Сите ние кои сме родители знаеме дека не е баш така лесно да ги натераме децата да читаат. Особено во периодот на основно образование, лектирите вообичаено се читаат бидејќи мора, под присила, со закана, со ветување на некоја награда и скоро секогаш во ,,пет до дванаесет’’. Секоја чест на исклучоците.
И мојата ќерка Ива, не беше многу наклонета кон лектирите, иако дисциплинирано ги читаше, само затоа што мораше. Сè до нејзината тринаесетгодишна возраст, кога се појави литература за деца, која едноставно и го сврте вниманието и беше многу поразлична од задолжителните лектири. Серијалот на книги Хари Потер.
Серијалот содржи 7 книги, со вкупно околу 4.100 страници, односно нешто над милион зборови. Книгите ги купувавме со најголема желба, а ги читаше во еден здив. Јас никогаш, сè до пишувањето на овој текст, ја немав прашано што беше тоа што ја привлече, што има во таа литература што го немаше во лектирите?
Нејзиниот одговор, денес, е дека ,,има добро развиена приказна која лесно привлекува, стилот на кој е напишана е многу едноставен и разбирлив. Содржински е многу различна од лектирите до тогаш, лектирите до некаде се реалистични. Хари Потер е преполна со фантастични елементи: училиштето Hogwarts, магијата и волшебни суштества, но ликовите се добро развиени и лесно можеш во нив да се пронајдеш’’.
Исто така, вели дека тема на разговор со многу пријатели и биле токму Хари Потер книгите. Така ја запознала и една од своите најдобри другарки.
На прашањето ,,во што мисли дека е феноменот на Хари Потер и зошто е еден од најчитаните серијали?’’, таа одговара дека е ,,најмногу поради ликовите, кои не се едно димензионални. Секој е уникатен карактер. Ликовите не водат низ приказната. Доколку еден серијал, без разлика дали е книга или филм, нема интересни и динамични ликови со кои публиката не може да се поврзе, тој не е успешен’’.
Пет години подоцна, можам да кажам дека Ива е страствен читач и мислам дека оваа литература можеби и создаде љубов кон книгата и пишаниот збор. Но, таа е еден од милионите фанови на овој серијал, за кој се смета дека е феномен од причина што ни претставува еден магичен свет, во кој многу луѓе би сакале да се најдат.
Едно истражување кое било спроведено преку Federation of Children’s Book Groups покажало дека 59% од децата сметаат дека Хари потер книгите им помогнале да ги подобрат своите читачки способности. Половина од децата одговориле дека Хари Потер книгите ги натерале да сакаат да читаат повеќе книги.
Во истото истражување, 84% од наставниците одговориле дека момчето волшебник имало позитивно влијание врз читачките способности на децата, а 2/3 од нив сметаат дека токму Хари Потер ги претворил учениците нечитачи во читачи. Дури 83% од наставниците сметаат дека Хари е добар ,,role model’’ за децата, а 3/4 и самите го прочитале серијалот и уживале во него.
И покрај тоа што е литература за деца, сепак дури 50% од читателската публика на Хари Потер книгите се возрасните. Делумно бидејќи овие, сега возрасни луѓе, израснале со серијалот на книги или филмови, снимени според книгите.
Ако во домот има книги, поверојатно е дека детето ќе посегне по книгата, од љубопитност. Пробајте со различна литература, а ова е само еден личен пример, кој вродил со плод, во детето да се развие љубов кон книгата.