Концептот на циркуларна економија за ефикасно намалување на отпадот кој го создаваме

Современата парадигма за одржлив развој, која води кон воспоставување на рамнотежа помеѓу одржлив општествен развој и заштита на животната средина преку рационално управување со природните ресурси, низ децении гласно и успешно ја промовира потребата за менување на навиките и начинот на размислување. Успешно го артикулира напуштањето на моделот на линеарна економија и премин кон моделот на циркуларна т.н. зелена или кружна економија со главен фокус на заштитата на животната средина, заштедува природни ресурси кои се ограничени и го намалува количеството на отпад кој го создаваме.

Актуелно сеуште присутниот модел на линеарна економија, кој се темели на принципот „земи – употреби – фрли“ и со него поврзаната неконтролирана експлоатација на природните ресурси неопходни за производство на нови производи, генерира големи количества отпад со негативно влијание врз квалитетот на животната средина. Наспроти него, моделот на циркуларна економија го промовира концептот на одржлив развој, преку минимално создавање на отпад, максимално искористување на создадениот отпад со негово трансформирање во ресурси и ефикасно управување со отпадот за да се зачува квалитетот на животната средина.

Циркуларната економија е регенеративен систем кој донесува нов концепциски пристап кон отпадот како ресурс, бидејќи отпадот (излез) од еден процес може да биде ресурс (влез) во некој друг процес.

Првата земја која формално го прифатила овој концепт и го инкорпорирала во своето законодавство е Германија во 1996 година, кога е донесен Законот за затворен циклус на управување со отпад.

Најголемо количество отпад доаѓа од домаќинствата. Овој вид на отпад по својот состав е хетероген, односно содржи содржи пластична амбалажа, алуминиумски лименки, хартија, картонска амбалажа и остатоци од храна.

Пластиката, секако претставува најголемиот проблем во одговор на потребата за ефикасно управување со создадениот отпад. Проблемот со пластиката е нејзината еднократна употреба и долгиот животен век (пластичната амбалажа се фрла и се меша со друг комунален отпад и генерално завршува на депонија или во диви депонии во природата).

Циркуларната економија ја нуди можноста отпадот кој го создаваме да го рециклираме и трасформираме во нешто корисно за сите – инспирира навики за рециклирање. Рециклирањето придонесува за намалувањето на количината на отпадот кој завршува во депониите. Рециклирањето помага во зачувување на природните ресурси кои се користат за производство, со тоа што веќе искористените материјали се употребуваат повеќекратно. Рециклирањето на пластиката штеди двојно повеќе енергија од онаа која се троши за таа да изгори во депониите.

Циркуларната економија инспирира креативнен пристап и иновации во потрага кон решенија за одржлив развој, во последно време се повеќе се зборува за потенцијалот на хемиското рециклирање на пластиката т.н. пиролиза, процес низ кој е можно е да се искористи 71% од материјалот на мешан пластичен отпад за производство на нова квалитетна пластика.

Концептот на циркуларната економија (зелена, кружна економија) донесува јасна визија за намалување на отпадот и одржлива иднина на нашата планета, модел кој води кон обнова на екосистемите и се грижи за потребите на идните генерации.

Социјален инженеринг – како да се заштитиме од опасностите

Стереотипите кои се поврзани со поимот хакер, дека тоа е единка која работи самостојно веќе одамна се надминати. Кибернетските криминалци се сега далеку подобро организирани во професионални колективи кои се хиерархиски структурирани.

Тие користат напредни технологии како вештачка интелигенција, машинско учење и најразлични видови на автоматизирани процеси за да дојдат до посакуваната цел. Животниот циклус на еден хакерски напад од почеток до крај е намален од недели на денови и часови.

Хакерски напади освен на компјутерската опрема може да бидат изведени и врз луѓето. Овој вид на напади се дефинирани како социјален инженеринг.

Социјалниот инженеринг претставува способност за манипулација со луѓе со цел да се добијат одредени доверливи и посакувани податоци. Со помош на оваа вештина за манипулација се користат голем спектар на постапки кои имаат за цел да ги искористат универзалните човекови доблести и мани како што се: љубопитност, учтивост, добродушност, алчност, бунтовност , осветољубивост и слично.

Социјалниот инженеринг се разликува од класичните хакерски напади како што е искористување на одредени ранливост во информатичкиот систем .Тој користи манипулативни методи преку кои доаѓа до доверливи информации кои се дадени доброволно.

Колку е сериозен овој проблем може да се заклучи од податокот дека дури 90 проценти од кибернетските напади и пробивањето на доверливи податоци се како резултат на измамите преку социјалниот инженеринг(phishing, baiting, pretexting, scareware и многу други ). Поради тоа треба да се посвети посебно внимание на овој вид на напади.

Многу е битно да се има план и да се реагира навремено во случај на било каков безбедносен инцидент.

Одговорните лица за кибернетска безбедност потребно е да имаат воспоставено процедура за реакција при појава на безбедносни инциденти во која прецизно ќе се знаат чекорите во случај на појава на инцидент а исто така ќе се дефинираат и нивоата на ескалација на инцидентите.

Не треба да се заборави дека многу битен и неопходен елемент при имплементација на  кибернетската безбедност во една компанија е мрежната бариера и нејзиното правилно имплементирање.

 Како дел од правилата и препораките за кибернетска безбедност во една компанија би ги наброил:

  • Врската која вработениот ја воспоставува со компанијата на далечина мора да се одвива преку ВПН , односно да биде енкриптирана
  • Врската се воспоставува само преку апликативни решенија обезбедени од стручните служби
  • Во најдобар случај, доколку компанијата може да си го дозволи тоа, потребно е сите да работат на опрема обезбедена од самата компанија. Доколку вработените користат сопствена опрема (BYOD), таа треба да е проверена и одобрена од одговорните лица за ИТ безбедност
  • На опремата треба да има инсталирано соодветни сигурносни апликации и антивирусни решенија
  • Опремата треба да ја користи ексклузивно само вработениот на кого му е доделена и не треба да ја користат други неовластени лица (семејство, пријатели и слично )
  • При најава на компаниската мрежа секогаш да се користи двофакторска автентикација

Меѓутоа сите овие процедури, упатства и преземени безбедносни мерки за заштита од надворешни опасности може да паднат во вода доколку безбедноста биде нарушена одвнатре. Може да ги имаме имплементирано најсофистицираните алатки за заштита и да имаме ригорозни безбедносни процедури па сепак на крај да бидеме нападнати преку внатрешни фактори со употреба на методи од областа на социјалниот инженеринг.

Како добро прифатени практики и совети за справување со социјалниот инженеринг може да се наведат:

  • Секогаш треба да се биде претпазлив и сомнителен кон сите пораки од непознат испраќач. Секогаш треба да се направи проверка од кого е пораката без разлика кое име е наведено во адресата на пораката
  • Никогаш не отворајте линк или прилог во емаил порака од непознат испраќач или порака која не ја очекувате. Најпрвин посоветувајте се со лицата задолжени за кибернетска безбедност
  • Никогаш не прифаќајте понуди кои се од типот “премногу добро да е вистинито”, затоа што веројатно тоа и се
  • Користете сложена лозинка која е составена од повеќе зборови ( омилена песна, книга или слично )
  • Никогаш не пополнувајте лични податоци или податоци од доверлива природа на веб страна до која сте дошле преку линк пратен на емаил
  • Посебно внимание обрнете на емаил пораки во кои има предзнак “Итно!!”
  • Никогаш не ја давајте својата лозинка за најава на друг
  • Никогаш не се најавувајте на компаниски ресурси преку јавни и небезбедни WiFi мрежи
  • Заштитете ги вашите мобилни телефони преку автентифицирана најава и безбедносна апликација за заштита
  • Бидeте внимателни кога некој ви бара доверливи податоци преку телефон

Како посебна би ја издвоил препораката за подигање на свеста кај вработените за кибернетска безбедност. Оваа препорака има извонредно значење и на неа треба да и се посвети дополнително внимание.

Најголемиот број од вработените се убедени дека тие никако не би наседнале на трикови и манипулации од областа на социјален инженеринг. Поради тоа многу е битно да се едуцираат вработените за тоа кои се опасностите , кои се последиците и како да се справат со евентуалните закани. Тоа е континуиран процес и треба постојано да се работи на него преку обуки, известувања, консултации и други методи кои ќе допринесат за зајакнување на безбедноста во компанијата.

Потребно е да се мотивираат вработените за да бидат свесни за опасностите, и да ги читаат сите процедури , упатства и правилници кои се поврзани со кибернетската безбедност. Вработените треба да бидат едуцирани за начинот на работа од дома и добро да ги познаваат опасностите кои произлегуваат од овој начин на работа.

Потребно е најмалку еднаш годишно да се прават специјализирани обуки на кои ќе бидат повторени сите работи кои веќе ги знаат но исто така ќе стекнат и нови информации и инструкции од областа на кибернетската безбедност.

Подигање на свеста кај вработените треба да се манифестира и преку нивно охрабрување и мотивирање да пријавуваат било каков сомнителен настан кој ќе го приметат. Потребно е да се информираат за сите нови или моментални закани кои се појавиле преку праќање на емаил нотификации.

Пешачење – придобивки, начин за намалување на трошоците и долгорочна инвестиција   

Пешачењето е една од најздравите навики кај луѓето кое доколку редовно и правилно се практикува има голем број на придобивки врз менталното и физичкото здравје на луѓето.

За жал, поради модерниот и брз начин на живот, пешачењето се помалку се практикува, пред се поради големиот број на секојдневни обврски кои треба да ги извршат луѓето.

Потребен е голем труд за да се стекне навика за пешачење, а како мотив за стекнувањето на ваква навика треба да послужат придобивките кои ги носи пешачењето.

  • Пешачењето помага во намалување на телесната тежина и ја намалува желбата за слатка храна

Брзото пешачење, во кое се користат и рацете ги стимулира мускулите да согоруваат калории. Околу 15.000 чекори дневно се доволни за одржување на добра кондиција и согорување на околу 500 калории. Исто така, 15 минути пешачење во денот ќе доведе до намалување на потребата од чоколада и слична слатка храна.

  • Пешачењето го зајакнува имунитетот

Според одредени студии, луѓето кои пешачеле 20 минути на ден во текот на една работна седмица, помалку денови биле болни, отколку оние кои вежбале еднаш неделно.

  • Пешачењето придонесува до зајакнување на кардиоваскуларниот систем и превенција од дијабетес

Според една студија, доволно е пешачење од 20 минути на ден за намалување на ризикот од срцеви болести за 30%. Од друга страна, друго истражување покажало дека поминување  од 3.000 до 7.500 чекори дневно го намалува нивото на шеќер во крвта, кој што е одговорен за појава на дијабетес.

  • Пешачењето придонесува за намалување на стресот и подобра релаксација

Луѓето кои страдаат од депресија, а пешачат помеѓу 30 и 45 минути, пет пати неделно, пријавиле значително подобрување во нивната ментална состојба. Ваквата активност  го зголемува нивото на ендорфин и помага  во ослободување од стресот.

Од друга страна, прошетката со своето семејство и/или пријатели дава можност за опуштање и уживање во глетката на местото каде што ќе пешачите.

  • Пешачењето е добар начин за намалување на трошоците и можност за долгорочна инвестиција

Пешачењето претставува „превозно средство“ од и до работа, со што доведува до заштеда на финансиските средства кои биле наменети за автобуски билети или за гориво.

Но, колку финансиски средства ќе се заштедат на месечна основа?

Во просек еден месец има 23 работни денови, а билет за автобуски превоз во еден правец чини 35 денари, односно 70 денари вкупно за од и до работа.

23 дена X 70 денари = 1610 денари

Средствата кои што би ги заштедиле со пешачење, на месечно ниво, можете да ги уплатите во доброволниот пензиски фонд – Сава пензија плус.

Под претпоставка секој месец да уплаќате 1610 денари во текот на 25 години, при влезна провизија од 2,5% и просечна реална очекувана номинална стапка на принос на годишно ниво од 5%, Вие би имале вкупно уплатени средства од 483.000 денари, а бруто акумулирана сума на крај на период од 923.203 денари.

Главна карактеристика на доброволното пензиско осигурување е во флексибилната и не обврзувачка висина на уплата, односно Вие сами си ја одредувате висината и динамиката на уплата на средствата во согласност со вашите потреби и можности. Не постои дефиниран минимален или максимален износ на уплата, ниту обврска за вршење уплати на редовна основа.

На следниот линк: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/calculator/voluntary-individual-plan/ можете да го креирате вашиот пензиски план.

Согледувајќи ги сите позитивни придобивки од претходно, не е тешко да се донесе одлука да се почне со пешачење уште од ДЕНЕС.

СО ПЕШАЧЕЊЕ ДО ПОГОЛЕМА ФИЗИЧКА И ФИНАСИСКА КОНДИЦИЈА!

Стефан Пужовски