Risk management лекции од случајот Silicon Valley Bank

Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.

Што се случи?

Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.

Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.

Промени во монетарната политика на ФЕД

Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:

  1. На пасивата преку зголемен одлив на депозити – од една страна повисоките приноси ги направија обврзниците поатрактивна инвестиција во споредба со депозитите, од друга страна повисоките трошоци за финансирање и прибирање капитал ги принудија дел од компаниите своите финансиски потреби да ги задоволат со користење на своите средства депонирани во банките, дополнително придодавајќи кон притисокот на депозитната база.
  2. На активата преку намалување на вредноста на обврзниците во кои банките имаат вложувања –  имено растот на приносите значи пад на цените на обврзниците и интензивното затегнување на монетарната политика што се случи во текот на 2022 година предизвика значајна корекција на обврзничките пазари.

Банкарска навала

Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.

Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.

Регулаторен одговор

Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.

Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.

(Не)соодветното управување со ризиците

Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.

Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.

Во случајот со СВБ на површина излегоа некои значителни грешки во управувањето со ризиците. Еве неколку risk management лекции од овој случај:

  1. Важноста на проценувањето на ефектите и исходите при различни сцеанрија – кај СВБ е евидентно не земањето предвид на ефектот од промените на каматните стапки врз билансите при донесувањето одлуки од страна на менаџментот;
  2. Важноста на диверзификацијата – СВБ се одликувала со висок концентрациски ризик на депозитната база, односно обврските на банката биле доминантно кон технолошки и биотехнолошки компании, помеѓу кои голем дел стартап компании со сметки во износ кој ги надминува гарантираните 250.000 американски долари од американскиот фонд за заштита на депозитите;
  3. Важноста на употребата на инструменти за заштита – СВБ имала значително намалување на употребата на дериватни инструменти за заштита од каматен ризик во текот на 2022 година – банката ја намалила употребата на каматни свопови во очекување за промени во монетарната политика до крајот на 2022 година;
  4. Важноста на соодветната проценка на ликвидносните потреби – СВБ имала лоша проценка на потребите за ликвидност и класифицирала голем дел од инструментите како инструменти кои се чуваат до доспевање;
  5. Важноста на одржувањето на висока доверба кај клиентите – Кај СВБ се случи материјализирање на репутацискиот ризик на банката кое заврши со банкарска навала.

Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.

Враќање на довербата

Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.

Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.

Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.

Позитивни ефекти од добри ергономски решенија на работното место

Ергономијата е наука која го проучува соодветниот дизајн помеѓу канцелариите и вработените. Земајќи ги во предвид човечките способности и ограничувања, ергономски дизајнираниот стил на уредување на работниот простор се обидува да биде ефикасен во исполнувањето на функционалните барања на вработените.

Правилното користење на ергономијата се смета за клучна во модерниот канцелариски дизајн. Идеалниот канцелариски дизајн одбегнува затворени простори и се фокусира на отворени и динамични канцеларии.

Добра идеја е и вклучувањето на самите вработени во планирањето на дизајнот на канцеларијата. Неколку истражувања покажуваат дека вработените кои се вклучени во процесот на дизајнот на сопствените канцеларии во пракса се повеќе посветени и попродуктивни во работата.

 Ергономијата има голем број предности кои можете да ги прочитате во понатамошниот дел од текстот.

1. Ергономијата го подобрува физичкото и менталното здравје на вработениот

Набавка на ергономски канцелариски мебел кој е во согласност со прописите и препораките за здравје при работа, овозможува да се намалат здравствените проблеми, како што се болките во грбот и зглобовите, а воедно и спречува повреди на работното место.

Подоброто физичко здравје директно доведува и до подобро ментално здравје што придонесува за помало ниво на стрес, подобро расположение и подобра концентрација при извршување на работните обврски.

2. Ергономијата доведува до поголема продуктивност кај вработениот

Комбинацијата на различни ергономски решенија како што се подлога за глувче приспособена за удобност на раката, подесување на работната маса согласно потребите на вработениот, ергономска канцелариска столица, држач за лаптоп за нивелирање на висината на екранот, како и останати ергономски решенија доведуваат до поголем комфорт на работното место, со што се зголемува квалитетот на работа, односно продуктивноста кај вработените.

3. Ергономијата ги редуцира трошоците

Со вложување во канцелариска ергономија се намалува ергономскиот фактор на ризик како што е МКП. МКП е мускулно–коскено нарушување кое се јавува по несоодветно седење на столицата.

Според одредени истражувања, на околу една третина од вработените им се плаќа надоместок во случај на МКП. Затоа потребно е да се редуцира ваквиот вид на трошок преку инвестирање во удобна канцелариска столица.

Важноста на ергономијата не може доволно да се нагласи. Организациите кои користат специјализирани услуги имаат подобро разбирање на ентериерот на канцеларијата и подобри можности за интеграција на ергономијата во дизајнот на работниот простор.

Целта на ергономското уредување на административните работни места е да им овозможи на вработените кои своето време го поминуваат на седечко компјутерско работно место, покомфорно работење, ослободување од мускулно скелетна болка, подобрено психо-физичко здравје, зголемена благосостојба, а воедно и зголемување на продуктивноста.

Ергономски дизајнираното работно место создава позитивна разлика во ставовите на вработените, а истовремено ја одржува атмосферата која е соодветна за постигнување на организациските цели.

Стефан Пужовски

Како да го прочитате вашиот годишен извештај за пензиска заштеда?

Секој член од втор и трет столб наскоро треба да добие зелен плик со годишен извештај за својата пензиска заштеда. Ова е масовна и многу важна операција за пензиските друштва со која ќе се испорачаат повеќе од половина милион извештаи – во писмена и електронска форма.

Една од најголемите придобивки со воведување на пензискиот систем со 3 столбови – е транспарентноста и отчетноста на пензиските друштва кон своите членови.

Откако ќе го добиете вашиот зелен плик, паметно е да го отворите и да прочитате што пишува внатре. Во продолжение ќе ви објаснам како полесно да го прочитате вашиот извештај. Имено, извештајот се состои од 3 главни делови:

1. Во првиот дел е презентирана вкупна состојба на вашата сметка на датум 31.12. Средствата кои ги имате на овој датум се добиени со следната формула:

Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ

Вашата вкупна состојба на сметка во иднината ќе зависи од овие 2 фактора кои имаат тенденција на пораст:

  • „Бројот на СЕ“ може да се зголеми само ако направите нова уплата во фондот. Генерално, „бројот на СЕ“ ќе расте сé до завршување на вашиот работен век поради прилив на нови придонеси во фондот;
  • Од друга страна, „вредноста на СЕ“ никогаш не е фиксна и се менува секој ден во зависност од движењето на пазарната цена на имотот на фондот. Генерално, и „вредноста на СЕ“ има тенденција на пораст поради тоа што вашиот пензиски фонд низ годините има основна цел да оствари вкупна позитивна стапка на принос.
    Можеби во одредена година тоа нема да биде случај поради остварен негативен принос – но, земено вкупно за сите години до пензионирање – пензиските друштва треба да обезбедат вредноста на СЕ да има пораст.

2. Во вториот дел се презентирани сите ваши уплати/исплати во 2022 година. Презентиран е датум на уплата/исплата, опис на трансакција и бруто износ. Во полето „Опис“ најчесто е наведен месецот за кој се однесува придонесот – во формат: година – месецот.
Пример: 202201
2022 – година, 01 – месец.

Ако во полето „Износ“ има некаква негативна вредност, прочитајте веднаш под самата табела на што се должи тоа. Доколку и понатаму не ви е јасно – слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Во рамки на вториот дел од извештајот има и споредбен графички приказ на состојба на вашата сметка на 31.12 од претходните две години.

3. Третиот дел содржи податоци и насоки за да може сами да се најавите и да имате увид во вашата пензиска сметка кога ќе посакате. Тоа може да го направите на следниот начин:

  • Пристапете на нашата веб страна: www.sava-penzisko.mk  или инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Кликнете на менито – Лична сметка
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот) или
  • инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот).

Други важни информации:

  • Средствата од Вашата пензиска заштеда од 2 столб се наменети за ваша старосна пензија и не можете да ги користите пред да остварите законско право – на 62 години за жена, и 64 години за маж. Заради тоа што од овие средства ќе добивате еден дел од вашата пензија – не е дозволено овие средства да ги повлечете наеднаш (еднократно); 
  • Мудар потег е да отворите сметка и да си уплаќате сами дополнителен придонес и во 3 столб. Овие средства од 3 столб може да ги користите најрано од 52 години за жена и 54 години за маж. Средствата од 3 столб може да ги повлечете наеднаш (еднократно);

Моја препорака е да почнете да штедите рано – во вашите дваесетти/триесетти години и да уплаќате редовно. Со раниот почеток на уплата ќе имате долг период на оплодување на вашата сметка – со ова би се исполниле услови за сериозна акумулација на средства во следни 30 и повеќе години.

Пет принципи на личните финансии

За да се постигне финансиска дисциплина и да се користат финансиите паметно потребно е да се следат само неколку принципи на личните финансии:

1.  Буџетирање

Постојат одредени работи што треба да размислите да ги правите при буџетирање:

Создадете фонд за итни случаи:

Ваквиот фонд се користи за големи или мали непланирани сметки или плаќања кои не се дел од вашите рутински месечни трошоци и трошење, како здравствени трошоци, непланирани поправки во домот или на вашиот автомобил, како и во некои случаи и неочекувана загуба на работното место. Без заштеди, дури и помалиот финансиски шок може да има трајно влијание.

Износот што треба да го имате во итен штеден фонд зависи пред се од вашите примања. Кога го подготвувате размислете за најчестите видови на неочекувани трошоци што сте ги имале во минатото и колку чинат. Ова може да ви помогне да поставите цел за тоа колку сакате да одвоите. Во просек, би требало фондот да ви покрие трошоци за живот за период од 6 месеци.

Следете ги вашите трошоци:

Почнете да ги додавате вашите трошоци секој ден за да можете да ја преземете контролата над трошењето. Може да создадете свој ексел каде што ќе го следите секое купување или ќе преземете апликација за следење на трошоците. На овој начин ќе имате детален преглед за движењето на вашите финансии што понатаму ви овозможува да направите ревизија на истите и да согледате колку одредени добра или услуги ви биле неопходни, а кои непотребни, која потрошувачка треба да се зголеми, а која да се намали.

Следете правило за буџетирање:

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. 50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци- плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее,  а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, превоз, осигурување и храна.  30% за  несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив ако треба. Тука може да се вклучуваат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување. Останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

2.  План за штедење

Лесно е да кажеме дека сакаме да заштедиме 60.000 денари оваа година, но ни треба начин да ја постигнеме таа цел. Еден од полесните начини е да поставиме подцели, односно како да заштедиме по 5.000 денари секој месец. Тоа може да го направиме или преку зголемување на месечниот доход (прекувремена работа, втора работа) или преку кратење на некои трошоци кои сме утврдиле дека можеме да ги избегнеме.

3.  Анализа на задолжувањата

Задолжувањето кое е штетно за личните финансии се сите кредити со високи каматни стапки, како кредитот на кредитните картички, кои се проследуваат од месец во месец. Исто така, треба да се избегнува задолжување за потрошувачка на добра кои лесно ја губат својата вредност, како најнов модел на автомобил, телефон, накит и останати луксузни добра.

Сепак, не секој долг може да се нарече „лош долг“. Задоложување за едукација, започнување на сопствен бизнис или купување на стан/куќа е пример за т.н. „здраво“ задолжување, бидејќи тоа води кон зголемување на идниот доход.

4. Замете го данокот предвид

Пред се, треба да се разбере вашата вистинска заработувачка и како истата се оданочува. Различните извори на доход (плата, инвестирање, наследство и неочекувани-добивки на игра на среќа),  различно се оданочуваат и имаат различни даночни олеснувања. Разбирањето како да се искористат даночните олеснувања  може да има значително влијание врз вашите финансии.

5. Инвестирај во својата пензија

Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.  

Државниот пензиски фонд не ни гарантираг високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.

Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана