Лично со Вики Грошељ, Словенецот кој последен го видел жив македонскиот алпинист Димитар Илиевски – Мурато

Интервју со алпинистичката легенда и член на македонската експедиција на Еверест во мај 1989.

На една неодамнешна конференција на Сава Осигурителна Групација, каде учество земаа поголем дел од вработените во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, во неформалниот дел од програмата кој има за цел да ги релаксира учесниците на конференцијата од стручните и стратешки теми, гостин со свое предавање беше господинот Вики Грошељ, една од легендите на југословенскиот и словенечкиот алпинизам.

Импресионирани од неговите подвизи на Хималаите, но најмногу од неговото учество во македонската експедиција за искачување на Еверест во 1989 година, во која нашиот алпинист и прв освојувач на највисокиот врв на светот Димитар Илиевски – Мурато го загуби својот живот, разменивме контакти со цел да направиме интервју со кое сакаме емотивните спомени на господинот Грошељ да ги споделиме со јавноста на нашиот Блог nikogassami.mk

1. Господине Грошељ, Вие сте еден од луѓето кои ја имале ретката можност да му честитаат лично на Димитар Илиевски – Мурато за искачувањето на Еверест, но и еден од последните луѓе на светот кој го видел жив, и тоа само неколку метри од врвот на Еверест, момент после кој на Диме му се губи трагата. Можете ли да ни доловите дел од овие моменти кои за нас Македонците се од огромно значење?

„Диме Илиевски во базата под Еверест во 1989 година.“ – од приватната архива на Виктор Грошељ

Спомените на тој 10 мај 1989 година сѐ уште се живи, како да се случи вчера. Од три часот наутро, Диме, Стипе, јас и двајцата шерпаси, Сонам и Аџива, заедно се боревме да стигнеме до врвот. На непалската страна на планината, недостатокот на снег значително ни го отежна искачувањето, се искачувавме по ронлива карпа.

На кинеската страна на планината на висина од 8.400 метри натаму, бевме пречекани од огромни количини снег. До гради потонавме во снегот и тоа дополнително не забави. Дури  во пет часот попладне стигнавме до 8.748 метри на високиот јужен  врв.  Таму ми снема од дополнителниот кислород од боцата.

Пријателите продолжија побрзо, додека јас како расипан автомобил полека се влечев зад нив. Со исклучителен напор успеав да ја искачам  Хилариевата стапка и тогаш до мене се спуштија Стипе и Диме, кои веќе се враќаа од врвот.  Невешто се прегрнавме. Се радував на нивниот успех, како и на својот, бидејќи не верував дека без дополнителниот кислород ќе успеам да се искачам над Хилариевата стапка. И двајцата беа полни со грижа за мене бидејќи одлучив да продолжам, а тогаш, навистина, не сакав да се откажам по ниедна цена.

„Јужен врв на Еверест. Стипе, Диме, Сонам ​​и Аџива се приближуваат до Хилариевата стапка.“ –  од приватната архива на Виктор Грошељ

Во меѓувреме, додека се спуштаа покрај мене, уште еднаш го удрив Диме по рамото. Браво Македонец, му реков!  Тврдоглав како вистински Словенец! Во базата сигурно полуделе од воодушевување, кога се јавиле од врвот. Каква прослава ќе биде кај нив дома!

„Диме додека се искачува кон врвот. Доле јужно седло.“ – од приватната архива на Виктор Грошељ

Веќе речиси сосема во темница ми успеа да стигнам до врвот. Седум и пол часа траеше моето ноќно спуштање до шаторот на јужното седло, каде ме чекаше Борче (Јовчевски).  Ми кажа дека Сонам и Аџива се вратиле уште во десет часот вечерта, додека Стипе и Диме сѐ уште ги нема.  Очигледно, некаде на падините под врвот се промашивме и ќе бидат тука во секој момент.

За кратко време по мене се појави Стипе и влезе во вреќата за спиење покрај мене. Борче се пресели во соседниот шатор за полесно да се погрижи за Диме, кога ќе пристигне. Дваесет и три часа бевме на пат. Успеавме. Утре ќе одиме кон долината и на славењето ќе му нема крај.

„Еверест. Искачувањето и спуштањето се одвиваа преку снежните падини над јужното седло“ –  од приватната архива на Виктор Грошељ

Кога се разбудив, го повикав Борче во соседниот шатор, да прашам дали е дојден Диме. Низ татнењето на ветрот се обидував да препознам одлучно да. Но тоа не го слушнав низ тој проклет ветар. Сѐ уште не знаевме, ниту се сомневавме, дека ќе го нема. Дека несреќниот Диме на тоа ноќно спуштање, кое повеќе беше бегство назад кон животот, направил само мала, ситна грешка и засекогаш се изгубил. Снемогнал, заспал при одморот, или залутал кон глечерот Кангсунг на кинеската страна на планината.

Цело претпладне уште го чекавме и ја набљудувавме падината низ која се одвиваше искачувањето и спуштањето. Можеби бивакувал и преку ден, сепак, ќе дојде на седлото. Но ништо не се помрдна. Само ветрот подигаше снежни знамиња кои ја чешлаа избраздената падина на планината.  Стипе одлучи дека ќе остане тука уште една ноќ, а ние двајца ќе одиме надолу. Овде не можеме да направиме ништо повеќе.

За целото време на спуштањето до вториот камп, се надевавме дека ќе се случи чудо, но не се случи. Наредниот ден ги сретнавме шерпасите кои ги празнеа камповите. Велат, дека и Стипе се спушта, за Диме нема ниедна трага…

„Повторно во базата но за жал без Диме. Од лево Стипе Божиќ, Сонам, Аџива и Вики Грошељ.“ – од приватната архива на Виктор Грошељ

2. Од вашите први обиди да се освои највисокиот врв на Светот преку југословенска насока во 1979 година, до подвизите за скијање на највисоките хималајски врвови и искачувањето на повеќе врвови над 8000 метри во една експедиција, можеме да забележиме силна посветеност и детерминираност секогаш да ги поместувате границите и да направите нешто што никој претходно не успеал да го направи. Што ќе им порачате на младите високогорци од регионот? Има ли уште вакви подвизи низ светот кои го носат епитетот „за првпат“?

Подигнувањето на личните граници на можното, за мене отсекогаш беше важен предизвик и дополнителна мотивација. Само планините и, пред сѐ, Хималаите ми покажаа дека човекот е способен за многу повеќе отколку што си претставува во засолништето на топлиот дом. Всушност, тоа е единствениот водич кој им го препорачувам на младите. Подвизи во планините и другите величествени краеви на нашата планета, како Арктикот и Антарктикот, има дури и повеќе од доволно. Затоа без грижи.

3. Македонија и Словенија се две бивши југословенски републики кои имаат високи планини и добри услови за развој на овој спорт. Каква беше соработката во рамките на Југословенската алпинистичка федерација помеѓу алпинистите од Македонија и Словенија? Колку можеме да учиме од таа соработка од денешна перспектива? Што можеме да направиме, и како држави, но и како поединци и компании за подигнување на овој спорт на повисоко ниво?

Република Словенија и Република  Северна Македонија самиот ги разбирам и ги доживувам како дел од некогашната заедничка држава. Жал ми е само, што во 1979 година во Република Македонија сѐ уште немаше планинари кои би можеле да се приклучат на Првата југословенска експедиција на Еверест кога го искачивме западниот гребен на планината. Само две години подоцна во експедицијата на јужниот ѕид на Лотсе ни се придружи Македонецот Јован Поповски.

Од тоа пријателство и соработка произлезе поканата со Стипе да се приклучиме на Македонската експедиција на Еверест во 1989 година. Денес, можностите за соработка се уште поотворени и ќе бидам среќен доколку можам да придонесам кон тоа.

4. Веќе сте во златното доба од вашиот живот. Дали одржувате контакт и се дружите со останатите пензионирани алпинисти од вашата генерација како Стипе Божиќ и останатите? Имате ли некоја порака до идните пензионери?

Следната година ќе наполнам 70 години, а сѐ уште се чувствувам прилично млад. Сѐ уште патувам на Хималаите двапати годишно, а и инаку сум уште доста активен во планините. Секако, со задоволство се дружам со другите алпинисти од мојата генерација, за жал, ги има сѐ помалку. Нерадо некому давам некакви препораки. Но, од сопственото искуство можам да кажам дека во овие години поредовно се рекреирам, отколку што тренирав на млада возраст. Тоа ми се чини како добар совет за наши години.

5. На презентацијата ја споделивте вашата љубов кон Непал и вашиот активизам за помош на луѓето кои живеат таму со последиците од разорниот земјотрес. Старите скопјани знаат што е светска солидарност после една таква катастрофа. Ве молам појаснете ни накратко какви се Непалците, како оваа катастрофа влијае на нивните животи и во што се состои вашиот активизам? Можеме ли ние некако да помогнеме?

За мене Непал, заради сѐ што доживеав таму е најубавата земја на светот (веднаш по Словенија, да нема забуна). Луѓето во Непал во принцип се љубезни кон странците и се трудат да им помогнат, иако живеат во значително потешки услови од поголемиот дел од остатокот на светот. Од нив многу научив за солидарноста, другарството и помагањето еден на друг и затоа се трудам да им помогнам најдобро што можам. Особено по катастрофалниот земјотрес во 2015 година, кога таму загинаа повеќе од 9000 луѓе.

На крајот на октомври се вратив од своето десетто патување во Непал по земјотресот. Секојпат со себе ја носам собраната помош и таму непосредно ја предавам во рацете на засегнатите. На Непалците може да им се помогне на многу начини. Наједноставен е, да се одлучите да ја посетите оваа држава во срцето на Хималаите. Имено, туризмот е убедливо најважната стопанска дејност во државата. По овогодишното искуство, и пандемијата со КОВИД-19 не е повеќе голем проблем за посета.

Вики Грошељ и Коста Ивановски, Сава пензиско друштво а.д. Скопје