Month: December 2022
Празнување на Божиќ
Божиќ е денот кога христијаните од целиот свет го слават Христовото раѓање. Црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 25 декември, додека црквите кои го користат јулијанскиот календар го прославуваат на 7 јануари. Божиќ е празник на раѓање на нов живот, на надеж и радост.
Ниту еден празник нема повеќе народни обичаи, ритуали и обреди кои во голем дел се задржале до денес. Но многу од обичаите се прилагодени на современиот начин на живеење.
Матеја и Ива ни ја пренесуваат традицијата на славење на Божиќ, секоја за својата земја.
Празнување на Божиќ во Словенија
Четири недели пред Божиќ почнува да тече времето на адвентот, коешто во богослужбата е наменето за очекување на доаѓањето на Исус, односно на неговото раѓање. Првата недела од адвентот по правило почнува меѓу 27 ноември и 3 декември. Времето на адвентот завршува по четвртата недела на адвентот, вечерта пред Божиќ. Еден од симболите на адвентот е венецот со четири свеќи. Првата недела од адвентот на него се пали една свеќа, втората недела две свеќи, а третата и четвртата сите четири свеќи.
Порано домаќинките два дена пред Божиќ печеле штрудли со ореви, афион или тарагон. Исто така печеле и медени колачи и божиќен леб. Божиќниот леб е обреден леб, којшто денес е заменет со овошен колач. Празнувањето на Божиќ се одвивало на скромен начин.
На 24 декември, односно на светата вечер, се собирале семејствата и ги поставувале јаслите, коишто ги изработувале од хартија. Јаслите се мали фигури или слики, поставени на избрано место за божиќните празници, како симболичен приказ на раѓањето на Исус. Фигурите во јаслите се најмалку три: Марија, Исус во јаслите и Јозеф. Вообичаено во симболичната штала се поставени овци со овчари, а во малата штала има уште и вол и магаре, како симбол на двата извори на христијанството (јудаизмот и паганството). Речиси секогаш се додаваат и ангели. Честопати над шталата е поставена ѕвезда комета.
Членовите на семејството заедно ја украсувале елката, на којашто закачувале ситни јаболка, домашни колачиња и бонбони. Семејствата потоа се облекувале празнично, земале факели и ги натопувале во смола и се упатувале на полноќната миса. Одејќи по патот пееле божиќни песни, а децата се забавувале во снегот. Полноќната миса е света миса, којашто во црквите традиционално почнува на полноќ, кога божиќната вечер му го отстапува местото на денот на Божиќ.
На 25 декември, на божиќното утро, се сечел лебот и луѓето заминувале на миса. Божиќниот појадок се состоел од леб и чај, а за божиќниот ручек домаќинките подготвувале говедска супа, печено месо, салата од зелка и пржени компири. За божиќната вечер јаделе леб, месо и штрудла.
На 26 декември, односно на денот на Свети Стефан семејствата ги посетувале роднините и пријателите.
Божиќ денес се празнува поинаку, најчесто во кругот на семејството, а елементите на празнувањето се преземени и во некои семејства, чиишто членови не се верници, бидејќи во последните неколку века тие станаа дел од словенечката традиција. Така, на денот пред Божиќ, сè уште се пече штрудла, а на светата вечер членовите на семејството се собираат на вечера, за којашто најчесто со подготвува печено месо, односно некое поубаво јадење. Просторијата е украсена, при што во преден план се светилки, свеќички и шарени украси, а масата може да ја краси и адвентски венец. Согласно со свеченоста на празникот луѓето честопати се облечени во поубава облека. Повеќето од нив најдоцна на ден пред Божиќ поставуваат јасли и божиќна елка, под којашто таа вечер или следното утро се наоѓаат подароците, коишто ги носи Дедо Мраз. Тој е митолошки добар човек од поново време, којшто ги презел цртите на св. Миклавж и ги споил со други ликови. Верниците по вечерата сè уште заминуваат во црквите, на полноќна миса.
Празнување на Божиќ во С. Македонија
Подготовките за Божиќ кај нас, во православието по јулијанскиот календар, започнуваат четириесет дена претходно, пред 7 јануари кога започнува Божиќниот пост кој претставува прочистување на духот и телото.
Денот воочи Божиќ, се нарекува Бадник. Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски, да бидеш буден. На тој ден традиционално се сечат бадникови гранки од дабово дрво и со нив се украсува домот. Бадниковото гранче го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Дабово дрво отсекогаш се сметало за најиздржливо и највековито.
Обичај е рано наутро, на Бадник децата да одат по куќи и да пеат традиционални бадникови песни пред домаќините, со што се симболизира ширењето на веста за Христовото раѓање, а децата добиваат дарови од домаќините како симбол на даровите кои мудреците ги принеле пред Исус Христос.
Со овој ден веќе започнува Божиќното славење. Со вечерата на денот пред Божиќ, на Бадник завршуваат предбожиќните пости.
На Бадник вечерата се одвива во кругот на семејството и се послужува посна вечера, риба, грав, тиква, ореви и суво овошје. Во некои краеви за Бадниковата вечер се меси обредно бадниково лепче кое се дели на онолку делови колку што има членови во семејството и во него се става паричка. По разделување на лепчето помеѓу домашните, за оној кој ќе ја пронајде паричката во своето парче се верува дека во текот на годината ќе биде благословен, ќе го прати среќа и благосостојба.
На првиот ден на Божиќ на 7 јануари, рано наутро ѕвонат црковните ѕвона, луѓето свечено облечени присуствуваат на утринска божиќна литургија во црквите.
Обичај е на Божиќ луѓето да се поздравуваат со „Христос се роди“ , а отпоздравуваат со „Навистина се роди“. Доколку се праќа пишана честитка вообичаено се пишува „Мир Божји, Христос се роди“
Божиќ е празник кога целото семејство е заедно. Со Божиќ е врзана и поговорката „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“ со што се истакнува дека Божиќ се прославува во кругот на семејството.
По некои стари обичаи првиот гостин кој ќе влезе во куќата на Божиќ се нарекува „положајник“. Најчесто тој специјален гостин е однапред договорен, пријател на куќата кој им посакува добро здравје и бериќет на домашните, но може да биде и случаен минувач. Најважно е положајникот да има чиста душа и добри намери. Доколку минатогодишниот положајник донел среќа и благосостојба на семејството, тогаш се повикува истиот да биде првиот гостин во куќата и наредната година.
Обичај е домовите да се красат со божиќни декорации, да се кити елка чие значење се поврзува со симбол на вечен живот и вечна надеж. Се прават венци од гранки од зимзелени дрва, а венецот во форма на круг претставува вечност и бескрајна љубов.
За Божиќ семејството се собира на Божиќен ручек, а трпезата е свечена поставена и богата со храна. Домашните се даруваат меѓу себе со пригодни подароци. Но најважно е чувството на мир, љубов, надеж и радост со семејството.
Важно е да на идните генерации да се пренесе значењето на Божиќ, празнувањето и да се пренесуваат традициите и ритуалите.
Во суштина на празнувањето е споделување на љубов, радост со семејството, со најблиските. Божја љубов за сите. Тоа е вистинското значење на Божиќ.
Празникот е наменет за квалитетно поминување на времето со семејството и задлабочување во самите себе си, што сè почесто забораваме да го правиме, бидејќи „потрошувачкиот дух“ ни ги украде нашите вредности, како што се љубовта, почитувањето, сочувството.
Божиќ нека ви донесе мир, среќа, здравје и радост, а Новата година нека ви ги исполни сите желби што тивко ги посакувате во себе си.
Приливи од дивиденди во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус од INTEL CORPORATION, LVMH MOET HENNESSY LOUIS VUITTON SA, HONEYWELL INTERNATIONAL INC, MICROSOFT CORP
Континуирани приливи од инвестирањето на пензиските заштеди
Ве информираме дека во периодот од 21.11.2022 – 01.12.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 4.212.809,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 34.328.972,00 денари.
Исто така, Ве информираме дека во периодот од 21.11.2022 – 01.12.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 152.973,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 351.120,00 денари.
Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови влијаат на пензиските заштеди на членовите.
Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Колку се безбедни вашите средства вложени во пензиските фондови
Секојдневието во кое што денес функционираме се одликува со изразени нестабилност предизвиканa од различни фактори како што се здравствената криза со појавувањето на вирусот ковид-19, или зголемените геополитички ризици по избувнувањето на војната помеѓу Русија и Украина, која што придонесе за зголемени цени на енергенсите и историски високи стапки на инфлација и следствено за значително затегнување на монетарна политика на глобално ниво. Ваквaта нестабилност придонесува за зголемена волатилност на глобалните финансиски пазари. Што значи ова за средствата во пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво?
Пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво немаат висок ризичен профил и средствата во пензиските фондови имаат високо ниво на сигурност и безбедност. Во овој текст ќе се обидеме да претставиме дел од аспектите кои придонесуваат за високото ниво на сигурност на средствата со кои управува Сава пензиско друштво.
Прво, капитално финансираното пензиско осигурување е високо регулирана област. Инвестициската активност секојдневно ги следи квантитативните и квалитативните законски и интерно поставените ограничувања кои се во насока на управување со ризиците на кои се изложени средствата на фондовите. Како резултат на овие лимити, доминантен дел од портфолијата на пензиските фондови е вложен во државни обврзници и депозити кои носат фиксен (заклучен) принос и се со енормно ниска чувствителност на ценовни движења на инструментите. Овие вложувања ги амортизираат негативните движења на берзите при негативни информации.
Од друга страна, инструментите со кои активно се тргува (како што се: домашни и странски акции, удели во акциски фондови, одредени странски обврзници и странски обврзнички фондови) се чувствителни на ценовните движења на берзите. Високо квалитетни и стручни кадри изработуваат бројни анализи преку кои што се определуваат стратешките и тактичките цели на долг и краток рок, соодветно. Преку соодветна тактичка поставеност на портфолијата, како и соодветна диверзификација во финансиски инструменти, се настојува да се ограничат осцилациите на вредноста на сметководствената единица на фондовите како резултат на движењето на финансиските пазари. Од друга стана, падот на вредноста на акциите и другите средства на финансиските пазари се користи за купување по атрактивни цени. Со оглед на долгорочниот карактер на обврските на пензиските фондови и долгиот инвестициски хоризонт, системска пазарна корекција претставува можност преку која ќе се изградат позиции во акции и акциски фондови и останати инструменти кои треба да донесат натпросечни приноси во целокупниот период на инвестирање. Во секој случај, не постои оптимален принос без преземање на оптимален ризик. Во овој контекст е и познатата изрека на Ворен Бафет: „Биди плашлив кога останатите се алчни, биди алчен кога останатите се плашливи“, која упатува на зголемените можности за добри инвестиции во услови на страв и паника на финансиските пазари, и малкуте добри прилики кога владее оптимизам на пазарите.
Во Сава пензиско друштво, инвестирањето на средствата во фондовите се врши врз основа на принципи како што се ефективно донесување на одлуки при определени улоги и одговорности, јасно дефинирани цели, свесност, разбирање и соодветна толеранција на ризиците, мерење на перформанс на фондовите и транспарентност кои се во насока не само на безбедноста на средствата туку и на остварување на посакуваната, долгорочно определена стапка на принос на фондовите со кои управува Сава пензиско друштво. Во однос на ова, за доброто корпоративно управување придонесува и усвојувањето на CFA Institute Asset Manager Code (Кодекс на управувачи со средства на CFA Institute) кој е чекор напред во потврдата на високиот степен на етичност во работењето на Друштвото.
Погоре наведените аргументи за степенот на сигурност на средствата, поставените долгорочни цели и инвестициски хоризонт и моменталните пазарни корекции налагаат побрзо да се започне со вложувања за пензија, за да средствата расположливи во пензија бидат што повисоки!
Мобинг на работно место – како да го препознаеме?
Мобингот се дефинира како појава на психичко малтретирање на работно место, кое се повторува низ повеќе активности, со цел да се деградира работникот по различни основи.
Мобингот најчесто започнува со обичен конфликт, се развива бавно и прикриено. Жртвите на мобинг се изложени на малтретирање кое е често повторливо и се случува во долг временски период.
Воопшто не е лесно да се идентификува однесување кое претставува мобинг. Затоа е важно да се знае како да се препознае, доколку не може да се избегне. Личноста која го мобира својот колега во многу случаи не сфаќа дека прави нешто погрешно. Вработениот кој е жртвата на мобинг, пред да почне да ја решава ситуацијата со претпоставениот, треба да е сигурен дека е жртва на мобинг на работно место. Има ситуации на работното место кои може да ги сметаме за несоодветни, непријатни, но тоа не значи дека е мобинг. На пример, ако вработениот ги прекрши интерните процедури за работа, нормално е да настанат тензии и да бидат изречени санкции од претпоставените, но тоа не е мобинг. Исто така, не можеме да очекуваме луѓето секој ден да бидат добро расположени. Ако колегите повремено покажуваат некоја иритација, која е прилично уникатна и вообичаена, тоа исто така не е манифестација на мобинг. Мобингот не е конфликт, но е конфликт кој доколку не се решава може да прерасне и резултира со малтретирање и мобинг.
Затоа, на прашањето за мобинг на работното место поголемо внимание треба да посветат и големите и малите компании, бидејќи мобингот штети на физичкото и менталното здравје и негативно влијае на професионалното напредување на вработениот, кој е жртва на мобинг.
Совети за препознавање на мобинг на работно место
Фактори кои би можеле да предизвикаат мобинг се себичност, лични проблеми кои често произлегуваат од проблемите дома, комплекси, љубомора, постигнување успех во кариера и психолошки терор на сметка на друг, настојување за неуспех да се обвинат други.
Однесување кое претставува мобинг:
Соодветната комуникација е нарушена
Жртвата на мобинг се прекинува во текот на говорот, се ограничуваат нејзините можностите за изразување. Во текот на разговорот со жртвата на мобинг, таа се прекинува, и се обраќаат со висок тон, се критикува. Со прекумерната и постојана критика се фрустрира жртвата која почнува да се сомнева во своите способности и ја намалува самодовербата. Во работата и се даваат нецелосни упатства, се задржуваат важни информации за извршување на работните задачи.
Можностите за одржување на социјални односи се нарушени
Се однесуваат како да не постои вработениот кој е жртва на мобингот, се игнорира, не се приметува, се забрануваат контакти со вработениот, се изолира.
Репутацијата на вработениот се загрозува
Вработениот кој е жртва на мобингот е предмет на озборување, исмејување, се шират невистини за него, се имитираат неговите движења, предмет е на подбивни шеги и сл.
Квалитетот на работата, работните резултати и професионалноста на вработениот се оспоруваат
Вработениот кој е жртва на мобингот постојано се критикува, претерано се контролира, му се даваат ниски оценки за работа, му се доделуваат задачи кои се под или над неговите можности.
Здравјето на вработениот се загрозува
Жртвата се присилува да работи работни задачи кои се штетни по нејзиното здравје, без соодветна заштита. Може да се случи да не и се одобри годишен одмор и слободни денови. Можни се и физички закани, сексуална злоупотреба, намерно предизвикување на стрес. Физички напад на жртвата на работното место може да се случи, но поретко поради можноста од кривични казни.
Сајбер мобинг
Се почесто се сретнува во денешно време поради експанзија на интернет комуникацијата и технолошката писменост и е многу подмолен начин на мобинг. Жртвата може да се исмева со поставување на обични видеа или фотографии на социјалните мрежи, независно дали е тоа направено по пат на е-пошта, социјални мрежи, преку мобилен телефон или друг електронски медиум. Овој вид на мобинг често има страшни последици на само за жртвата на мобинг, туку и за членовите на нејзиното семејството.
За жал, вработените најчесто сами изнаоѓаат начин за надминување на интерперсоналните проблеми, поради страв да не го изгубат работното место. Затоа вработените, треба добро да ги запаметат следните знаци кои упатуваат на мобинг, доколку имаат колега за кој мислат дека ги мобира (им врши мобинг):
- постојано се сомнева во Вашите одлуки и ги преиспитува вашите решенија;
- Ви доделува работа што е штетна по Вашето здравје;
- Ви доделува работа под Вашето ниво или работа што ја намалува Вашата самопочит;
- шири гласови и полувистини за Вас;
- Ве озборува со цел да Ви ја наруши репутација и да добие подобра позиција;
- и;
- Ве гледа од високо;
- ги имитира Вашите мимики, движења и одење;
- Ве омаловажува и Ви дава навредливи прекари;
- се однесува како да не постоите;
- измислува најразлични приказни, шири невистини за Вашиот приватен живот, Ве исмејува. Мета на исмејување може да биде Вашата фризура, начинот на облека, личниот карактер и физичкиот изглед (дебелина итн.).
- Ве навредува дека не знаете да работите, Ве тера да извршува понижувачки работи, Ве казнува без оправдани причини.
Неколку препораки за вработените:
- Немојте сами да изнаоѓате начин за надминување на интерперсоналните проблеми кои настануваат, поради несигурноста и стравот да не го изгубите работното место и привилегиите. Обратете се до претпоставените во компанијата, кадровските служби, до судските органи;
- грижете се за здравјето. Како последица на психички притисок на работно место и лошите работни услови кои влијаат врз Вашето здравје, се јавуваат кардиоваскуларни заболувања или хипертензија, главоболка, стомачни нарушувања, и завршуваат во посериозни ментални нарушувања.
- не престанувајте да верувате во себе, и не дозволувајте да се сметате себеси за неспособни да ги решите дури и едноставните задачи.
Неколку препораки за претпоставените: Потребна е поголема ангажираност и упатеност на раководителите и менаџерите на ова поле. Вашата улога како претпоставени е клучна, одлучувачка. Темата мобинг на работно место не треба да Ви е непозната и не треба поради некомпетентност и необјективност да го поддржувате мобингот.