Risk management лекции од случајот Silicon Valley Bank

Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.

Што се случи?

Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.

Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.

Промени во монетарната политика на ФЕД

Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:

  1. На пасивата преку зголемен одлив на депозити – од една страна повисоките приноси ги направија обврзниците поатрактивна инвестиција во споредба со депозитите, од друга страна повисоките трошоци за финансирање и прибирање капитал ги принудија дел од компаниите своите финансиски потреби да ги задоволат со користење на своите средства депонирани во банките, дополнително придодавајќи кон притисокот на депозитната база.
  2. На активата преку намалување на вредноста на обврзниците во кои банките имаат вложувања –  имено растот на приносите значи пад на цените на обврзниците и интензивното затегнување на монетарната политика што се случи во текот на 2022 година предизвика значајна корекција на обврзничките пазари.

Банкарска навала

Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.

Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.

Регулаторен одговор

Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.

Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.

(Не)соодветното управување со ризиците

Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.

Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.

Во случајот со СВБ на површина излегоа некои значителни грешки во управувањето со ризиците. Еве неколку risk management лекции од овој случај:

  1. Важноста на проценувањето на ефектите и исходите при различни сцеанрија – кај СВБ е евидентно не земањето предвид на ефектот од промените на каматните стапки врз билансите при донесувањето одлуки од страна на менаџментот;
  2. Важноста на диверзификацијата – СВБ се одликувала со висок концентрациски ризик на депозитната база, односно обврските на банката биле доминантно кон технолошки и биотехнолошки компании, помеѓу кои голем дел стартап компании со сметки во износ кој ги надминува гарантираните 250.000 американски долари од американскиот фонд за заштита на депозитите;
  3. Важноста на употребата на инструменти за заштита – СВБ имала значително намалување на употребата на дериватни инструменти за заштита од каматен ризик во текот на 2022 година – банката ја намалила употребата на каматни свопови во очекување за промени во монетарната политика до крајот на 2022 година;
  4. Важноста на соодветната проценка на ликвидносните потреби – СВБ имала лоша проценка на потребите за ликвидност и класифицирала голем дел од инструментите како инструменти кои се чуваат до доспевање;
  5. Важноста на одржувањето на висока доверба кај клиентите – Кај СВБ се случи материјализирање на репутацискиот ризик на банката кое заврши со банкарска навала.

Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.

Враќање на довербата

Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.

Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.

Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.

Позитивни ефекти од добри ергономски решенија на работното место

Ергономијата е наука која го проучува соодветниот дизајн помеѓу канцелариите и вработените. Земајќи ги во предвид човечките способности и ограничувања, ергономски дизајнираниот стил на уредување на работниот простор се обидува да биде ефикасен во исполнувањето на функционалните барања на вработените.

Правилното користење на ергономијата се смета за клучна во модерниот канцелариски дизајн. Идеалниот канцелариски дизајн одбегнува затворени простори и се фокусира на отворени и динамични канцеларии.

Добра идеја е и вклучувањето на самите вработени во планирањето на дизајнот на канцеларијата. Неколку истражувања покажуваат дека вработените кои се вклучени во процесот на дизајнот на сопствените канцеларии во пракса се повеќе посветени и попродуктивни во работата.

 Ергономијата има голем број предности кои можете да ги прочитате во понатамошниот дел од текстот.

1. Ергономијата го подобрува физичкото и менталното здравје на вработениот

Набавка на ергономски канцелариски мебел кој е во согласност со прописите и препораките за здравје при работа, овозможува да се намалат здравствените проблеми, како што се болките во грбот и зглобовите, а воедно и спречува повреди на работното место.

Подоброто физичко здравје директно доведува и до подобро ментално здравје што придонесува за помало ниво на стрес, подобро расположение и подобра концентрација при извршување на работните обврски.

2. Ергономијата доведува до поголема продуктивност кај вработениот

Комбинацијата на различни ергономски решенија како што се подлога за глувче приспособена за удобност на раката, подесување на работната маса согласно потребите на вработениот, ергономска канцелариска столица, држач за лаптоп за нивелирање на висината на екранот, како и останати ергономски решенија доведуваат до поголем комфорт на работното место, со што се зголемува квалитетот на работа, односно продуктивноста кај вработените.

3. Ергономијата ги редуцира трошоците

Со вложување во канцелариска ергономија се намалува ергономскиот фактор на ризик како што е МКП. МКП е мускулно–коскено нарушување кое се јавува по несоодветно седење на столицата.

