Како да го заштитиме ̀рбетот при долготрајно седење

Ако работата ви е канцелариска, сигурно седите долго време, што може да биде сериозна причина за болка во  ̀рбетот. Нашите тела се градени да стојат и да се движат во текот на денот. Седењето во долги секвенци може да предизвика значаен притисок на дискусите кои се наоѓаат помеѓу пршлените на  ̀рбетот и иритација на нервите.  ̀Рбетот е компресиран 30 % повеќе при седење отколку при стоење. 

Како долгогодишен паталец од болки во   ̀рбетот и тројна хернија на еден од дискусите во лумбалниот дел на  ̀рбетот, од кои последната мораше оперативно да се третира, решив со вас да споделам неколку совети кои ги имам добиено за заштита на  ̀рбетот.  

Можеби ќе звучи како добра теорија, сепак, јас сето напишано подолу, дисциплинирано (со ретки отстапки) го применувам и мислам дека секој од нас со малку желба за некаква позитивна промена, може да примени еден или повеќе од овие совети. 

Времетраење на седењето 

Ограничетe го времетраењето на седењето на 30-тина минути. По истекот на овој период, променете ја позицијата. Станете, направете неколку чекори низ канцеларијата, истегнете се, посетете колега во друга канцеларија, стојте додека телефонирате, упатете се до кујната по кафе или одете по подолгиот пат до тоалетот. Доколку грбот не ви дава сигнали кога да станете, тогаш наместете си аларм, кој ќе ве потсетува кога е време да ја промените позицијата. 

Истегнување 

Направете кратка пауза за истегнување, со неколку кратки вежби. Иако изгледа како губење на драгоцено време кога имате премногу работа, сепак, ќе ви помогне да се ослободите од тензијата која ја чувствувате во мускулите и да ја подобрите циркулацијата, што благопријатно може да дејствува на подобрена ефикасност во работата. 

Позиција 

Внимавајте на правилната позиција на вашето тело додека седите. Грбот треба да биде исправен и столицата да му дава поддршка. Аголот во лактите и колената треба да се движи од 90 до 120 степени. Мониторот треба да биде во висина на очите, а рацете да бидат поставени на работната површина. Пребарајте слики на интернет за правилна позиција при седење на работна столица. Во Сава пензиско друштво во интерните акти за безбедно извршување на работата се опфатени и насоки за правилно седење и оддалеченост од екранот, кои се корисни за нашите вработени. 

Набавете ергономска столица 

Изборот на ергономска столица, по можност со лумбална поддршка може да го намали притисокот кој го чувствуваме од долготрајното седење. Некои препорачуваат и столица со физиотопка, чие користење овозможува зајакнување на мускулите и превенирање на деформитетите на  ̀рбетниот столб. Ако се одлучите за столица со физиотопка консултирајте се со вашиот доктор, дали е подобро решение за вашиот  ̀рбет во споредба со ергономската столица. 

Електрично биро 

Доколку сте во можност набавете ергономско електрично биро, со приспособлива висина, кое ќе ви овозможи менување на положбата во текот на денот од седечка во стоечка положба  и обратно. 

Пешачење 

За луѓето со болка во  ̀рбетот и дегенеративни промени во дискусите, некои вежби и спортови можат да бидат премногу интензивни, па дури и ризични. Затоа тие не ретко се откажуваат од вежбање. Пешачењето е форма на вежбање кое не е интензивно, овозможува подобрена циркулација и ги обезбедува меките ткива со потребните хранливи материи. Потрудете се да пешачите околу 8.000 чекори дневно. Поставете си цел и мерете го нејзиното постигнување. 

Пливање 

Медицинските лица најчесто го препорачуваат пливањето за оние кои имаат болки во  ̀рбетот. Пливањето овозможува лачење на ендорфин и други хормони на среќа, што го релаксираат нервниот систем и ја ослободуваат напнатоста во мускулите која е често причина за болка. Кога сме во вода телото лебди и се намалува притисокот на зглобовите, за разлика од ефектот во други спортови. Дополнително, при пливање се зајакнуваат мускулите кои се потребни за добра поддршка на  ̀рбетот.  

Секуларните мегатрендови како алатка за обезбедување на долгорочен раст и одржливо инвестирање

„Посветено работиме и градиме друштво, кое е препознатливо по грижата за своите членови, транспарентноста и високите морални вредности, како и по својата активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина“.

Ова е визијата на Сава пензиско друштво. Намерата за обезбедување на долгорочен раст, односно принос за членовите на фондовите со кои управуваме, Сава пензиски фонд и Сава пензија плус, подразбира континуирано следење и приспособување во согласност со глобалните трендови кои директно влијаат на работењето на секоја индустрија, компанија, односно инвестиција направена за сметка на нашите осигуреници.

Токму затоа, нашето Друштво, во чекор со светските инвестициски практики, во фокусот на инвестициската активност, ги става глобалните мегатрендови кои се дефинирани како двигатели на денешницата, но и на периодот којшто следува.

Внимателното следење и искористување на низата потенцијали кои ги нудат долгорочните трендови, несомнено ќе придонесе за повисок принос во текот на целиот инвестициски период, и тоа е одлучувачки фактор за нашата одлука соодветно да се позиционираме.

Климатските промени, промените поврзани со технолошкиот напредок и демографските, односно социјалните случувања на глобално ниво, се трите клучни секуларни трендови и истите се појдовна точка за низа дополнителни анализи, со цел максимално изложување кон истите.

Од аспект на климатските промени, се дистанцираме од фосилните горива, а инвестираме во чисти, обновливи извори на енергија, технологија која придонесува до енергетска ефикасност и соодветно се позиционираме со цел максимизирање на придобивките од тековната енергетска транзиција.

Поддржуваме инвестиции во компании кои ефикасно ги искористуваат ограничените природни ресурси, внимателно го селектираат отпадот или обезбедуваат соодветна инфраструктура, особено во ниско развиените земји, каде животниот стандард сѐ уште е на незадоволително ниво.  

Кај технологијата, која се карактеризира како дисруптивна, односно можеби е најзначајниот двигател на времето во кое живееме, во фокусот на нашето внимание, при селекцијата на инструментите за инвестирање, се инвестициите во паметни уреди, вештачка интелигенција, cloud технологија и роботика.

Ги следиме промените во финансискиот сектор, но и во автомобилската индустрија и секторот за транспорт, воопшто, па инвестираме во електрични автомобили и технологијата која го помага развојот на трендот на електрификација на превозните средства.

Демографските промени укажуваат на потребата за предвидување на потрошувачката од страна на различни демографски, но и социјални структури. Стареењето на светската популација, укажува на потенцијалот кај фармацевтската индустрија и здравството и препознавање на бројните медицински иновации.

Навиките на потрошувачите никако не треба да останат незабележани, истите се менуваат и потребно е континуирано следење на променетите преференции за производи и услуги од различни сектори. На пример, пандемијата со КОВИД-19 придонесе за фокусирање кон здрав начин на живот. Електронската трговија и видеоигрите, исто така, имаат учество во инвестициите на портфолијата на фондовите.

Зошто сметаме дека ова е значајно?

Како прво, променетиот инвестициски пристап треба да послужи во подигањето на јавната свест за значењето на одредени промени, кои во ниту еден момент не смеат да бидат игнорирани.

Како второ, значењето на долгорочните перспективи е од суштинско значење за инвестициите на пензиските фондови, кои, секако, треба да придонесат до одржливост на долг рок. Како трето, секако, овие промени се во согласност со очекувањата за позитивните идни импликации врз приносите, односно нашите убедувања дека истите ќе се исплатат и ќе генерираат профит за сметките на осигурениците.

Дополнително, пристапот е солидна алатка на процесот за управување со ризиците и обезбедува основа за навремено детектирање на специфичните, но и системските ризици.

Тематскиот пристап на инвестирање, подразбира способност за фокусирање од една, но динамичност и флексибилност од друга страна. Тоа говори за нашата континуирана грижа за членовите на фондовите со кои управуваме  и заложбата за максимирање на профитот, за сметка на преземениот ризик.

Објаснувањето на пристапот имплицира транспарентност, но и подготвеност за дополнителна едукација на пензиските штедачи. И за крај, во овој процес не сме (сте) сами.

Нашата цел е заедничка- оплодување на пензиската заштеда на осигурениците и обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост, а токму тоа е суштината на овој инвестициски пристап.

Зошто софтверските инженери треба да планираат предвремена пензија?

Само неколкумина можат да останат во светот на програмирањето цел живот. Најголем дел од софтверските инженери ќе треба да се адаптираат, да се пренасочат кон повеќе менаџерска работна позиција или пак порано да се пензионираат. Ова е причина повеќе, софтверските инженери да размислуваат за дополнителна заштеда за пензионерски денови, во доброволен пензиски фонд.

Секако ќе има и инженери кои ќе си останат на своето работно место до пензионирање, па така инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд ќе бидат само дополнителна заштеда која ќе помогне да се задржи животниот стандард по влегување во пензија.

Во продолжение од текстот можат да се видат причините зошто инженерите треба да ја планираат својата иднина и да инвестираат во доброволниот пензиски фонд:

  1. Високи приходи

Приходите на софтверските инженери се доста високи. Просечна нето плата на компјутерските програмери во август 2021 година во Р.С. Македонија изнесува 73.805,00 денари (извор: https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?id=40&rbr=13782).

Затоа тие имаат можност да заштедат и да инвестираат одредена сума на пари кои ќе можат да ги користат за да се пензионираат и пред да остварат право на старосна пензија, со навршени 62 години за жени, односно 64 години, за мажи.

  • Висок стрес на работното место

Да се биде софтверски инженер е прилично стресно. Како прво, се се случува брзо. Учењето на нови работи е секојдневна работа и потребно е секогаш да се биде информиран за различните случувања. Некои луѓе едноставно не сакаат да учат кога ќе достигнат одредена возраст.

Во светот на софтверските инженери конкуренцијата е огромна и сосема нормално е дека се раѓаат нови таленти кои можат да бидат потенцијална закана за сегашните програмери да ја изгубат својата работна позиција.

Секако дека ова зависи и од компанијата во која работат, но едно е јасно дека за да се работи како програмер е потребно многу концентрација, фокус и вложување во себе, а понекогаш и продолжување на кариерата во области на менаџмент и управување со луѓе.

  • Староста

Како што заклучивме и претходно, оваа индустрија е базирана на промени, особено последниве децении, па така со стареење и процесот да се биде конкурентен на пазарот со стареење е уште потежок. Кога вработените имаат деца, тоа уште повеќе им отежнува да се во тренд со последните случување и да ги знаат најновите работи кои секојдневно се случуваат.

Како факт исто така може да се спомене и дека доколку сакате да се вработите после 50 години тоа е многу потешко, бидејќи и покрај огромното искуство младите луѓе ќе претставуваат конкуренција за да работат и со помала заработувачка.

Имајќи ги во предвид горенаведените причини, аналитичката способност на софтверските инженери може да им помогне да си направат сопствен план и да си ја испланираат иднината уште сега. За таа цел на нашата веб страна може да се најде и информативен калкулатор кој може да им помогне на сите заинтересирани лица да си направаат индивидуална пресметка и уште сега да почнат да штедат во доброволниот пензиски фонд.