„Да правиш две работи истовремено е како да не правиш воопшто ништо“ – вели една американска студија поврзана со мултитаскингот. Асоцијацијата на американски психолози преку студија направена од оваа област истакнува дека при менталното „префрлање“ од една на друга задача се троши повеќе време отколку што се заштедува.
Дополнително, заклучиле дека вообичаено, кога мислиме дека извршуваме успешно повеќе работи одеднаш, всушност не го постигнуваме тоа. Напротив, само рапидно го префрламе нашето внимание од една задача на друга, занемарувајќи го квалитетот во извршувањето.
Мултитаскингот како дел од мајчинството
Способноста за мултитаскинг е есенцијална особина за една млада, современа мајка. Со раѓањето на детето, таа способност се тренира и надоградува секојдневно.
Зарем не се сеќавате на првиот пат кога го земавте во прегратка, а истовремено бришевте истурено млеко на подот? Кога го храневте, а истовремено со една рака си го подготвувате омиленото кафе за кое повеќе од половина ден чекавте погоден момент? Кога го успивавте долго време, па си ставивте bluetooth слушалки и го пуштивте омилениот филм на ТВ?
Со тек на време, ваквата динамика станува рутина и откривате за себеси дека можете многу повеќе од тоа што сте мислеле.
Мултитаскингот како неопходност
И токму кога ќе воспоставите некаков ред на нештата, доаѓа новиот предизвик – мама се враќа на работа, а детето оди во градинка. Ново ниво на мултитаскинг, нов предизвик. Одговорност на секое поле. Обврски, обврски…како стотици облачиња надвиснуваат над вас. Излезот е да се најде начин како да се исполнуваат, пред да се истурат како пороен дожд врз вас.
Многу често слушам од блиските „фокусирај се само на една работа, никој не очекува сè од тебе“.
Звучи идеално.
Но, реалниот живот на младите мајки не им го допушта ова едноставно решение. Особено ако не растете деца со многу, па и со малку помош. Паровите со деца кои живеат во град различен од фамилијата, знаат на што мислам. Кога сте мултитаскинг мајка бидејќи стилот на живот го бара тоа од вас, потребно е да си го пронајдете најдобриот и најздравиот начин за да ги исполните сите обврски.
Велам и најздравиот, бидејќи секојдневниот мултитаскинг на долг период може да доведе до акумулиран стрес, анксиозност, чувство на вина (зошто не се поминало повеќе време со децата) и очаен недостиг на време за себе.
Порано или подоцна, секоја млада мајка ќе се соочи со истите проблеми, па еве неколку совети од моето искуство кои би сакала да ги споделам со сите Вас:
1. Воспоставете си граница помеѓу работата и домот
Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ни е овозможен хибриден модел на работење. Комбинирана работа од дома со работа во канцеларија. Ова е благодат за младите мајки, бидејќи мене лично ми овозможува во деновите кога работам од дома да заштедам време за превоз, кое во голем град значи многу. Заштеденото време го искористувам за домашните обврски – корисна бенефиција два до три пати неделно.
Сепак, имајте предвид дека работниот простор во домот треба да ви биде место во кое го имате целото ваше внимание и фокус, без дистракции како „Мама, ајде кога ќе завршиш да си играме?“, „Мама, ќе седам до тебе и мирен ќе бидам“, а притоа ќе добиете илјада прашања кои чекаат одговор и сто желби кои чекаат да се остварат.
Работата од дома, со сеприсутно дете до вас не би го препорачала никому – таквиот начин на живот не е добар, ниту за мајката, ниту за детето. Секако, работата од дома е препорачана кога децата се згрижени во градинка или некој друг член од семејството се грижи за нив.
2. Планирајте ги обврските во работната недела
Јас сум планер по природа и секогаш чувствувам помалку стрес доколку направам организација за неколку дена однапред.
Планирајте кој ден ќе работите од дома, а кој од канцеларија.
Вообичаено деновите кога имам повеќе домашни или приватни обврски после работа, како спортски активности или средба со пријатели, избирам да работам од дома. На тој начин од една страна заштедувам време во превоз низ град, а од друга страна работам попродуктивно и поефикасно. Вообичаено е дека после работниот ден од дома ми следува физичка активност која ќе го надомести чувството на не напуштање на домот цел ден.
3. Поставувајте си приоритети
При планирањето на обврските, најважно е да направите приоретизирање. Речиси невозможно е да ги исполниме сите обврски кои сме ги замислиле. Затоа, мора прво да ги поделиме обврските на два дела – обврски кои навистина е потребно да ги завршиме што побрзо и обврски кои би било добро да ги завршиме, а ќе преживееме и ако не ги завршиме најбрзо.
На првата група и давам поголем приоритет. Потоа го правиме истото за секоја од групите и така сè додека сите обврски не се подредени по приоритет.
На тој начин, дури и кога некоја обврска ќе остане незавршена ќе се чувствуваме подобро, бидејќи ќе знаеме дека тоа се случило од причина да завршиме други – поважни по приоритетот обврски.
4. Не си поставувајте нереални цели и барајте помош
Ми требаше подолго време да го научам ова. Најчесто бев во трка со себеси колку повеќе задачи да се сработат и сето тоа да биде квалитетно и точно. Тоа е едно чувство на растргнатост, чувство на „недоволно добар за сите“, чувство на „зошто не завршив уште нешто“, желба да се клонираш и да постигнеш сè.
За кого? Кој ќе биде среќен од една преморена мајка/сопруга/вработена?
Вистината е дека секоја мајка и домаќинка ќе се сложи со мене дека на обврските им нема крај. Но, треба да одлучиме што е важно денес да се заврши, а што може да почека. Рамнотежа помеѓу обврските и очекувањата.
Лично достигнување ми е моментот кога си признав себеси дека барањето поддршка, во било кој облик, не значи слабост. Затоа е важно да не си правиме самите притисок со некоја утописка перфекција за себеси и да се осигураме дека уживаме во времето поминато со нашите деца.
Подобри мајки ќе бидеме ако и само ако и ние самите сме среќни.
5. Верувајте во себе
Кога пишувам за мултитаскинг мајки кои работат, прашањето кое ми се наметнува е – „Постои ли жена која не работи?“.
Факт е дека сите жени работат, само нивните области на работа може да бидат различни. Некои работат надвор од домот, а други работат full-time како интегрален дел од семејниот систем – домаќинки.
Без разлика на која страна припаѓаме, наша одговорност ни се семејството и работата. Но, на страна од обврските секогаш треба да бидеме јасни со „времето за себе“.
Фокусот и квалитетното работење од една страна, и сакањето, верувањето и почитувањето на себеси од друга страна, се главните мантри за успех на секое поле.