Според одредени истражувања, на околу една третина од вработените им се плаќа надоместок во случај на МКП. Затоа потребно е да се редуцира ваквиот вид на трошок преку инвестирање во удобна канцелариска столица.

Важноста на ергономијата не може доволно да се нагласи. Организациите кои користат специјализирани услуги имаат подобро разбирање на ентериерот на канцеларијата и подобри можности за интеграција на ергономијата во дизајнот на работниот простор.

Целта на ергономското уредување на административните работни места е да им овозможи на вработените кои своето време го поминуваат на седечко компјутерско работно место, покомфорно работење, ослободување од мускулно скелетна болка, подобрено психо-физичко здравје, зголемена благосостојба, а воедно и зголемување на продуктивноста.

Ергономски дизајнираното работно место создава позитивна разлика во ставовите на вработените, а истовремено ја одржува атмосферата која е соодветна за постигнување на организациските цели.

Стефан Пужовски

Како да го прочитате вашиот годишен извештај за пензиска заштеда?

Секој член од втор и трет столб наскоро треба да добие зелен плик со годишен извештај за својата пензиска заштеда. Ова е масовна и многу важна операција за пензиските друштва со која ќе се испорачаат повеќе од половина милион извештаи – во писмена и електронска форма.

Една од најголемите придобивки со воведување на пензискиот систем со 3 столбови – е транспарентноста и отчетноста на пензиските друштва кон своите членови.

Откако ќе го добиете вашиот зелен плик, паметно е да го отворите и да прочитате што пишува внатре. Во продолжение ќе ви објаснам како полесно да го прочитате вашиот извештај. Имено, извештајот се состои од 3 главни делови:

1. Во првиот дел е презентирана вкупна состојба на вашата сметка на датум 31.12. Средствата кои ги имате на овој датум се добиени со следната формула:

Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ

Вашата вкупна состојба на сметка во иднината ќе зависи од овие 2 фактора кои имаат тенденција на пораст:

  • „Бројот на СЕ“ може да се зголеми само ако направите нова уплата во фондот. Генерално, „бројот на СЕ“ ќе расте сé до завршување на вашиот работен век поради прилив на нови придонеси во фондот;
  • Од друга страна, „вредноста на СЕ“ никогаш не е фиксна и се менува секој ден во зависност од движењето на пазарната цена на имотот на фондот. Генерално, и „вредноста на СЕ“ има тенденција на пораст поради тоа што вашиот пензиски фонд низ годините има основна цел да оствари вкупна позитивна стапка на принос.
    Можеби во одредена година тоа нема да биде случај поради остварен негативен принос – но, земено вкупно за сите години до пензионирање – пензиските друштва треба да обезбедат вредноста на СЕ да има пораст.

2. Во вториот дел се презентирани сите ваши уплати/исплати во 2022 година. Презентиран е датум на уплата/исплата, опис на трансакција и бруто износ. Во полето „Опис“ најчесто е наведен месецот за кој се однесува придонесот – во формат: година – месецот.
Пример: 202201
2022 – година, 01 – месец.

Ако во полето „Износ“ има некаква негативна вредност, прочитајте веднаш под самата табела на што се должи тоа. Доколку и понатаму не ви е јасно – слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Во рамки на вториот дел од извештајот има и споредбен графички приказ на состојба на вашата сметка на 31.12 од претходните две години.

3. Третиот дел содржи податоци и насоки за да може сами да се најавите и да имате увид во вашата пензиска сметка кога ќе посакате. Тоа може да го направите на следниот начин:

  • Пристапете на нашата веб страна: www.sava-penzisko.mk  или инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Кликнете на менито – Лична сметка
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот) или
  • инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот).

Други важни информации:

  • Средствата од Вашата пензиска заштеда од 2 столб се наменети за ваша старосна пензија и не можете да ги користите пред да остварите законско право – на 62 години за жена, и 64 години за маж. Заради тоа што од овие средства ќе добивате еден дел од вашата пензија – не е дозволено овие средства да ги повлечете наеднаш (еднократно); 
  • Мудар потег е да отворите сметка и да си уплаќате сами дополнителен придонес и во 3 столб. Овие средства од 3 столб може да ги користите најрано од 52 години за жена и 54 години за маж. Средствата од 3 столб може да ги повлечете наеднаш (еднократно);

Моја препорака е да почнете да штедите рано – во вашите дваесетти/триесетти години и да уплаќате редовно. Со раниот почеток на уплата ќе имате долг период на оплодување на вашата сметка – со ова би се исполниле услови за сериозна акумулација на средства во следни 30 и повеќе години.

