Како да го прочитате вашиот годишен извештај за пензиска заштеда?

Секој член од втор и трет столб наскоро треба да добие зелен плик со годишен извештај за својата пензиска заштеда. Ова е масовна и многу важна операција за пензиските друштва со која ќе се испорачаат повеќе од половина милион извештаи – во писмена и електронска форма.

Една од најголемите придобивки со воведување на пензискиот систем со 3 столбови – е транспарентноста и отчетноста на пензиските друштва кон своите членови.

Откако ќе го добиете вашиот зелен плик, паметно е да го отворите и да прочитате што пишува внатре. Во продолжение ќе ви објаснам како полесно да го прочитате вашиот извештај. Имено, извештајот се состои од 3 главни делови:

1. Во првиот дел е презентирана вкупна состојба на вашата сметка на датум 31.12. Средствата кои ги имате на овој датум се добиени со следната формула:

Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ

Вашата вкупна состојба на сметка во иднината ќе зависи од овие 2 фактора кои имаат тенденција на пораст:

  • „Бројот на СЕ“ може да се зголеми само ако направите нова уплата во фондот. Генерално, „бројот на СЕ“ ќе расте сé до завршување на вашиот работен век поради прилив на нови придонеси во фондот;
  • Од друга страна, „вредноста на СЕ“ никогаш не е фиксна и се менува секој ден во зависност од движењето на пазарната цена на имотот на фондот. Генерално, и „вредноста на СЕ“ има тенденција на пораст поради тоа што вашиот пензиски фонд низ годините има основна цел да оствари вкупна позитивна стапка на принос.
    Можеби во одредена година тоа нема да биде случај поради остварен негативен принос – но, земено вкупно за сите години до пензионирање – пензиските друштва треба да обезбедат вредноста на СЕ да има пораст.

2. Во вториот дел се презентирани сите ваши уплати/исплати во 2022 година. Презентиран е датум на уплата/исплата, опис на трансакција и бруто износ. Во полето „Опис“ најчесто е наведен месецот за кој се однесува придонесот – во формат: година – месецот.
Пример: 202201
2022 – година, 01 – месец.

Ако во полето „Износ“ има некаква негативна вредност, прочитајте веднаш под самата табела на што се должи тоа. Доколку и понатаму не ви е јасно – слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Во рамки на вториот дел од извештајот има и споредбен графички приказ на состојба на вашата сметка на 31.12 од претходните две години.

3. Третиот дел содржи податоци и насоки за да може сами да се најавите и да имате увид во вашата пензиска сметка кога ќе посакате. Тоа може да го направите на следниот начин:

  • Пристапете на нашата веб страна: www.sava-penzisko.mk  или инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Кликнете на менито – Лична сметка
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот) или
  • инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот).

Други важни информации:

  • Средствата од Вашата пензиска заштеда од 2 столб се наменети за ваша старосна пензија и не можете да ги користите пред да остварите законско право – на 62 години за жена, и 64 години за маж. Заради тоа што од овие средства ќе добивате еден дел од вашата пензија – не е дозволено овие средства да ги повлечете наеднаш (еднократно); 
  • Мудар потег е да отворите сметка и да си уплаќате сами дополнителен придонес и во 3 столб. Овие средства од 3 столб може да ги користите најрано од 52 години за жена и 54 години за маж. Средствата од 3 столб може да ги повлечете наеднаш (еднократно);

Моја препорака е да почнете да штедите рано – во вашите дваесетти/триесетти години и да уплаќате редовно. Со раниот почеток на уплата ќе имате долг период на оплодување на вашата сметка – со ова би се исполниле услови за сериозна акумулација на средства во следни 30 и повеќе години.

Никогаш не е рано да се размислува за пензија и за пензиска заштеда

Динамиката на нашето професионално опкружување наметнува процеси, проекти, задачи и активности кои во голема мера го насочуваат нашето внимание. Кога ќе се навратам на моите рани почетоци во мојата кариера и моите размислувања за иднината, тоа секогаш беше поврзано со актуелни краткорочни планови. За себе и мојата иднина на долг рок не размислував. Едноставно, немав план. Тоа не беше на мојата агенда.

На ова се потсетив при една моја неодамнешна средба со еден млад успешен професионалец, кој кога зборувавме за долгорочни планови поврзани со пензиската заштеда, едноставно ми одговори дека не планира во иднина, кога ќе заврши неговиот професионална кариера да живее од пензија.

Одлично, си помислив – тој има план. Се сеќавам, на тие години и јас размислував така. Кога бев млад пензионирањето ми изгледаше далечно.

Она што тогаш не го знаев беа повеќе работи. Се оженив и на голема радост на  мојата сопруга и на мене набргу дојдоа децата. Децата значат ангажман, посветеност, одговорност и љубов, многу љубов.

Да бидеш родител е најтешката и најблагородната работа на светот. Тоа што не го знаев до тогаш е дека со најголемо задоволство ќе го потрошам најголемиот дел од заработените пари за сопствените деца. Сепак инвестирам во нивната иднина, образование и благосостојба. Ако пред тоа воопшто или малку размислував за мојата иднина по завршување на мојот професионален ангажман, сега тоа не е така.

Родител си додека си жив и тоа е мисија која го дефинира моето постоење, но во иднина, кога децата ќе си заминат по својот пат, за да не бидеме нивен товар, треба да размислуваме како да си осигуриме достојна пензија.

Времето немилосрдно поодминува, додека се свестиш си навлегол во средните години. Да можам да го вратам времето назад сѐ би направил исто повторно…со една мала разлика.

Сега знам дека можев, и требаше да одвојувам дел од заработените средства уште кога го почнував мојот професионален ангажман., а не малку подоцна. Зошто?… можеби ќе се запрашате.

Па еве вака…Она што ме очекува како основица за пензија од прв и втор столб е заменска стапка од 65-75% од просекот на месечните примања за време на мојот цел работен век.

Да, тука се вклучени и годините кога бев приправник, со пониска плата годините кога се развивав и растев и годините кога го остварувам зенитот на мојот професионален ангажман.

Со првата пензија значително ќе ми се намали квалитетот на животот, со оглед дека пензијата ќе биде пониска од моите дотогашни месечни примања, а тоа значи откажување од многу работи. Јас знам дека не сум спремен за тоа.

Решение? – Трет столб.

Дополнителната пензиска заштеда во доброволниот пензиски фонд – Сава пензија плус  ми овозможува да имам дополнителен извор на приход во пензионерските денови. Средствата кои ги штедам во фондот во континуитет растат, затоа што носат стабилни приноси од инвестициите, а пензискиот систем е строго регулиран.

Уплатата на мојата дополнителна пензиска заштеда можам да ја направам кога сакам и колку ми се можностите. Најчесто најлесната опција е да се направи траен банкарски налог за уплата во доброволен пензиски фонд.

Состојбата на мојата пензиска сметка во Сава пензиско друштво секогаш можам да ја проверам на апликацијата Сава пензиско план, на мојот мобилен телефон. Сава пензиско друштво е предводник во алатките за дигитална комуникација и единствено друштво кое има мобилна апликација.

Третиот столб ми носи многу бенефиции, поголем сигурност и повисок стандард по пензионирањето, средствата се наследуваат, а доколку ми е потребна определена сума одеднаш по мои навршени 54 години, или 52 за жени, можам да ја подигнам во целост или делумно, а средствата кои остануваат на мојата сметка повторно се инвестираат и се остварува принос.

Овие мисли ми прелетаа во еден миг додека ја слушав реченицата од овој млад менаџер кој рече дека не планира да живее од пензија.

Ќе ви го кажам и вам она што му го кажав нему:

Никогаш не е рано да се размислува за пензија и пензиска заштеда!