Ефектот на мултитаскингот во работењето

Сѐ поголемиот обем на работа ја услови потребата да бидеме побрзи и поефикасни и нѐ принудува да работиме повеќе работи одеднаш. Решавањето на повеќе работи одеднаш е познато како мултитаскинг.

Мултитаскингот ни создава чувство на продуктивност, бидејќи решаваме повеќе рутински задачи, а притоа не правиме штета во квалитетот на извршувањето на тие задачи.

Меѓутоа, доколку беспомошно се вртиме во круг, работиме од сѐ по малку, а ништо не завршуваме до крај, тогаш се создава ефект на исцрпеност и фрустрација, со што  ќе резултира до зголемување на работните задачи.

Решавањето на повеќе задачи во еден момент оживеа во 90-тите години на XX век, кога е направено истражување за работната ефикасност при што е донесен заклучок дека работниците се попродуктивни извршувајќи повеќе работи одеднаш. Меѓутоа, практиката подоцна покажа дека мултитаскингот е добар само во случај на извршување на рутински работи кои не бараат поголема концентрација и внимание.

Постојат докази дека човекот кој работи две, три или пет комплексни работи одеднаш, не само што нема да биде продуктивен, туку постои шанса да биде и контрапродуктивен.

Така, многу истражувања и анализи се правени во изминативе години за ефектот на мултитаскингот во работењето. И сите резултати велат дека ние не сме толку добри, како што мислиме, во извршувањето на повеќе работи одеднаш. Според истражувањата, мултитаскингот ја намалува нашата продуктивност дури за 40 %, го забавува нашиот прогрес, влијае на нашиот фокус и ја намалува можноста за учење на нови информации.

Како заклучок на претходното, се поставува прашањето, кои штетни ефекти ги носи мултитаскингот?

  1. Ве пренасочува да мислите на квантитетот во извршувањето на обврските, но не и на квалитетот – при повеќе извори на информации, мозокот не е способен да утврди што е навистина важно за да се задржи во нашата меморија.
  2. Физички напор – при извршување на повеќе задачи одеднаш, ние го пренасочуваме вниманието од едел дел од мозокот до друг. За тоа е потребно многу енергија.
  3. Стрес – како резултат на зголемен физички напор поради извршување на две или повеќе задачи, ние не сме во можност до крај да ги извршиме работните задачи и се јавува стрес.

Но, истражувањата велат дека мултитаскингот нема само штетни ефекти. Мултитаскингот е вештина која се учи. Ако сакаме да ја развиваме нашата вештина за мултитаскинг, треба и ние повеќе да се едуцираме, да ги спознаеме техниките на работа и да вежбаме напорно. За да бидеме попродуктивни во извршувањето на повеќе работни задачи, треба да ги извршуваме оние задачи кои не се премногу тешки и комплицирани.

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

  • Нелсон Мандела

Образованието претставува најмоќната алатка којашто денес еден човек може да ја поседува. Може да се каже дека образованието ни помага да го зголемиме знаењето за да можеме активно да ги постигнуваме и да одговориме на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваме во животот.

Образованието претставува пасош којшто со леснотија ги отвора вратите од иднината давајќи ни моќ којашто никој не може да ја одземе. Образованието е клучот слабоста за да се претвори во сила. Што е уште поважно, тоа ни обезбедува значителна ментална агилност за да донесеме правилни одлуки и да почнеме да дејствуваме кога е потребно.  

Меѓутоа, образованието има многу позитивни бенефити и индивидуални,  но и за општеството во целина. Од една страна, придонесува за креирање на подобри можности за вработување обезбедувајќи поголеми приходи, развивање на различни вештини кои помагаат за просперитетен и среќен живот од повеќе аспекти. Од друга страна, високата стапка на образование овозможува подобрување на економијата, изградба на модерно општество, решавање на општествени проблеми и предизвици и креирање на еднакви можности за сите.

Денес постојат многу формални и неформални типови на образование во безброј области, но финансиското образование и финансиската едукација е тоа што секоја индивидуа треба да го поседува. Финансиската писменост е способност да се  разберат и ефективно да се користат различни финансиски вештини, вклучувајќи лично финансиско управување, буџетирање, инвестирање, управување со ризици и слично.

Во последниве децении финансиските производи и услуги станаа сѐ повеќе распространети збогатувајќи ги финансиските одлуки, но, од друга страна, бараат и разбирање на одредени економски концепти како што се сложената каматна стапка и временската вредност на парите. Како резултат на комплексноста и потребниот период за разбирање, развиените земји се обидуваат финансиската едукација да ја започнат што е можно од порана возраст, преку воведување на предмети во училиштата.

Нивото на финансиска писменост во една држава е од исклучителна важност. Истражувањето спроведено од „Standard & Poor’s“ покажува присуство на силна позитивна врска помеѓу финансиската писменост на населението со економскиот развој на една држава мерено преку реалниот БДП по глава на жител.

Нивото на финансиска писменост може да варира во зависност од нивото на образованието и приходите, но анализите покажуваат дека високообразованите потрошувачи со високи примања можат да бидат исто толку неуки за финансиските прашања како и помалку образованите потрошувачи со пониски приходи (иако, генерално, вторите имаат тенденција да бидат помалку финансиски писмени). Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), луѓето изјавиле дека изборот на вистинската инвестиција за план за штедење во пензија бил постресен отколку од посетата на стоматолог.

Така и во Република Северна Македонија финансиската писменост се смета дека е од јавен интерес, бидејќи индивидуалните и личните одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој на државата. Според податоци добиени од НБРСМ, нивото на финансиска писменост на возрасното население во РС Македонија изнесува 56 % од максимумот, што е блиску до просекот на Југоисточна Европа од 57 %, но е пониско од постигнатите резултати на земјите членки на Европската Унија и ОЕЦД, од 64 и 65 %, соодветно, со што се упатува на неопходноста за понатамошни активности.

Од друга страна, пак, според најновото истражување на ОЕЦД, од аспект на финансиска инклузија, во нашата држава, луѓето најчесто користат платежни услуги (67 % од испитаниците), 44 % се корисници на кредитни производи, а 36 % се изјасниле дека користат одредена форма на заштеда (депозит, удел во инвестициски фонд, заштеди за пензионирање и слично), додека само 5 % се корисници на некаков вид на осигурување.

Според податоците, видливо е дека со текот на годините финансиската писменост на македонското население се зголемува, но процесот на финансиска едукација, несомнено, треба да продолжи со зголемен интензитет и вклучување на сѐ повеќе луѓе во истиот.

Преку креирање и употреба на современи технологии и едукативни алатки (апликации, веб-страници, стимулативни игри и слично) коишто овозможуваат разбирлива, достапна и бесплатна содржина, може да се влијае врз луѓето да донесуваат помудри финансиски одлуки, но и долгорочно да се придржуваат до истите. Потоа, помасовно вклучување на национални настани како што се „Денови на финансиска писменост“, почеста организација на предавања поврзани со финансиска едукација во основното, средното и високото образование и можност за воведување на предмети.

Покрај активностите коишто треба да се преземаат од страна на финансиските и регулаторните институции и луѓето самоиницијативно треба да се залагаат за зголемување на финансиската едукација, преку онлајн курсеви, присуство на организирани настани и предавања од таа област или доколку сакаат подлабоко да навлезат во финансискиот свет, преку полагање на одредени лиценци за финансиска анализа како што е CFA (Chartered Financial Analyst).

Повеќе од 21 милион денари по основ на камати и 43 илјади САД долари од дивиденди за членовите во Сава пензиски фонд за успешен почеток на 2022 година

Ве информираме дека во периодот од 02.01.2022 – 11.01.2022 година на сметката на  Отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати во износ од 2.370.957,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 18.719.444,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаa приливи од дивиденда во износ од:

  • 2.114,55 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Invesco Global Water ETF;  
  • 2.050,12 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares MSCI Chile ETF; 
  • 796,47 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares Global Clean Energy; 
  • 1.485,15 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares Global Tech ETF;
  • 3.373,93 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X Autonomous&Elec-ETF;
  • 19.996,26 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X E-Commerce ETF и
  • 13.662,64 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X Video Games & Esport.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаa приливи од камати во износ од 57.419,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 107.127,00 денари, како и приливи од дивиденда во износ од 1.005,86 САД долари од инвестираните средства во повеќе инвестициски фондови.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и пропорционално се распределуваат на нивните сметки.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2021/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

10 совети како паметно да управуваш со личните финансии

Основа во сите дејства, од најосновните како, на пример, да стигнеш од точка А до точка Б, или најкомплексните, да се развие компјутерски код или проектирање и изградба на објект, е формирање на стратегија. Во управувањето на личните финансии, без разлика колкави биле тие, поставувањето на стратегијата на самиот почеток е од круцијално значење и во голема мера го дефинира успехот или неуспехот во овој процес.

Кај личните финансии една стратегија треба да ги има минимално следните параметри: цел која е изразена во апсолутна вредност или, пак, како очекуван годишен принос на вложените средства, моменталната состојба на средствата што се слободни за инвестирање како и можноста за месечно штедење и зголемување на инвестициското портфолио, временски хоризонт за исполнување на целта, прифатливо ниво на ризик или популарно кажано апетит за ризик, ликвидносните потреби или веројатноста за потрошувачка од инвестициското портфолио, даночните аспекти и управувањето со истите.

Дополнително, стратегијата може да вклучува и специјални околности, како, на пример, избегнување на инвестиции во одредени индустрии или, пак, одредени финансиски инструменти.

Откако ќе ја формулирате својата инвестициска стратегија (за што препорачуваме консултирање на пензиски или инвестициски советник или финансиски аналитичар) доаѓа делот на операционализација на истата. Во оваа фаза најважно е да ги имате сите информации за достапните финансиски продукти преку кои ќе почнете да ја остварувате својата стратегија.

За да направиш соодветна анализа на сите опции, и да донесеш одлука која ти ја сметаш за исправна, секогаш имај ги предвид овие 10 совети:

  1. Истражувај – Информирај се за инвестицискиот продукт пред да ги вложиш средствата во него. Проучи ги сите негови карактеристики, карактеристиките на Друштвото кое го издава или управува со тој инструмент и кои се лицата кои управуваат со тој продукт, нивното искуство, меѓународните лиценци и угледот во инвеститорската фела, разгледај го портфолиото на инвестиции и, секако, остварениот принос кој го има остварено до сега.
  2. Ризик – Секое вложување со себе носи и одреден ризик, кое е изразено како веројатност, за негативна или позитивна промена во неговата вредност. Информациите за вредноста на вложувањето и варијабилноста на неговата вредност во минатото се добар индикатор за неговата ризичност. Свесноста, дека вложувањето во одреден период може да изгуби од својата вредност, е многу важна во носењето на одлуката и значително може да влијае да не се носат лоши одлуки во лошо време, односно да не се продава, односно дезинвестира, во моменти кога финансискиот инструмент бележи пад на вредноста вообичаена за неговата природа.
  3. Внимателност – Чувајте се од изреките „Збогати се брзо“ и „Не можеш да изгубиш“. Ваквите понуди, најчесто, се со висок ризик.
  4. Планирање – Кога ќе го одредите буџетот, кој сакате да го инвестирате, секогаш мислете и на непланираните трошоци и инвестирајте одреден процент од вашето портфолио во ликвидни инструменти (флексибилни депозити, парични фондови и слично) за непредвидени потрошувачки потреби.
  5. Цел – Вложувајте секогаш во склад со своите цели дефинирани во вашата лична инвестициска стратегија.
  6. Доверливост – Информирајте се од доверливи извори и на официјалните страници на институциите. Направете неколку разговори со компетентни и стручни лица кои имаат долгогодишно искуство во оваа област.
  7. Трошоци – Проверете како надоместоците и приносот од инвестирањето  влијаат на резултатите од вложувањето.
  8. Диверзификација – Во превод: не инвестирајте сѐ што имате на едно место! Распоредете ги своите финансии на долгорочни, среднорочни и краткорочни вложувања.
  9. Трпение – Долгорочното и редовно вложување со сигурност ќе донесе резултат. Најголем непријател се вашите емоции и одлуките на кои тие ве наведуваат. Со други зборови, ако знаете дека не можете да бидете трпелив во периодите на пад на финансиските пазари и да не деинвестирате/продавате одреден инвестициски продукт во најлошиот можен момент, тогаш инвестирајте во сигурни инструменти со фискален принос како обврзници или депозити во банка.
  10. „Камата на камата“ – Кај некои финансиски продукти во текот на годината твоите вложени средства се зголемуваат поради „камата на камата“. Информирај се кои се овие продукти и внимателно одбери вложување во нив. Повеќе на темата во следниот блог пост: https://nikogassami.mk/investiranje/8-to-svetsko-chudo-slozhenata-kamatna-stapka/

Во основа, секоја лична инвестициска стратегија треба да почнува со лична пензиска стратегија, а тоа е обезбедување на соодветна заштеда за задржување на посакуваниот стандард на живеење во периодот кога вашиот работен век веќе е завршен. За овој ваш прв чекор кон управувањето со личните финансии на располагање ви се нашите пензиски советници кај  нашите деловни партнери НЛБ Банка и Сава Осигурување, како и достапноста на нашето Друштво преку сите канали на комуникација (телeфонски број 15500, емаил: kontakt@sava-penzisko.mk, web страницата sava-penzisko.mk).

Ве очекуваме за да ви помогнеме да го направите првиот чекор и да ја следите успешноста на вашата лична инвестициска стратегија.