Стекнување здрава навика

,,Силата не доаѓа од физичкиот капацитет, таа доаѓа од нескротливата волја” –Махатма Ганди

Сите ние имаме навики и ритам на живеење. Кога станува збор за развој на успешна кариера, добро здравје или едноставно балансиран живот, стекнувањето на здрави навики е од голема важност. Стекнувањето на нова здрава навика не може да се случи преку ноќ.

За да се направи позитивна промена потребна е желба, енергија, фокус и време. Се смета дека во просек се потребни 30 до 60 повторувања за да се создаде нова здрава навика. Секако, желбата е неминовна.

Зашто да одбереме трчање?

  • Трчањето додава години во вашиот живот, но и живот на вашите години

Медицинските истражувања поврзани со трчањето и долговечноста покажуваат дека трчањето придонесува за кардиоваскуларна кондиција, помалку масти, понизок холестерол, контрола на гликоза и инсулин, посилни коски, регулирање на хормоните, позитивно невролошко функционирање. Овозможува долг, продуктивен, активен и здрав живот.

Едно истражување на Универзитетот Ball State USА, открива дека група од 75 годишни тркачи (кои трчале 50 години), имаат биолошки профили поблиски до 25 годишните дипломирани студенти отколку до нивните врсници-невежбачи.

  • Трчањето го подобрува имунолошкиот систем

Трчањето го зајакнува природниот имунитет на телото и ја зајакнува неговата реакција и отпорност на бактериски и вирусни инфекции. Ги зајакнува белите крвни зрнца кои се важни за имунитетот, со трчањето  се зголемува температурата на телото што му помага да се бори против инфекцијата и ги спречува бактериите да се размножуваат.

Го намалува стресот и го намалува количеството на стрес хормоните во организмот. Бидејќи стресот директно влијае врз имунолошкиот систем  и ја намалува неговата функција, трчањето го зајакнува имунитетот и му пркоси на стресот.

  • Трчањето го подобрува расположението и овозможува добро ментално здравје и квалитетен сон

Со трчањето во телото се ослободуваат хормоните ендрофин и сератонин кои директно влијаат на доброто расположение и добриот сон. Се случуваат промени во мозокот кои овозможуваат бистар ум а ја смируваат неговата прекумерна активност предизвикана од стрес и анксиозност.

На прашањето: ,,Зошто трчаш”? многу луѓе тркачи, особено нови даваат одговор: ,,Tрчањето прави да се чувствувам подобро” и зборуваат за емоции, добро расположение, еуфорија, ментална енергија, добар сон и помалку сиви денови.

Анкетата спроведена од Асоцијацијата за анксиозност и депресија на Америка, покажа дека 20% од анкетираните возрасни претпочитаат трчање како стратегија за борба против стресот.

  • Трчањето ја поткрева самодовербата

За трчање е потребна мотивација, дисциплина, издржливост. Чувството на задоволство поради вложениот напор ја зголемува самодовербата и дава чувство на исполнетост и гордост. Се создава циклус во кој здравата навика и самодовербата се хранат една со друга помагајќи ни да создадеме уште поголеми промени кои имаат позитивно влијание врз нашиот живот.

Со текот на времето тоа чувство на достигнување се прелева и во другите области на живеењето, од лични до професионални и инспирира преземање нови предизвици.

Секако, тука е и добриот тен, телесната тежина и добрата мускулатура кои доаѓаат сами по себе.

Трчањето не е лесно, но е мерливо. Ги мериме минутите, километрите за да можеме да видиме каде сме биле на почетокот од нашето патување и колку далеку сме стигнале, а создава и спомени за вложениот труд и како сме се чувствувале.  Тоа пак не учи на едноставна вистина дека трудот дава резултати. Трудот вреди.

Со трчањето се запознав одамна, во студентските денови, низ годините следуваа прекини поради формирање на семејство и улогата на мајка, но секогаш со огромно задоволство му се навраќам рекреативно и можам слободно да кажам дека тоа преставува еден од моите најдобри избори во животот.

За започнување на нова навика за трчање потребни ви се удобни патики и желба да се движите бавно или малку побрзо и тоа со темпото кое што сами ќе си го зададете. И сето тоа е бесплатно!

Останатото е емоција која треба да се почувствува.