Пет принципи на личните финансии

За да се постигне финансиска дисциплина и да се користат финансиите паметно потребно е да се следат само неколку принципи на личните финансии:

1.  Буџетирање

Постојат одредени работи што треба да размислите да ги правите при буџетирање:

Создадете фонд за итни случаи:

Ваквиот фонд се користи за големи или мали непланирани сметки или плаќања кои не се дел од вашите рутински месечни трошоци и трошење, како здравствени трошоци, непланирани поправки во домот или на вашиот автомобил, како и во некои случаи и неочекувана загуба на работното место. Без заштеди, дури и помалиот финансиски шок може да има трајно влијание.

Износот што треба да го имате во итен штеден фонд зависи пред се од вашите примања. Кога го подготвувате размислете за најчестите видови на неочекувани трошоци што сте ги имале во минатото и колку чинат. Ова може да ви помогне да поставите цел за тоа колку сакате да одвоите. Во просек, би требало фондот да ви покрие трошоци за живот за период од 6 месеци.

Следете ги вашите трошоци:

Почнете да ги додавате вашите трошоци секој ден за да можете да ја преземете контролата над трошењето. Може да создадете свој ексел каде што ќе го следите секое купување или ќе преземете апликација за следење на трошоците. На овој начин ќе имате детален преглед за движењето на вашите финансии што понатаму ви овозможува да направите ревизија на истите и да согледате колку одредени добра или услуги ви биле неопходни, а кои непотребни, која потрошувачка треба да се зголеми, а која да се намали.

Следете правило за буџетирање:

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. 50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци- плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее,  а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, превоз, осигурување и храна.  30% за  несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив ако треба. Тука може да се вклучуваат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување. Останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

2.  План за штедење

Лесно е да кажеме дека сакаме да заштедиме 60.000 денари оваа година, но ни треба начин да ја постигнеме таа цел. Еден од полесните начини е да поставиме подцели, односно како да заштедиме по 5.000 денари секој месец. Тоа може да го направиме или преку зголемување на месечниот доход (прекувремена работа, втора работа) или преку кратење на некои трошоци кои сме утврдиле дека можеме да ги избегнеме.

3.  Анализа на задолжувањата

Задолжувањето кое е штетно за личните финансии се сите кредити со високи каматни стапки, како кредитот на кредитните картички, кои се проследуваат од месец во месец. Исто така, треба да се избегнува задолжување за потрошувачка на добра кои лесно ја губат својата вредност, како најнов модел на автомобил, телефон, накит и останати луксузни добра.

Сепак, не секој долг може да се нарече „лош долг“. Задоложување за едукација, започнување на сопствен бизнис или купување на стан/куќа е пример за т.н. „здраво“ задолжување, бидејќи тоа води кон зголемување на идниот доход.

4. Замете го данокот предвид

Пред се, треба да се разбере вашата вистинска заработувачка и како истата се оданочува. Различните извори на доход (плата, инвестирање, наследство и неочекувани-добивки на игра на среќа),  различно се оданочуваат и имаат различни даночни олеснувања. Разбирањето како да се искористат даночните олеснувања  може да има значително влијание врз вашите финансии.

5. Инвестирај во својата пензија

Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.  

Државниот пензиски фонд не ни гарантираг високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.

Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана

Емпатија- предизвик за човештвото и лидерите

Пишуваме за емпатија, дискутираме како да ја дефинираме, обработиме, идентификуваме, како да живееме со неа и како да ја разбереме. Последниве години многу  често се зборува за емпатија и што значи да се биде емпат. Емпатијата е способност на разбирање на емоциите према другите луѓе и реагирање на истите тие емоции. Значи да се има емпатија према некого  е да можеме да се ставиме во неговите чевли, односно можеме да замислиме како би се чувствувале да сме во иста ситуација. Емпатијата може да се развие, да се учи, но исто така и да се заборави. На светот му е потребна еволуција на емпатијата.

Со развојот на технологијата дошло до тоа човекот заедно со луѓето околу себе да се чувствува осамено. Секако постојат позитивни ефекти од користењето на технологијата, но со преголемо користење  луѓето се повеќе ја губат емпатијата, самодовербата, стануваат депресивни и им се немалуваат социјалните и комуникациските вештини. Напредокот на технологијата зазема се поголем замав и воедно е неизбежен дел од денешното постоење, тешко е да се остане имун на нејзиниот напредок, предностите кои таа ги овозможува, но и на потенцијалните потешкотии кои ги предизвикува. Сето ова може да се рефлектира и на работното место, односно се губи емпатијата помеѓу колегите. Стануваме затворени, нервозни па дури и конфликтни. Компаниите кои остваруваат голем успех и чии вработени имаат најдобри перфоманси се секогаш на врвот кога е во прашање емпатијата. Статистиката покажува дека емпатијата денес е поважна од било кога претходно. Позади секој успешен бизнис многу е веројатно дека ќе пронајдете лидер кој ја усовршил способноста за емпатија. Мора да се знае дека успехот не може да дојде доколку се гледаат само финансиите. Еве неколку начини со кои лидерите можат да ја зголемат емпатијата на работното место:

1.      Лидерите треба да се поврзат со вработените на човечко ниво пред да влезат во бизнисот. Задоволни вработени ќе овозможат успешен бизнис.

2.      Вклучувањето на вработените во донесувањето на одлуки е важно. Разговарајте со нив, спроведете анкети или побарајте нивен придонес во обезбедување на сите неопходни информации и подршка, кои ќе ви помогнат да донесете издржана и аргументирана одлука.

3.      Изградете приспособени планови за сите вработени. Вработените имаат уникатни квалитети и предизвици, и секој е посебен на свој начин. Запознајте ги вашите вработени, кои се нивните интереси и креирајте лични планови за нивен развој.

4.      Покажете вистински интерес за нивните цели и интереси. Можете да го подобрите нивното задоволство од работата со разбирање што го мотивира вашиот тим да работи подобро. Финансиската надокнада за извршената работа мотиви, нo има многу други фактори кои може да мотивираат, како на пример добрата корпоративна култура и вредностите во компанијата.

5.      Споделете ги вашите неуспеси и чувства. Покажете ја вашата човечка страна, т.е. споделете ги вашите неуспеси и како тие искуства ве направиле посилна и помудра личност.

6.      Имајте политика на отворени врати. Без разлика дали сте менаџер или директор, направете ги вашите телефонски броеви и електронски адреси достапни за секого и секогаш бидете на располагање за разговор, предлог или сугестија.

7.      Отворената комуникација е од суштинско значење. Кога лидерите комуницираат ефективно и често, користејќи ја сопствената личност со тоа покажуваат дека другите можат да го следат примерот, што ќе ја создаде таа култура внатре и надвор.

8.      Комбинирајте ја емпатијата со сочувство. Кога луѓето се слушнати без осудување  и кога вистински сакаме да ги разбереме низ што минуваат, со тоа се негуваат врските со лидерот и неговиот  тим.

9.       Слушајте со отворен ум. Да се подобри емпатијата на работното место е да ги слушнеме внимателно вработените и да разбереме како се чувствуваат.

10.  Изразете емпатија преку акција. Со активно слушање се уверуваат луѓето дека го имаат целото ваше внимание и дека нивните грижи се слушнати, а тоа ќе придонесе до решавање на истите.

11.   Размислете за нивниот обем на работа и исцрпеност. Прекумерната работа е сериозен проблем, затоа треба редовно да се контактира со вработените и да се зема  предвид нивниот обем на работа. Лидерите имаат одговорност да забележат и реагираат на знаци на ,,burn out”.

12.  Променете ја вашата перспектива. Со менување на нашите перспективи, ги усовршуваме нашите вештини за слушање и се стремиме подлабоко да ги разбереме туѓите искуства.

13.  Разберете како вашите избори влијаат на другите. За да ја зголемите емпатијата, почитувајте го вашиот тим и обезбедете искрено образложение зад вашите најпредизвикувачки одлуки. Не е лесно,  но добро образложена одлука, полесно се разбира и прифаќа.

14.  Покажете вредност и водете со пример. Лидерите кои сакаат да ја зајакнат емпатијата треба да водат со пример, т.е да покажуваат вредности како што се ,,семејството на прво место‘‘, почит и единство.

15.  Едуцирајте се, посетувајте обуки и усовршувајте ја емпатијата како лидерска и човечка вештина и вредност. Таа се учи.

Време е да застанеме и да почнеме да ги слушаме луѓето околу себе, да ги примиме и да ги разбереме пораките кои ни ги праќаат и на вистински начин да одговориме на истите. Не треба многу за да изнудиме една насмевка, еден убав гест и да ја направиме работната средина место каде ќе се чувствуваме убаво и каде ќе придонесуваме со целиот свој капацитет. Светот денес има огромна потреба од повеќе емпатија. Сите сме подобри, посилни и помудри кога сме обединети во духот и заедничките цели за иднината.

Љубовта и емпатијата не се луксуз, тие се неопходност. Без нив човештвото не може да преживее. – Далај  Лама
 
 
Извор на податоци: Forbes.com, Msu.edu.mk, Slobodenpecat.mk

Како функционира 3 столб?

Верувам дека имате слушнато за 3 столб – доброволното пензиско осигурување, но дали знаете како функционира и кои права ги имате доколку уплаќате придонес во доброволен пензиски фонд?

1. За да може да имате индивидуална сметка од 3 столб, треба да склучите договор со пензиско друштво. Кон договорот може да се приклучи и трето физичко лице-уплаќач, кое би уплатувалo средства во Ваше име доколку Вие не сте во можност. После склучување на договорот, може да вршите уплати на вашата индивидуална сметка – по ваш избор. Може да уплаќате кога сакате и колку сакате и нема никакви пенали или ограничувања. Со оглед на тоа што при исплата на парите, висината на пензискиот надоместок најмногу ќе зависи од износот акумулиран на сметката, мој совет е после склучувањето на договорот да направите траен налог во вашата банка со кој секој месец автоматски ќе се повлекува определен износ од вашата банкарска сметка и истиот ќе се трансферира на вашата индивидуална сметка во 3 столб.

2. Секоја ваша уплата се евидентира на вашата индивидуална сметка која се води на ваш ЕМБГ. Најрано средствата може да ги користите од 52 години за жена и 54 години за маж, а најдоцна на 70 години. Средствата од доброволниот пензиски фонд може да ги повлечете на повеќе начини и во подолг временски период, но може и сите одеднаш – преку еднократна исплата. Во случај на смрт, средствата од индивидуалната сметка заедно со акумулираниот принос се наследни. Во случај на траен инвалидитет, средствата може да ги повлечете без оглед на возраста и пред 52/54 години.

3. Една посебна причина зошто да вложувате во 3 столб е приносот, или народски кажано – каматата која пензиското друштво ќе ја оствари за вас. Имено, задача на пензиското друштво е да ги инвестира пензиските заштеди на сите членови во различни хартии од вредност и приносот од инвестираните средства влијае на висината на Вашата пензиска заштеда.

Остварениот номинален принос на Сава пензија плус може да го следите тековно на следниот линк. За водење на индивидуалните сметки и управување со средствата, пензиските друштва наплаќаат 2 главни вида на провизии:

  • Надоместок од уплатен придонес (влезна провизија), која се пресметува само еднаш при уплата на придонесот, и
  • Месечен надоместок од нето вредност на средствата акумулирани во пензискиот фонд (управувачка провизија), кој се пресметува еднаш месечно. 

Повеќе информации за сите надоместоци кои се наплаќаат кај Доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус имате на следниот линк.

Важно е да се напомене дека управувачката провизија е веќе пресметана во остварениот номинален принос, со тоа што номиналниот принос е во нето износ после платени провизии, трошоци и слично.

4. Во продолжение е наведен начинот на кој се евидентираат уплатените средства на вашата сметка во 3 столб:

ПозицијаИзнос
Бруто уплата на придонес1.000 МКД
Влезна провизија = 2,5%-25 МКД
Нето уплата на придонес975 МКД
  
Вредност на СЕ на даден датум150,25 МКД
Број на СЕ6,489185 СЕ

Пример:

После извршената уплата од 1.000 МКД, Сава пензиско друштво наплаќа влезна провизија од 2,5% или 25 МКД. Остатокот од средствата (1.000 – 25 = 975 МКД) се конвертираат во сметководствени единици (СЕ) на денот на уплатата. Под претпоставка на денот на уплатата 1 СЕ да има вредност 150,25 МКД, вие на тој датум ќе купите 6,489185 СЕ. Овие СЕ ќе бидат додадени на вашата индивидуална сметка.

5. Остварениот принос на доброволниот пензиски фонд се изразува преку порастот на СЕ. Со почетокот на доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус во 2009 година, 1 СЕ изнесуваше 100,00 МКД. Денес во 2023 година истата изнесува над 200 МКД што практично значи дуплирање на вложените средства на членовите кои вршеле уплати во 2009 година. Со други зборови, вие на денот на вашето пензионирање ќе имате вкупни средства кои директно ќе зависат од бројот на СЕ кои сте ги купиле. Со секоја нова уплата, на вашата сметка се додаваат нови СЕ во зависност од вредноста на СЕ на датумот на уплата. Во меѓувреме со остварување на позитивен принос на фондот сите членови имаат бенефит од повисоката вредност на СЕ.

6. Околу сигурноста на средствата, со доверба може да се каже дека пензиското осигурување е високо регулиран сегмент со редовни ревизии од страна на МАПАС и надворешни ревизорски друштва. Пензиските друштва речиси 20 години функционираат на македонскиот пазар, имаат фидуцијарна одговорност и се грижат за парите на членовите исто како за свои пари.

После направена прва уплата, вие секоја година ќе добивате годишен извештај во кој се презентирани детали за сите ваши уплати, вкупна состојба на сметка, во кои инструменти сме ги вложиле средствата од фондот и сл. На дното од извештајот може да се забележи корисничко име и лозинка со кои можете да ја проверите вашата сметка во било кое време на интернет страната на Друштвото www.sava-penzisko.mk.

Ова е мојот прв текст од серија на текстови на тема 3 столб со кој јас и моите колеги се надеваме дека ќе го доближиме овој продукт до нашите сограѓани. Доколку имате одредени прашања, ве молам слободно обратете се до колегите кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)  (02) 3224 229, www.mapas.mk

Европски ден за заштита на личните податоци

Личните податоци на луѓето се обработуваат секоја секунда – на работа, во нивната секојдневна комуникација во јавните установи, во здравствените институции, кога купуваат стоки или услуги, патуваат или сурфаат на интернет. Луѓето генерално не се запознаени со ризиците поврзани со заштитата на нивните лични податоци и кои се нивните права во овој поглед. Тие ретко се свесни за тоа што можат да направат ако сметаат дека нивните права се прекршени или за улогата на националните агенции за заштита на податоците.

Со развојот на технологијата се зголемува и опасноста од злоупотреба на личните податоци. Технологиите кои се базираат на вештачка интелигенција, се поголемата мрежна поврзаност и се поголемиот број на податоци во облак, го зголемуваат и ризикот од разни малверзации кои се поврзани со личните податоци како што се: кражба на идентитет, разни уцени и слично.

Имајќи ја во предвид важноста на личните податоци, Советот на Европа на 26 април 2006 година донесе одлука 28 јануари да биде прогласен за Ден за заштита на податоците. Всушност овој ден претставува годишнина од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, кој претставува првиот правно обврзувачки меѓународен документ од областа на заштитата на личните податоци, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци.

Европскиот ден за заштита на личните податоци е годишен настан кој ја подига свеста за важноста на заштитата на податоците и приватноста. Овој ден, исто така, промовира дијалог и соработка помеѓу поединци, организации и влади за прашања поврзани со заштитата на податоците и приватноста.

Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа како и од институциите на ЕУ.

Овој ден се одбележува и во нашата држава, и по повод истото, оваа година Агенцијата за заштита на личните податоци, во соработка со Делегација на Европската Унија, Фондацијата за Интернет и општество Метаморфозис и Центарот за правни истражувања и анализи, ќе организираат јавен настан насловен ,,Заедно за заштита на личните податоци‘‘.

              Сава пензиско друштво го усогласи своето работење и постапување со Законот за заштита на личните податоци, а со една и единствена цел, да се исполнат стандардите и начелата поврзани со обработката на личните податоци во насока на обезбедување на законитост, правичност, транспарентност и точност на личните податоци, како и доверливост, интегритет и достапност на личните податоци во информацискиот систем, соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно во однос на целта заради кои се прибираат, со запазување на роковите за чување на личните податоци.

Деловен бонтон, грешки и како да ги избегнеме

Деловен бонтон претставува начин на однесување во една организација ,всушност збир на одредени правила и прописи кои ги регулираат внатрешните и надворешните односи на организацијата, внатрешно помеѓу вработените и надворешно со клиентите, партнерите, конкурентите…

Тој е важен бидејќи создава професионална атмосфера со взаемно почитување и ја подобрува комуникацијата што и помага на организацијата да служи како продуктивно место т.е. вработените да се чувствуваат подобро на нивните работни места.

Во секоја работна  организација намерно или ненамерно се прават деловни бонтон грешки кои знаат да го нарушат односот и помеѓу вработените и помеѓу клиентите . Петте најчести  грешки кои се прават:

(Не)поздравување – кога вработените во една организација избегнуваат поздрав , тие губат од градењето врска помеѓу себе и колегите или клиентите , а така ја губат и работната цел.

-Едноставен контакт со очи, насмевка или користење на некои основни комуникациски вештини се доволни за колегите и клиентите  да се чувствуваат пријатно и добредојдени.

Чекање – оставањето на колегата или клиентот да чека, а претходно сте договориле деловен состанок , без никакво објаснување и извинување е непристојно.

-Извинување или објаснување каде ќе се наведе временска рамка во кое е нагласено доцнењето (десет, триесет минути или еден час) е сосема доволно.

Доцнење во работниот процес – кога вработените во една организација извршуваат активности кои се во ланец, секое доцнење го става колегата кој треба да продолжи со процесот во теснец со времето и создава непотребен притисок и вознемиреност.

-Бидете одговорни и почитувајте ги роковите. Со тоа искажувате почит спрема колегите и нивното време.

Прекинување на разговор или деловен состанок – честопати се случува некој да прекине разговор или состанок без претходно да се извини. Најголем проблем претставуваат мобилните телефони кои се користат и кои знаат често со нивното ѕвонење и јавување да прекинат разговор или состанок.

-Добар деловен бонтон е да се исклучат мобилните телефони, или доколку се очекува важен повик претходно да се известат присутните и разговорот да се заврши за кратко време.

Недостаток на почит и учтивост – честопати се случува некој клиент да има невообичаено барање, а да добие негативна реакција и да биде третиран како да нема право на такво барање.

-Секогаш треба да се покаже учтивост и почит кон таквите клиенти, објаснувањето дека организацијата има правила според кои се води и дека барањето не може да се одобри, затоа што се прекршуваат правилата кои важат за сите и дека исклучок и отстапки не се прават е повеќе од доволно.

Нарушување на довербата – кога некој од колегите или клиентите каже во доверба нешто доверливо, не е прифатливо да се оди наоколу и да се пренесува на другите.

Ваквото однесување создава негативен впечаток во организацијата за личноста која се доверила.

Успешните организации секогаш имаат една работа која претставува темел според кој се водат и функционираат, а тоа е високиот стандард на деловен бонтон со јасни и пропишани правила:

Правило бр.1 Користење имиња на деловни состаноци

Лесно е да се заборават имињата на личностите кои учествуваат на деловниот состанок, па затоа добро е нивните имиња да бидат запишани но претходно да се внимава на нивниот правопис. Сепак е треба да се знае дека некои личности сакаат и претпочитаат да им се обраќаат по формално со Г-дин, Г-ѓа, Г-ца или со титулите кои ги имаат.

“Однесувајте се со другите, како што би сакале да се однесуваат кон вас самите.”

Правило бр.2 The tree R (recognition, respect, response)

Recognition (препознавање) -користење имиња и поздрави

Respect (почитување) -постапување со почит, вредност, учтивост и извинување таму каде што наложува ситуацијата

Response (одговор) – клиентите не сакаат да чекаат, тие сакаат одговори и решенија

Правило бр.3 Гардероба и хигиена

Валканата облека , несредени нокти, нечистата коса и особено мирисот на телото можат да бидат пресудни особено ако работиме со надворешни клиенти

Правило бр.4 Невкусни шеги

Правењето шеги во моменти кога тоа е несоодветно, покажува недостаток на чувствителност. Шеги од типот за раса, инвалидитет, религија се недозволиви во една организација каде што деловниот бонтон се смета за темел на организацијата.

Правило бр.5 Благодарност

Благодарноста  е едноставно учтивост. Всушност да се покаже благодарност на некого што извршил задача што не е во описот на неговите обврски само за да помогне е многу важно, придонесува за подобра внатрешна меѓусебна комуникација.

Правило бр.6 Телефонски бонтон

Следењето, прислушувањето, грубата комуникација и оставањето некој да чека од другата старана е непрофесионално и неприфатливо.

Правило бр.7 Претставување

Во деловниот свет мажот прв се претставува на жена. Жена се претставува прва доколку мажот е на повисоко хиерархиско ниво.

Правило бр.8 Во ресторан на деловен ручек

Мажите влегуваат први и ја држат вратата отворена за да влезат дамите. Доколку организатор на деловниот ручек е дама, таа влегува прва, а гостите по неа. Мажот секогаш ја придржува столицата и помага при облекување на капут или палто. Првите минути се посветени на теми кои не се поврзани со бизнисот. Гостите секогаш први нарачуваат.

Деловниот бонтон може да не научи како да се фокусираме на мали нешта навидум неважни, но сите заедно прават голема разлика, посебно на работните места помеѓу вработените во организацијата и нивната комуникација меѓусебно и со клиентите.

Значајни приливи од камати и дивиденди во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 23.12.2022 – 04.01.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 10.199.029,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      41.716,65 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR MSCI ACWI ex-US (ETF);

–      56.806,13 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF;

–      4.212,38 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      138.532,94 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF.

Дополнително, Ве информираме дека во периодот од 23.12.2022 – 04.01.2023 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 457.549,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      1.623,36 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF;

–      111,39 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      3.995,03 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на членовите и пензионираните членови.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Време за планирање

Се надевам дека секој од вас има направено груба пресметка на својата пензија од прв и втор столб следејќи ги упатствата во моите последни неколку блогови. Следна работа која треба да се направи е солиден план со кој ќе ги постигнете вашите финансиски цели. Новогодишните и божиќните празници се фантастичен тајминг за поставување на план – кој треба да се оствари во новата година како и после тоа. Исклучете го телевизорот, викнете ги и останатите членови од вашето семејство, земете лист и пенкало и може да почнеме.

1.На левата страна ставете ги сите ваши приходи кои ги очекувате во новата година, а на десната страна сите ваши трошоци. Во трошоци ставете ги и ратите за вашите кредити кои ги имате. Разликата помеѓу приходите и трошоците е вашата заштеда која ќе ја направите во новата година.

Колкава е таа разлика? Дали може да се намалат трошоците или зголемат приходите? Размислете

2. Колкава сума на пари би сакале да имате кога ќе се пензионирате? Уште колку години имате до пензија? Дали разликата која ви останува ќе биде доволна за да ја постигнете вашата цел?

Моите колеги од Сава пензиско друштво имаат изработено прецизен калкулатор – „мој пензиски план“ (Калкулатор) кој ќе пресмета колкава идна акумулација би имале доколку почнете со вложување во нашиот доброволен пензиски фонд.

Вредностите подолу се преземени од калкулатор – „мој пензиски план“, со очекуван принос од 5% и уплата од 6.000 МКД – месечно: 

Очигледен е ефектот на „compounding“ за период од 30 години за кој пишував во повеќе блогови претходно. Околу стапката на принос, проверете ги остварените номинални стапки на принос во минатото на нашиот доброволен пензиски фонд на следниот линк.

Дали некаде на друго место би можеле да добиете очекуван принос од 5%, или повеќе? Проверете ги каматните стапки во вашата банка, или можеби приносите на компаниите за животно осигурување. 

Во крајна линија, дали ќе го остварите вашиот план зависи само од вас. Јас сум сигурен дека секој од нас може да живее поефикасно – со намалување или елиминирање на одредени трошоци, или остварување на дополнителни приходи. Со ефикасноста ќе создадете и ќе ги зголемите вашите заштеди.

Заштедите инвестирајте ги редовно и мудро. Отворете пензиска сметка во нашиот доброволен пензиски фонд. Направете траен налог во вашата банка – со трајниот налог автоматски ќе се трансферира одреден износ од вашата трансакциска сметка на вашата пензиска сметка. Со ова ќе ги активирате заштедите вредно да работат за вас.

Задржете ја дисциплината, инвестирајте редовно, работете вредно – тоа е патот на успехот. Најголемата опасност за не-остварување на вашиот план е да чекате и да не правите ништо – под изговор дека сте млади, дека има доста време, дека баш сега треба да се проживее итн.

Ви посакувам многу здравје и среќа за вас и вашите семејства во новата 2023 година!

* Пресметката е од информативна природа. Добиениот износ на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите: период на уплата, месечен или годишен износ на доброволен придонес, надомест од уплатени придонеси и очекувана стапка на принос. Во пресметката се вклучени ставките: „надоместок за управување со средствата“ и „трансакциски трошоци“, за повеќе детали отвори.

Приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот Доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со Доброволниот пензиски фонд. Идните стапки на принос не се гарантирани.

Исплатата на пензиски надоместок од доброволно пензиско осигурување се оданочува согласно одредбите од Законот за  данок на личен  доход.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk