Секуларните мегатрендови како алатка за обезбедување на долгорочен раст и одржливо инвестирање

„Посветено работиме и градиме друштво, кое е препознатливо по грижата за своите членови, транспарентноста и високите морални вредности, како и по својата активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина“.

Ова е визијата на Сава пензиско друштво. Намерата за обезбедување на долгорочен раст, односно принос за членовите на фондовите со кои управуваме, Сава пензиски фонд и Сава пензија плус, подразбира континуирано следење и приспособување во согласност со глобалните трендови кои директно влијаат на работењето на секоја индустрија, компанија, односно инвестиција направена за сметка на нашите осигуреници.

Токму затоа, нашето Друштво, во чекор со светските инвестициски практики, во фокусот на инвестициската активност, ги става глобалните мегатрендови кои се дефинирани како двигатели на денешницата, но и на периодот којшто следува.

Внимателното следење и искористување на низата потенцијали кои ги нудат долгорочните трендови, несомнено ќе придонесе за повисок принос во текот на целиот инвестициски период, и тоа е одлучувачки фактор за нашата одлука соодветно да се позиционираме.

Климатските промени, промените поврзани со технолошкиот напредок и демографските, односно социјалните случувања на глобално ниво, се трите клучни секуларни трендови и истите се појдовна точка за низа дополнителни анализи, со цел максимално изложување кон истите.

Од аспект на климатските промени, се дистанцираме од фосилните горива, а инвестираме во чисти, обновливи извори на енергија, технологија која придонесува до енергетска ефикасност и соодветно се позиционираме со цел максимизирање на придобивките од тековната енергетска транзиција.

Поддржуваме инвестиции во компании кои ефикасно ги искористуваат ограничените природни ресурси, внимателно го селектираат отпадот или обезбедуваат соодветна инфраструктура, особено во ниско развиените земји, каде животниот стандард сѐ уште е на незадоволително ниво.  

Кај технологијата, која се карактеризира како дисруптивна, односно можеби е најзначајниот двигател на времето во кое живееме, во фокусот на нашето внимание, при селекцијата на инструментите за инвестирање, се инвестициите во паметни уреди, вештачка интелигенција, cloud технологија и роботика.

Ги следиме промените во финансискиот сектор, но и во автомобилската индустрија и секторот за транспорт, воопшто, па инвестираме во електрични автомобили и технологијата која го помага развојот на трендот на електрификација на превозните средства.

Демографските промени укажуваат на потребата за предвидување на потрошувачката од страна на различни демографски, но и социјални структури. Стареењето на светската популација, укажува на потенцијалот кај фармацевтската индустрија и здравството и препознавање на бројните медицински иновации.

Навиките на потрошувачите никако не треба да останат незабележани, истите се менуваат и потребно е континуирано следење на променетите преференции за производи и услуги од различни сектори. На пример, пандемијата со КОВИД-19 придонесе за фокусирање кон здрав начин на живот. Електронската трговија и видеоигрите, исто така, имаат учество во инвестициите на портфолијата на фондовите.

Зошто сметаме дека ова е значајно?

Како прво, променетиот инвестициски пристап треба да послужи во подигањето на јавната свест за значењето на одредени промени, кои во ниту еден момент не смеат да бидат игнорирани.

Како второ, значењето на долгорочните перспективи е од суштинско значење за инвестициите на пензиските фондови, кои, секако, треба да придонесат до одржливост на долг рок. Како трето, секако, овие промени се во согласност со очекувањата за позитивните идни импликации врз приносите, односно нашите убедувања дека истите ќе се исплатат и ќе генерираат профит за сметките на осигурениците.

Дополнително, пристапот е солидна алатка на процесот за управување со ризиците и обезбедува основа за навремено детектирање на специфичните, но и системските ризици.

Тематскиот пристап на инвестирање, подразбира способност за фокусирање од една, но динамичност и флексибилност од друга страна. Тоа говори за нашата континуирана грижа за членовите на фондовите со кои управуваме  и заложбата за максимирање на профитот, за сметка на преземениот ризик.

Објаснувањето на пристапот имплицира транспарентност, но и подготвеност за дополнителна едукација на пензиските штедачи. И за крај, во овој процес не сме (сте) сами.

Нашата цел е заедничка- оплодување на пензиската заштеда на осигурениците и обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост, а токму тоа е суштината на овој инвестициски пристап.

Зошто софтверските инженери треба да планираат предвремена пензија?

Само неколкумина можат да останат во светот на програмирањето цел живот. Најголем дел од софтверските инженери ќе треба да се адаптираат, да се пренасочат кон повеќе менаџерска работна позиција или пак порано да се пензионираат. Ова е причина повеќе, софтверските инженери да размислуваат за дополнителна заштеда за пензионерски денови, во доброволен пензиски фонд.

Секако ќе има и инженери кои ќе си останат на своето работно место до пензионирање, па така инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд ќе бидат само дополнителна заштеда која ќе помогне да се задржи животниот стандард по влегување во пензија.

Во продолжение од текстот можат да се видат причините зошто инженерите треба да ја планираат својата иднина и да инвестираат во доброволниот пензиски фонд:

  1. Високи приходи

Приходите на софтверските инженери се доста високи. Просечна нето плата на компјутерските програмери во август 2021 година во Р.С. Македонија изнесува 73.805,00 денари (извор: https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?id=40&rbr=13782).

Затоа тие имаат можност да заштедат и да инвестираат одредена сума на пари кои ќе можат да ги користат за да се пензионираат и пред да остварат право на старосна пензија, со навршени 62 години за жени, односно 64 години, за мажи.

  • Висок стрес на работното место

Да се биде софтверски инженер е прилично стресно. Како прво, се се случува брзо. Учењето на нови работи е секојдневна работа и потребно е секогаш да се биде информиран за различните случувања. Некои луѓе едноставно не сакаат да учат кога ќе достигнат одредена возраст.

Во светот на софтверските инженери конкуренцијата е огромна и сосема нормално е дека се раѓаат нови таленти кои можат да бидат потенцијална закана за сегашните програмери да ја изгубат својата работна позиција.

Секако дека ова зависи и од компанијата во која работат, но едно е јасно дека за да се работи како програмер е потребно многу концентрација, фокус и вложување во себе, а понекогаш и продолжување на кариерата во области на менаџмент и управување со луѓе.

  • Староста

Како што заклучивме и претходно, оваа индустрија е базирана на промени, особено последниве децении, па така со стареење и процесот да се биде конкурентен на пазарот со стареење е уште потежок. Кога вработените имаат деца, тоа уште повеќе им отежнува да се во тренд со последните случување и да ги знаат најновите работи кои секојдневно се случуваат.

Како факт исто така може да се спомене и дека доколку сакате да се вработите после 50 години тоа е многу потешко, бидејќи и покрај огромното искуство младите луѓе ќе претставуваат конкуренција за да работат и со помала заработувачка.

Имајќи ги во предвид горенаведените причини, аналитичката способност на софтверските инженери може да им помогне да си направат сопствен план и да си ја испланираат иднината уште сега. За таа цел на нашата веб страна може да се најде и информативен калкулатор кој може да им помогне на сите заинтересирани лица да си направаат индивидуална пресметка и уште сега да почнат да штедат во доброволниот пензиски фонд.

Зошто да читаме книги?

Почнувајќи од 1992 година веќе 29 години на десетти октомври се одбележува Светскиот ден на менталното здравје во повеќе од сто држави ширум светот. Во пресрет на тој ден сакаме со вас да споделиме неколку придобивки од редовното читање книги, а кои придобивки имаат позитивно влијание врз менталното здравје.

Всушност, доколку сте читател на книги сигурно имате забележано дека имате зголемено ниво на емпатија кон луѓето, подобра општествена комуникација, градење на стабилна врска било да е тоа љубовна врска или врска со луѓето, намален ризик од добивање Алцхајмерова болест, зголемена самодоверба и многу други придобивки.

Одредени истражување покажале дека читањето слободна литература има позитивно влијание во градењето на комуникацијата меѓу родителите и децата, исто така, има позитивно влијание врз намалувањето на стресот и го зголемува интересот за културите од целиот свет.

Пет придобивки од читањето книги:

  1. Читањето ја зголемува емпатијата

Со самото читање ние се внесуваме во приказната и потсвесно стануваме дел од неа, а тоа ни помага да развиеме поголемо чувство на емпатија кон другите луѓе во реалниот живот.

  • Читањето ја зголемува менталната флексибилност

Читањето текстови кои од читателот бараат да го протолкува  значењето, покажало дека има одлични резултати во активирањето на мозочните ќелии, а тоа придонесува за зголемување на менталната флексибилност. Менталната флексибилност, пак, им помага на луѓето полесно и побрзо да се адаптираат на новонастанатите ситуации и многу полесно да донесуваат одлуки.

  • Читањето ја зголемува креативноста

Според истражувањето спроведено од страна на Creativity Research Journal во 2013 година, читањето, а особено читањето белетристика, придонесува за зголемување на креативноста и подобро процесирање на информациите.

  • Читањето ја зајакнува функционалноста на мозкот

Американскиот невролог, професор Gregory Berns спроведе истражување чии резултати покажале дека читањето на само 20 страници дневно влијае на мозокот како психолошки така и невролошки.

  • Читањето може да спречи заболување од деменција

Читањето како и другите активности коишто го стимулираат мозокот, покажале дека можат да спречат појава на деменција и Алцхајмерова болест. Тоа го покажало истражувањето спроведено од страна на Институтот Neurology во јули и август 2013 година.  Според ова исражување луѓето кои читаат книги имаат дури 32 % помали шанси да заболат од некоја од гореспоменатите болести.

Ова се само некои од придобивките кои со себе ги носи читањето, секако, тоа има уште поголема моќ, но оставаме на вас да истражите за некои од нив.

Важноста на пензиското планирање

Во младостa, пензионирањето изгледа како далечна работа, која може да ја одложиме и да се грижиме понатаму.

„Ако земеме 100 млади Американци кои започнуваат да работат на 25-годишна возраст, до 65-годишна возраст, еден ќе биде богат, а четворица ќе бидат финансиски независни. Останатите 95 ќе ја достигнат традиционалната возраст за пензионирање не можејќи самостојно да го одржат начинот на живот на кој се навикнале.“ – Водич за инвестирање на Bogleheads

Можеби е невозможно да се предвиди иднината, но она што можеме е да ги насочиме шансите во наша корист. Затоа, во октомври, месецот на штедење, Ви издвојуваме 5 причини зошто ведаш треба да започнете со Вашето пензиско планирање:

  1. Не можеме вечно да работиме

Во одреден момент ќе ја достигнете возраста кога или нема да сакате повеќе да работите, или едноставно не можете повеќе да работите. Во тој момент ќе треба да се потпрете на други средства за приход.

  • Просечниот животен век продолжува да се зголемува

Денес, луѓето во просек сега живеат подолго од кога било досега. Подолг живот значи дека ќе ви треба повеќе заштеда за пензија за да продолжите да живеете со ист квалитет и животен стандард.  Со просечен животен век на Македонците до 76 години, лесно е да се потврди потребата за значителна сума за да живеат удобно во пензија. Ова е особено значајно, бидејќи иако просечниот животен век се приближува до околу 80 години, сепак луѓето често живеат и подолго од тоа.

Доколку се најдете во таа група, над просекот, потребно е да се зголемат заштедите за пензиските денови, повеќе од она што првично се очекувало.  Колку порано започнете со пензиско штедење, толку се поголеми шансите за финансиски стабилни пензиски денови.  Накратко, не планирајте просечен животен век – планирајте повеќе!

  • Неизвесност од иднината

Луѓето честопати имаат оптимистички гледишта кон иднината, не очекувајќи финансиски пречки, но истата може да има повеќе финансиски неизвесности отколку нашето минато или сегашност.. Додека трошоците за основни потреби продолжуваат постојано да растат, здравствените трошоци растат со алармантна стапка. Иако другите финансиски цели може да се преговараат, здравјето не може. Дополнително, трошоците за инфлација треба секогаш да се земат во предвид при планирање на иднината.

Ако не можете да го пратите растот на трошоците, ќе мора да направите измени во секојдневните навики и животниот стандард. При тоа, ова не треба да го убие секој оптимизам што го имате за вашето пензионирање, туку треба да ви ја покаже важноста да имате план. 

Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.

  • Финансиска независност

Дали сте слушнале за „sandwich generation?“.

Тоа е името за групата луѓе кои истовремено ги поддржуваат своите деца и едниот или двата родители. Околу 44% од возрасните со деца, дома имаат барем еден жив родител на кој потенцијално би можела да му треба грижа.

Дополнително, денес, младите настојуваат да  водат се посамостојни животи и честопати не можат финансиски да ги издржуваат родителите. Дури и ако тие можат да го направат тоа,  да се биде одговорен за сам себе ќе ви даде повеќе независност да го живеете животот по ваши услови, бидејќи нема да одговарате пред никој друг.

Имајќи добар пензиски план, не само што се стекнувате со финансиска независност и не сте товар на вашите деца, туку ви дава и ресурси да придонесете за семејството дури и во пензиските денови.

  • Задржување на квалитетот на живот

Доколку сакате да водите удобен и достоинствен живот во т.н. „златни години“, потребно е финансиско планирање. Состојбата на државните пензиски фоднови не ни гарантира високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.

Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за добвроволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Како менаџментот се справува со новиот хибриден модел на работа?

Работата од дома или комбинираната работа, која сè уште е актуелна поради пандемијата со КОВИД-19, претставува предизвик за вработените, а особено за менаџментот, кој треба да излезе надвор од границите на досегашните алатки за следење на вработените и организирање на работниот процес.

Како тоа да се направи во услови кога менаџерите не ги „гледаат“’ своите вработени?

Размислувањата на ова подрачје се дека комбинираната работа ќе бара приспособување на раководните нивоа на новиот начин на организирање на работата, редизајнирање на процесите и изнаоѓање  решенија за да им се помогне на вработените во услови на нови модалитети за работа.

Сава пензиско друштво истражи и ги праша своите менаџери на темата „Комбинирана работа“, а еве ги одговорите:

Врз основа на досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа најчести проблеми со кои се соочил менаџментот се:

  • Поместување на работното време и пролонгирање на работните процеси и по завршување на работното време;
  • Отежната комуникација поради отсуството на повремените непосредни контакти, кое го оптоварува времето и работењето; 
  • Недоволно изградени модели на следење на ефикасност и продуктивност.

Најчести позитивни искуства кои ги посочуваат од досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа, кои воедно би биле и најголема предност зошто да се организира работа од дома или комбинирана работа и во нормални услови се:

  • Флексибилноста на работното место, која дава можност за поголема адаптибилност на вработените;
  • Порационално искористување на времето. Не се губи време за доаѓање и заминување на работа, а воедно секој вработен има повеќе време за своето семејство;
  • Поинтензивна комуникација меѓу членовите во тимот;
  • Штедење на ресурси, како за компанијата (се намалуваат трошоците за греење/ладење, струја, вода…), така и за работникот ( намалени трошоци за гориво, храна, облека, паркинг).

Нашиот менаџмент поддржува комбинирана работа дома-канцеларија, при што за да се надминат предизвиците препорачуваат  формализиран процес и  дефинирани правила за  комбиниран систем на работа, имајќи ги предвид сите аспекти кои се релевантни, а притоа да се постигне соодветен баланс помеѓу барањата за работа и благосостојбата на работникот.

Како аспекти кои треба да се земат предвид во овој процес на формализација ги посочуваат: обезбедување на соодветна техничка опременост и реорганизација на работен простор, категоризација на работните процеси кои се подобни за работа од дома, начин на одобрување и начин на следење на работата од дома, обезбедување на адекватно окружување при работа од дома, дефинирање на начини на одржување на состаноци, формални и неформални, во рамки на секторски тимови или проектни групи, како и канали на комуникација, пристап до информацискиот систем, сигурност и контрола, како и јасна и редовна комуникација со менаџментот.

Сава пензиско друштво со својата навремена реакција, преку човечки инфраструктурни и ИТ ресурси успеа за брзо време да се приспособи на новата состојба, но состојбата ја потврди потребата секој работодавач да ја обликува културата на својата работна сила, која ќе вклучува создавање на системи во кои вработените ќе напредуваат физички и психички.

Оттука Друштвото ја препозна потребата  да изработи сеопфатна, добро дефинирана процедура за комбинирана работа, која ќе биде насочена кон зголемување на транспарентноста, флексибилноста и нов пристап на работа, кој ќе се фокусира на благосостојбата на вработените и поинспиративни форми на лидерство.

Девет позитивни влијанија од возењето велосипед

  1. Те прави среќен

Возењето велосипед само по себе носи предизвици од типот на извозени километри, искачена висинска разлика итн. Остварувањето на сите тие предизвици предизвикува лачење на хормонот за среќа (серотонин) и тоа нѐ прави среќни.

2. Можеш да престанеш да одиш во фитнес-центар

Ако знаеме дека месечната членарина во фитнес-центрите се движи околу 1.500 денари, тоа значи дека со возењето велосипед, годишно може да се заштедат дополнителни 18.000 денари.

3. Можеш со себе да понесеш книга

Рекреативното возење велосипед значи дека со себе можете да понесете некоја добра книга и да читате во природа на некое мирно место. Со тоа можете да ги зголемите познавањата на одредена тема.

4. Нема да имаш проблем со паркинг

Возењето велосипед во град значи дека нема да имате проблем да најдете паркинг-место и истото да го плаќате, тоа значи дека ќе се оствари дополнителна финансиска заштеда.

5. Го смирува стресот

Без разлика колку се трудите да бидете среќни во животот, стресот може да биде огромен проблем.

Всушност стресот во раната младост може да има доживотни здравствени последици, но велосипедот е одлично решение за овој проблем. Ако сте велосипедист, тогаш сигурно знаете колку возењето велосипед го намалува стресот и колку релаксира.

6. Го штити срцето

Знаеме дека срцето е моторот на нашето тело, а возењето велосипед го прави посилно и поздраво, а со тоа се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Возењето велосипед може да го продолжи животниот век, ако возите редовно. Неколку возења неделно, можат да го намалат крвниот притисок и да ве направат да се чувствувате енергично и расположено.

7. Заштедувате пари за гориво

Дали знаете дека доколку секој ден одите на работа со велосипед или во просек возите 100 километри неделно, за еден месец може да заштедите од 2.000 до 3.000 денари за гориво.

8. Земјата ти е благодарна кога возиш велосипед

Во последната декада сите сме сведоци на енормното загадување на воздухот. Од тој аспект, возењето велосипед дава значаен придонес за да се намали загадувањето на воздухот.

9. Не се плаќа регистрација

Дали знаете дека доколку возите велосипед во просек за 5 години може да заштедите до 1.000 евра со самото тоа што нема да плаќате регистрација, а тоа значително ќе ја подобри вашата финансиска кондиција.

Веруваме дека ги знаете сите овие факти! Возете велосипед и заштедените средства постепено вложувајте ги во Доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус.

Проверете на калкулаторот за индивидуално штедење во Доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, колку заштеда за пензија можете да имате доколку месечно вложувате 1.500 денари или одберете Ваш износ. https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/calculator/voluntary-legal-entity-plan/.

Благосостојбата на вработените во период на КОВИД-19

Пандемијата со КОВИД-19 ни наметна „ново нормално“ како во приватниот, така и во професионалниот живот.

Социјалната изолација, осаменоста, „тенката“ граница помеѓу работните обврски и приватниот живот, стравот од губењето на работата или саканата личност, создаваат тежина, која може да биде голема и значително да влијае на менталното здравје. 

Принудени да се борат со овие дополнителни стресови, додека сè уште треба да работaт, вработените се соочуваат со неочекувани предизвици кога станува збор за нивната ментална благосостојба и имаат потреба од поддршка, додека се на своите работни места.

Свесни за ова и загрижени за своите вработени, кои во голема мера своите активности ги извршуваа од дома,  Сава пензиско друштво, спроведе истражување каде низ повеќе прашања ги истражи ставовите на своите вработени за нивната благосостојба и ментално здравје во време на пандемијата, како и нивните стравови и надежи за работата и состојбата по завршувањето на пандемијата.

Резултатите беа очекувани и за истите сметаме дека може да се генерализираат и разгледуваат во еден поширок контекст.

Над 43 % од вработените се изјасниле дека имаат високо ниво на благосостојба. Сепак, кај голем дел од нив се јавува некое средно ниво на истрошеност, кое перспективно при продолжување на овие услови, може да премине во високо ниво и да доведе до зголемување на истрошеноста и намалување на продуктивноста и благосостојбата на вработените.

Фактори кои имале најголемо влијание врз продуктивноста на вработените се:

  • Намалена социјализација и недостаток на комуникација со колегите;
  • Тешкотии при гасење на „работниот“ режим. И покрај тоа што над 88 % од нашите вработени целосно или делумно настојуваат да го задржат ритамот на животот и рутините кои ги имале пред промените поради КОВИД-19, сепак, по осумчасовна работа, вработените имаат тешкотии  да воспостават соодветен баланс работа-дома и да се исклучат од работа;
  • Грижа за член од семејството. Една поголема слабост на работата од дома е тоа што и покрај тоа што се елиминираат дистракциите кои можат да се јават при работа од канцеларија, сепак, доколку вработениот нема соодветни услови за работа од дома, може лесно да се деконцентрира поради бучавата или други домашни обврски, како и грижата за децата или повозрасни членови од семејството;
  • Недостатокот на јасна визија или план за живот на професионално и приватно ниво, по завршувањето на пандемијата создава загриженост и анксиозност. Најчести симптоми на анксиозност кои се почувствувале кај вработените во изминатиот период се: неможност за релаксација, напнатост, вознемиреност и нервоза, како и преголема загриженост за различни нешта.

Како најголем страв за вработените за постпандемискиот период е евентуалното продолжување со тековното темпо на работа, кое, воедно, е и главна причина за истрошеност и дебаланс на приватен професионален живот.

Исто така, вработените стравуваат дека постпандемискиот живот ќе се одликува со намалена грижа за вработениот и намалена флексибилност на работното место.

Најголема желба на вработените е да се подобри балансот работа-дома, кое се поврзува со желбата во иднина да се продолжи комбинираниот начин на работа, токму поради поголемата флексибилност што ја нуди тој начин на работа.

Како топ 3 причини зошто би се вратиле на работното место, кои нашите вработени ги избраа се: недостаток на работната атмосфера, социјализација и поголема продуктивност на работното место.

Во согласност со податоците добиени од спроведената анкета, Сава пензиско друштво продолжува да ги подобрува работните услови и да ги приспособува работните процеси, а притоа да ги задоволи желбите и потребите на своите вработени, со цел подобрување на нивната севкупна благосостојба, притоа без да се влијае на дејноста на Друштвото.

5 совети како да останете продуктивни додека работите од дома

Дали работењето од дома Ви го одвлекува фокусот од најбитните задачи кои треба да ги завршите?

Дали Ви е тешко да го менаџирате времето додека работите од дома?

Дали ја сакате работата од дома, а притоа сакате да смените некои работи за да се зголеми Вашата продуктивност?

Доколку одговорот е позитивен, тогаш оваа статија е токму за Вас.

Во продолжение на текстот ќе откриете неколку лесни чекори, кои ќе Ви помогнат да ја зголемите Вашата продуктивност при работа од дома.

  • Организирајте го работниот простор

Чист и организиран работен простор може да Ви помогне во создавање на добра работна атмосфера. Изберете место со добро осветлување и место кое нема да Ви го одвлекува вниманието. Сите потребни работи чувајте ги на едно место. Не дозволувајте Вашата работна маса да стане неуредна. Ова ќе Ви помогне подобро да се фокусирате на работата а, истовремено, како  да ја зголемите и продуктивноста.

  • Направете одреден распоред за извршување на работните задачи

Кога работите од дома, многу е лесно да се опуштите. Без „нормалната“ рутина за станување, облекување за работа и одење во канцеларија, многу луѓе почнуваат да прават работи по случаен избор. Затоа, многу е важно да си направите распоред  на работните задачи кои треба да ги завршите во текот на денот и да се придржувате до истиот.

  • Исклучи ги известувањата на мобилниот телефон

Истражувањата покажуваат дека во просек се потребни 25 минути повторно да се фокусирате на работата, откако ќе Ви биде одвлечено вниманието. Известувањата од социјалните мрежи можат, навистина, да бидат проблем да ја задржите концентрацијата при работата. Мејловите не ги проверувајте многу често, туку одредете два термина во текот на работното време во кои ќе испраќате и ќе одговарате на мејловите.

  • Практикувајте физичка активност

Физичката активност не е важна само за телото, туку и за Вашето ментално здравје. Пред да започнете со работа, убаво би било да излезете на утринска прошетка, трчање или, пак, возење велосипед. За да ја зголемите продуктивноста, практикувајте истегнување додека сте на пауза.

  • Правете пауза на секои 90 минути

Истражувачите од Државниот универзитет во Флорида откриле дека елитните изведувачи (спортисти, шахисти, музичари и слично), кои работат во интервали не повеќе од 90 минути, се попродуктивни од оние кои континуирано работат повеќе од 90 минути. Правењето на кратки и редовни паузи може да ја подобрат Вашата концентрација и нивото на ефикасност.

Секогаш бидете информирани за работите од кои може да зависи вашата иднина

Брзото темпо на живот и големиот број на информации понекогаш може да ви го оттргнат вниманието од важите работи од кои зависи вашата иднина.

Начинот и квалитетот на живот во иднина  во еден дел ќе зависи и од пензијата која што ќе ја добивате. Без разлика колку години имате и уште колку време активно ќе работите секогаш треба да бидете информирани за вашата пензиска заштеда.  

Мобилната апликација Сава пензиско план ви нуди можност на вашиот мобилен телефон  да ги имате сите потребни информации за вашата пензиска заштеда во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус.

Секој член на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје може да се најави на мобилната апликација и на брз и едноставен начин да има целосен увид во својата пензиска заштеда.

Преку мобилната апликација членовите имаат можност за преглед на состојбата и трансакциите, може да генерираат детален извештај, да ги ажурираат личните податоци и да го променат начинот на известување.  Исто така, имаат пристап и до други корисни линкови и информации за работењето и резултатите на пензиските фондови.

Со мобилната апликација Сава пензиско план  бидете секогаш информирани преку редовните известувања за уплатени придонеси на вашата пензиска сметка.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk