на повлекување на средствата, носи одлука тоа право да го искористи.

Гледано наназад, приносот се остварува во подолг временски период во чии рамки можат да се носат различни заклучоци зависно од изборот на временскиот период кој се анализира. Нормално е да постојат разлики помеѓу приносот остварен во текот на една година, просечните приноси остварени низ 2, 3, 4 или повеќе години, како и просечниот принос остварен од датумот на формирањето на фондот.

Можноста за избор на временската рамка за која ќе се коментираат резултатите дава можност за селективност, но и можност за покажување на свесност, одговорност поврзана со опасностите од short-termism, познавање на или напор за запознавање со проблематиката, како и фокус кон прашања кои се релевантни сега, а кои ќе имаат влијание врз идните остварувања.

Имено, во сферата на инвестирањето познато е дека минатите приноси не се гаранција за идните остварувања.

Исто така, познато е и дека пензиските системи еволуираат и дека промените бараат соодветна адаптација на инвестицискиот универзум, која на пензиските фондови би им ја проширила листата на можни вложувања по примерот на пензиските фондови во развиените држави, но и по примерот на актуелните промени во Хрватска.

Сава пензиско друштво останува посветено при управувањето на средствата на пензиските фондови, при носењето на одлуките, при барањата за регулаторни измени и при секое постапување да работи исклучиво во интерес на членството, со долгорочен фокус при носење и имплементација на инвестициските одлуки.

Како и досега, Сава пензиско друштво продолжува со едукативните активности и останува отворено за сите прашања поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување.