Трговски војни и нивни импликации врз финансиските пазари (II дел)

Можни сценарија за понатамошен развој на настаните

И покрај објавата за паузирање на стапувањето на сила на објавените царини, сепак останувањето на сила на царините кон Кина, како и останатите универзални 10% трговски давачки ја подигнуваат ефективната царинска стапка на САД. Дури и со паузата и зголемените изгледи за побалансиран пристап од страна на американската администрација, ваквите зголемувања претставуваат силна дисрупција на глобалните трговски текови. Изложеноста на големите мултинационални компании кон САД се разликува во различни региони и е најголема помеѓу европските компании, додека очекувана е компресија на оперативните маргини кај компаниите погодени од новите царински давачки.

Многу американски компании кои со затегнувањето на американско – кинеските односи ги диверзифицираа своите синџири на снабдување истовремено префрлувајќи дел од своите производства надвор од Кина, сега одново се соочени со предизвици поради високите царини наметнати кон поголем број други земји, како Виетнам, Тајван или Индија. За голем дел од нив повторно враќање на производството во САД би било речиси невозможно, имајќи ги предвид пред се високите трошоци за труд.

Во понатамошниот развој на настаните Трамп објави дека администрацијата ги разгледува полупроводниците и целиот синџир на снабдување кај електрониката.  Министерот за трговија Хауард Лутник ја сподели намерата на Трамп за воведување „конкретно насочени тарифи“ за паметни телефони, компјутери и други електронски производи за околу месец или два, заедно со секторски царини кои би ги вклучувале полупроводниците и фармацевтските производи.

Ударот од трговските политики и зголемените царини би бил широк и слоевит и мултинационалните компании не се единствени кои би биле погодени од зголемените царини. Цените на производите би растеле, повредувајќи ја куповната моќ на потрошувачите и намалувајќи го нивниот реален доход.

Високата неизвесност и непредвидливост резултира со намалена доверба кај учесниците на пазарите на капитал. Намален број на иницијални јавни понуди, одложување на капитални проекти, воздржување од споделување на изгледи и очекувања во наредниот период, односно пристапот да не се дејствува додека не се зголеми извесноста кај политиките го заземаат се поголем број компании, обидувајќи се претпазливо да менаџираат со новонастанатата ситуација. Ваквиот развој на настаните несомнено води кон забавување на економската активност.

Иако насоката на политиката на американската администрација е јасна, сепак, придобивките за американската економија од истата остануваат заматени. Дел од експертската јавност е скептична за придонесот кој овие царини би го имале во намалувањето на дефицитите, потенцирајќи дека трговските биланси се водени  од економски параметри, понуда и побарувачка за добра. Се погласни се ставовите дека трговската војна ќе направи фундаментална штета на економиите: потенцијално повисока инфлација, поголеми премии за рочност, зголемена нестабилност на валутите, промени во глобалните капитални текови.

Откако американските царини кон Кина се искачија на 145%, Кина возврати со царини кон американските производи во висина од 84%. Овие царини се толку високи што би биле неизбежен и силен удар за меѓусебната трговија на светските велесили. Иако на западот постоеше незадоволство за нефер трговските практики на Кина, сепак мнозина сметаат дека ваквиот радикален пристап може да направи непоправлива штета за глобалната економија. Според некои аналитички проценки[1] доколку царините кон Кина останат повисоки од 60%, тие може да го сведат кинескиот извоз во САД на минорни нивоа.

Кина во меѓувреме го суспендираше извозот на широк спектар на критични ретки минерали и суровини, што може значително да ги погоди синџирите на снабдување на голем број компании, особено во автомобилската индустрија, авиоиндустријата, индустријата за полупроводници и воената индустрија. Дополнително, кинеските власти подготвуваат регулатива која може целосно да ги исклучи некои американски компании од пристапот до критичните метали.

Сценариото во кое Кина продава голем дел од американските државни обврзници кои ги поседува не е во нејзин интерес и тековно е малку веројатно. Ова би направило притисок на продажната страна и би придонело за раст на приносите, коригирајќи ги вреднувањата на обврзниците кои остануваат дел од кинеското портфолио. Сепак Кина има широк спектар на можности за да ја одбрани домашната економија од овој трговски удар. Просторот за дополнителен фискален стимул, имајќи ги предвид буџетските дефицити е многу повеќе ограничен во САД отколку во Кина и според некои проценки Кина може да објави фискален стимул во вредност од 2-3 трилиони долари. Исто така, очекувана е понатамошна девалуација на јуанот, која ќе ја подобри позицијата на кинеските извозници на останатите пазари во светот.

Европската Унија сподели подготвеност да започне преговори со американската администрација во однос на трговската размена. Истовремено, најави и постепено воведување на контрамерки и дополнителни царини за одредени американски производи кои би биле погодени од нови царини веќе од средината на април. Претседателката на Европската Комисија сподели предлог за “zero-for-zero” царини на сите индустриски добра помеѓу САД и ЕУ. Сепак, претседателот Трамп ги оцени европските предлози како „недоволни“.

Јапонскиот пазар имаше благо нагорно движење откако јапонскиот премиер имаше телефонски разговор со Трамп, по што Јапонија најави понуда на пакет кој би ги задоволил барањата на САД. Овој пакет би вклучувал не само трговски практики, туку и трошења за одбрана како и потенцијални директни инвестиции во САД. Тајван исто така понуди намалување на царините до ефективна нула во одредени сегменти како и проширување на инвестициите во САД поставувајќи основ за понатамошни преговори. Од друга страна, главниот советник на Трамп за трговија, Наваро, ги отфрли предлозите за олеснување на трговската размена дадени од страна на Виетнам, истакнувајќи дека малите азиски економии како Виетнам се однесуваат како колонии на кинески производители.

Трговската војна која одново ја актуелизираше американската администрација е чекор напред кон структурни промени кои ги обликуваат глобалните пазари на капитал на долг рок. Остануваат отворени многу прашања, како ефектите од овие политики (откако еднаш ќе бидат имплементирани) врз американскиот јавен долг и колку навистина ќе помогнат за негово намалување. Исто така, дали можеби ова ќе го забрза веќе започнатиот тренд на дедоларизација и како земјите во развој ќе се позиционираат за да ги намалат своите ризици во иднина. Притоа, се ова се одвива во едно комплексно геополитичко окружување, каде дополнително затегнување на геополитичките односи, особено со Русија може за многу кратко време да ја зголеми ранливоста на европската економија. Дополнително, треба да се следи и пазарот на суровини и чекорите кои земјите ќе ги преземат за обезбедување независност во снабдувањето со суровини потребни за нивните клучни стратешки индустрии.

Инвестициски импликации

И покрај паузирањето на поголемиот дел од дополнителните царини, сепак политиките на американската администрација се очекува да имаат негативно влијание врз глобалниот економски раст и да ги повредат профитите на компаниите. Пазарната нестабилност би продолжила и понатаму, рефлектирајќи ја зголемената неизвесност во политиките. Во ваква ситуација препорачливо е умерено намалување на ризичноста на портфолијата, како и зголемена алокација на save haven инструменти како злато. Американскиот долар во вакви околности се очекува да продолжи да паѓа, додека зголемената понуда на нафта од една страна и очекувањата за намалена побарувачка во услови на забавена економска активност од друга страна би продолжило да прави надолен притисок на цената на нафтата и во наредниот период.

Дури и по значителните корекции на пазарите од почетокот на април, сепак вреднувањето на американскиот пазар на капитал се уште останува над историскиот просек, односно ризикот од дополнителни пазарни корекции се уште останува, особено во високо вреднуваните индустрии како технологија и комуникациски услуги. Приказ: S&P500 Equity Premium Over Rest of World Stocks


[1] Bloomberg Economics, April 2025

Извор: Bloomberg, 25.04.2025

Се уште релативно високите вреднувања во одредени пазарни сегменти на американскиот пазар на капитал упатуваат на зголемена претпазливост и селективност при алоцирањето на средствата. Се препорачува насочување кон позиции со релативно пониски вреднувања каде потенцијалот за дополнителни падови при нов бран на волатилност е помал. Иако Европа релативно има поатрактивни вреднувања, и во овој регион се препорачува селективност, со оглед на тоа што разгорувањето на трговската војна може значително да ги погоди голем број компании, предизвикувајќи компресирање на нивните маргини.

Зголемените очекувања за инфлација и зголемената недоверба во американската администрација се помеѓу факторите кои придонесоа за раст на приносите на американските обврзници. Дополнително, падот на американскиот долар и понатамошните неизвесности се аргументи за воздржување од инвестирање во американски државни хартии од вредност. Имено, во вакви околности, американските државни обврзници може да се покажат како несоодветен хеџ за ризиците кои произлегуваат од трговската војна. Од оваа перспектива европските обврзници се очекува да покажат поголема стабилност, иако влошување на одредени геополитички состојби на стариот континент може да предизвика дополнителна нестабилност и на европските обврзнички пазари.

Што би предизвикало раст на пазарите во услови на затегнати трговски односи?

Деескалација во преговорите за царини и умереност во реториката, би го вратило оптимизмот кај инвеститорите за изнаоѓање решенија кои нема да бидат силен удар за голем број компании. Исто така, потенцијално монетарно олеснување и намалени трошоци за финансирање може да биде потенцијален катализатор за раст. Фискална поддршка или даночни олеснувања исто така би придонеле за зголемени очекувања за раст на профитите, кои би се рефлектирале во цените на акциите. Сепак ниедно од овие сценарија не изгледа дека би се реализирало веднаш. Очекувано е дека централната банка нема да брза и ќе го следи потенцијалниот ефект од царините врз инфлацијата пред да започне со прилагодување на каматните стапки. Од друга страна, за усогласување на буџетот со цел фискален стимул би биле потребни повеќе месеци.

Приказ: Катализатори за нагорни и надолни пазарни движења во наредниот период

Појасна слика за целосниот ефект врз пазарите на капитал би имало во втората половина од годината. Истекот на објавените 90-дена пауза на почетокот на месец јули може да значи обновена пазарна нестабилност или зголемен пазарен оптимизам. Дополнително, до август/септември се очекува да се финализираат најавените даночни олеснувања, кои би имале нагорен ефект врз профитните маргини на американските компании. Во овој период треба да биде усвоен и американскиот буџет, како и договорот за плафонот на долгот на САД, што би додало поголема предвидливост за насоката на американските политики.

Сава пензиско друштво, како долгорочен инвеститор, континуирано и внимателно ги следи состојбите на финансиските пазари, прилагодувајќи ги инвестиционите активности согласно очекувањата за идните пазарни движења.

Трговски војни и нивни импликации врз финансиските пазари (I дел)

Опфат и интензитет на објавени царини од страна на администрацијата на Трамп

Новиот американски претседател, Доналд Трамп го иницираше најзначајниот предизвик за глобалниот трговски систем во речиси еден век. Со сеопфатна основна давачка од 10% за увоз на производи во американската економија, плус реципрочни царини – кои се движат од 10% до 49% – за некои од најголемите трговски партнери на САД, Трамп ги надмина очекувањата на пазарот, па дури и обврските што ги презеде за време на неговата кампања пред да ја преземе функцијата. Потврдена е и царина од 25% за увоз на автомобили.

Се проценува дека овие царински мерки ќе ја зголемат ефективната царинска стапка на САД од сегашните 6,6% на над 20%, кое претставува највисоко ниво во еден век.

Од аспект на засегнатост, царините особено силно ја погодуваат Азија и тоа не само Кина, туку и поширокиот регион на Југоисточна Азија, со оглед на целта на Трамп да го ребалансира глобалниот трговски систем. Јужна Америка и Европа беа релативно помалку погодени, додека Канада и Мексико не беа споменати имајќи ги предвид тековните разговори за постигнување на договор помеѓу САД, Мексико и Канада. Јужна Америка се појавува како релативен победник со „само“ 10% увозен данок. Мексико досега беше ослободен од реципрочната царина, иако сите странски автомобили подлежат на данок од 25%, се чини дека автоделовите кои доаѓаат од Мексико се ослободени. Дополнително, чилеанскиот бакар кој е критичен материјал за САД, е исклучен од овие царини. Понатаму, во посебна извршна наредба, Трамп го елиминира ослободувањето од de minimis за мали пратки од Кина, што би влијаело на директните продажби на американските клиенти од кинеските продавачи преку онлајн платформи.

Постојат повеќе причини за поставувањето на царини од страна на американската администрација. Помеѓу главните аргументи се истакнуваат: потенцијалите царините да го стимулираат враќањето на производството на голем број компании назад во САД и  директното зголемување на приходите во Буџетот на САД. Исто така, на царините се гледа како на алатка која ја зголемува моќта во преговарањето во рамки на глобалните геополитички односи како и алатка која дава можност за заштита на клучните индустрии. Најавата за воведување на царини за увоз во САД предизвика индексот за трговска неизвесност да претрпи значајни флуктуации, доведувајќи го на највисоко ниво.

Приказ: Индекс на неизвесност на трговски политики (1y)

Извор: Bloomberg, 25.04.2025

По само неколку денови, Трамп најави 90-дневна пауза на реципрочните царини за земјите кои досега се воздржуваа од одмазда. Дополнително, Белата куќа нагласи дека „основната“ царина од 10% за увоз од повеќето други нации ќе остане на сила во текот на 90-дневната пауза. Изјавата поттикна надежи за спречување на глобална трговска војна. Сепак, претседателот ја исклучи Кина од оваа пауза и повеќекратно ги зголеми царините за Кина до 145%. Промената во американската политика дојде по дополнителни знаци на ескалација, при што и Кина и ЕУ објавија повисоки царини за увоз од САД. Дополнително, покрај високите царини со Кина, Трамп најави дека полупроводниците, компјутерите и паметните телефони ќе се рекласифицираат, односно за нив ќе важи нова царинска стапка од 20%.

Опфат и интензитет на објавени царини од страна на администрацијата на Трамп

Глобалните пазари забележаа пад за повеќе од 10% во две трговски сесии откако американскиот претседател Трамп ги објави царините за увоз од други држави, што претставува четврти најлош дводневен пад на пазарите на капитал во изминатите 50 години. Продажбата на ризичните средства продолжи и по веста дека Кина ќе возврати со царини на увозот од САД, што ги зголеми стравувањата од ескалација на трговска војна и зголемен ризик дека и останатите трговски партнери ќе се насочат кон одмазда, вклучително и Европската Унија. Претседателот на Фед,  Пауел, исто така, придонесе кон нестабилноста на пазарот со тоа што предупреди дека Фед треба да продолжи со внимателен пристап кон намалувањето на каматните стапки. Индексот на имплицитна волатилност VIX се искачи на 45, а американските HY кредитни спредови се проширија на околу 450бп, и двете највисоки нивоа од 2020 година.

Приказ: Промени кај VIX Индекс и VStoxx индекс (1y)

Извор: Bloomberg, 25.04.2025

За разлика од најавите за трговски царини за време на првиот мандат на Трамп, овојпат доларот ослабе, а еврото зајакна. Ова покажува дека пазарот можеби е повеќе свесен за крајното влијание на овие царини за американската економија. Многу економисти сметаат дека дефицитите во трговскиот биланс не можат да се решат преку ваква царинска политика.

Неизвесноста во водењето на трговската политика предизвика значително зголемување на стравот на акциските пазари, доведувајќи го Индексот на страв и алчност[1] на најниско ниво во последните години, сигнализирајќи екстремен страв на пазарите на капитал.

[1] CNN, Fear and Greed Index – Investor Sentiment

Приказ: Движење на S&P500 P/E ratio (1y)

Извор: Bloomberg, 25.04.2025

Исто така, цената на златото како инструмент коj е перцепиран како безбедно засолниште, доживеаа значителен пораст, достигнувајќи највисоки нивоа при ескалација на глобалните трговски тензии и економски несигурности. Во услови на изразена неизвесност одредени глобални аналитички куќи направија нагорна корекција на очекувањата за цената на златото до крајот на 2025 година.

Во првите денови од пазарната корекција обврзничките инструменти изгледаа како безбедно засолниште откако заедно со акциите започнаа да се намалуваат и приносите на инструментите со фиксен доход. Но по неколку денови оваа тенденција беше прекршена и корелацијата помеѓу акциите и обврзниците повторно се зголеми, односно приносите повторно започнаа да растат, особено кај подолгите рочности. Своп спредовите исто така забележаа проширување, односно разликата помеѓу приносите на американските државни обврзници и стапките кај каматните свопови се зголеми, иницирајќи поголем притисок на продажната страна кај американските државни обврзници.

Приказ: Промени во американската крива на приноси

Извор: Bloomberg

Некои аналитичари ја поврзуваат 90-дневната пауза на објавените царини со дисрупцијата на пазарот на државни обврзници на САД, истакнувајќи дека високите трошоци за финансирање на американскиот јавен долг се ахилова пета на оваа администрација чиј фокус е намалување на дефицитите на земјата. Намалувањето на вредноста на американскиот долар и растот на приносите на американските државни обврзници се индикатор за разнишаната доверба и високата неизвесност при водењето на политиките кај најголемата светска економија.

Движењата на финансиските пазари ги одразуваат очекувањата на инвеститорската јавност  за голем број параметри како што се економската активност, условите за финансирање, трговските релации итн. кои ултимативно имаат влијание врз профитите на компаниите. Секоја промена во овие очекувања релативно брзо се пресликува во пазарните цени на инструментите. Следствено, иако промените во трговските политики беа дел од програмата на претседателот Трамп и беа очекувани со оглед на активностите кои ги презеде на ова поле во неговиот прв мандат, сепак интензитетот и опфатот на истите беа поголеми од очекувањата на пазарните учесници, резултирајќи со силна пазарна корекција.

(продолжува)

Ризици кои произлегуваат од новите царински политики на САД

Тековно, глобалните пазари на капитал се соочуваат со зголемено ниво на волатилност и страв предизвикани од ригидноста и непредвидливоста на царинските политики. Новите мерки воведени од американската администрација, како што е универзалната царина од 10% и високите царини кон Кина за увоз на производи во САД, придонесуваат кон зголемување на ризикот од појава на инфлација, рецесија, како и ризик од појава на стагфлација во американската економија. Истовремено, компаниите и потрошувачите се принудени на адаптација во средина на зголемена неизвесност и глобална економска нестабилност.

Доколку се анализира царинската политика во претходниот мандат на Трамп, може да се забележи дека влијанието на зголемените царини беше митигирано преку курсните промени, односно јакнење на американскиот долар и промена на рутите на синџирите на снабдување преку југоисточна Азија. Но, денес има неколку разлики споредено со претходниот мандат на Трамп, како што се: поголемата неизвесност, брзина и радикалност во донесување и промена на царинските политики, поставувањето на универзална царина од 10% за скоро сите земји, како и слабеење на доларот. Па така, воведувањето на царините придонесува кон зголемени цени на увезените производи, а тоа го зголемува ризикот од појава на инфлација.

Доколку се анализира зависноста на САД од увоз на производи од остатокот на светот, Канада и Мексико се со најголемо учество во американскиот увоз, но се тековно изземени од позначајни царини имајќи го предвид трговскиот договор USMCA (United States-Mexico-Canada agreement). Следно, околу 19% од вкупниот увоз на САД доаѓа од земјите во Европската унија, кои што во текот на пишување на оваа анализа се зафатени со 10% универзална царина, додека на второ место се наоѓа Кина со учество околу 13% од вкупниот увоз на САД, а засега важат царини од 145%[1]. Зависноста помеѓу САД и Кина од трговска размена повеќе години е во надолен тренд, за чија сметка се зголемува процентуалното учество на увозот од ЕУ, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и ASEAN[2].

Имајќи го предвид ова, очекувано е дека најголем негативен ефект врз стапките на инфлација би имала заострената трговска војна помеѓу САД и Кина. Клучното прашање во проектирање на ефектите е која страна е пофлексибилна на промени. Администрацијата на претседателот Трамп посочи дека тековно САД имаат голема флексибилност да купуваат стоки од домашни производители или други пазари. Сепак, купувањето на стоки од домашни производители на краток рок е малку веројатно имајќи го предвид високото ниво на производство кои американските компании го имаат надвор од САД и особено во Кина. Зголеменото ниво на инвестиции со цел враќањето на производството во САД дефинитивно ќе има влијание стапките на инфлација да бидат на структурно повисоко ниво. Со многу производи, кинеските производители работат со моќ како монопол, користејќи субвенции генерирани од владините политики и пониски трошоци за работна сила за во голема мера да бидат поконкурентни од американското производство. Дополнително, најголемиот дел од производствената високо специјализирана работна сила доаѓа од Кина. Трендот во последните децении покажува намалување на уделот на американското производство во БДП што се совпаѓа со кинеската увозна конкуренција. Како резултат на тоа, американските потрошувачи денес имаат помала можност да се префрлат на домашна понуда.

Понатаму, доколку се анализираат потрошувачките категории кои влегуваат во пресметка на PCE[3] и нивниот сооднос помеѓу увозниот дел од понудата и 3-месечната PCE ценовна инфлација може да се заклучи дека кај повеќето конституенти, колку е поголем увозниот дел на понудата во вкупната понуда на потрошувачката категорија, толку е помал нејзиниот придонес кон ценовната инфлација. Ова е уште еден аргумент дека свртување кон домашно производство во САД ќе влијае на зголемување на стапките на инфлација имајќи го предвид поскапото домашно производство споредено со трошоците за увезените производи. Секако дека воведените царини ќе влијаат на овој сооднос. Потрошувачките категории на PCE најмногу изложени на царини (според учеството на директниот увоз во вкупната куповна вредност) се комуникациска опрема, апарати за домаќинство, автомобили, облека, лекови и мебел. Дополнително, бидејќи извозниот микс на Кина во САД се свртува кон стоки за широка потрошувачка, многу повисоките царини за Кина значат дека ефективната царинска стапка на стока за широка потрошувачка е всушност повисока по измените на Трамп на реципрочните царини на 9 април.

Понатаму, поставувањето на царинските мерки ќе игра важна улога и врз глобалните синџири на снабдување. Пренасочувањето на трговијата преку трети земји ќе придонесе до тоа ефективната царинска стапка да биде пониска од законската, но, имајќи ја предвид  универзалната царина од 10% која е малку веројатно да се промени по пат на преговори и зголемените транспортни трошоци исто така би придонеле до нагорен притисок на стапките на инфлација.

Од аспект на индивидуална компанија, зголемените цени на увезените производи ќе ги принудува американските корпорации да изберат помеѓу апсорпција на овој шок од зголемување на цените на увезените производи со прифаќање пониски профитни маргини или пренесување на повисоките цени до нивните потрошувачи за да ги заштитат профитните маргини. До степен до кој повисоките влезни трошоци се пренесуваат на потрошувачите, инфлацијата во САД ќе се зголеми. Историјата покажува дека стапката на пренесување за време на првата администрација на Трамп беше близу 100%, што предизвика американскиот потрошувач да го сноси целосниот царински товар.

Тековните неизвесни политики ги става ФЕД во тешка позиција. Говорот на Пауел веќе сугерираше дека е потребен внимателен пристап кон намалувањето на стапките имајќи ги предвид потребата за балансирање на очекувањата за раст на инфлација од една страна и стравот од појава на рецесија во САД од друга страна. Непредвидливоста во однос на понатамошните чекори на администрацијата на Трамп во поглед на трговските политики, како и нејаснотијата во однос на пазарните податоци во краток рок и потребата за согледување на пошироките ефекти се главните причини дека ФЕД нема да брзаат со намалување на каматните стапки.

Несомнено објавените царини од страна на САД како и контра мерките кои ги објавија дел од земјите кои се најголеми трговски партнери на САД  доколку останат во ваква форма може да имаат значајно влијание врз глобалниот економски раст. Три главни канали може да доведат до забавување на економскиот раст: повисоки трошоци, намалена побарувачка и зголемена неизвесност.

Сценариото кое вклучува бавен раст на економијата придружен со висока инфлација повеќе не изгледа далечно и невозможно. Вакво сценарио би ги ставило во незавидна позиција монетарните власти бидејќи инфлацијата би ја ограничила нивната можност да направат поголемо монетарно олабавување со цел стимул на економијата.

Аналитичарите од Bloomberg Economics сметаат дека царините ќе имаат негативен ефект врз економската активност, акциските пазари и пазарот на труд во САД, истакнувајќи дека влијанието врз инфлацијата е понеизвесно, поради ограничената можност на дел од компаниите целосно да ги вградат овие дополнителни давачки во цените на производите.

Тие исто така истакнуваат дека позитивната релација помеѓу царините и приходите од увезените добра се намалува со понатамошно зголемување на царините и дури може да премине во негативна доколку царините се значително зголемени, што би значело дека повисоките царини би предизвикале намалување на увозот но и негово насочување кон производи со пониски царински давачки и ефективно приходите по овој основ би биле непроменети или дури и намалени.

Сава пензиско друштво, како долгорочен инвеститор, во континуитет и посветено ги следи состојбите на финансиските пазари, притоа проценувајќи ги долгорочните очекувања и следствено презема соодветни инвестициски активности во најдобар интерес на членството. Тековната нестабилност на акциските пазари може да се искористи за позиционирање кон компании кои имаат потенцијал за раст на долг рок.

Даунов синдром

Секоја година во месец март се одбележува Светскиот ден на Даунов синдром со цел да се зголеми свесноста во општеството и да им се пружи повеќе можност на луѓето кои живеат со истиот.

Имено, Дауновиот синдром е хромозомска болест поттикната од нарушување на бројот на хромозомите односно генетска состојба во која личноста е родена со вкупно 47 хромозоми наместо со 46 како резултат на целосно или делумно дуплирање на 21-виот хромозом. Секоја година помеѓу 3.000 и 5.000 доенчиња ширум светот се раѓаат со оваа хромозомска абнормалност. Лицата со Даунов синдром и нивните семејства се соочуваат со различни предизвици во секојдневниот живот – од здравствен, образовен, социјален и економски карактер. Ние силно веруваме дека со соодветна поддршка и инклузија овие предизвици можат да се надминат.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во нашата земја на годишно ниво се регистрираат околу 12-17 случаи на деца со Даунов синдром до едногодишна возраст. Република Северна Македонија презема повеќе иницијативи за поддршка на лицата со Даунов синдром вклучително и отворањето на првиот Дневен центар за Даунов синдром во Скопје во мај 2019 година од страна на Министерството за труд и социјална политика. Центарот е опремен со различни содржини за поддршка и подобрување на  физичката состојба и психофизичкиот развој на децата и младинците со Даунов синдром. Овие центри имаат големо значење за локалната заедница а крајната цел е да се создаде подобро општество и целосно вклучување на лицата со попреченост.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје активно учествува и ги промовира општествено одговорните активности насочени кон поддршка на лицата со попреченост вклучувајќи ги и оние со Даунов синдром преку иницијативата ,,СРЦЕ ЗА СВЕТОТ” и преку поддршка на проекти во областите на здравјето, образованието и социјалната сигурност. Иако предизвиците се значителни, љубовта, поддршката и прифаќањето можат да направат голема разлика. Семејствата на лицата со Даунов синдром се вистински херои, а нашата задача е да им помогнеме во мисијата за создавање на општество кое ги прифаќа и вреднува сите!

Симбол на Дауновиот синдром се шарените чорапи а токму на овој ден се носат различни чорапи за да се истакне различноста поврзана со 21-от хромозом. Секој човек заслужува љубов, разбирање и шанса да го покаже својот потенцијал. Ве повикуваме да создадеме подобро општество и овозможиме поголеми можности преку поддршка на лицата со Даунов синдром!

Изберете електронска достава на годишен извештај за помала сеча на дрвја и штедете во доброволен пензиски фонд за поубави пензионерски поглавја

Светскиот ден на шумите се одбележува со цел да се промовира свеста за значењето и вредноста на шумскиот покривач. Овој ден, ширум светот се одбележува со едукативни акции за заштитата на шумите, производство на садници и рекреација во шума.

Со цел да го истакне значењето на шумите и екосистемот, како и влијанието на опстанокот на човештвото, Генералното собрание на Европската конференција за храна и земјоделство, го одбра денот на пролетната рамноденица на јужната земјина хемисфера, 21 март, за Ден на шумите.

Шумите како екосистем, се најзастапени копнени екосистеми на планетата Земја после пустините. Заземаат 28% од површината на Земјата, односно околу 4 милијарди хектари и по своите содржини и значењето се разликуваат од другите екосистеми. Шумите, гледајќи од аспект на актуелните климатски промени, претставуваат најголема фабрика за кислород, неопходен за живиот свет на Земјата. Претставуваат извор на храна и суровини на голем дел од жителите на Земјата, поволно влијаат на климата и на режимот на водотеците и ја штитат земјата од ерозија. Токму затоа, овој ден треба да биде врежан во свеста на луѓето за заштитата на шумите како добро од општествено значење.

Од друга страна, со непланско и диво сечење на шумите се нарушува рамнотежата во природата. Според проценката на експертите, од површината на земјата, годишно, исчезнуваат околу 16 милиони хектари шуми, што се должи на постојано расчистување за создавање на слободен простор за нови населби и земјоделски површини, фабрики и сообраќајници. Со уништувањето на шумите настануваат еколошки промени со големи последици, пред се климатски промени, промени на земјиштето и климата и исчезнување на некои видови животни. Свесни за ова, нашите заложби треба да бидат во насока на намалување на непланските сечи, како и зголемување на степенот на пошуменост.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје, како општествено одговорна компанија, заедно со своите вработени редовно ги информира своите членови и потенцијални членови за важностa за редовно ажурирање на личните податоци и добивање на годишните извештаи по електронска адреса. Со оглед на фактот дека за производство на еден тон хартија се потребни 24 дрвја и 22.000 литри вода, тогаш како најважни причини зошто е подобро членовите да одберат годишните извештаи да ги добиваат по електронски пат се следниве:
– Побрзо и поефикасно пристигнување на годишните извештаи
– Намалување на сечата на шумите за производство на хартија
– Заштеда на водни ресурси
– Намалување на емисијата на CO2
– Редуцирање на отпадот од хартија

Се поставува прашањето што би се случило доколку 1000 членови би го промениле начинот на известување и би одбрале достава на годишните извештаи по електронски пат? Одговорот го добиваме преку нашиот придонес кон одржлив развој, односно заштеда на повеќе од 3000 листови хартија годишно, зачувување на 360 литри вода, намалување на CO2 емисии за 27 килограми и заштита на 0,3 дрвја.

Доаѓаме до заклучок дека неодлучувачки, но многу важен чекор кон намалување на сечите е промената на изборот на начин на известување од пошта во електронска пошта.

Сепак, изборот на начинот на добивање на годишните извештаи е исклучително на членот и доколку неговиот избор е известување по пошта, тогаш Сава пензиско друштво а.д. Скопје Зелениот плик го печати на рециклирана и биоразградлива хартија со цел зачувување на животната средина.

Друг важен аспект е и зголемување на степеност на пошумување. Имено, Сава пензиско друштво а.д. Скопје, во изминативе 4 години беше дел од едукативната кампања „Засади желба за одржлива иднина“ со која се засадија дрвја, односно Пензиски паркови во дел од основните училишта, средните училишта и факултетите низ територијата на Северна Македонија.

Дрвјата се најдобра симболика за суштината на постепеното градење пензиска заштеда во чиишто плодови ќе уживаме години подоцна, тогаш кога ќе ни бидат најпотребни. Имено, доброволниот пензиски фонд (третиот столб) нуди можност за уплаќање на средства индивидуално или пак од страна на работодавец на пензиската сметка на членот, а за истите не постои обврска за редовност во уплати или висина на уплати. Средствата се инвестираат и оплодуваат, односно растат со текот на времето, компаративно како што расте едно дрво низ годините откако е засадено. Секако за растот на едно дрво значајно е и неговото редовно наводнување, а за растот на пензиската заштеда е значајна редовна уплата во доброволниот пензиски фонд.

На следниот линк може да направите и дополнителни пресметки поврзани со уплатата во доброволниот пензиски фонд: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/calculator/voluntary-legal-entity-plan/

Уплатата на индивидуална сметка се врши исклучително од трансакциска сметка на членот и/или уплаќачот (кога постои друго физичко лице уплаќач). Уплата на професионална сметка се врши од трансакциска сметка на осигурителот/фирмата.

Член на доброволен пензиски фонд може да стане секое лице кое ги исполнува условите за зачленување пропишани со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, доколку има најмалку 15 и најмногу 70 години возраст.

Право на исплата на пензиски надоместок од Трет столб се овозможува најрано десет години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија, што во општ случај значи на возраст од 52 години за жена, односно 54 години за маж.

Зачленувањето во Доброволниот пензиски фонд можете да го извршите во некое од нашите продажни места во експозитурите на Сава осигурување а.д. Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, во просториите на Сава Пензиско друштво а.д. Скопје или преку лиценцираните агенти во продажба.

ЗАСАДЕТЕ И НАВОДНУВАЈТЕ ЈА ВАШАТА ИДНА ПЕНЗИСКА ЗАШТЕДА!

Извори:
http://www.mkdsumi.com.mk/
https://www.sava-penzisko.mk/

Приливите од камати и дивиденди од инвестициите на пензиските заштеди продолжија и во февруари 2025 година

Ве информираме дека во периодот од 01.02.2025 – 28.02.2025 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 123.530.878,00 денари и прилив од камата од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 85.951,25 долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди и тоа:

  • ЕУР 109.269,22 од компанијата SIEMENS AG и
  • УСД 3.952,55 од компанијата APPLE INC.

    Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 3.623.822,00 денари, прилив од камата од инвестиции во странски државни обврзница во износ од 2.660,00 долари  и прилив од дивиденда и тоа:
  • ЕУР 4.134,78 од компанијата SIEMENS AG и
  • УСД 135,45 од компанијата APPLE INC.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Жени кои градат сигурна иднина: Лидерството во Сава пензиско друштво а.д. Скопје

8 Март е ден кога се слави силата, визијата и лидерството на жената. Ден кога сакаме да ја нагласиме нивната улога во изградба на посигурна иднина за сите генерации.

Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје горди сме што на раководни позиции доминираат жени. Горди сме што во нашата работна средина мешаните тимови не се само правило, туку се и клуч за успех. Различните перспективи и искуства ни овозможуваат донесување правилни одлуки, унапредување на работните процеси и овозможување квалитетна услуга за корисниците. Ние веруваме дека различностите водат до подобри резултати, независно дали се работи за истражување на пазарот и продажба, инвестициски стратегии или грижа за корисниците, синергијата помеѓу машките и женските колеги ја прави динамична и продуктивна работната средина. Истражувањата покажуваат дека компаниите кои имаат жени на раководни позиции, се поотпорни на криза, носат подобри одлуки и имаат повисок степен на иновации.

Сведоци сме на менување на финансиската индустрија. Но, во целиот тој процес на менување, постои една константа: Потребата за сигурна иднина преку паметно планирање на пензиската заштеда. Сава пензиско друштво а.д. Скопје, како лидер во областа на пензиските фондови, со најголема одговорност и професионалност управува со истите.

Жените и паметното планирање на пензиска заштеда

Живееме во време во кое старосната граница на населението се зголемува, а со тоа потребата за долгорочно финансиско планирање станува клучен фактор за сигурна иднина.

Истражувањата покажуваат дека жените често имаат прекин во кариерата поради семејни обврски и дека во просек имаат пониски приходи од мажите што би можело да влијае на износот на нивната пензија. Затоа е важно за секоја жена да преземе контрола над своите финансии. Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје работиме на подигнување на свеста кај жените за тоа колку е важна нивната пензиска заштеда.

Дали сте размислувале за ваша дополнителна пензија од 3 столб кога ќе се пензионирате? Дали имате идеја колкав износ на дополнителна пензија посакувате?

Верувам дека во размислувањето ќе ви помогне блог-текстот на нашиот актуар кој може да го прочитате на следниот линк: Колку пари ви требаат за рано пензионирање?

Наша цел е да и овозможиме на секоја жена, независно од нејзината кариера и работен век, да има финансиска стабилност во пензионерските денови.

8 Март е ден кога треба да ги инспирираме сите жени дека се способни и мудри и дека можат да преземат лидерска улога и постигнат успех во било која сфера од нашето општество. Јас и моите колеги од Сава пензиско друштво а.д. Скопје цврсто веруваме дека едукацијата игра клучна улога во подобрување на животот на жената и благосостојбата на нашето општество.

Бидете симбол на сила, посветеност и успех!

Ден на нулта дискриминација – ВРЕМЕ ЗА ПРОМЕНИ

Секој човек заслужува да живее достоинствен живот без страв од предрасуди и нееднаквост. Сепак реалноста често е поинаква – луѓето од целиот свет често се соочуваат со дискриминација поради нивниот пол, возраст, религија, здравствена состојба или екомномска положба.

Обединетите нации и UNAIDS како симбол на борба против неправдите кои ги ограничуваат човековите права и потребата за праведно и инклузивно општество, 1 Март го прогласија за Ден на нулта дискриминација.

Денот на нулта дискриминација не е само симболичен датум, тоа е потсетник дека секој ден треба да се бориме за правично и хумано општество. Нашите разлики не се причина за поделба, туку богатство што нè прави посилни.

Да работиме заедно за свет каде што сите луѓе се прифатени, вреднувани и почитувани-без дискриминација.

ШТО ЗНАЧИ НУЛТА ДИСКРИМИНАЦИЈА?

Нулта дискриминација, постоење на исти можности за сите, без разлика на нивните различности. Тоа значи:

  • Овозможување пристап до образование и здравство за сите
  • Еднакви можности за вработување
  • Почитување на индивидуалните слободи и избори
  • Борба против говорот на омраза и насилство

Дискриминацијата често може да биде очигледна, но често е и суптилна во начинот на кој се однесуваме кон луѓето, во можностите што им се одземаат или во стигмата што ги опкружува.

КАКО МОЖЕ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ЗА НЕЈЗИНО НАМАЛУВАЊЕ?

Секој од нас може да направи разлика. Еве неколку начини:

  • Едукација и подигнување на свеста да ги разбереме причините и последиците на дискриминацијата
  • Поддршка на ранливите групи, да им дадеме глас на оние кои често се маргинализирани
  • Застапување на еднаквост, да повикаме на промени во закони и политики
  • Мали дела на добрина, да бидеме љубезни и да се однесуваме со почит кон сите

ЗАЕДНО КОН ПОДОБАР СВЕТ!

Како општествено одговорна компанија, Сава пензиско друштво а.д Скопје не прифаќа и не толерира никакви форми на дискриминација, вознемирување, експлоатација или други етички прекршувања.

Ова е клучен дел од нашата корпоративна култура со која преку јасни политики и правила, дефиниран етички и корпоративен кодекс, едукација, обуки на вработените и учества во кампањи поврзани со дискриминација, се обидуваме да направиме позитивни промени, не само за вработените туку и за поширокото опкружување.

Наша стратешка цел е да помогнеме во процесот на создавање на општество кое се гради на почитување, инклузија и поддршка наместо осуда и презир. Вклученоста и поддршката на ранливите групи и активностите кои ги организираме за запознавање и почитување на религиите, минатата година ни ја донесоа наградата за „Поддршка на заедницата“ на првите Ability Awards организирани во нашата држава.

И понатаму ќе продолжиме да бидеме амбасадори кои ќе шират почит, доверба, уважување на туѓото мислење, туѓото уверување, вера, обичаи и трпеливост. Ќе ги почитуваме различностите и ќе работиме на подигнување на свеста за почитување на човековите права, безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување.

20 Факти за капитално финансирано пензиско осигурување

Факт бр.1

Македонскиот пензиски систем има три столба. Првиот столб е државниот – Фондот на ПИОСМ. Вториот и Третиот столб го сочинуваат приватните пензиски фондови.

https://mapas.mk/za-chlenovite-zadolzhitelno-kapitalno-finansirano-penzisko-osiguruvane-vtor-stolb-2/struktura-na-penziskiot-sistem-vo-republika-severna-makedonija/

Факт бр.2

Секој редовно вработен во државата плаќа задолжителен придонес за пензиско и инвалидско осигурување од 18,8% од неговата бруто плата.

https://finance.gov.mk/%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B5%D1%81%D0%B8

Факт бр.3

За оние вработени кои се членови на втор столб, 12,8% од бруто платата одат во првиот столб и се користат за исплата на пензии на тековните пензионери. Износот од 6% од бруто платата кој се издвојува во втор пензиски столб, оди на лична индивидуална сметка на секој член и е дел од неговиот личен имот.

Повеќе на: https://nikogassami.mk/…/vashite-zashtedi-vo-vtoriot…/

Факт бр.4

Средствата уплатени во вториот столб се инвестираат дома и во странство и со тоа нивната вредност се одржува и расте до моментот на пензионирање, а и по пензионирањето во зависност од избраниот начин на исплата.

Повеќе на: https://nikogassami.mk/…/prasha-a-i-odgovori-starosna…/

Факт бр.5

Населението старее, стапката на емиграција е висока, а намалено работоспособно население значи неможност за финансирање на идните пензии едиствено од првиот столб, без оглед на можните сценарија.

Повеќе на: https://www.sava-penzisko.mk/…/Macedonia-pension-system…

Факт бр.6

Вашите заштеди во вториот столб се Ваша лична сопственост!

Повеќе на: https://nikogassami.mk/…/vashite-zashtedi-vo-vtoriot…/

Факт бр.7

Вашата идна пензија од втор столб најмногу ќе зависи од висината на уплатените средства на Вашата сметка, наплатените надоместоци, приносите кои ги остварило Вашето пензиско друштво и од видот на избраниот пензиски модалитет.

Повеќе на:  https://nikogassami.mk/…/prasha-a-i-odgovori-starosna…/

Факт бр.8

Според сегашните услови, правото на старосна пензија се остварува со навршување на 62 години за жени и 64 години за мажи и со остварен работен стаж од минимум 15 години.

Повеќе на: https://nikogassami.mk/…/prasha-a-i-odgovori-starosna…/

Факт бр.9

Осигуреник кој не се стекнал со право на старосна пензија поради тоа што нема нема пензиски стаж од најмалку 15 години, средствата од вториот столб ќе може да ги користи по навршување на 65 години возраст.

Повеќе на: https://www.sava-penzisko.mk/…/mandat…/retirement/types/

Факт бр.10

Средствата уплатени во задолжителниот пензиски фонд на осигуреникот, заедно со заработените средства преку инвестирање, се наследни и влегуваат во оставинска маса, само доколку нема поднесено барање и не е остварено право на семејна пензија од членови на семејството со право на семејна пензија. 

Повеќе на: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/insurance/mandatory-pension-fund/retirement/inheritance/  

Факт бр.11 

Средствата на пензиските фондови се вложуваат во акции, удели во инвестициски фондови, обврзници, депозити во домашни банки и останати инструменти кои ги исполнуваат условите дефинирани во важечките законски и подзаконски акти.  

Повеќе на: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/insurance/mandatory-pension-fund/investments/portfolio/  

Факт бр.12 

Средствата на пензиските фондови се вложуваат за да се оствари соодветен принос на долг рок. Во кратки временски периоди нормално е да има и падови и растови, но целта е во подолг период да се оствари долгорочна стапка на принос која ќе ја сочува куповната сила, односно ќе биде повисока од инфлацијата во истиот период. 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/penziski-fondovi/finansiski-institucii-pisa-testovi-idni-penzii-i-selektivnost/ 

Факт бр.13

Пензиската заштеда, т.е. висината на средства се пресметува како производ од бројот на сметководствени единица и вредноста на сметководствената единица на даден датум 

Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/chlenuvanje/kako-da-go-prochitate-vashiot-godishen-izveshta-za-penziska-zashteda/ 

Факт бр.14 

За разлика од банките и инвестициските фондови, пензиските фондови се обврзани да објавуваат реални стапки на принос, кои со наједноставен пристап се добиваат кога од номинална стапка на принос (или каматна стапка кај депозити) се одзема стапката на инфлација. Приносот во реален износ го претставува остварениот принос на фондот за даден временски период прилагоден за стапката на трошоци на живот..   

Повеќе на: https://nikogassami.mk/investiranje/inflaci-a-i-mozhnosti-za-zashtita-od-inflaci-a/  

Факт број 15. 

Третиот пензиски столб е креиран како опција за штедење заради дополнување на пензијата од прв и втор столб. 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/penziski-fondovi/strong-zoshto-investiram-vo-dobrovolnoto-penzisko-osiguruva-e-na-sava-penzisko-strong/  

Факт број 16. 

Во доброволниот пензиски фонд може да се вложува со износи и динамика по избор, но најдобро е да се почне порано и да се издвојува дисциплинирано. 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/penziski-fondovi/strong-kako-funkcionira-3-stolb-strong/  

Факт бр. 17 

Доброволното пензиско осигурување е правилниот избор доколку сакате долгорочен раст на заштедите наменети за дополнителна пензија и одржување на нивото на животен стандард и по пензионирањето. 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/interesno/dobrovolno-penzisko-ili-zhivotno-osiguruva-e-shto-da-odberesh/

Факт бр. 18 

Член на доброволен пензиски фонд стекнува право на пензиски надоместок најрано 10 години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Членот има право на избор од следните опции: 

https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/insurance/voluntary-pension-fund/retirement/types

Факт бр.19 

Средствата уплатени во доброволниот пензиски фонд, заедно со заработените средства преку инвестирање, во случај на смрт на осигуреникот се наследни и влегуваат во оставинска маса на тој член. 

Повеќе на: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/insurance/voluntary-pension-fund/retirement/inheritance/ 

Факт бр.20

Пензиските друштва нудат можност на правните субјекти да формираат професионална пензиска шема за своите вработени со што би им помогнале да имаат подобар животен стандард во пензионерските денови. 

Повеќе на: https://nikogassami.mk/penziski-fondovi/strong-planovi-za-bonus-i-drugi-beneficii-strong/  

Во Сава пензиски фонд пристигнаа приливи од камати од над 130 милиони денари и дивиденди во вкупен износ од 701.092 долари и 145.653 евра кои им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондот

Ве информираме дека во месец декември 2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 131.813.209,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 701.091,80 долари и 145.653,32 евра, од кои ги издвојуваме:

  • ЕУР 73.708,48  од компанијата SHELL PLC;
  • УСД 131.194,05 од инвестицискиот фонд ISHARES MSCI WORLD ETF;
  • УСД 146.921,89 од инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
  • УСД 54.055,01 од инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
  • УСД 49.490,80 од инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 5.015.249,00 денари, прилив од дивиденда во вкупен износ од 17.577,14 долари и 4.379,21 евра, од кои ги издвојуваме:

  • ЕУР 2.497,71  од компанијата SHELL PLC;
  • УСД 5.786,69 од инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
  • УСД 1.515,56 од инвестицискиот фонд ISHARES CORE S&P MIDCAP ETF;
  • УСД 1.326,95 од инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
  • УСД 1.245,33 од инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF и
  • УСД 1.195,76 од инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL CLEAN ENERGY.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk