Во Сава пензиски фонд пристигнаа приливи од камати од над 130 милиони денари и дивиденди во вкупен износ од 701.092 долари и 145.653 евра кои им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондот

Ве информираме дека во месец декември 2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 131.813.209,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 701.091,80 долари и 145.653,32 евра, од кои ги издвојуваме:

  • ЕУР 73.708,48  од компанијата SHELL PLC;
  • УСД 131.194,05 од инвестицискиот фонд ISHARES MSCI WORLD ETF;
  • УСД 146.921,89 од инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
  • УСД 54.055,01 од инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
  • УСД 49.490,80 од инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 5.015.249,00 денари, прилив од дивиденда во вкупен износ од 17.577,14 долари и 4.379,21 евра, од кои ги издвојуваме:

  • ЕУР 2.497,71  од компанијата SHELL PLC;
  • УСД 5.786,69 од инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
  • УСД 1.515,56 од инвестицискиот фонд ISHARES CORE S&P MIDCAP ETF;
  • УСД 1.326,95 од инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
  • УСД 1.245,33 од инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF и
  • УСД 1.195,76 од инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL CLEAN ENERGY.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Приватните пензиски фондови – вештачки езера на економијата во Северна Македонија

Често во секојдневието слушаме за секакви видови на „реформи“. Сепак, постојат различни типови на реформи со различна комплексност. Некои реформи бараат мали промени и даваат резултати веднаш, а некои реформи бараат големи и сложени промени, а резултатите се добиваат по неколку години, а можеби и по неколку децении.
Поводот за овој текст е што во изминатиот период се слушаат заложби, од некои срамежливо, а од некои јавни залагања за уривање на капитално финансираниот пензиски систем во рамките на вториот столб и на краток рок да го решат проблемот на недостигот на средства во државниот Фонд на ПИОСМ. Но, прашањето е што после тоа?
Во овој краток текст ќе направиме кратка споредба помеѓу пензиската реформа од 2003 година и земјоделско-иригационата реформа од доцните 40-ти и раните 50-ти години на минатиот век. Имено, во тоа време, поради променливост на издашноста на изворите на водите, се започнува процесот на изградба на акумулации во Северна Македонија, односно започнува изградбата на првите вештачки езера во Северна Македонија. Акумулацијата на вода во вештачките езера е наменета за наводнување и производство на храна и избегнување на периоди на суша, како и за производство на електрична енергија.
Од друга страна пак, поради променливост на издашноста на изворите во Фондот на ПИОСМ кој треба да го сфатиме како река која се полни од извор, односно од придонесите и кој се троши како пензија за тековните пензионери, Северна Македонија се одлучува да прави пензиска реформа по препорака и насоки од Светска банка. Како главна причина за правење на пензиска реформа со формирање на тростолбен пензиски систем и основање на приватни пензиски фондови се демографските промени во државата, односно стареењето на населението во државата и иселувањето од државата кое постојано одржува висока стапка.
Демографските промени значат намалување на изворот на придонеси од плати во иднина. Слично на суша која доаѓа за капацитетот на водата, а таа вода служи за наводнување и производство на храна, реално е да се очекува “суша“ кај приливот на средства во Фондот за ПИОСМ кој треба да служи за исплата на пензии на тековните пензионери. Кога станало јасно дека доаѓа суша, а знаеме дека за реката на ПИОСМ доаѓа уште поголема суша, јасен бил заклучокот дека треба да се направат акумулации, односно вештачки езера во вид на пензиски фондови. Онака како што за да се превенира недостиг на вода, се направила брана која треба да ја акумулира водата за подоцна да се користи истата за наводнување на полињата, односно се пристапило кон изградба на акумулации, така и заради очекуваната “суша“ кај придонесите кои одат во Фондот за ПИОСМ, пристапено е кон формирање на приватните пензиски фондови каде се собираат пензиски заштеди и се гради акумулацијата која понатаму расте.
Вештачките езера се акумулација на вода наменета за наводнување и производство на храна, но приватните пензиски фондови се акумулација за чија намена можеме да кажеме дека е пандан на наводнување и производство на храна, но и за производство на струја, поради ефектот на капитализација на средствата и остварување на принос на тие средства. Преку реформираниот тростолбен пензиски систем, реката на ПИОСМ не може да пресуши бидејќи добар дел од товарот за наводнувањето, односно исплатата на пензии паѓа на приватните пензиски фондови. Ваквата поставеност на пензискиот систем во Северна Македонија ќе донесе видливи резултати кон ПИОСМ по започнувањето на редовната исплата на пензии од втор столб која се очекува да започне во периодот 2029-2031 година.
Храбра реформа, тешка за државата, со силен ефект на буџетот, исто како што биле високи трошоците за градењето на вештачките езера. Денес, децении подоцна сите ги чувствуваме ефектите од тие езера со континуиран дотур на свежа вода за пиење и вода за наводнување, до толку што тие ефекти ни станале толку нормални, очекувани што не ги ни забележуваме. Исто ќе биде и со реформираниот пензиски систем кога голем дел од пензионерите ќе бидат членови и на ПИОСМ и на вториот столб, кога самостојно, незабележливо ќе си функционира стабилен пензиски систем. Се друго што би се преземало би било креирање на директен товар на поединецот.
Што би се случило доколку државата одлучи да ја испразни акумулацијата и да ги национализира приватните пензиски фондови? Тогаш, на краток рок ќе имаме и наводнување и производство, и струја додека да се испразни езерото, но нема да имаме струја ниту на среден ниту на долг рок. За многу кратко време потоа, ќе останеме без наводнување, без производство и без струја во целост. Реката ќе тече, но не знаеме колку, па потоа ќе стане поточе, а на крајот на местото каде се наоѓало вештачкото езеро ќе имаме едно големо пресушено поле.
Приватните пензиски фондови каде што средствата во фондовите се лична сопственост на членовите се единствен начин за да одржиме солвентен пензиски систем и солвентен државен пензиски фонд (ПИОСМ) на долг рок, онака како што акумулацијата преку вештачки езера е единствен начин да го задржиме потребното ниво на вода за наводнување и производство на храна во државата.
“Производството на струја“ односно остварувањето на принос може да се подобри преку соодветни законски измени по урнек на најдобрите пензиски системи во светот, каде на врвот се наоѓа холандскиот тростолбен систем.

Идентификување на уникатни конкурентски предности на големи компании

Во динамичниот пејзаж на глобалната економија, големите компании со нивните обемни ресурси и значајно пазарно учество, постојано се стремат да создаваат и одржуваат уникатни конкурентски предности. Овие предности се критични бидејќи ја разликуваат компанијата од нејзините конкуренти и придонесуваат кон одржување на растот и профитабилноста на долг рок. Идентификувањето на овие уникатни конкурентски предности од страна на инвеститорите вклучува повеќестран пристап, кој зема предвид различни внатрешни и надворешни фактори. Во продолжение на овој текст разгледуваме дел од потенцијалните конкурентски предности, како и практични примери преку дел од компаниите во кои се инвестирани средствата на пензиските фондови.

Во делот на интерните фактори, најчесто фокус се става на различните капацитети на самата компанија, економијата од обем и силниот бренд.

Големите компании обично поседуваат уникатни способности или ресурси што ги издвојуваат од конкурентите. Ваквите капацитети може да вклучуваат напредни технолошки способности, супериорно управување со таленти, процеси за развој на иновативни производи или сопствени системи и процеси кои ја подобруваат оперативната ефикасност. На пример, компаниите како Apple Inc. се познати по нивниот напреден дизајн и иновативни способности, кои претставуваат значајна конкурентна предност.

Друга предност на големите компании е нивната способност да постигнат економии од обем. Ова им овозможува да ги намалат трошоците по единица производ преку масовно производство, ефикасно управување со синџирот на снабдување и силна преговарачка моќ со добавувачите. Практичен пример е Nestle, чија глобална мрежа на производствени операции и супериорни логистички способности му овозможуваат да нуди производи по релативно пониски цени во споредба со конкурентите.

Моќниот и добро препознатлив бренд може да биде една од најзначајните конкурентски предности. Големите компании константно инвестираат во активности за градење на силен бренд во насока на поттикнување лојалност и довербата на клиентите. Брендовите како Louis Vuitton и Tom Ford (во сопственост на LVMH и The Estee Lauder Companies, соодветно) се добро етаблирани, препознатливи и почитувани од страна на потрошувачите, и претставуваат силна конкурентска предност на матичните компании.

Во делот на екстерните фактори, фокус се става на релативната позиција на компанијата на соодветниот пазар, мрежата, регулаторното окружување, бариерите за влез и стратешките сојузништва.

Доминантната позиција на пазарот и широката мрежа може да бидат клучни конкурентски предности на големите компании. Практичен пример во овој дел е Amazon.com, компанија со силна мрежа гледано од мултидимензионален аспект, каде што вредноста на услугите кои ги нуди се зголемува паралелно со приклучувањето на повеќе клиенти и продавачи/партнери во нејзиниот екосистем. Ова создава самозајакнувачки циклус кој ја зацврстува лидерската позиција на пазарот и ги зголемува бариерите за влез на нови и помали конкуренти.

Високо ниво на регулаторни барања и критериуми исто така создава конкурентска предност на големите компании. Овие компании најчесто ги имаат потребните ресурси да се справат со сложените регулаторни барања или да лобираат за промени на политиката во нивна корист. Дополнително, овие компании може да имаат корист и од големи бариери за влез кои спречуваат лесен влез на нови учесници на пазарот. Пример за ваква индустрија со високо ниво на регулација, капитална интензивност и други бариери за влез е авионската индустрија. Како практичен пример за ваква компанија од нашите портфолија би ја издвоиле Airbus, која остварува значителна корист од оваа конкурентска предност.

Формирањето стратешки сојузништва и партнерства е уште еден начин на кој големите компании можат да ги подобрат своите конкурентски предности. Соработката со други фирми, истражувачки институции или стопански комори може да доведе до споделување на знаење, оптимизација на ресурсите, различни синергии и отворање на нови пазарни можности. Како практичен пример од нашите портфолија го издвојуваме Google (Alphabet Inc.), кој преку стратешкото партнерство со Samsung успеа да го направи Android најкористен оперативен систем на смартфони на глобално ниво.

Секако, во процесот на идентификување на конкурентски предности, мора да се земат предвид и други аспекти, покрај горенаведените.

Анализата на финансиските извештаи и перформансот на компанијата, преку различни показатели како стапка на поврат на капиталот, профитните маржи, стапките на раст на приходите и добивките, може да открие многу за оперативната ефикасност и пазарната позиција. Големите компании кои поседуваат силни конкурентски предности е многу веројатно константно да остваруваат подобри финансиски резултати од конкурентите.

Потоа, разбирањето на перцепцијата на потрошувачите и тековните пазарни трендови преку фидбек и различни потрошувачки анкети и други истражувања, како и анализи на перцепцијата за поединечни брендови, се клучни аспекти во анализирањето на релативната конкурентска позиција на соодветната компанија. Преку ова може да се детектираат сегментите во кои компанијата има лидерска позиција и различни заклучоци во форма на очекувања за задржување на истата во иднина.

За крај, но не помалку важна, е и анализата на достапните податоци за инвестициите во иновации и истражување и развој. Компаниите кои континуирано инвестираат во овој сегмент и претставуваат нови иновативни производи, услуги и решенија се во најдобра позиција за одржување на конкурентските предности на долг рок.

Идентификацијата на уникатни конкурентски предности кај големите компании вклучува сеопфатна анализа на интерните капацитети, пазарната динамика, регулаторни фактори, стратешки иницијативи и други фактори. Преку соодветно и ефикасно искористување на сопствените способности, постигнувањето на економии од обем, градењето на силни брендови и стратешките соработки, се зајакнува конкурентската позиција на компанијата и од истата се очекува да биде двигател на успехот на долг рок.

Сава пензиски фонд и Сава пензија плус се изложени кон поголемиот дел од компаниите кои се земени како практични примери во овој текст, преку инвестирање на дел од средствата во акции издадени од истите. Деталните податоци за инвестициите на фондовите можат да се најдат во најновите неревидирани финансиски извештаи заклучно со 30.09.2024 година. Овој текст е од информативен карактер и не претставува финансиски совет.

Да научиме повеќе за обврзници за катастрофа

Што се тоа обврзници за катастрофа (CAT bonds)?

Во последните години, поради зголемениот број на климатски непогоди и нивниот интензитет, сѐ повеќе во светот се зборува за обврзници за катастрофа. Тие се еден вид хартии од вредност поврзани со осигурување (ILS или insurance-linked security). Обврзниците за катастрофа се должнички инструменти издадени од осигурителни и реосигурителни компании за собирање средства во случај на поголема катастрофа, како што е земјотрес, ураган или поплава. Доколку се случи наведената катастрофа, издавачот на обврзниците (обично осигурителна компанија) може да ги искористи средствата за исплата на штети, а инвеститорите може да изгубат дел или целата главнина. Обврзниците за катастрофи потекнуваат од последиците на неколку големи природни катастрофи кои ги погодија Соединетите Американски Држави во 1990-тите и предизвикаа осигурителната и реосигурителната индустрија да ги преиспита нивните досегашни методи.

Каков е принципот на функционирање на овој тип обврзници?

Кога се издаваат обврзниците за катастрофа, осигурителната компанија ги депонира собраните средства на посебна сметка, со тоа што потоа овие средства се инвестираат во нискоризични хартии од вреност. Инвеститорите добиваат периодични исплати на камати од оваа сметка. Доколку се случи настан кој предизвикува активирање (на пример ураган со одредена јачина), издавачот на обврзниците може да ја искористи главнината за покривање на побарувањата од осигурениците по основ на штети, а инвеститорите можат да ја загубат својата инвестиција, целосно или делумно.

Кои се придобивките на обврзниците за катастрофа?

  • Диверзификација: Обврзниците за катастрофа им нудат на инвеститорите можност да ги диверзифицираат своите портфолија со класа на средства што не е во корелација со традиционалните финансиски пазари.
  • Високи приноси: Поради повисокиот ризик, обврзниците за катастрофа вообичаено нудат повисоки приноси споредено со останатите инструменти со фиксен принос.
  • Трансфер на ризик: Осигурителните и реосигурителните компании ги користат овие обврзници за да извршат трансфер на ризик од катастрофални настани на инвеститорите, овозможувајќи им да управуваат со нивната финансиска изложеност.

Кои се главните ризици поврзани со обврзниците за катастрофа?

  • Загуба на главнината: Инвеститорите можат да загубат дел или цела главнина доколку се случи настан за активирање.
  • Комплексност: Обврзниците за катастрофа можат да претставувват комплексни финансиски инструменти, кои бараат добро разбирање од моделирање на ризици и осигурителните пазари.
  • Пазарни услови: Вредноста на обврзниците за катастрофи може да биде под влијание на промени во пазарните услови, како каматните стапки и побарувачката од инвеститорите.

Која е големината на пазарот на обврзници за катастрофа?

Заклучно со првиот квартал на 2024 година, пазарот на обврзници за катастрофа достигна рекордна големина од $44,53 милијарди. [1]Ова претставува значителен пораст од претходните години, доколку имаме предвид дека на крајот на 2022 година големината на овој пазар била околу $35,5 милијарди. Новите издавања само во 1. квартал на 2024 година изнесуваат над $4,2 милијарди. Растот на овој пазар ја одразува зголемената побарувачка за алтернативни механизми за пренос на ризик и привлечноста на диверзифицираните инвестиции со висок принос.

Каква е иднината на ваквите обврзници?

Бидејќи климатските промени и урбаниот развој продолжуваат да ја прецртуваат мапата за осигурување, се очекува побарувачката за обврзници за катастрофа да расте. Овие обврзници обезбедуваат вредна алатка за осигурителните компании да управуваат со нивната изложеност на ризик, притоа нудејќи им на инвеститорите атрактивни приноси. Накратко, обврзниците за катастрофа се единствен и иновативен начин за управување со финансиските ризици поврзани со природните катастрофи. Тие нудат бенефиции и за осигурителните компании и за инвеститорите, но доаѓаат со свој сет на ризици кои треба внимателно да се разгледаат.

Инфографик за обврзници за катастрофа

Важна напомена: Содржината на овој блог е од информативен карактер. Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус досега не се изложени на никаков начин кон оваа класа средства, бидејќи не постојат услови согласно актуелните законски и подзаконски акти. 

[1] https://www.applebyglobal.com/wp-content/uploads/catastrophe-bond-ils-market-report-q1-2024.pdf?citationMarker=43dcd9a7-70db-4a1f-b0ae-981daa162054, посетен на 13.12.2024

Разбирање на појавата “greenwashing” во управувањето со инвестициите

Контекст

Во динамичниот свет на управувањето со инвестициите, одржливоста стана клучен фокус. Инвеститорите сѐ повеќе бараат можности кои се усогласени со нивните еколошки вредности. Сепак, напливот на побарувачка за зелени инвестиции истовремено доведе и до пораст на ,,greenwashing”, односно практика каде компаниите или управувачите со средства лажно тврдат дека се наклонети кон заштита на природата. Овој блог навлегува во ,,greenwashing” од перспектива на управувањето со инвестиции, истражувајќи ги неговите импликации, идентификувајќи ги знаците на предупредување и нуди стратегии како да се избегне истото.

Што всушност претставува ,,greenwashing”?

,,Greenwashing” се случува кога компанија или управувач со инвестиции ги преувеличува или фабрикува своите еколошки акредитиви за да привлече инвеститори. Оваа измамничка практика може да ги доведе во заблуда инвеститорите, да ги поткопа вистинските напори за одржливост и на крајот да ја намали довербата во пазарот.

Импликации од ,,greenwashing”

  • Ерозија на довербата: ,,Greenwashing” може значително да ја оштети довербата на инвеститорите. Доколку инвеститорите откријат дека нивните средства не се инвестирани во зелени инструменти или компании чие делување не ѝ штети на природата, како што тоа било претходно акцентирано, истото може да доведе до разочарување и губење на довербата во одржливите инвестициски производи.
  • Пазарна дисторзија: Распостранетоста на ,,greenwashing” може да креира дисторзии на пазарот, отежнувајќи им на вистинските ентитети кои се посветени кон одржливост да бидат препознаени. Ова може да го попречи севкупниот напредок кон поодржлива економија.
  • Регулаторни ризици: Како што регулаторите стануваат повнимателни, компаниите и управувачите со средства кои се занимаваат со ,,greenwashing” би можеле да се соочат со правни и финансиски реперкусии. Ова може да вклучува казни, санкции и оштетување на угледот.

Идентификување ,,greenwashing”

Инвеститорите треба да бидат претпазливи и да внимаваат на:

  • Нејасни тврдења: Бидете претпазливи за инвестициските производи кои даваат широки, неосновани тврдења за нивното влијание врз животната средина. Фразите како „еколошки“ или „зелени“ без конкретни детали може да бидат знак за ,,greenwashing”.
  • Недостаток на транспарентност: Вистинските одржливи инвестиции обезбедуваат јасни и детални информации за нивните практики и влијанието врз животната средина. Недостатокот на транспарентност или неподготвеноста да се обелоденат таквите информации е причина за загриженост.
  • Неконзистентно известување: Барајте конзистентност во извештаите за одржливост и ревизија од трети страни. Неконзистентното или реткото известување може да укаже дека компанијата или фондот не се посветени на одржливост како што претходно тврделе.

Стратегии за да се избегне ,,greenwashing”

  • Спроведете темелно истражување: Извршете длабинска анализа на инвестицискиот производ. Побарајте сертификати од трети страни, детални извештаи за одржливост и докази за вистинско влијание врз животната средина.
  • Остварете контакт со управувачите на средства: Поставувајте им конкретни прашања на управувачите на средства за нивните практики за одржливост и како тие го мерат и известуваат нивното влијание врз животната средина. Вистинските менаџери ќе бидат транспарентни и отворени со информации.
  • Искористете ги рејтинзите за ESG: Оценките за еколошки, социјални и управувачки аспекти (ESG) можат да обезбедат значаен увид во практиките за одржливост на компаниите и фондовите. Сепак, важно е да ја разберете методологијата зад овие оценки и да ги користите како една од неколкуте алатки во вашата проценка.

Студии на случај

Пример бр. 1: Фондот XYZ тврдел дека е лидер во одржливо инвестирање, но подоцнежната истрагата открила дека значителен дел од неговото портфолио е инвестирано во компании кои произведуваат фосилни горива. Ова несовпаѓање ја истакнува важноста од темелно испитување на самите тврдења на фондот.

Пример бр. 2: ABC корпорацијата се рекламирала како компанија чие делување не ѝ наштетува на природата, но на крајот било откриено дека нејзините извештаи за одржливост се неконзистентни и во истите недостигаат детали. Инвеститорите кои се потпираа исклучиво на маркетиншките материјали на компанијата беа доведени во заблуда.

Заклучок

,,Greenwashing” претставува значаен предизвик во доменот на одржливото инвестирање. Со тоа што ќе бидат внимателни и ќе спроведат темелна анализа, инвеститорите можат да се заштитат од измамнички практики и да придонесат за вистинска одржлива иднина. Како што се развива пазарот, од клучно значење е и инвеститорите и регулаторите да работат заедно за да обезбедат транспарентност и интегритет во одржливите инвестициски практики.

15 години успешна работа со надминат износ од 2 милијарди денари пензиски заштеди во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус

Овој октомври – Нашата 15 годишна посветеност и напорна работа успешно придонесоа кон надминување на прагот од 2.000.000.000 денари акумулирани пензиски заштеди во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус!

Ова остварување е симболичен момент за нашето друштво, знак на доверба на нашите членови, која ја постигнавме со посветена работа во изминатите години.

Довербата која ја добиваме од нашите членови е резултат на систематска работа, иновации во продажбата и маркетингот, инвестирањето, управувањето со ризиците, едукацијата на членството и посветеноста на зададените цели, препознаени и признаени со низа меѓународни награди и признанија.

Од самиот почеток, работиме напорно за да ја подигнеме свеста за важноста на доброволното пензиско штедење што доведе до тоа во текот на овие 15 години, Сава пензија плус да стане лидер во индустријата на доброволни пензиски фондови.

Деталната историја на нашиот раст кај доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус можете да ја видите на графикот* подолу, каде што е прикажан напредокот низ времето, како и клучните моменти кои влијаеле на нашето успешнo работење.

Извор. www.mapas.mk

Тековни податоци: https://mapas.mk/mapastat/

Приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со доброволниот пензиски фонд.

Точки од графикот:*

– **2009 година:** Почеток на работа на Сава пензија плус.

– **2020 година:** Прв пат надминуваме износ на нето средства од 1 милијарда денари заштеди.

– **2020 година:** Достигнавме напредок во дигитализација (апликацијата Сава пензиско план), што ја олесни пристапноста за нашите клиенти.

– **2024 година:** Остварување на износ на нето средства над 2 милијарди денари, доказ за посветеноста и трудот на целиот тим на Сава пензиско друштво а.д. Скопје и нашите соработници и агенти!

Им благодариме на нашите членови, Вашата доверба е нашата најголема мотивација и без вас, ова остварување не би било возможно. Поттикнати од овој успех, продолжуваме да работиме на подобрување на услугите, правилно инвестирање и управување со ризиците, за заедно да изградиме сигурна пензиска иднина.

Сава пензиско друштво продолжува да се развива и да се адаптира на промените во секторот, поттикнувајќи иновации и обезбедувајќи високо квалитетни услуги. Очекуваме следните години да бидат уште повозбудливи и исполнети со нови достигнувања за нашите членови.

Искористете ја можноста и придружете ни се на овој пат кон безгрижна пензија!
Бидете дел од друштво на добри луѓе.

Ваше,
Сава пензиско друштво а.д. Скопје

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Над 174 милиони денари приливи од камати во Сава пензиски фонд 

Ве информираме дека во периодот од 01.08.2024 – 31.08.2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 174.594.436,00 денари и приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 85.951,25 долари

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 27.929,06 долари, од кои ги издвојуваме: 

  • УСД 23.976,51 од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и 
  • УСД 3.952,55  од компанијата APPLE INC. 

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.978.817,00 денари, прилив од каматa од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 2.660,00 долари и прилив од дивиденда во вкупен износ од 135,45 долари, и тоа: 

  • УСД 135,45  од компанијата APPLE INC. 

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди. 

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/  

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk 

Дивиденди од Прилепска пиварница, Vanguard S&P 500 ETF, JPMORGAN CHASE & CO легнаа на сметките на пензиските фондови

Ве информираме дека во периодот од 01.07.2024–31.07.2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 139.139.537,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 216.270,68 долари и 4.339.566,00 денари, од кои ги издвојуваме:

  • УСД 143.166,00 од инвестицискиот фонд Vanguard S&P 500 ETF
  • УСД 23.757,96 од компанијата JP MORGAN CHASE & CO.
  • УСД 37.423,60 од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и
  • МКД 4.339.566,00 од компанијата ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА АД ПРИЛЕП

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.607.676,00 денари, приливи од дивиденди во вкупен износ од 6.718,15 долари, и 1.065.449,00 денари, од кои издвојуваме:

  • УСД 4.118,64  од инвестицискиот фонд Vanguard S&P 500 ETF
  • УСД 963,58 од компанијата JP MORGAN CHASE & CO.
  • УСД 826,96  од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и
  • МКД 1.065.449,00  од компанијата ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА АД ПРИЛЕП

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

19 години работа во интерес на членовите – Што направивме и како е нужно да се движиме за одржлив пензиски систем

Друштвата за управување за пензиски фондови се втор по големина сегмент на домашниот финансиски систем. Она што малку се знае за овој сегмент се освоените европски награди на натпревари во конкуренција на европски пензиски друштва кои имаат значително подолга историја на постоење, значително повеќе ресурси на располагање и значително повеќе средства под управување.

Едно од наградуваните домашни друштва за управување со пензиски фондови е и Сава Пензиско Друштво, кое во 2023 година победи во категоријата „Small pension fund“ (Мал пензиски фонд) и влезе во најтесен избор за победа во категоријата „Equities“ (Акции) на ниво на Европа, со што се продолжи серијата на достигнувања на ова своевидно Европско Првенство на пензиски друштва.

Зошто е ова важно? Статуетките се кршливи, но фактот дека строги жирија на европско ниво ја ценат, издвојуваат и наградуваат нашата работа зборува за нашата стручност, посветеност и сериозност во управувањето со пензиските заштеди, во систем во кој демографските предизвици налагаат сериозен, стратешки и долгорочен пристап за да се најде соодветен одговор на прашањата: “Од кои извори ќе доаѓа мојата пензија во иднина и колку се стабилни и одржливи тие извори? Луѓето се иселуваат, од чија работа ние ќе земаме пензија?“

Токму стабилноста и одржливоста на првиот столб во пресрет на продолжени неповолни демографски движења всушност и беше аргумент за реформата која доведе до воведување на вториот и третиот столб, во период кога демографските проекции и не беа толку загрижувачки како што се во моментов.

Доколку се осврнеме на пензиската акумулација во вториот столб која зависи во најголем дел од висината на примени придонеси и остварените приноси од вложувања на средствата, но и од наплатените надоместоци, можеме да се запрашаме кои се оптималните нивоа на првите две варијабли и кои фактори влијаат врз истите.

Во делот на придонесите, тековно, 12,8% од бруто платата на вработените кои се дел од капитално финансираното пензиско осигурување одат во прв столб (Фондот за ПИО) од каде се користат за исплата на тековни пензии. Дополнително, 6% од бруто платата на овие вработени оди на нивни сметки во избраниот задолжителен пензиски фонд, останувајќи така нивна лична сопственост која понатаму се зголемува со инвестирање на средствата согласно критериумите и ограничувањата дефинирани со законски и подзаконски акти. Клучен фактор при одговорот на прашањето дали оваа стапка е соодветна повторно се демографските предизвици, но и законските ограничувања кои влијаат врз втората варијабла – остварениот принос од инвестирање на средствата.

Во делот на остварените приноси, и покрај тоа што законските одредби се уште не ги следат светските трендови на развој во смисла на проширување на листата на дозволени вложувања и овозможување на управување со ризиците со користење на современи алатки, сепак остварените приноси се солидни. Само како пример, реалните стапки на принос остварени кај домашните пензиски фондови, кои го вклучуваат и ефектот на пораст на стапката на трошоци на живот, односно се одраз на сочуваната куповна моќ, кај подолгите временски серии на крај од 2022 година се повисоки во споредба со тие остварени од страна на американските пензиски фондови. За потсетување, глобално прифатена пракса е пензиските фондови да објавуваат реални стапки на принос, што не е случај со инвестициските фондови, каматните стапки на депозити во банки итн.

Извор: OECD Pension Markets in Focus 2023 28970baf-en.pdf (oecd-ilibrary.org)

И покрај сите предизвици и краткорочни ценовни флуктуации, средствата на членовите на пензиските фондови со кои управува Сава Пензиско Друштво продолжуваат да растат. На крајот од 2023 година, 31,44% од вкупните средства на Отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд беа всушност средства заработени преку инвестирање на средствата и нивно оплодување:

*Вредностите на нето придонесите и остварените добивки од инвестирање во апсолутен износ се прикажани во милиони евра (ЕУРМКД=61,5).

**Приносот на Вашата индивидуална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот задолжителен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со задолжителниот пензиски фонд.

***Извор. Сава пензиско друштво а.д.Скопје www.sava-penzisko.mk , МАПАС www.mapas.mk

Како подобро во иднина во делот на вложувања на средствата на пензиските фондови и нивна заштита?

Сава пензиско друштво во подолг временски период, користејќи ги институционалните механизми, иницираше и беше вклучено во иницијативи за законски измени со аргументи во интерес на членовите и пензионираните членови на двата фонда, кои остануваат валидни и сега. Имено, соодветен редизајн на регулативата би значел адаптација кон изменетите пазарни услови и кон изразените долгорочни предизвици. Ваквите измени веќе беа воведени во Хрватска, а се интегрален дел од работењето на најуспешните светски пензиски фондови:

  • Вложувањата кои нудат висока заштита од инфлација (алтернативни вложувања) и се погодни за долгорочни инвеститори, како и употребата на современи алатки за управување со ризици се надвор од законските можности за домашните пензиски фондови. Измени на регулативата во овој дел, во функција на повисоки и побезбедни приноси во иднина би биле во интерес на сегашните членови на капитално финансираното пензиско осигурување, а идни пензионери.
  • При инвестирањето на средствата на повозрасните категории на вработени важно е нивните пензиски заштеди да бидат заштитени од краткорочни ценовни флуктуации. Ова би се постигнало со воведување на мулти фондови, што би значело постоење на фондови со различен сооднос на преземен ризик и очекуван принос зависно од возраста на членовите, која ја определува и оптималната структура на вложувањата на фондот во кој членуваат.

Одржливоста на пензиските системи е тема која опфаќа многу повеќе аспекти од инвестициските политики, но во интерес на иднината е секој фактор да биде согледан и анализиран одговорно, со поглед подалеку од краткорочните предизвици. Притоа, во интерес на идните пензионери е користење на соодветни поуки не само од успешните приказни кои упатуваат како треба, туку и од неуспешните кои упатуваат како не треба, секако нужно ставени во контекст на она што нас нѐ чека, а тоа за жал е помалубројна идна работна сила од чии тековни бруто плати би биле поддржувани идните пензионери.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Доброволно пензиско или животно осигурување, што да одбереш?

Македонскиот јазик изобилува со голем број на зборови кои имаат засебно значење и нема потреба од користење на еден ист збор за две различни намени. Па така, во економијата и финансиите користиме зборови кои самите го опишуваат финансискиот производ, состојба, настан…

Сепак, два финансиски производи во најголем дел од случаите се погрешно перцепирани од јавноста, односно погрешно е перцепирана нивната намена и значење, иако нивното име јасно ги опишува. Секако треба да се напомене дека перцепцијата кај јавноста ја прават лицата кои работат со тие финансиски производи, ги претставуваат и продаваат, па таа забуна (намерна или ненамерна) најчесто доаѓа од самите продавачи на производите. Финансиските прозводи за кои станува збор се доброволно пензиско и животно осигурување.

Овој блог пост е започнат на овој начин со цел уште од почеток да сфатиме дека во името на финансискиот производ стои и неговата намена, односно може веднаш да кажеме дека животно осигурување е осигурување на живот, а  доброволно пензиско осигурување е осигурување за пензија. Доколку животното осигурување беше осигурување за пензија, тогаш ќе се викаше пензиско, и обратно.

Во продолжение во кратки црти ќе бидат објаснети двата производи со цел најлесно да се препознаат разликите и бенефициите на двата финансиски производи.

Доброволно пензиско осигурување:

  • Цели да ја поддржи финансиската сигурност во пензионерските денови, односно претставува дополнителен пензиски доход;
  • Секој член има своја индивидуална сметка на која се штедат средства додека работи и уплаќа, односно штеди, а увидот во истите е постојано овозможен;
  • Средствата на индивидуалната сметка на членовите се инвестираат и оплодуваат во периодот на членување, а оплодување продолжува и по започнување на исплатата;
  • Помага за поддршка на животниот стандард и по пензионирањето (научните студии докажаа дека по пензионирање, животниот стандард на човекот се намалува поради намалените приходи);
  • Средствата на индивидуалните сметки во доброволните пензиски фондови се во сопственост на членовите, а не во сопственост на друштвото. Истите се целосно наследни согласно Законот за наследство и не постојат услови кои треба да се исполнат за да се овозможи наследството на средствата.

Животно осигурување:

  • Обезбедува износ на пари (death benefit) за одредени бенефициери (корисници) кои најчесто се членовите во фамилијата, по смртта на осигуреното лице, во случај на негова смрт во осигурениот период;
  • Нуди финансиска заштита на семејството или лицата кои се финансиски зависни од осигуреникот;
  • Се фокусира на финансиска заштита на блиските и саканите во случај на смрт на осигуреникот во периодот на важење на полисата;
  • Нуди поврат на уплатените средства (со или без принос во зависност од продуктот) при доживување по истекот на договорениот период на полисата.

Клучни разлики:

  • Животно осигурувањето се фокусира на обезбедување на финансиска заштита на бенефициерите (корисниците) по смртта на осигурениот доколку дојде до неа во периодот кој го покрива осигурвањето, додека доброволното пензиско осигурување цели да креира  дополнителен прилив на приходи за време на пензија.
  • Пензиското осигурување има изразита штедна компонента и оплодување на средствата со цел одржување на куповната моќ на парите, додека пак ризико-факторот кај животното осигурување ги намалува вкупно вложените средства на осигуреникот (колку постар е осигуреникот, толку ризикот за настанување на смрт е поголем и претставува ризик за друштвото за животно осигурување), со што осигуреникот има помала куповна моќ, а ист или сличен износ на расположливи средства по истек на осигурениот период, поради ефектот на инфлацијата низ годините на осигурување.

Може да заклучиме дека иако различни, сепак животно осигурување и доброволно пензиско осигурување играат клучни улоги во обезбедувањето на финансиската иднина. Разбирањето на овие разлики може да помогне во носење на правилна одлука за долгорочно финансиско планирање за секого. Тоа значи дека при одлучување во кој од овие два финансиски продукти да се вложува, клучен аргумент е целта на вложувањето. Дали целта е дополнителен извор на приходи кога веќе не сме дел од работната сила, или целта е да се обезбеди семејството, односно лицето кое е финансиски зависно од носителот на полисата,  во случај на смрт во осигурениот период. . Оттука, во многу случаи оптимална е одлукта да се избере добар сооднос во инвестирање помеѓу пензиско осигурување и осигурување на живот.